Мицкоски: Со m.Uslugi до помалку шалтери, помалку документи и побрзи услуги за граѓаните - Канал 5

Мицкоски: Со m.Uslugi до помалку шалтери, помалку документи и побрзи услуги за граѓаните

 Изјава за медиуми на претседателот на Владата, Христијан Мицкоски по презентацијата на апликацијата „m.Uslugi“.

Мицкоски: Со m.Uslugi до помалку шалтери, помалку документи и побрзи услуги за граѓаните

„Почитувани дами и господа,

Пред една година, на Дигиталниот самит на Западен Балкан во Скопје, кажав дека сакам да дојде време кога граѓанинот нема да мора да зема слободен ден од работа за да извади документ, да чека пред шалтер или да носи хартија од една во друга институција.

Дека нема да има потреба да познавате некого во администрацијата.

Дека нема потреба да се платат 300, 400, 500 денари за побрзо да се заврши некоја работа.

Денес, со мобилната апликација m.Uslugi, правиме конкретен чекор токму во таа насока.

Пред малку видовме личен документ на мобилен телефон и пристап до јавни услуги преку една апликација. Тоа можеби изгледа едноставно, но зад него стои многу посложена промена: институциите да разменуваат податоци, процедурите да се поедноставуваат, а граѓанинот да престане да биде врската меѓу различните делови на администрацијата. Токму тоа, за мене, е суштината на дигиталната трансформација.

Тоа е важно, затоа што дигиталната трансформација има вредност само кога плановите, стратегиите и инфраструктурата ќе се претворат во нешто што граѓанинот може практично да го користи.

Како човек кој професионално доаѓа од инженерството, на овие процеси гледам пред сè како на прашање на добро дизајниран и функционален систем.

Ако еден процес има непотребни чекори, неговото префрлање од хартија на екран нема автоматски да го направи добар процес.

Ако две институции веќе поседуваат податоци кои законски можат да ги разменат, нема логика граѓанинот да биде тој што физички ќе ги пренесува тие податоци од една во друга институција.

Затоа суштината на дигитализацијата не е само да воведеме нова технологија.

Суштината е прво да го анализираме процесот, да ги отстраниме непотребните чекори, да ги поврземе системите и дури потоа да му понудиме на граѓанинот едноставна услуга.

m. Uslugi е видливиот дел од тој систем.

Зад она што денес го видовме стојат регистри, интероперабилност, електронски услуги, електронски документи, механизми за идентификација и автентикација, законска рамка и, секако, сајбербезбедност.

Тоа се работи кои корисникот не мора да ги гледа, но без нив апликацијата не би имала вистинска вредност.

И тоа е една од задачите на државата: сложеноста да ја реши во позадина, а на граѓанинот да му понуди едноставен и сигурен резултат.

Овој проект има и многу практична економска димензија.

Кога зборуваме за јавна администрација, често забораваме дека времето на граѓаните и на компаниите има реална економска вредност.

Секое непотребно доаѓање во институцијата значи потрошено време.

Секој документ кој повторно се бара, иако веќе постои во државен регистар, создава дополнителен трошок.

Секоја постапка што трае подолго отколку што е неопходно претставува трошок и за граѓанинот и за државата.

Затоа дигитализацијата е истовремено и административна и економска реформа.

Ако преку подобри системи заштедиме илјадници часови на граѓаните и компаниите, тоа е конкретна вредност.

Ако службениците наместо со рутински административни постапки можат повеќе да се занимаваат со случаи каде навистина е потребно човечкото знаење и одлучување, и тоа е конкретна вредност.

Токму затоа очекувам m.Uslugi да не се гледа како проект на едно министерство.

Ова мора да биде проект на целата Влада и на јавната администрација.

Секој министер, секој директор и секоја институција треба да анализира кои услуги може да ги направи достапни преку овој систем, кои податоци веќе не треба да ги бара од граѓаните и кои процедури може да ги поедностави.

Министерството за дигитална трансформација може да ја изгради платформата и инфраструктурата.

Но содржината мора да дојде од институциите.

Затоа во следната фаза очекувам значително проширување на бројот на услуги и документи достапни преку m.Uslugi.

Нема потреба денес да зборуваме дека системот е завршен.

Ова е само почеток на една нова парадигма.

Одговорна држава, која испорачува за граѓаните.

Држава која создава појасни и проверливи административни процеси.

Затоа што кога една постапка се води електронски, полесно може да се следи кога е започната, колку траела и во која фаза се наоѓа.

И тоа придонесува за поголема отчетност, подобро управување и намалување на просторот за непотребно административно дискреционо постапување.

Почитувани присутни,

Не треба да очекуваме дека една апликација ќе ги реши сите проблеми на јавната администрација, тоа е невозможно.

Но добро дизајнираните дигитални процеси можат значително да придонесат институциите да работат појасно, побрзо и потранспарентно.

Тоа е важен дел и од реформите што ги спроведуваме во процесот на европската интеграција.

Во рамки на Реформската агенда и Планот за раст на Европската Унија презедовме јасни обврски и во делот на дигиталната трансформација. Значаен дел од тие обврски веќе ги исполнивме – преку закони, измени, развој на дигиталната инфраструктура, унапредување на електронските услуги и поврзување на институциите. Сите овие законски измени во голема мера се донесени.

Тоа е важно затоа што покажува дека реформската агенда за нас не е само документ со рокови и индикатори, туку процес што се спроведува и дава конкретни резултати.

Европската интеграција за мене нема смисла ако остане само во документи, поглавја и извештаи.

Треба да се гледа и во секојдневието.

Овие проекти треба да се гледаат како делови од една иста политика; државата да има современа дигитална инфраструктура, сопствени човечки капацитети и институции кои можат ефикасно да ја користат технологијата.

Притоа, мора да бидеме внимателни дигитализацијата да не создава нова форма на исклученост.

Не секој граѓанин има исти дигитални вештини.

Затоа ќе продолжат да бидат потребни поддршка, центри за услуги и други канали за оние на кои тоа им е потребно.

Сè што може рационално, безбедно и законски да се заврши дигитално, треба да го направиме достапно и дигитално.

На крајот, сакам да му честитам на министерот Андоновски и на тимот на Министерството.

Министерот пред малку многу отворено кажа дека ова е прва верзија, дека има функционалности кои допрва треба да бидат додадени и дека развојот продолжува и понатаму. Тоа е реален и правилен пристап.

Им благодарам и на сите институции кои досега учествуваа во поврзувањето на системите и услугите.

Благодарност до Европската Унија и до партнерите за поддршката.

И, пред сè, очекувам од денес оваа апликација да ја користат граѓаните.

На крајот, тие ќе бидат најрелевантниот тест дали сме направиле добар систем.

Нема да го мериме успехот само според тоа колку луѓе ја преземале апликацијата.

Поважно е колку услуги реално ќе завршат преку неа.

Колку време ќе заштедат.

Колку постапки ќе станат поедноставни.

И колку непотребни административни чекори ќе успееме да отстраниме.

Тоа се показатели по кои треба да се оценува овој проект.

Нашата задача во периодот што следува е тој процес да го забрзаме, да вклучиме што повеќе институции и да обезбедиме сè повеќе услуги кои граѓаните ќе можат да ги користат едноставно, сигурно и без непотребно губење време.

Тоа е практичната цел на дигиталната трансформација.

Подобро организирана држава.

Поефикасни институции.

И подобра услуга за граѓаните.

На Министерството и на сите кои работеа на проектот им посакувам успешна следна фаза, а на граѓаните – m.Uslugi да им биде корисна и да им заштеди време.

Нека е со среќа и Ви благодарам.“

YouTube video

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

ВМРО-ДПМНЕ: Додека СДС шири паника, Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ги сервисира наследените долгови

​СДС денес зборува за финансиска катастрофа, но заборава да каже колку се задолжуваше додека беше на власт и какви обврски остави зад себе.

ВМРО-ДПМНЕ: Додека СДС шири паника, Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ги сервисира наследените долгови

Наместо да понуди конкретни решенија, опозицијата се обидува да создаде паника кај граѓаните и да ја префрли одговорноста за наследените финансиски обврски врз Владата.

Јавните финансии не се водат со драматични прес-конференции и политички пароли, туку со одговорни одлуки, сервисирање на долговите, грижа за граѓаните и инвестиции во развојот на државата.

Во периодот од вториот квартал на 2017 до вториот квартал на 2024 година, јавниот долг пораснал за 4,16 милијарди евра, односно за 9,7 процентни поени. Во периодот од вториот квартал на 2024 до вториот квартал на 2026 година, порастот изнесува 1,85 милијарди евра, односно 2,2 процентни поени. Овие податоци ја покажуваат разликата во движењето на јавниот долг во двата периода.

Дополнително, од втората половина на 2024 година до денес, Министерството за финансии има сервисирано обврски во вкупен износ од 5,39 милијарди евра. Во периодот од 2026 до 2031 година, државата треба да сервисира уште околу 9 милијарди евра по основ на главнина и камати.

Ова се огромни финансиски обврски со кои државата мора да се справува паралелно со обезбедувањето средства за пензии, плати, социјални надоместоци, здравство, образование и развојни инвестиции. Овие обврски не можат да се игнорираат, ниту да се избришат со политички изјави.

Оваа Влада не ги избира сите обврски што доспеваат, но ја презема одговорноста да ги сервисира. Ги враќаме долговите, но не се откажуваме од развојот. Ги исполнуваме обврските, но не ги запоставуваме граѓаните.

Вториот ребаланс е одговор на реалните економски услови.

Со вториот ребаланс на Буџетот за 2026 година се предвидуваат приходи од 374,2 милијарди денари, расходи од 420,5 милијарди денари и буџетски дефицит од 46,3 милијарди денари, односно 4,1% од БДП.

Приходите и расходите се коригираат надолу за околу 5,3 милијарди денари, додека планираниот дефицит останува непроменет во однос на претходните проекции.

Средствата за финансирање на Буџетот до крајот на годината се обезбедени. Државата ќе ги исполнува своите обврски кон граѓаните, а исплатата на платите, пензиите и социјалните надоместоци ќе продолжи редовно. Нема да дозволиме политичкото ширење паника да ги вознемирува граѓаните и да создава неоправдана несигурност.

Ова не е никаква финансиска катастрофа, туку приспособување на Буџетот на променетите економски околности. Во услови на глобална неизвесност, геополитички тензии и ценовни притисоци, одговорноста на Владата е навремено да реагира, да ги приспособи проекциите и да обезбеди непречено функционирање на државата.

Сериозноста во управувањето со јавните финансии не се мери според тоа колку пати ќе се повтори зборот „катастрофа“ на прес-конференција, туку според тоа дали државата ги исполнува своите обврски, дали се обезбедуваат средствата за граѓаните и дали се создаваат услови за економски развој.

СДС ја користи секоја буџетска корекција за политички напад. Ние ја користиме за да ги усогласиме финансиите со реалноста и да обезбедиме одговорно управување со парите на граѓаните.

Ги враќаме долговите, но не ги запоставуваме граѓаните. Државата има обврски што мора да ги сервисира. Тоа се долгови што доспеваат за отплата, финансиски обврски што не можат да се игнорираат и расходи што произлегуваат од функционирањето на државата..

Тоа е реалност со која мора да се соочи секоја одговорна Влада. Но, паралелно со сервисирањето на долговите, мора да се обезбедат средства за пензиите, платите, социјалните надоместоци, здравството, образованието и инвестициите.

Токму затоа е потребно внимателно планирање на јавните финансии. Средствата мора да се распределуваат според приоритетите, а секоја одлука мора да ги земе предвид и тековните потреби и обврските што остануваат за следните години.

Одговорноста не е само да се задолжиш, туку и да знаеш како ќе го сервисираш долгот, како ќе ги заштитиш граѓаните и како ќе обезбедиш државата да продолжи да се развива.

Наш приоритет е редовно исполнување на законските обврски кон граѓаните, вклучително и исплатата на платите, пензиите и социјалните надоместоци. Грижата за граѓаните не е политички слоган, туку обврска што се реализира преку буџетските политики и конкретните мерки.

Во услови на раст на цените на енергенсите и глобална економска неизвесност, Владата презема мерки за ублажување на ценовниот притисок.

Намалувањето на акцизите на горивата и намалувањето на ДДВ-то за дизелот од 18% на 10% се мерки насочени кон намалување на товарот врз граѓаните и компаниите.

Овие мерки имаат и фискални последици, бидејќи намалувањето на акцизата и даночното оптоварување значи и помал прилив на средства во Буџетот. Затоа, буџетските проекции мора да се приспособат на реалните ефекти од преземените политики.

Тоа е разликата меѓу одговорното управување и политичкото калкулирање. Владата не може да ги игнорира поскапувањата и да се однесува како глобалните кризи да немаат влијание врз домашната економија.

Наместо тоа, преземаме мерки за да ги ублажиме последиците врз граѓаните и стопанството, истовремено водејќи сметка за одржливоста на јавните финансии.

Нашата цел е Буџетот да биде во функција на граѓаните, а не граѓаните да бидат оставени сами да ги поднесуваат последиците од глобалните кризи.

Додека опозицијата зборува за целосен економски дебакл, податоците за вториот квартал од 2026 година покажуваат раст на реалниот БДП од 4,3%.

Во истиот период, бруто-инвестициите пораснале за 16,5%, градежништвото за 21,9%, индустријата за 3,9%, преработувачката индустрија за 4,1%, а извозот на стоки и услуги за 10,4%.

Овие показатели се важни за оценување на економските движења. Тие укажуваат на раст на активноста во повеќе сектори, а особено на инвестициите и градежништвото.

Секако, растот на БДП сам по себе не значи дека сите предизвици се надминати или дека секој граѓанин веќе ги почувствувал придобивките. Токму затоа продолжуваме со политиките што треба да создадат повеќе можности за работа, посилно стопанство и подобар животен стандард.

Но, кога се зборува за економијата, мора да се зборува со факти. Не може да се игнорираат реалните показатели само затоа што тие не се вклопуваат во политичката теза на опозицијата.

Економскиот раст не е цел сам за себе. Нашата задача е тој раст да се претвори во нови инвестиции, поголема продуктивност, нови работни места и подобри услови за живот на граѓаните.

Не се откажуваме од проектите – ги усогласуваме средствата со реализацијата.

Обвинувањата дека со вториот ребаланс се напушта развојот се обид да се изедначат две различни работи: корекција на планираните капитални расходи и откажување од проектите.

Капиталните расходи зависат од динамиката на реализација, подготвеноста на проектите, постапките, договорите и напредокот на изведбата. Кога одредени активности се реализираат поинаку од планираното, неопходно е средствата да се усогласат со реалните потреби и рокови.

Тоа не значи откажување од развојните приоритети. Продолжуваат инвестициите во патната и железничката инфраструктура, Коридорите 8 и 10д, образованието, водоснабдувањето, животната средина и локалниот развој.

Целта е јавните средства да се користат поефикасно и да се претвораат во конкретни резултати: подобри патишта, подобра инфраструктура, поквалитетни јавни услуги и подобри услови за живот.

Граѓаните имаат потреба од реализирани проекти, а не само од ставки на хартија. Затоа, важно е да се следат не само планираните средства, туку и реализацијата, роковите и ефектите од секоја инвестиција.

Јавните финансии бараат одговорност, а не политички спектакл. Лесно е да се критикува. Многу потешко е да се преземе одговорност за државата и за секој денар од јавните средства.

Нашата определба е јасна: стабилни јавни финансии, редовно сервисирање на обврските, заштита на граѓаните, поддршка на економијата и продолжување на развојните проекти.

СДС не може да ја избрише сопствената политичка одговорност за периодот во кој ги водеше јавните финансии, ниту да ги претставува сите денешни предизвици како да настанале без претходни обврски и без поширок економски контекст.

Владата ќе продолжи да носи одлуки во интерес на граѓаните, да ги исполнува обврските и да работи на економскиот развој. Нашата обврска не е да создаваме политички спектакли, туку да обезбедиме државата да функционира, економијата да расте и јавните средства да се користат одговорно.

Разликата е јасна: додека СДС шири паника, Владата презема одговорност. Додека тие обвинуваат, ние ги сервисираме обврските. Додека тие зборуваат за катастрофа, ние работиме на стабилноста, ги штитиме граѓаните и продолжуваме со реализација на проектите.

Тоа е разликата меѓу политиката на празни зборови и одговорноста за управување со државата.

ВМРО-ДПМНЕ

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Дали Германија ќе ја напушти ЕУ?

Дали Германија ќе ја напушти ЕУ? Германската десничарска партија „Алтернатива за Германија“ (AfD) подготви план за радикална реорганизација на ЕУ, кој, во случај на неуспех, би довел до распишување референдум за излез на Германија од блокот.

Дали Германија ќе ја напушти ЕУ?

Дали Германија ќе ја напушти ЕУ? Германската десничарска партија „Алтернатива за Германија“ (AfD) подготви план за радикална реорганизација на ЕУ, кој, во случај на неуспех, би довел до распишување референдум за излез на Германија од блокот, пишува британски „Телеграф“.

Лидерката на АФД, Алис Вајдел, отворено најавува дека сака да ја претвори ЕУ во лабав сојуз на суверени држави, доколку го собори канцеларот Фридрих Мерц и дојде на власт.

„ЕУ веќе не е заедница на суверени држави. Одлуките повторно мора да ги носат националните парламенти и влади“, изјави Вајдел во Европскиот парламент во Стразбур.

Планот што таа го претстави е толку радикален што во пракса би значел целосен распад на сегашната унија, поради што претставниците во Брисел веднаш го отфрлија како неприфатлив.

АФД предлага драстично намалување на Европската комисија и одземање на нејзините клучни овластувања во корист на националните лидери. Понатаму, тие бараат укинување на Европскиот суд на правдата и воведување арбитражен суд, укинување на директните избори за Европскиот парламент, како и право на вето и изземање од европските регулативи за секоја земја-членка.

Нивната програма вклучува намалување на германските уплати во буџетот на ЕУ, отфрлање на „зелените“ политики, укинување на забраната за продажба на бензин и дизел, како и излез на Германија од Шенген-зоната доколку надворешните граници не бидат заштитени.

„Алис е во Земјата на чудата. Изборите веќе не се добиваат со љубовни приказни“, изјави за „Телеграф“ еден неименуван европски функционер, нарекувајќи ја АФД „алтернативна реалност за Германија“.

Партијата АфД (AfD) отворено наведува во својот официјален документ дека, доколку Брисел ги одбие овие барања, таа ќе им понуди на германските гласачи референдум за „Декзит“ (Dexit).

Иако анкетите покажуваат дека 82 отсто од Германците сè уште сакаат да останат во ЕУ, АфД се надева дека притисокот би можел да ги принуди европските институции да попуштат.

Говорејќи во Стразбур, Вајдел исто така изјави дека Брисел ја ограбува Германија и повика на итен прекин на европската помош за Украина, барајќи мировните преговори да им се препуштат на САД, Русија и Кина.

Опозициските политичари во Берлин веднаш предупредија дека слабеењето на европскиот поредок директно ќе му користи на Владимир Путин и ќе ја загрози безбедноста и економијата на Германија.

„Непријателскиот став на AfD кон ЕУ ја загрозува нашата безбедност и благосостојба, а нивната блискост со Путин ја уништува довербата меѓу сојузниците“, предупреди Дејвид Макалистер, член на германската CDU и претседател на Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент.

Спроведувањето на реформите на AfD би барало измени на основните договори на ЕУ, за што е потребна едногласна согласност од сите 27 земји-членки. Поранешниот британски министер за европски прашања, сер Дејвид Лидингтон, ја нарече стратегијата на AfD безумна, потсетувајќи на неуспешниот обид на Дејвид Камерон да го принуди Брисел на отстапки преку слични ултиматуми во пресрет на Брегзит. Тие бараат партнери меѓу европските десничари.

АФД, која според анкетите моментално е водечка партија во Германија по успехот на покраинските избори, бара сојузници меѓу другите европски десничарски партии. Иако многумина ја делат идејата за „Европа на нациите“, меѓу нив постојат длабоки поделби во однос на војната во Украина, а некои од нив, како Марин ле Пен, со години се дистанцираат од AfD поради обвинувањата за екстремизам.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Градоначалникот Јанчев остварува средби со граѓаните заедно со надлежните служби од Локалната Самоуправа

Денеска, градоначалникот на Општина Кавадарци, Митко Јанчев, остварува средби со граѓаните заедно со надлежните служби од Локалната Самоуправа, ЈП „Комуналец“ и „Мој општинар“.

Градоначалникот Јанчев остварува средби со граѓаните заедно со надлежните служби од Локалната Самоуправа

На средбите граѓаните ги презентираат своите проблеми, барања, предлози и сугестии, а преку непосредна комуникација и координација со надлежните служби се разгледуваат можностите за нивно решавање. Општина Кавадарци продолжува со практиката на отворена комуникација со граѓаните, со цел навремено согледување на нивните потреби и изнаоѓање соодветни решенија за прашањата од нивен интерес.

Во фокусот остануваат граѓаните, нивните потреби и подобрувањето на квалитетот на секојдневното живеење.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер