Прва реакција на Меган и Хари на писмото на кралот Чарлс: Малку сме изненадени - Канал 5

Прва реакција на Меган и Хари на писмото на кралот Чарлс: Малку сме изненадени

Портпаролот на војводата и војвотката од Сасекс изјави дека биле изненадени кога виделе дека британското кралско семејство испратило писмо .

Прва реакција на Меган и Хари на писмото на кралот Чарлс: Малку сме изненадени

Портпаролот на војводата и војвотката од Сасекс изјави дека биле изненадени кога виделе дека британското кралско семејство испратило писмо во кое го разјаснува официјалниот статус на принцот Хари и Меган Маркл како членови на кралското семејство кои не работат.

Портпаролот рече дека двојката била „малку изненадена што не им било кажано ова однапред“.

Но, кралски извори велат дека Хари и Меган биле свесни за писмото пред да биде објавено.

Комитетот RAVEC на Министерството за внатрешни работи, исто така, се состанува денес за да ја разгледа можноста за семејно осигурување финансирано од даночните обврзници, сега кога се вратија во Велика Британија.

Писмото од кралот Чарлс имало за цел да го разјасни статусот на принцот Хари и Меган, кои се вратија од Калифорнија минатиот месец со децата Арчи и Лилибет.

Тие сè уште нема да можат да ги користат титулите „Негово и Нејзино Кралско Височество“ и ќе останат „приватни граѓани“, според писмото испратено во име на кралот од лордот Чемберлен, висок службеник во палатата.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Македонија по 35 години: Помалку жители, постаро население, но со подолг животен век

Што покажува науката. Кои се статистичките податоци за тековите во државата изминатите 35 години.

Македонија по 35 години: Помалку жители, постаро население, но со подолг животен век

35 години подоцна, населениот во Македонија е повозрасно и помалубројна. Сепак граѓаните живеат подолго.. Ова го покажуваат бројките на Државниот завод за статистика, кој научно ја раскажуваат приказната за тоа колку и како се променила државата и животот на граѓаните во изминатите три и пол децении.

На последниот попис во 2021 година биле регистрирани 1 милион и 837 илјади жители или околу 109 илјади помалку од 1994 година. Се менува и старосната слика. Просечната возраст од околу 33 години пораснала на речиси 42 години, а жените денес првото дете го раѓаат во просек околу пет години подоцна.

Поранешниот директор на ДЗС, Апостол Симовски, вели дека демографската криза не е нова појава, туку последица на процес кој започнал многу порано.

„ За демографска криза може да се зборува многу порано отколку денес. Таа криза почнува да настанува некаде кон крајот на 70-тите години, кога во демографијата се случува демографска транзиција, односно да почне да се намалува бројот на раѓањата, да почне да се зголемува бројот на умирањата. И тоа еден показател дека овој тренд ќе продолжи понатаму и дека со време станува поинтензивен. Она што сега се случува на поле на демографијата е дека ги гледаме последиците од она што ни се слчувало во минатото и во континуитет до ден денес. “

Демографските промени се гледаат и во училишните клупи , од околу 260 илјади основци на почетокот на 90-тите, денес има околу 179 илјади. Но за Симовски, помалиот наталитет е само дел од проблемот. Како најголем удар за земјата го издвојува иселувањето, објаснувајки дека со младите кои заминуваат земјата не го губи само сегашното, туку и идното население.

„Клучниот проблем по мене е емиграцијата. И оваа емиграција влијае двојно. Влијае директно на загуба на младо население, кое што воглавно емигрира, а ова младо население со себе го носи и идниот наталитет. Така да, наместо да се случуваат раѓања во земјата, тие раѓања се случуваат некаде во некои други земји, каде што тие млади луѓе се иселуваат.“

Но, статистичкиот портрет на Македонија по 35 години не е негативен.

Живееме подолго, па така очекуваниот животен век кај мажите од околу 70 години во 1995 пораснал на околу 75 години, а кај жените од околу 74 на повеќе од 79 години. И шансите да се најде работа се значително поголеми. Невработеноста, која кон крајот на 90-тите се движела околу 36 проценти, во 2025 година е само 11,5 проценти. А можеби најголемата промена е онаа што денес ја носиме во џеб. Во 2006 година интернет користел приближно секој четврти граѓанин, а денес, речиси 90% од населението. Кај младите пак употребата е практично стопроцентна.

YouTube video

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Јордан Плевнеш, Раде Силјан, Џеват Гега, Мето Јовановски и Глигор Чемерски одликувани со Орден „8 Септември“

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, на свечена церемонија во „Вила Водно“, денеска, на Денот на македонската независност, ги одликуваше со Орден „8 Септември“ Јордан Плевнеш и Раде Силјан.

Јордан Плевнеш, Раде Силјан, Џеват Гега, Мето Јовановски и Глигор Чемерски одликувани со Орден „8 Септември“

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, на свечена церемонија во „Вила Водно“, денеска, на Денот на македонската независност, ги одликуваше со Орден „8 Септември“ Јордан Плевнеш и Раде Силјан, и постхумно: Џеват Гега, Мето Јовановски и Глигор Чемерски.

Јордан Плевнеш се одликува за неговите извонредни достигнувања во литературата и културата, како врвен драмски автор, како и за неговиот особен придонес за македонската дипломатија.

Заблагодарувајќи се за признанието, Плевнеш сподели, за него два важни историски моменти, дека пред 35 години во печат излегол првиот независен дневен весник којшто опстојал 163 дена, а чиј иницијатор меѓу другите бил и тој. Воедно, потсети дека во 1991 година била изведена првата македонска драма „Еригон“ на европската сцена, во Франција.

Раде Силјан се одликува за неговите вредни достигнувања во македонската литература и култура и пошироко, како врвен автор и преведувач, и за особениот придонес во издавачката дејност.

„Ова одликување го примам и како признание дека македонското слово учествува во градењето на државата. Таквата чест не ми издига над другите, туку ме задолжува пред нив. Песната, критиката и издаваштвото за мене се една служба. Словото да се создава, да се помислува и да стигне до читателот“, рече Силјан примајќи го орденот.

Џеват Гега постхумно се одликува за неговиот особен придонес во албанологијата, како и за успешната професорска работа.

„Верувам дека мојот татко би бил особено трогнат што неговиот живот, посветеност и дело се паметат и вреднуваат“, истакна неговиот син Арбен Гега, кој го прими признанието.

Мето Јовановски се одликува за исклучителните остварувања во театарската и филмска уметност како актер и режисер.

Во негово име, орденот го прими неговата ќерка Леполдина Јовановска која изрази голема благодарност за признанието.

Глигор Чемерски се одликува за извонредниот придонес во ликовната уметност и култура како светски афирмиран уметник и творец на монументални дела.

Орденот ѝ беше врачен на неговата сопруга Рајна Чемерска која истакна дека преставува посебна чест што признанието се доделува токму во просторот што го красат неговите мозаици, и иако тој не е физички присутен, неговото дело е.

„Петтемина добитници на Орденот „8 Септември“ зад себе оставија дела што не се ограничени на еден жанр, една сцена, една книга или едно време. Тие создаваа, истражуваа, преведуваа, играа и сликаа, но зад сите тие различни облици на творештво останува нешто заедничко: трага што не исчезнува“, порача претседателката.

Според неа, вистинската вредност на едно творештво се препознава во неговата способност да остане живо и тогаш кога авторот повеќе не е меѓу нас, да отвора нови прашања, да поттикнува нови читања и да продолжува да зборува со идните генерации.

„Денешното одликување е и чин за паметење“, рече Сиљановска-Давкова, честитајќи им на Јордан Плевнеш и Раде Силјан, како и на најблиските роднини на починатите Џеват Гега, Мето Јовановски и Глигор Чемерски, чии живот и творештво остануваат неразделен дел од македонската културна меморија.

Во продолжение е интегралниот говор на претседателката Сиљановска-Давкова:

Почитуван Јордан Плевнеш,

почитуван Раде Силјан,

почитувани членови на семејствата на Џеват Гега, Мето Јовановски и Глигор Чемерски,

почитувани членови на Комисијата за одликувања и признанија,

почитувани гости, дами и господа.

Секој 8 Септември нè враќа три и пол децении назад, во историскиот ден кога граѓаните на Македонија ја изразија својата волја да живеат во суверена и самостојна држава, со што вековниот сон стана јаве, а делото на илинденците и асномците доби завршница.

8 Септември не е само историски датум, ниту минато свршено време, туку наша трајна обврска, којашто секоја генерација ја презема со задачата да ја чува, да ја гради и да ја направи подобра државата што ја наследила.

А државата не е само збир на институции, туку извира и им припаѓа на граѓаните, како поединци кои преку своето знаење, критичка мисла, талент и макотрпна работа, на македонското општество го збогатуваат со непотрошни вредности и оставаат небришливи траги што го надживуват нивното физичко постоење.

Такви личности се петтемината творци кои денес ги одликуваме, за жал, некои задоцнето, односно постхумно, чии дела се изразуваат на различен јазик на творење: книжевниот збор, научното знаење, врвниот превод, сценскиот израз, и јазикот на потегот на сликарската четка, но коишто заедно се вреден и жив дел од нашата културна меморија и наследство.

Чинам нема посоодветен ден од 8 Септември за да им оддадеме признание на петмината творци кои, секој на свој начин и во својата област, вградиле скапоцено камче во македонскиот културен мозаик, збогатувајќи го со дела што остануваат да живеат и по нивната, а ќе живеат и по нашата смрт!

Да се осврнам накусо на нивниот голем и вреден опус.

Јордан Плевнеш е талентиран, знаменит автор за кој, литературата и драматургијата не се само естетски дисциплини, туку модус на толкување на историјата, времето и човекот, но и modus vivendi. Во неговото творештво Македонија не е затворена мала државна школка, ниту изолирана балканска периферија, туку вреден идентитески феномен, всушност мозаик од култури, мост и крстопат, лакмус за одмерување на силата на големите, а за жал, не ретко и арена. Понекогаш помислувам дека ерудитот Јордан како да не е од ова време, или само оттука, особено низ призма на Светската Академијата на хуманизмот. Има во него видлива ренесансна и хумана нишка, несвојствена за овие времиња. Постојано не прашува и се прашува, заминува, се враќа и навраќа.

Преку своите драми, Плевнеш отвора суштински прашања на кои честопати нема едноставен одговор, движејќи се меѓу политичкото како уметничко и поетското, меѓу трагичното и комичното, меѓу реалноста и гротеската. Од „Еригон“, „Мацедонише цуштенде“ и „Југословенска антитеза“, преку „Р“, „Слободен лов“ и „Безбог“, до „Среќата е нова идеја во Европа“ и „Вечната куќа“, тој обликува свој препознатлив драматуршки свет, во кој македонското искуство се соочува со големите прашања на историјата, идентитетот и човековата судбина, но еретички им пркоси на наметнатите одговори и им спротивставува свои.

Можеби најточно за Јордановиот свет говори формулата од „Вечната куќа“ – „трагедија + време = комедија“. Во неа е содржана една од неговите постојани преокупации: начинот на кој времето ги менува значењата на историските настани, на човечките страдања, на победите и поразите, па и на нашите обиди да го определиме сопствениот идентитет. Во „Вечната куќа“, таа станува простор низ кој минуваат векови, цивилизации и различни човечки судбини, а македонската држава се појавува како драмски центар на едно мошне важно прашање: кому му припаѓа историјата и кој има право да ја толкува?

Од првата поетска книга „Теорија на отровот“, преку драматуршкиот опус, до романите „Осмото светско чудо“ и „Роман за тајната книга“, неговото творештво потврдува дека и малите држави, како нашата, имаат свое место во светот, кога нивната приказна има сила да одекне далеку над нивните граници.

Неговите драми се играни на пет континенти, на педесетина јазици и во над триесет земји, а за неговото творештво пишувале „New York Times“, „Guardian“, „Figaro“, „Liberation“ и други значајни светски медиуми.

Покрај книжевното и драматуршкото творештво, Плевнеш е истакнат професор и преведувач, ерудит и расен интелектуалец. Преку преводите од француски јазик, педагошката работа и предавањата на Универзитетот „Пантеон Асас – Сорбона“ за драмата во политичката историја на светот од Антиката до денес, тој продолжува да го збогатува просторот на своето дејствување, поврзувајќи ги литературата, уметноста, историјата и современото општество.

Затоа, одликувајќи го Јордан Плевнеш со Орденот „8 Септември“, го вреднуваме неговиот исклучителен творечки опус и неговиот придонес кон македонската книжевност и драматургија, но и неговата умешност македонската реч да ја пренесе и да ја направи дел од меѓународната културна приказна, оставајќи свој печат.

Раде Силјан е книжевен човек и личност за кој времето не е само тема, туку постојан предмет на преиспитување, простор во којшто се среќаваат личната и историската меморија, судбината на човекот, татковината и народот. Уште со првата поетска книга „Третиот лик на времето“, а потоа и низ „Сенки на јавето“, „Заѕидување на сенката“, „Пресликано време“, „Гласот на предците“, „Горчлив вилает“, „Сенки на татковината“, „Кругови“ и „Молитва за Македонија“, тој гради препознатлива поетика во која личното и колективното паметење се преплетуваат и добиваат поетски израз.

Во неговата поезија загриженоста за националната судбина не се претвора во патетика, туку во воздржано и медитативно пеење, во кое личното чувство се крева и добива пошироко историско и човечко значење.

Но, придонесот на Раде Силјан кон македонската книжевност не завршува со поезијата. Неговата книжевна критика и есеистика се долгогодишен напор книжевното дело да биде прочитано, вреднувано и поставено во поширокиот развоен контекст на македонската литература, додека неговата работа како антологичар создава своевидна карта на книжевната меморија, преку која различни генерации автори и дела добиваат свое место и можност да бидат повторно откриени и прочитани.

Особено значаен е неговиот придонес во издаваштвото, каде што како генерален директор на „Македонска книга“ учествува во создавањето на значајни капитални изданија, а во првите години на самостојната македонска држава храбро ја основа „Матица македонска“, која низ децении објавува голем број наслови посветени на македонската историја, култура, книжевност и јазик, но истовремено ја доближува европската и светската книжевност до македонскиот читател. Ова е доказ дека неговата работа не е само создавање книжевност, туку и грижа таа книжевност да биде зачувана, прочитана и пренесена на идните генерации.

Неговите дела се преведени на повеќе јазици, а за своето творештво и издавачката дејност е добитник на бројни домашни и меѓународни признанија, меѓу кои и наградите „Браќа Миладиновци“, „Ацо Шопов“, „Димитар Митрев“, државните награди „11 Октомври“ и „Св. Климент Охридски“, како и „Златниот крст за заслуги“ од претседателот на Република Унгарија. Да потсетам, два мандата беше и претседател на Друштвото на писателите на Македонија, продолжувајќи ја својата долгогодишна посветеност на македонскиот книжевен збор.

Затоа, кога денес го одликуваме Раде Силјан со Орденот „8 Септември“, ја вреднуваме неговата поезија, но и неговата работа врзана за поезијата, неговите книги, но и неговата долгогодишна грижа книжевното наследство да биде прочитано, зачувано и пренесено на идните генерации. Неговиот придонес кон македонската култура е токму во таа трајна посветеност да пишува за времето, но и со својата работа да придонесе времето да не ја избрише нашата книжевна меморија.

Џеват Гега беше научник кај кого, проучувањето на албанската книжевност секогаш одеше подлабоко од самото толкување на делата. Во неговиот интерес се среќаваат книжевноста, јазикот, историјата и културата, како и нивната меѓусебна поврзаност, особено во проучувањето на албанската книжевност кај нас и на Балканот.

Меѓу авторите на кои им посветува особено внимание се Фан Ноли, Филиј Ширика, Луиз Гуракуќи, Наим Фрашери, Де Рада и Стерјо Спасе, како и Арберешите од Италија. Во своето истражување за оригиналната поезија на Фан Ноли и нејзината политичка генеза, Гега не ги согледува само нејзините мотивско-стилски особености, туку и поширокото историско и културно значење на Нолиевото творештво.

Токму во неговите компаративни истражувања се согледува синергијата меѓу македонската и албанската книжевност, нивните заемни влијанија, како и историските и културнте искуства. Во проучувањето на Миѓени и Рацин, во истражувањата за Рацин и некои албански автори, како и во проучувањето на Прличевата поема „Скендербеј“ и начинот на кој таа била доживеана и толкувана во албанската книжевност, Гега ги открива допирите, сличностите и заемните влијанија меѓу двете книжевности. Така, наместо да ги гледа како одвоени книжевни традиции, тој ја согледува нивната поврзаност и начинот на кој се надополнуваат.

Особено место во неговата работа има албанската книжевност. Во своите истражувања, а особено во докторската дисертација „Книжевноста на албанската националност во Република Македонија 1945–1985“, Гега го следи нејзиниот развој и нејзините особености, согледувајќи ја во општествениот и културниот развој на македонската држава. Со тоа, тој остава значаен научен запис за една книжевност и за нејзиното место во културниот живот на државата.

Не случајно, неговата посветеност на јазикот и книжевноста се препознава и во неговата работа како професор, преведувач и уредник. На Филолошкиот факултет во Скопје, своето знаење го пренесуваше на генерации студенти, а како автор на „Абетарето“ остави дело со непосредно значење за образованието на најмладите. Неговиот ангажман во јазичните комисии, како и уредувањето на „Флака е влазëримит“, зборуваат за човек кој знаењето за јазикот не го чуваше само за науката, туку го внесуваше и во образованието и во поширокиот културен живот.

Преведуваше учебници и дела од македонски и српскохрватски на албански јазик и со тоа им овозможуваше на читателите да дојдат до книги и знаења што не им биле достапни на нивниот јазик. Неговите преводи го збогатуваа албанскиот книжевен и образовен простор со содржини од други јазици и култури.

Преку научната работа, наставата и преводот, Џеват Гега остави дело во кое јазикот и книжевноста се појавуваат и како начин на разбирање на културата и на нејзините врски со другите. Неговите истражувања и преводи придонесоа за подобро проучување и познавање на албанската книжевност и јазик, но и за нивното доближување до другите културни и книжевни средини.

Затоа, денес, постхумно одликувајќи го Џеват Гега со Орденот „8 Септември“, му оддаваме признание за неговата долгогодишна работа како научник, професор и преведувач, за делото посветено на албанската книжевност и јазик и за неговата работа на нивното проучување, толкување и доближување до другите култури.

Мето Јовановски е еден од актерите кои со своето присуство оставија длабока трага во македонскиот театар и филм, актер чија сила не беше само во способноста да одигра различни улоги, туку во начинот на кој секоја од нив ја исполнуваше со живот и ја претвораше во уверлива човечка судбина, трансформирајќи се во личноста која ја глуми.

Неговиот професионален пат започна во Народниот театар во Штип, продолжува со студиите на Театарската академија во Софија, а од 1971 година е дел од Драмскиот театар во Скопје, на чија сцена ќе создаде голем број ликови по кои ќе биде препознаен. Во „Диво месо“ го толкува Симон, во „Хамлет“ го игра насловниот лик, а меѓу неговите значајни театарски остварувања се и Јане Задрогаз, Еригон, Бранко Митиќ во „Карамазови“, Војницки во „Вујко Вања“, Цибра во „Тетовирани души“ и Арсе во „Писание“. Неговите улоги знаеја да нè насмеат, но и да нè вознемират, да разбудат љубопитност, да отворат прашања и да нè натераат да размислуваме и долго по завршувањето на претставата.

Ако на сцената ја освојуваше публиката со непосредноста на својата игра, пред камерата знаеше да зборува и со поглед, со молк, со едвај забележлив гест. Го паметиме по улогите во „Македонскиот дел од пеколот“, „Црвениот коњ“, „Среќна Нова ’49“, „Тетовирање“, „Пред дождот“, „Ангели на отпад“, „Големата вода“, „Тајната книга“, „Мисија Лондон“, „Трето полувреме“, „Деца на сонцето“ и „Златна петорка“. Во секоја од нив внесуваше нешто свое, нешто што не можеше да се одигра само со зборови, туку се препознаваше во погледот, во тишината и во начинот на кој ликот го носеше низ приказната.

За својата работа Мето Јовановски заслужено беше повеќекратно наградуван, меѓу другото со наградите „13 Ноември“, „11 Октомври“ и „Св. Климент Охридски“, со четири награди „Милтон Манаки“, „Златен венец“ на МЕСС, две Гран при награди во Ниш, наградата „Петре Прличко“, наградата за животно дело „Војдан Чернодрински“ и наградата „Киненова“. Но, зад сите признанија стои една актерска кариера обележана со исклучителна посветеност, со храброст да се влегува во различни ликови и со постојана потреба секоја улога да се доживее одново и одново.

Актерството не беше единственото поле во кое го вложуваше своето знаење и искуство. Како професор и режисер, тој им помагаше на новите генерации да ја запознаат сцената не само како професија, туку и како простор на дисциплина, ризик и постојано трагање по вистината на ликот. Со неговото заминување во 2023 година, македонскиот театар и филм загубија голем актер, но зад него останаа улоги и остварувања што сведочат за едно значајно поглавје во македонската сценска и филмска уметност.

Затоа, постхумно одликувајќи го Мето Јовановски со Орденот „8 Септември“, му оддаваме признание за децениите посветени на македонскиот театар и филм, за неговата непоколеблива верба во актерската професија и за трагот што го остави во македонската култура.

Глигор Чемерски е еден од оние македонски уметници во чие творештво минатото и современоста не стојат едно спроти друго, туку постојано разговараат, се дружат, надополнуваат и добиваат ново значење. Неговото сликарство е длабоко вкоренето во македонскиот културен и историски простор, во неговото античко и средновековно наследство, во фрескописот и народната меморија, но истовремено е препознатливо по својата современост и по личниот уметнички јазик со кој Чемерски тие извори ги претвора во уникатен сопствен свет.

Неговиот однос кон македонското културно наследство започнува уште од најраните години, во Тиквешието, во непосредната близина на Стоби, каде што античките остатоци и слоевите на историјата стануваат дел од неговото визуелно паметење. Подоцна, во византиската уметност и во фрескописот од Курбиново, „Света Софија“, „Свети Пантелејмон“ и „Свети Климент“, тој препознава не само вредно наследство што треба да се чува, туку и жив извор на уметнички идеи. Чемерски, меѓутоа, не го повторува она што го наследил, туку го преобразува, ги зема неговите форми, симболи и духовни слоеви и ги внесува во современиот ликовен израз.

Затоа во неговите дела се среќаваат мотиви што припаѓаат на различни времиња и различни културни слоеви – Свети Ѓорѓи и змејот, Оплакувањето, Ева и јаболкото, Добриот пастир, охридските сирени, Аполон – но тие кај него не се само ликовни цитати од минатото, туку дел од едно ново уметничко читање на човекот, историјата, времето и просторот во кој живееме. Во таа постојана средба меѓу старото и новото, меѓу сакралното и секојдневното, меѓу митот и современиот човек, Чемерски создава ликовен свет што е длабоко македонски, но не е затворен во националните граници, туку лета надвор од нив.

Знам дека покрај сликарството, тој создаваше графики, мозаици и фрески, пишуваше есеи и беше активен во културниот живот, оставајќи зад себе дела што денес се вгнездени во македонскиот визуелен идентитет. Неговите монументални остварувања во Скопје, Кавадарци, Вруток и Кочани не се само дела поставени во јавниот простор. Тие станаа дел од местата што ги препознаваме, од градовите и пејзажите во кои живееме, и од сликата што ја носиме за сопствената земја.

За мене, особено значајно е што денес сме собрани во „Сала Мозаик“, меѓу неговите монументални дела. Нема некој да не влегол овде и отворено да не изразил восхит. Овие мозаици се првиот впечаток за секој што влегува во овој простор и, на некој начин, првиот поглед кон македонската држава, па и политика, претставувајќи ги во поубава светлина одошто се. На двата спротивни ѕида, преку диптисите „Македонија – светла земја“ и „Македонија памети“, Чемерски ја раскажува земјата низ нејзините историски и духовни слоеви: од античките траги и симболи, до светите Кирил и Методиј, Климент и Наум, глаголицата и кирилицата.

За него, татковината беше непресушен извор на мотиви, симболи и инспирација, но и нешто што постојано одново го откриваше и преобразуваше во свој уметнички јазик.

Затоа, постхумно одликувајќи го Глигор Чемерски со Орденот „8 Септември“, му оддаваме признание за извонредниот придонес во ликовната уметност и култура, како светски афирмиран уметник и творец на монументални дела.

Почитувани,

Со Глигор Чемерски го заокружуваме годинашниот осмосептемвриски мозаик, во којшто се спојуваат различни области, таленти и животни патишта, а преку нив се препознава богатството на оваа држава. Од дипломатијата и литературата, преку науката и образованието, до театарот, филмот и ликовната уметност, петмина истакнати македонски творци и дејци оставија свој белег во културниот, духовниот и визуелниот идентитет на нашата држава.

Петтемина добитници на Орденот „8 Септември“ зад себе оставија дела што не се ограничени на еден жанр, една сцена, една книга или едно време. Тие создаваа, истражуваа, преведуваа, играа и сликаа, но зад сите тие различни облици на творештво останува нешто заедничко: трага што не исчезнува со завршувањето на едно дело, туку продолжува да живее преку оние што го читаат, гледаат, изучуваат и паметат.

Токму затоа, денешното одликување е чин што секогаш ќе го паметам.На Јордан Плевнеш и Раде Силјан им го честитам Орденот „8 Септември“, а со особена почит се сеќаваме на Џеват Гега, Мето Јовановски и Глигор Чемерски, чии живот и творештво остануваат неразделен дел од нашата културна меморија.

Секој од нив остави нешто што не може да се мери само со бројот на книгите, улогите, преводите, научните трудови или уметничките дела. Вистинската вредност на едно творештво се гледа во неговата способност да остане живо и тогаш кога авторот повеќе не е меѓу нас, да отвора нови прашања, да поттикнува и инспирира нови читања и да продолжува да зборува со луѓето.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Модернизиран охридскиот аеродром: Инвестиција од 2,7 милиони евра за повисок квалитет и подлабока ефикасност

Аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид доби модернизиран патнички терминал, инвестиција на „ТАВ Македонија“ вредна 2,7 милиони евра. 

Модернизиран охридскиот аеродром: Инвестиција од 2,7 милиони евра за повисок квалитет и подлабока ефикасност

Модернизираниот патнички терминал на аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид, денеска официјално беше пуштен во употреба. Инвестицијата е вредна 2,7 милиони евра, а со реконструкцијата се проширени и модернизирани клучните делови од терминалот. На настанот присуствуваа премиерот Христијан Мицкоски, вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски и извршниот директор на „ТАВ Македонија“, Серкан Каптан.

Според Николоски, со проектот Охрид практично добива нов аеродром. Зголемен е бројот на шалтери, проширен е просторот за пријавување патници, унапредени се зоните за безбедносна контрола и рачен багаж, реорганизиран е паркингот и поставена е нова современа опрема. Обновениот простор е збогатен и со реплики на мозаици пронајдени во стариот дел на Охрид, Варош и Плаошник, како и на фрески од црквата „Света Софија“..Последните поголеми интервенции на аеродромот, како што нагласи Николоски, биле реализирани дури во 1970 година.

„Точно 56 години Охридскиот аеродром во делот на терминалната зграда, во делот на полетување и слетување беше во исти или слични услови. Тоа е од една страна долг временски период, но од друга страна ја покажува посветеноста на оваа влада која што работи само 2 години да ги менува работите.“

Од ТАВ велат дека досега во македонските аеродроми се инвестирани речиси 300 милиони евра, а поврзаноста и годишниот воздушен сообраќај во изминатиот период се зголемени повеќе од четирипати. Во 2026 година македонските аеродроми бележат раст од речиси 30 проценти, додека охридскиот аеродром го имал најуспешниот јули во својата историја.

„Во 2026 година македонските аеродроми се меѓу најбрзо растечките аедроми во европа, а постигнавме раст од речиси 30% во август во споредба со истиот период во претходната година. Оваа инвестиција е уште еден чекор кон поврзување на Охрид со уште повеќе дестинации и овозможување на што поголем број на патници да ги искусат природното, културното и историското богатство на регионот. “

Премиерот Мицкоски очекува позитивниот тренд да продолжи. Како показател за растот ги посочи деновите со повеќе од 3.000 патници и над 20 полетувања, а очекува бројките во следниот период дополнително да се зголемуваат.

Николоски нагласи дека паралелно се работи и на подобрување на патната поврзаност со аеродромот. Делницата од автопатот Охрид–Кичево до аеродромот е завршена, а според најавите автопатот треба целосно да биде пуштен во употреба во првата половина од следната година.

YouTube video

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер