Премиерот Мицкоски објави нов финансиски план за 250 милиони евра за развој на општините

Премиерот Христијан Мицкоски денеска објави нова иницијатива за развој на општините во земјата преку обезбедување на 250 милиони евра од Буџетот за развој и капитални проекти.

Овој план е дел од напорите на Владата да ја подобри инфраструктурата и квалитетот на животот на граѓаните.

„Ветивме развој на општините и сега го остваруваме тоа преку обезбедување на 250 милиони евра за инфраструктурен развој“, истакна Мицкоски на својот официјален Фејсбук профил.

На работниот состанок со министерката за финансии, Гордана Димитриевска Кочовска и министерот за локална самоуправа, Златко Перински, беше утврден начинот на кој ќе се распределат средствата за општините. Според најавите, по ребалансот и одлуката на Владата кон крајот на идниот месец, Министерството за локална самоуправа ќе објави повик до сите општини да аплицираат за овие средства.

„Средствата се наменети за капитални инвестиции, вклучувајќи училишта, градинки, водоводи, канализации и патна инфраструктура. На овој начин, реално го подобруваме животот на граѓаните и ја ставаме државата во функција на нивните потреби“, додаде премиерот.

Оваа иницијатива е дел од поголемиот план на Владата за подобрување на животниот стандард на граѓаните и развој на локалните заедници.

„Време е државата да направи повеќе за секој еден граѓанин. Со целата енергија работиме на реализација на ветеното“, заврши Мицкоски.

Новата холандска Влада положи заклетва пред кралот Вилем-Аклександар

Повеќе од седум месеци по победата на радикалниот десничарски популист Герт Вилдерс на парламентарните избори во Холандија, денеска заклетва положи најекстремно десничарската влада во историјата на земјата, јави ДПА.

На денешната церемонија во дворецот во близина на Хаг, министрите и државните секретари положија заклетва пред кралот Вилем-Александар.

Коалицијата од четири партии во голема мера е контролирана од Вилдерс, иако тој не е член на владата.

Сега премиер е поранешниот шеф на тајната служба и агенцијата за борба против тероризмот, Дик Шоф, кој не е поврзан со ниту една партија. Неговиот претходник, долгогодишниот премиер Марк Руте, ќе ја преземе функцијата генерален секретар на НАТО во октомври.

Повеќето од членовите на кабинетот, како и 67-годишниот Шоф, имаат мало или никакво искуство во управувањето. Ова е уште една причина зошто новиот сојуз се смета за потенцијално нестабилен, наведува ДПА.

Само десно-либералната Народна партија за слобода и демократија (НПСД) на Руте може да се повика на практичното искуство од нејзиното долгогодишно учество во управувањето со различни коалиции.

Покрај ПС, во кабинетот се и централно-десничарската партија „Нов социјален договор“ (НСД) и популистичкото Движење на земјоделците-граѓани (ФГД), кои настанаа како резултат на масовните протести на земјоделците во последните години.

Официјалниот договор за создавање на новата коалиција, насловена „Надеж, храброст и гордост“, воведува строги мерки за барателите на азил, го укинува обединувањето на семејствата на бегалците и се обидува да го намали бројот на странски студенти во земјата.

Првпат по 14 години, Холандија доби нов премиер.

Деспотовски: СДСМ има сериозен проблем, да се одговори зошто 11 000 членови не гласале

СДСМ има сериозен проблем, да се одговори зошто 11 000 членови сакале, а не гласале

Јован Деспотовски, еден од кандидатите за претседател на СДСМ, смета дека тоа што се случи во неделата не е крај на изборниот процес во партијата. Како што истакна денеска на брифинг со новинарите, работите не треба да се ставаат „под тепих“ и мора да се одговори на прашањето што ги одврати или предомисли 11-те илјади членови кои последниве 20 дена изразија желба да гласаат.

Според Деспотовски, СДСМ има сериозен проблем, се вршат притисоци, а не може да се зборува за регуларен изборен процес во кој се бира кој ќе гласа. Небулозно е, нагласи, Комисијата сама да не ги почитува своите акти, да објавува завршен процес, а потоа да вика, „ај, давајте приговори“.

Оценка на Деспотовски е дека „и политичките опоненти изразуваат загриженост за СДСМ, зашто партијата не си е потребна сама за себе, туку е потребна за државата“.

Деспотовски повтори дека не му честитал на Венко Филипче и дека се радува за него како другар, но тука, рече, не станува збор за Филипче, туку за нешто „многу поголемо“. Уште еднаш кажа и дека нема да биде дел од новото раководство доколку не биде избран за претседател, но дека ќе продолжи поинтензивно со својот политички ангажман во СДСМ, без да прецизира како ќе делува. Тоа, беше дециден, никако нема да значи фракционерство во партијата.

-Сакам да го видам крајот на изборниот процес во СДСМ. Ако сметаме дека е крајот тоа што се случи во неделата, не се согласувам со тоа. Не дека јас не се согласувам, туку има милион луѓе, илјадници, кои не се согласуваат со тоа. Зборуваме за 11 000 луѓе кои последниве 20 дена изразиле желба да гласаат. Секој втор од нив нешто го премислило или можеби го вратило од гласањето и сакам да знам зошто било така. Значи, не се причината годишните одмори, не е причината топлото време. Има многу други посуштински причини. И ние навистина им должиме, не на тие луѓе, туку на таа зграда и на партијата, одговор за тоа што се случи. Не може да зборуваме за изборен процес во кој се бира кој ќе гласа. Тоа е како во Собрание, од 120 пратеници СДСМ да каже, „вие од ВМРО нема да влегувате да гласате, ќе останеме внатре 30 души ние имаме 18 души ќе си избереме влада“, и тоа да признаеме дека е во ред. Јас мислам дека не е во ред, нагласи Деспотовски, одговорајќи на новинарски прашања.

Клучното прашање е, напомена, зошто секој втор што во изминатите 25 дена потрошил дел од своето време, на 40 степени отишол до најблиската општинска организација и поднел барање или се регистрирал за да гласа, не гласал, односно ниту отишол или можеби отишол и бил вратен.

-Не е во ред на гласање пуштате луѓе кои знаете како ќе гласаат, односно знаете дека ќе гласаат за вас, а притоа пак да им се протнат 25 отсто што гласале обратно, а на сите останати да не им овозможите да гласаат. Тоа не е во ред. Така што, кога ќе го исправиме тоа, тогаш ќе можеме да зборуваме за изборен процес. Така што, втората работа малку е смешна, излегуваме како Комисија или како партија и кажуваме процесот е завршен, избравме претседател, а наредниот ден одговараме на приговори. Останувам на прашањата што ги поставив и ќе инсистирам да бидат одговорени. А тоа е, зошто секој втор, значи секој втор, не секој десетти, секој втор што во изминативе 25 дена потрошил дел од своето време и на 40 степени отишол до најблиската општинска организација и поднел барање или се регистрирал за да гласа не гласал, односно ниту отишол или можеби отишол и бил вратен. Значи, секој втор. И ако сакаме да зборуваме за регуларен процес треба прво да одговориме на тоа прашање. Тоа не е прашање зашто треба да му удоволиме на Јован Деспотовски. Тоа е прашање за кое немаме луксуз како политичка партија, нема ниту една партија, ниту ВМРО-ДПМНЕ нема таков луксуз да си дозволи да врати 11 илјади луѓе од процес на гласање, рече Деспотовски.

Според него, и во неделата и вчера и утрово луѓе постојано се јавуваат.

-Луѓето се вознемирени. Има луѓе кои се по 20 - 30 години во таа политичка партија со срце и не добиле ништо и некој им кажал „не излегувајте на гласање“. Значи, имаме и такви ситуации. Треба да се одговори кој ги прави тие притисоци. Различни структури. Зошто се правени тие притисоци. И втората работа е зошто кога стигнале на гласачкото место некој им рекол „не може да гласате“ без да ја знае причината зошто. Значи, имаме сериозен проблем. Повторно ќе кажам, не е ова за да му се удоволи на личната желба на Јован Деспотовски и не може да зборуваме дека работите се во ред кога не се во ред. А и да се држиме за техника која, патем речено, самата Комисија не ја почитува. Повторно ќе кажам, значи излегуваме вечерта кажуваме завршена е постапката – готово, а рокот за приговори тече. Од каде знаете јас што ќе поднесам во приговорот. Целата работа е многу комична, односно ја претставуваме многу комична, а всушност е многу сериозна, истакна Деспотовски.

Дополни и дека не и личи на ниту една сериозна партија да бара од луѓето да и веруваат и да им вели дека ќе се грижи за правна држава, ако дома не си го почитува куќниот ред.

-Навистина би сакал, прво, процесот да го завршиме како што треба и да им обезбедиме на луѓето одговори на прашањата што ги поставив. И второ, во моментот навистина немам никаква причина да се повлечам од изјавата која што веќе ја поднесов, дека нема да бидам дел од новото раководство доколку не бидам избран за претседател. Ај прво да ги завршиме овие избори. И повторно ќе кажам, веќе не е приказната Јован Деспотовски. Комисијата самата не си ги почитува своите акти. Објавува завршен процес а после вика „ај давајте приговори“. За што да приговарам, глупаво е, смешно е. Смешно е за политичка партија, не додржавме и затоа вечерта изреагирав така како што изреагирав, зашто беше навистина смешно. Не личи тоа на СДСМ. Не личи на ниту една сериозна политичка партија. Ние утре треба да се појавиме пред луѓето и да им кажуваме – верувајте ни, ние ќе се грижиме за правна држава, за почитување на се, а дома куќниот ред не си го почитуваме. Не бива таа работа. Навистина би сакал изборниот процес да го завршиме така како што треба, па потоа да дискутираме кој каде ќе се вклучи и како ќе се вклучи, одговори Деспотовски на прашањето дали ќе прифати ако му биде понудена некаква функција во СДСМ.

Во врска со Филипче, рече дека бил јасен.

-Мојата изјава беше јасна. Реков Венко ми е другар и се радувам за него како другар, и тоа ќе го повторам и тука не ми е никаков проблем. И нема да кажам ништо лошо за него заради тоа што сум го прифатил како другар пред 30 години со сите позитивни и негативни карактеристики како што ме прифатил и тој мене. Овде не станува збор за Венко. Овде е многу поголемо. Овде станува збор, јас повторно ќе кажам, дури и нашите политички опоненти изразуваат загриженост за СДСМ затоа што навистина таа партија не е потребна за СДСМ сама по себе туку потребна е за државата. Така што не станува збор дали Јован ќе излезе и ќе честита и работите под тепих ќе ги ставиме. Значи, не бива тоа така. Не знам и Филипче за кој менталитет зборува. За кој мајндсет? За мајндсетот кој повторно ќе каже, „тие што не се согласувате со мене, нема да учествувате во процесите“? Да, тоа треба да се смени, секако, зошто никогаш не било во СДСМ, потенцира Деспотовски.

Тој е дециден дека за фракција во СДСМ не станува збор.

-Не, ова значи продолжување на политичката активност. Фракција, поделба прават тие што им ги бркаат луѓето од партијата. Јас не ги избркав луѓето од партијата на тие избори. Јас зборувам во име на тие луѓе. Повторно ќе кажам, ние имаме процес. Сега, втората дилема е зошто 25, 85 исто така е легитимно. Ама не сме ни стигнале ние до тоа ниво да дискутираме. Тоа е работа за дискусија понатаму. Ама прашањето е што се случува од 12 до 23, кај се тие илјади. Значи, не зборуваме за 50 души и затоа ми е многу чудно кога некој ќе каже добро е тоа 50 луѓе се само, не се 50 луѓе, 11 илјади луѓе се, дообјасни Деспотовски.

Тој на брифингот соопшти и дека денеска поднел оставка од функцијата директор на ТИРЗ.

Топ Билд: Асфалтната база во Визбегово промовира индустриски еколошки напредок

„Асфалтната база во Визбегово промовира индустриски еколошки напредок во заштитата на животната средина со највисоки светски стандарди!“

Не се сите бази исти!

Искрено жалиме што како општество кое секојдневно исклучиво претендираме за приклучок кон развиениот Запад треба да се бавиме со реакции на валкани кампањи. Наместо како општествено одговорни да промовираме индустриско еколошки напредок во заштитата на животната средина со примена и имплементирање на најсовремени технологии како во случајов за рециклирање на отпаден и дотраен асфалт.

Ние браниме наместо да промовираме еколошки најсовремен проект кој влијае на унапредување на заштитата на животната средина на начин кој неколкукратно во еден исти процес ја заштитува животната средина, како и при повторната употреба на отпаден материјал како суровина за производство на нов производ наместо да се создава отпад, така и при намалената потреба за користење на друг материјал произведен со експлоатација на минералните суровини. Постројката која веќе ја прибавивме и увезовме во државата е произведена од реномиран Европски производител согласно Европските директиви и регулативи за заштита на животната средина како и најважното согласно нашето законодавство. Како за пример вакви постројки (Асфалтни Бази) се инсталирани во централни густо населени подрачја во западните метрополи Париз, Болоња, Милано, Њујорк и други.

Производителот е сериозно загрижен како за имиџот така и за владеење на правото. Невистина е дека бројките во елаборатот кој е одобрен со решение од Министерството за животна средина се фингирани, напротив тие се согласно сертификатот за екологија изготвен од реномираниот производител во кој се наведени отстапки по неколку пати помали од кај нас законски предвидените, додека едно од испитувањата при работењето на една ваква постројка во Швајцарија покажува за многу пати помали отстапки од кај нас дозволените со закон. Исто така невистина е дека во Г2 лесна преработувачка и помалку загадувачка индустрија не е дозволено да се гради асфалтна база, затоа што доколку секој заинтересиран го отвори правилникот за урбанистичко планирање ќе се увери дека токму тоа е предвидено во намената за градба. Предметнота локација е со намена Г2 согласно урбанистичката документација уште неколку години пред ние да го купиме земјиштето, кое беше објавено во јавна понуда во порталите за недвижнини кое како такво го привлече нашиот интерес.

Проектот е подржан од Европска комерцијална банка која подржува исклучиво зелени проекти согласно Европската програма за заштита на животната средина.

Ние најодговорно тврдиме пред целата јавност дека прибавивме правосилно одобрение за градба во целосно законита и пролонгирана постапка од причина што истата страна изразуваше сомнеж за намерата и вршеше притисок како кон нас како домашен инвеститор така и кон институциите кои не подлегнаа кон истиот затоа што беа соочени со барања за селективна примена односно непримена на законите. До денес истиот притисок континуирано продолжува и нанесува огромни штети по работењето на компанијата.

Овој проект е подржан од Европска комерцијална банка која подржува исклучиво зелени проекти согласно Европската програма за заштита на животната средина.

Овие луѓе очигледно се изманипулирани од одреден извор кој поради некаков интерес има намера да ни нанесе штета со што ја довел оваа група во тешка заблуда за да се истата чуствува загрижена за личното здравје и живот и под страв за истото прибегнува кон кршење на законите и бара истите да се применуваат селективно. Не е прв пат група луѓе да се изманипулирани и како такви доведени во заблуда за нарушени човечки права и да протестираат кршејќи закони со барања до институции за селективна примена на закони. Чести се примерите во градот реномирани домашни инвеститори и институции да се изложени на притисок преку испровоцирани валкани активности.

Сите чинители во случајот се одговорни да не создадат непотребна пракса по кој пример ќе се охрабрат локалните заедници на кои не им се по вкус одредени градби и истите по овој преседан бесконечно да ги блокираат со што ќе навлеземе во еден хаос од кој тешко ќе движиме напред.

Овие луѓе кои кршејќи ги законите ни ги оневозможуваат основните човекови права и ни нанесуваат ненадоместливи штети веќе подолг временски период и самите се жртви и заложници на таа црна кампања која и ним им е подметната од на нив познат извор од кој самите ќе мораат да се ослободат и да го повикаат на одговорност.

Не е грев човек да се најде доведен во заблуда, но грев и крајно неодговорно е да не се отстапи по воочување на аргументите и фактите кои се единствено мерило за вистината, по што очекуваме извинување за јавно нарушениот имиџ.

Веруваме во правната држава и институциите на државата и ќе продолжиме да бараме остварување на нашите права со сите расположливи правни лекови и никако поинаку.

Непотребна е грижата на заедницата во Визбегово затоа што во нас добиваат општествено одговорен сосед и силен партнер во борбата за унапредување на инфраструктурата и заштитата на животната средина.

Со почит,

Топ Билд Скопје

притисни ентер