Мицкоски: Со m.Uslugi до помалку шалтери, помалку документи и побрзи услуги за граѓаните - Канал 5

Мицкоски: Со m.Uslugi до помалку шалтери, помалку документи и побрзи услуги за граѓаните

 Изјава за медиуми на претседателот на Владата, Христијан Мицкоски по презентацијата на апликацијата „m.Uslugi“.

Мицкоски: Со m.Uslugi до помалку шалтери, помалку документи и побрзи услуги за граѓаните

„Почитувани дами и господа,

Пред една година, на Дигиталниот самит на Западен Балкан во Скопје, кажав дека сакам да дојде време кога граѓанинот нема да мора да зема слободен ден од работа за да извади документ, да чека пред шалтер или да носи хартија од една во друга институција.

Дека нема да има потреба да познавате некого во администрацијата.

Дека нема потреба да се платат 300, 400, 500 денари за побрзо да се заврши некоја работа.

Денес, со мобилната апликација m.Uslugi, правиме конкретен чекор токму во таа насока.

Пред малку видовме личен документ на мобилен телефон и пристап до јавни услуги преку една апликација. Тоа можеби изгледа едноставно, но зад него стои многу посложена промена: институциите да разменуваат податоци, процедурите да се поедноставуваат, а граѓанинот да престане да биде врската меѓу различните делови на администрацијата. Токму тоа, за мене, е суштината на дигиталната трансформација.

Тоа е важно, затоа што дигиталната трансформација има вредност само кога плановите, стратегиите и инфраструктурата ќе се претворат во нешто што граѓанинот може практично да го користи.

Како човек кој професионално доаѓа од инженерството, на овие процеси гледам пред сè како на прашање на добро дизајниран и функционален систем.

Ако еден процес има непотребни чекори, неговото префрлање од хартија на екран нема автоматски да го направи добар процес.

Ако две институции веќе поседуваат податоци кои законски можат да ги разменат, нема логика граѓанинот да биде тој што физички ќе ги пренесува тие податоци од една во друга институција.

Затоа суштината на дигитализацијата не е само да воведеме нова технологија.

Суштината е прво да го анализираме процесот, да ги отстраниме непотребните чекори, да ги поврземе системите и дури потоа да му понудиме на граѓанинот едноставна услуга.

m. Uslugi е видливиот дел од тој систем.

Зад она што денес го видовме стојат регистри, интероперабилност, електронски услуги, електронски документи, механизми за идентификација и автентикација, законска рамка и, секако, сајбербезбедност.

Тоа се работи кои корисникот не мора да ги гледа, но без нив апликацијата не би имала вистинска вредност.

И тоа е една од задачите на државата: сложеноста да ја реши во позадина, а на граѓанинот да му понуди едноставен и сигурен резултат.

Овој проект има и многу практична економска димензија.

Кога зборуваме за јавна администрација, често забораваме дека времето на граѓаните и на компаниите има реална економска вредност.

Секое непотребно доаѓање во институцијата значи потрошено време.

Секој документ кој повторно се бара, иако веќе постои во државен регистар, создава дополнителен трошок.

Секоја постапка што трае подолго отколку што е неопходно претставува трошок и за граѓанинот и за државата.

Затоа дигитализацијата е истовремено и административна и економска реформа.

Ако преку подобри системи заштедиме илјадници часови на граѓаните и компаниите, тоа е конкретна вредност.

Ако службениците наместо со рутински административни постапки можат повеќе да се занимаваат со случаи каде навистина е потребно човечкото знаење и одлучување, и тоа е конкретна вредност.

Токму затоа очекувам m.Uslugi да не се гледа како проект на едно министерство.

Ова мора да биде проект на целата Влада и на јавната администрација.

Секој министер, секој директор и секоја институција треба да анализира кои услуги може да ги направи достапни преку овој систем, кои податоци веќе не треба да ги бара од граѓаните и кои процедури може да ги поедностави.

Министерството за дигитална трансформација може да ја изгради платформата и инфраструктурата.

Но содржината мора да дојде од институциите.

Затоа во следната фаза очекувам значително проширување на бројот на услуги и документи достапни преку m.Uslugi.

Нема потреба денес да зборуваме дека системот е завршен.

Ова е само почеток на една нова парадигма.

Одговорна држава, која испорачува за граѓаните.

Држава која создава појасни и проверливи административни процеси.

Затоа што кога една постапка се води електронски, полесно може да се следи кога е започната, колку траела и во која фаза се наоѓа.

И тоа придонесува за поголема отчетност, подобро управување и намалување на просторот за непотребно административно дискреционо постапување.

Почитувани присутни,

Не треба да очекуваме дека една апликација ќе ги реши сите проблеми на јавната администрација, тоа е невозможно.

Но добро дизајнираните дигитални процеси можат значително да придонесат институциите да работат појасно, побрзо и потранспарентно.

Тоа е важен дел и од реформите што ги спроведуваме во процесот на европската интеграција.

Во рамки на Реформската агенда и Планот за раст на Европската Унија презедовме јасни обврски и во делот на дигиталната трансформација. Значаен дел од тие обврски веќе ги исполнивме – преку закони, измени, развој на дигиталната инфраструктура, унапредување на електронските услуги и поврзување на институциите. Сите овие законски измени во голема мера се донесени.

Тоа е важно затоа што покажува дека реформската агенда за нас не е само документ со рокови и индикатори, туку процес што се спроведува и дава конкретни резултати.

Европската интеграција за мене нема смисла ако остане само во документи, поглавја и извештаи.

Треба да се гледа и во секојдневието.

Овие проекти треба да се гледаат како делови од една иста политика; државата да има современа дигитална инфраструктура, сопствени човечки капацитети и институции кои можат ефикасно да ја користат технологијата.

Притоа, мора да бидеме внимателни дигитализацијата да не создава нова форма на исклученост.

Не секој граѓанин има исти дигитални вештини.

Затоа ќе продолжат да бидат потребни поддршка, центри за услуги и други канали за оние на кои тоа им е потребно.

Сè што може рационално, безбедно и законски да се заврши дигитално, треба да го направиме достапно и дигитално.

На крајот, сакам да му честитам на министерот Андоновски и на тимот на Министерството.

Министерот пред малку многу отворено кажа дека ова е прва верзија, дека има функционалности кои допрва треба да бидат додадени и дека развојот продолжува и понатаму. Тоа е реален и правилен пристап.

Им благодарам и на сите институции кои досега учествуваа во поврзувањето на системите и услугите.

Благодарност до Европската Унија и до партнерите за поддршката.

И, пред сè, очекувам од денес оваа апликација да ја користат граѓаните.

На крајот, тие ќе бидат најрелевантниот тест дали сме направиле добар систем.

Нема да го мериме успехот само според тоа колку луѓе ја преземале апликацијата.

Поважно е колку услуги реално ќе завршат преку неа.

Колку време ќе заштедат.

Колку постапки ќе станат поедноставни.

И колку непотребни административни чекори ќе успееме да отстраниме.

Тоа се показатели по кои треба да се оценува овој проект.

Нашата задача во периодот што следува е тој процес да го забрзаме, да вклучиме што повеќе институции и да обезбедиме сè повеќе услуги кои граѓаните ќе можат да ги користат едноставно, сигурно и без непотребно губење време.

Тоа е практичната цел на дигиталната трансформација.

Подобро организирана држава.

Поефикасни институции.

И подобра услуга за граѓаните.

На Министерството и на сите кои работеа на проектот им посакувам успешна следна фаза, а на граѓаните – m.Uslugi да им биде корисна и да им заштеди време.

Нека е со среќа и Ви благодарам.“

YouTube video

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Минчев и Јагџиу потпишаа меморандум за соработка: Ги поврзуваме знаењето и искуството за поквалитетни јавни услуги!

Средбата, одржана на маргините на меѓународната конференција „Косово ПАР 2026“ во Приштина.

Минчев и Јагџиу потпишаа меморандум за соработка: Ги поврзуваме знаењето и искуството за поквалитетни јавни услуги!

Зајакнување на билатералната соработка, размена на експертски знаења и добри практики и унапредување на професионалните капацитети на институциите беа во фокусот на билатералната средба меѓу министерот за јавна администрација, Горан Минчев, и министерот за дигитализација и јавна администрација на Република Косово, Лулезон Јагџиу.

Средбата, одржана на маргините на меѓународната конференција „Косово ПАР 2026“ во Приштина, резултираше со потпишување Меморандум за соработка, со кој се отвора простор за поконкретно партнерство меѓу двете министерства.

Двајцата министри ја истакнаа важноста од воспоставување директна институционална комуникација и поврзување на експертските капацитети, со цел разменетото знаење да се преточи во применливи решенија.

„Соработката меѓу институциите има вистинска вредност кога знаењето се споделува, искуството се претвора во конкретни решенија, а придобивките ги чувствуваат граѓаните. Верувам дека Македонија и Косово имаат простор за уште поблиско партнерство, преку кое ќе ги разменуваме успешните практики, ќе учиме едни од други и ќе отвораме нови можности за професионално унапредување. Нашата цел е институции што работат поефикасно, постапуваат професионално и им овозможуваат на граѓаните поквалитетни услуги“ истакна министерот Минчев.

Со потпишаниот Меморандум се предвидува соработката да се развива преку заеднички обуки, размена на експерти и обучувачи, развивање програми за унапредување на стручните и раководните вештини. Дополнителен простор за соработка се отвора во управувањето со човечките ресурси, како и преку заеднички проекти и регионални иницијативи.

Со ова партнерство, Македонија и Косово ја потврдуваат определбата за градење посилни институционални врски и споделување знаења во интерес на поквалитетното функционирање на јавната администрација. Бидејќи вистинската вредност на меѓуинституционалната соработка се мери преку конкретните придобивки за граѓаните, навремени услуги, професионален однос и поедноставни, поефикасни постапки.

Ви благодариме.

Со почит,

Кабинет на Министер за Јавна Администрација

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Ренесансен раскош во современата мода – Јована Филиповиќ со нова колекција

Не секоја елеганција е тивка. Ниту секоја женственост е нежна. 

Ренесансен раскош во современата мода – Јована Филиповиќ со нова колекција

Постои нешто речиси инстинктивно во начинот на кој Јована Филиповиќ се враќа во Фиренца. Не само како место на кое се создаваат нејзините кампањи, туку и како град што го обликува нејзиниот креативен израз. Ogni cosa al suo posto — Atto II ја продолжува приказната започната претходно оваа година, но носи поинаква атмосфера.

Додека првиот дел од колекцијата истражуваше леснотија и одмереност, Atto II носи подраматична и послоевита естетика, со нагласени волумени, поостри линии и архитектонски силуети. Црната и бојата на слонова коска ја поставуваат основата на палетата, надополнети со длабоки чоколадни и нежни, лилави тонови.

Корсетите, предимензионираните ракави и флуидните драпирања обликуваат силуети во кои прецизноста на кројот се среќава со слободата на движењето. Кристалните детали внесуваат раскош, додека новиот фирентински JF монограм, извезен тон во тон, се појавува како дискретен потпис на брендот.

Влијанието на ренесансната облека е присутно преку пропорциите, конструкцијата и деталите, но без дословно потпирање на историските форми. Филиповиќ ги преточува овие референци во современ моден израз, создавајќи колекција во која историското наследство се препознава, но не доминира.

Сепак, зад естетските референци, колекцијата носи и лична приказна. За Јована Филиповиќ, Фиренца е град што и дава многу, без да бара ништо за возврат. Во него наоѓа сила, слобода и посебен вид самодоверба што тешко се опишува со зборови.

Токму тоа чувство ја сочинува емотивната основа на Atto II. Жената во центарот на оваа колекција ја носи истата енергија. Таа е сензуална без потреба да го привлекува вниманието, силна без потреба да ја докажува својата сила. Нејзината женственост не е ниту кревка ниту потчинета.

Својот израз го одредува сама — инстинктивно, слободно и без потреба да се извинува. Кампањата е фотографирана во Фиренца, меѓу другото и во историската галерија Galleria Romanelli, каде што современата мода се среќава со скулптурата, историјата и монументалната архитектура. Овде минатото не ги поставува правилата, туку отвора простор за поинаков израз на женственоста.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

33-годишник од тетовско возел под дејство на алкохол во спротивен правец на патот Гостивар – Тетово, лишен е од слобода

 Полициските службеници ги лишиле и неговите сопатници А.Ј.(27) од с.Нераште и Н.А.(38) од с.Доброште затоа што агресивно и дрско се однесувале кон полициските службеници кои извршувале службени дејствија.

33-годишник од тетовско возел под дејство на алкохол во спротивен правец на патот Гостивар – Тетово, лишен е од слобода

На 28.10.2026, по претходна пријава дека на патот Гостивар - Тетово патничко возило „шкода“ со тетовски регистарски ознаки се движи во спротивен правец, преземени се мерки и на наплатна станица Тетово полициските службеници го сопреле возилото и по извршени проверки било констатирано дека возачот Б.О.(33) од с.Доброште е под дејство на алкохол, односно му буле измерени 2,06 промили алкохол во крвта, по што е лишен од слобода. Полициските службеници ги лишиле и неговите сопатници А.Ј.(27) од с.Нераште и Н.А.(38) од с.Доброште затоа што агресивно и дрско се однесувале кон полициските службеници кои извршувале службени дејствија. Тие се задржани во полициска станица и по документирање на случајот, против нив ќе следуваат соодветни поднесоци.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер