Мицкоски: Инвестицијата во ветерниот парк од 450 милиони евра ќе донесе нови 100 милиони евра

 Претседателот на Владата Христијан Мицкоски, кој првиот ден како премиер го почна од Штип, најави дека инвестицијата за ветерниот парк која официјално ќе биде објавена утре, ќе донесе 100 милиони евра поголем приход во БДП.

Како што истакна Мицкоски, одговорајќи на новинарски прашања, вакви проекти ќе има уште во периодот што следува.

- Македонскиот ветер ќе донесе дополнителни 100 милиони евра годишно во БДП. Проектот ќе го објавиме утре, заедно со инвеститорот. Ветерниот парк ќе биде изграден меѓу трите општини, Карбинци, Штип и Радовиш. Се работи за инвестицијата од 400 - 450 милиони евра. Ова е исклучително значаен проект за енергетското портфолио на државата кој значително ќе го подобри перформансот на нашиот енергетски сектор. Нема специјални закони, нема загарнтиран откуп по загарантирна цена за 20 - 30 години, туку инвеститор кој ќе инвестира 450 милиони евра, а државата ќе добие за 100 милиони евра поголем приход во БДП што треба да донесе 20 отсто од вкупното производство на струја што ќе ја направи енергетски балансирана земјава. Во периодот што следи ќе има уште вакви убави изненадувања, нагласи Мицкоски.

Мицкоски присуствуваше на поставување камен-темелник на новата спортска сала „Џексон", направи увид во градењето на новиот булевар „Илинденска“, а потоа, заедно со министерот за здравство Арбен Тараври, направи увид во состојбата на штипската болница.

Порача дека новата Влада ќе гради онаму каде нејзините претхоници оставиле неуспешни проекти.

Народна банка: Нето надворешниот долг 29,9 проценти од проектираниот БДП

Народната банка денеска излезе со најнови податоци за нето надворешниот долг. Според овие податоци, заклучно со 31 март нето надворешниот долг изнесува 4.350 милиони евра или 29,9 проценти од проектираниот БДП.

- Нето надворешниот долг на земјата, во првиот квартал од 2024 година, е намален за 109 милиони евра, или за 2,4 проценти. Од аспект на структурата, приватниот нето-долг и натаму има поголемо учество во вкупниот нето-долг со 62 проценти, информира централната банка.

Во текот на првиот квартал од годинава, негативната нето меѓународна инвестициска позиција (МИП) е зголемена за 6 милиони евра и изнесува 8.506 милиони евра, односно 58,4 проценти од проектираниот БДП за годинава.

Филипче: Идниот претседател на СДСМ ќе има целосен легитимитет затоа што го црпи од членовите

Во текот на вчерашниот ден, кандидатот за претседател на СДСМ, Венко Филипче ја презентираше својата програма пред членовите во Крушево и во Битола. 

Тој уште еднаш ги повтори заложбите за обединување на партијата и длабока реформа која ќе донесе ефикасно и професионално работење на сите нивоа.

Во своето обраќање, Филипче се осврна на процесот на бирање на претседател и демократизацијата на партијата. Тој рече дека СДСМ е партија која на најдемократски начин бира претседател во легитимен и фер процес.

„Идниот претседател на СДСМ ќе има целосен легитимитет затоа што го црпи од членовите. СДСМ е демократска партија која уште еднаш тоа го потврдува преку организирање на внатрепартиски непосредни избори. Преку 23 илјади гласачи во недела ќе може да изберат кој сакаат да ја води партијата и ги повикувам масовно да го сторат тоа“, рече Филипче.

Тој кампањата ја оцени како фер и демократска и очекува во недела да се заокружи овој процес со легитимен избор на новиот претседател. Филипче уште еднаш се осврна на обединувањето како предуслов за успешно закрепнување на СДСМ и спречување на натамошни поделби.

„Јас останав доследен во ветувањето дека оваа кампања не треба и не смее да биде насочена кон никој од противкандидатите. Тоа само го слабее СДСМ и им дава материјал за напад на политичките противници кои гледаме дека тоа веќе го искористат. Ветив дека ќе се задржам на презентација на мојот концепт и обединувањето како предуслов за секој иден успех на партијата. Кој и да биде избран за претседател не смее понатаму да прави поделби во партијата. СДСМ оствари историски најслаб резултат и понатамошни поделби ќе го доведат опстанокот на партијата во прашање“, истакна Филипче.

Венко Филипче

Влада: Не се согласуваме со изјавата на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис

Реагираме и не се согласуваме со изјавата на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис дадена за време на Европскиот совет во Брисел., велат од Владата на РМ.

-Во целост ги отфрламе наводите за наводно кршење на Договорот од Преспа од страна на клучните политички личности во државата, и превземените обврски согласно Уставот.

Истакнуваме дека државата продолжува да ги почитува превземените обврски од Договорот од Преспа во сите негови аспекти, вклучувајќи го тука и употребата на името "Македонија", како и името "Северна Македонија" во соодветни формати и прилики утврдени со Договорот и Уставот на државата.

Нагласуваме дека превземените обврски се двонасочна улица, и воедно треба да се земат во предвид и обврските кои ги има соседна Грција а кои не се исполнети.

Исто така, сакаме да нагласиме дека процесот на европски интеграции продолжува да биде наш важен приоритет. Ние сме уверени дека нашиот напредок и придонес кон регионалната стабилност и безбедност, како и нашата посветеност на реформите, ќе бидат правилно оценети и вреднувани од страна на Европската унија, стои во владиното соопштение по изјавата на грчкиот премиер Мицотакис во Брисел.

притисни ентер