Народна банка: Нето надворешниот долг 29,9 проценти од проектираниот БДП

Народната банка денеска излезе со најнови податоци за нето надворешниот долг. Според овие податоци, заклучно со 31 март нето надворешниот долг изнесува 4.350 милиони евра или 29,9 проценти од проектираниот БДП.

- Нето надворешниот долг на земјата, во првиот квартал од 2024 година, е намален за 109 милиони евра, или за 2,4 проценти. Од аспект на структурата, приватниот нето-долг и натаму има поголемо учество во вкупниот нето-долг со 62 проценти, информира централната банка.

Во текот на првиот квартал од годинава, негативната нето меѓународна инвестициска позиција (МИП) е зголемена за 6 милиони евра и изнесува 8.506 милиони евра, односно 58,4 проценти од проектираниот БДП за годинава.

Дејан и Венцислав Недеви учествуваа на меѓународниот карате семинар со Сенсеи Кавазое

 Д-р Дејан Недев и д-р Венцислав Недев викендов од 28 до 30 јуни учествуваа на меѓународниот карате семинар со Сенсеи Масао Кавазое кој се одржа во Тонсберг, Норвешка.

Семинарот беше во организација на Норвешката федерација за традиционално карате која долги години е членка на Европската (ЕТКФ) и светската (ИТКФ) федерација.

Недеви ги интензивираа контактите со Сенсеи Масао Кавазое кој во моментов важи за еден од најдобрите карате инструктори во светот кој е ученик на Сенсеи Хидетака Нишијама основачот на ИТКФ.

Наскоро се планира Сенсеи Кавазое да одржи семинар и во Македонија.

Гувернерот на Истанбул ја забрани Парадата на гордоста, го затвори центарот на градот

Гувернерот на Истанбул Давут Ѓул денеска ја забрани овогодинешната Парада на гордоста во Истанбул и го затвори центарот на градот.

„Настанот нема да биде одобрен“, соопштија од канцеларијата на гувернерот, без да наведат причина.

„Илегалните групи повикаа на неовластен протестен марш“, се додава во соопштението.

Областа околу централниот плоштад Таксим е затворена за возила, а движењето на пешаците е под контрола. Полицијата претходната вечер веќе постави бариери во центарот на градот.

Активистите повикаа на протести во корист на правата на ЛГБТК лицата.

Владата со години се обидува да го спречи одржувањето на Парадата на гордоста. Минатата година беа приведени голем број лица.

Како што наведуваат локалните медиуми, хомосексуалните односи не се нелегални во Турција, но владините претставници и претседателот Реџеп Таип Ердоган постојано изразуваат отворено непријателство кон ЛГБТК лицата. /МИА

Французите масовно гласаат во првиот круг од парламентарните избори

 Французите денеска масовно излегуваат на првиот круг од вонредните парламентарни избори, што би можело да го отвори патот на екстремната десница да дојде на власт, пренесуваат странските агенции.

Излезноста на гласачите до пладне беше 25,90 отсто, односно повеќе од претходните избори во 2022 година, кога до пладне гласаа 18,43 отсто од граѓаните.

Многу политичари гласаа во нивните области утринава, вклучително и претседателот Емануел Макрон, лидерката на екстремната десница Марин Ле Пен и премиерот Габриел Атал.

Првите резултати од излезните анкети ќе бидат познати околу 20 часот по затворањето на гласачките места.

Според последните анкети, екстремната десница предводена од младиот Жордан Бардела (28) би можела да освои меѓу 35 и 36,5 отсто од гласовите.

На второ место треба да биде левата коалиција, во која радикалната левичарска партија Непокорна Франција е со 27,5 до 29 отсто од гласовите, додека центристичката коалиција на Макрон е на трето место со 20,5 до 21 отсто од гласовите. /МИА

притисни ентер