Фоден се врати во Германија, а познато е и зошто го напушти ЕУРО 2024!

Фудбалскиот репрезентативец на Англија, Фил Фоден вчера се врати во Германија, откако ден претходно замина од Европското првенство во Велика Британија поради раѓањето на своето трето дете, откри Би-Би-Си. 

Фудбалската асоцијација на Англија првично објави дека Фоден отпатувал поради „итни семејни причини“, но сега се знае дека заминал да присуствува на раѓањето на своето трето дете.

Асот на англискиот шампион денеска треба да тренира со соиграчите и да им помогне во атакот на посакуваната титула.

Ѕвездата на Манчестер Сити, инаку ги започна сите три натпревари кои Англија ги одигра во групата Ц на ЕУРО, а за националниот тим дебитираше во 2020 година и одигра 37 натпревари.

Фудбалерите на Англија ќе играат во осминафиналето на ЕП против Словачка, а овој дуел е закажан за в недела од 18:00 часот на Велтинс Арената во Гелзенкирхен.

Награда за животно дело за Виктор Шеќеровски македонскиот писател и поет од Белград

Писателот и поет Виктор Шеќеровски, кој има македонско потекло, а живее и работи во Белград, Р.Србија, доби награда за животно дело од Меѓународната поетска манифестација „Охридски поетски бисер-Охрид, јави дописникот на МИА од Белград.

Следејќи ги древните македонски световни традиции, деветтата поетска манифестација која се одржа во духовно светилиште, црквата Пресвета Богородица Перивлепта во Охрид, од пристигнатите 154 поетски творби, од кои 111 од македонски автори вклучувајќи ги младите поети и поетите од македонската дијаспора, како и 43 странски автори од Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Хрватска, Република Српска (БИХ) и Косово, наградите за животно дело оваа година ги додели на македонскиот книжевник од Србија-Виктор Шеќероски и на Паско Кузман познат македонски, балкански, европски и светски археолог, поет и публицист.

Прва награда за македонски поети од Дијаспора ја доби Ангелина Бачева Орбовиќ од Белград, додека Втора награда на странски поети ја доби Весна Стојкоска од Белград. Вероника Саздовска доби награда за млади поети, додека Љиљана Тричковиќ доби признание од поетска манифестација „Охридски поетски бисер-Охрид“.

- За нас, македонскиот јазик, почитувајќи ги сите светски јазици, е и ќе остане наш корен, наш стожер, наша духовност, наша опстојба и водилка кон иднината на идните македонски генерации, порача на доделување на наградите Мирко Томовски, претседател на Здружението за литература и култура Охридски поетски бисер Охрид.

Виктор Шеќеровски е најпознатиот македонски поет и писател во Србија, кој со децении живее и твори во Белград, есеист, преведувач, еден од најголемите афирматори на македонскиот јазик, култура и лингвистика во Србија, автор на повеќе книжевни дела и поетски збирки, кои ги твори на двата јазици-и на македонски и на српски јазик.

Член е на Друштвото на писателите на Србија и Македонија. Беше оснивач и уредник во НИУМИЦ од Панчево-институција задолжена при Национаниот совет на македонците во Србија за издавање на списанија и книги на македонски јазик, беше уредник на списанието Македонска виделина, како и уредник на списанието за литература, култура и уметност ВИДЕЛО. Добитник е на повеќе српски и македонски книжевни награди./МИА

Британската влада предупредува на ризик од руско мешање на изборите во Велика Британија

Британскиот вицепремиер Оливер Дауден денеска предупреди за ризик од руско мешање во кампањата за парламентарните избори во Велика Британија на 4 јули, откако австралиски медиум откри координирана активност од ваков вид на „Фејсбук“.

„При сите избори постои закана, и навистина ја гледаме при овие избори, од непријателски учесници кои се обидуваат да влијаат на резултатот“ од гласањето, изјави Оливер Дауден за телевизијата „Скај њуз“.

-„Русија е пример за ова и тоа е класичен пример на руската игра“, додаде тој, мислејќи на операција на „ниско ниво“.

Австралиската јавна телевизија Еј Би Си идентификуваше пет координирани „Фејсбук“ страници со вкупно 190.000 претплатници, кои критикуваат неколку британски политички партии, вклучувајќи ги лабуристите и конзервативците, но понекогаш ја поддржуваат антиимиграционата партија на Најџел Фараж „Реформа Обединето Кралство“. Експерти интервјуирани од Еј Би Си во тоа гледаат знак за руско влијание.

„Никако не претпоставувам дека има некаков вид директен заговор“ меѓу Русија и лидерот на антиимиграционата партија „Реформа УК“ Најџел Фараж, изјави Оливер Дауден, истакнувајќи дека целта му е „да предупреди“ за „заканата од руска државна интервенција во нашите избори“.

Од друга страна, тој ги осуди неодамнешните коментари на Фараж дека Западот ја „испровоцирал“ војната во Украина.

Запрашан во етерот на телевизијата „Скај њуз“ за стравувањата од странско мешање, Фараж ги нарече тврдењата на Дауден „руска лажна вест“.

Тој, исто така, повтори дека случајот со расистичките забелешки за британскиот премиер Риши Сунак дадени од еден од неговите активисти е „стапица“. - Тоа беше само еден трик од почеток до крај“ и „намерен обид да се уништи нашата кампања, рече Фараж. /МИА

Трипуновски: Земјоделците од Овчеполието ќе добијат навремено вода за наводнување

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски денеска е во работна посета на Овчеполието каде што направи увид во количините на вода во системот за наводнување Брегалница.

- Сакам да информирам дека од системот за наводнување Брегалница во општините Свети Николе и Лозово процентуално со вода покриени се:

90% Црнилиште

90% Аџиматово

100% Делисинци

90% Сарамзалино

скоро 100% Лозово.

Наскоро очекувам сите овие места да бидат 100% покриени со вода за наводнување. - изјави Трипуновски.

Трипуновски потенцираше дека со правилна и сериозна работа може да се испорача вода за наводнување до земјоделците и покрај катастрофалната состојба на системите за наводнување.

Исто така во наредните неколку дена вида за наводнување на земјоделските површини ќе има и во останатите места во Овчеполието.

- Во претходните години водата пристигала на крајот од сезоната кога воопшто не е потребно да се наводнува, а сега имаме вода на самиот почеток кога е и најпотребна. Ние вистински се грижиме за македонските земјоделци! - заврши Трипуновски.

притисни ентер