Филипче: Идниот претседател на СДСМ ќе има целосен легитимитет затоа што го црпи од членовите

Во текот на вчерашниот ден, кандидатот за претседател на СДСМ, Венко Филипче ја презентираше својата програма пред членовите во Крушево и во Битола. 

Тој уште еднаш ги повтори заложбите за обединување на партијата и длабока реформа која ќе донесе ефикасно и професионално работење на сите нивоа.

Во своето обраќање, Филипче се осврна на процесот на бирање на претседател и демократизацијата на партијата. Тој рече дека СДСМ е партија која на најдемократски начин бира претседател во легитимен и фер процес.

„Идниот претседател на СДСМ ќе има целосен легитимитет затоа што го црпи од членовите. СДСМ е демократска партија која уште еднаш тоа го потврдува преку организирање на внатрепартиски непосредни избори. Преку 23 илјади гласачи во недела ќе може да изберат кој сакаат да ја води партијата и ги повикувам масовно да го сторат тоа“, рече Филипче.

Тој кампањата ја оцени како фер и демократска и очекува во недела да се заокружи овој процес со легитимен избор на новиот претседател. Филипче уште еднаш се осврна на обединувањето како предуслов за успешно закрепнување на СДСМ и спречување на натамошни поделби.

„Јас останав доследен во ветувањето дека оваа кампања не треба и не смее да биде насочена кон никој од противкандидатите. Тоа само го слабее СДСМ и им дава материјал за напад на политичките противници кои гледаме дека тоа веќе го искористат. Ветив дека ќе се задржам на презентација на мојот концепт и обединувањето како предуслов за секој иден успех на партијата. Кој и да биде избран за претседател не смее понатаму да прави поделби во партијата. СДСМ оствари историски најслаб резултат и понатамошни поделби ќе го доведат опстанокот на партијата во прашање“, истакна Филипче.

Венко Филипче

Гувернерот на Истанбул ја забрани Парадата на гордоста, го затвори центарот на градот

Гувернерот на Истанбул Давут Ѓул денеска ја забрани овогодинешната Парада на гордоста во Истанбул и го затвори центарот на градот.

„Настанот нема да биде одобрен“, соопштија од канцеларијата на гувернерот, без да наведат причина.

„Илегалните групи повикаа на неовластен протестен марш“, се додава во соопштението.

Областа околу централниот плоштад Таксим е затворена за возила, а движењето на пешаците е под контрола. Полицијата претходната вечер веќе постави бариери во центарот на градот.

Активистите повикаа на протести во корист на правата на ЛГБТК лицата.

Владата со години се обидува да го спречи одржувањето на Парадата на гордоста. Минатата година беа приведени голем број лица.

Како што наведуваат локалните медиуми, хомосексуалните односи не се нелегални во Турција, но владините претставници и претседателот Реџеп Таип Ердоган постојано изразуваат отворено непријателство кон ЛГБТК лицата. /МИА

Французите масовно гласаат во првиот круг од парламентарните избори

 Французите денеска масовно излегуваат на првиот круг од вонредните парламентарни избори, што би можело да го отвори патот на екстремната десница да дојде на власт, пренесуваат странските агенции.

Излезноста на гласачите до пладне беше 25,90 отсто, односно повеќе од претходните избори во 2022 година, кога до пладне гласаа 18,43 отсто од граѓаните.

Многу политичари гласаа во нивните области утринава, вклучително и претседателот Емануел Макрон, лидерката на екстремната десница Марин Ле Пен и премиерот Габриел Атал.

Првите резултати од излезните анкети ќе бидат познати околу 20 часот по затворањето на гласачките места.

Според последните анкети, екстремната десница предводена од младиот Жордан Бардела (28) би можела да освои меѓу 35 и 36,5 отсто од гласовите.

На второ место треба да биде левата коалиција, во која радикалната левичарска партија Непокорна Франција е со 27,5 до 29 отсто од гласовите, додека центристичката коалиција на Макрон е на трето место со 20,5 до 21 отсто од гласовите. /МИА

За влез во земјава на „Табановце“ се чека два часа, на останатите премини околу еден час

Зголемена е фреквенцијата на сите гранични премини за влез во земјава, информираат од АМСМ за МИА. 

Најголем интензитет на сообраќај има на Граничниот премин „Табановце“, каде се чека околу два часа, додека на останатите гранични премини од АМСМ велат дека се чека по околу еден час.

Од АМСМ нагласуваат дека зголемен е интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини. Препорачуваат прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

притисни ентер