Иселувањето на висококвалификуваните кадри од Македонија е алармантно и според сите светски организации се наоѓаме на врвот меѓу земјите што ги губат своите таленти, покажува извештајот на ДЗР, според кој од 2013 до 2021 година годишно од земјава во просек се отселувале по 2.500 високообразовани луѓе за чие образование во целиот овој период државата инвестирала околу 725 милиони евра. Македонија се наоѓа во групата топ 20 земји во светот со најголема емиграција во странство, покажуваат податоците за 2020 година на меѓународната органзација за миграција, додека според проценките на Светската Банка, речиси 40 проценти од македонскиот високообразовен кадар ја има напуштено државата.. Меѓу 41 европска земја сме на високото петто место покажува индексот на одлив на мозоци, што според ДЗР е знак дека се соочуваме со сериозен проблем – а Владата изминатава деценија немала јасна стратегија ниту документ за борба против одливот на квалификувани кадри.
Црвениот аларм веќе одамна свети и не постои волшебно стапче со кое за краток период би се решил овој проблем, вели Ангел Димитров од организацијата на работодавачи. Тој смета дека исселувањето не е поттикнато само поради финансиите, туку и од големите недостатоци на системот.
-Затоа и решението ќе биде многу сложено, ние преку ноќ не можеме да направиме владеење на правото или да ги департизираме институциите а ние фактички мораме да им понудиме на младите сигурност дека ако останат овде и инфаструктурата ќе ја подобриме како и условите за стопанисување, бидејќи тие треба да размислуваат за отворање на сопствени бизниси ит ака да ја развиваат домашната економија, за жал тие во моментов ги развиваат странските економии, а ние само сме вложувале во нивото образование,- Ангел Димитров - Претседателот на Собранието на Организацијата на работодавачи.
Проценката, според ДЗР, повикувајќи се на податоци од Обединетите нации, е дека до 2020 година дури 693.900 македонски државјани се отселиле во странство, иако податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека од 2013 до 2022 година се иселиле 7.861 лица, чиј број за три пати се зголемил во последните три години.