Иселувањето на висококвалификуваните кадри од Македонија е алармантно

Исселувањето на висококвалификуваните кадри од Македонија е алармантно и според сите светски организации се наоѓаме на врвот меѓу земјите што ги губат своите таленти, покажува извештајот на ДЗР

Иселувањето на висококвалификуваните кадри од Македонија е алармантно и според сите светски организации се наоѓаме на врвот меѓу земјите што ги губат своите таленти, покажува извештајот на ДЗР, според кој од 2013 до 2021 година годишно од земјава во просек се отселувале по 2.500 високообразовани луѓе за чие образование во целиот овој период државата инвестирала околу 725 милиони евра. Македонија се наоѓа во групата топ 20 земји во светот со најголема емиграција во странство, покажуваат податоците за 2020 година на меѓународната органзација за миграција, додека според проценките на Светската Банка, речиси 40 проценти од македонскиот високообразовен кадар ја има напуштено државата.. Меѓу 41 европска земја сме на високото петто место покажува индексот на одлив на мозоци, што според ДЗР е знак дека се соочуваме со сериозен проблем – а Владата изминатава деценија немала јасна стратегија ниту документ за борба против одливот на квалификувани кадри.

Црвениот аларм веќе одамна свети и не постои волшебно стапче со кое за краток период би се решил овој проблем, вели Ангел Димитров од организацијата на работодавачи. Тој смета дека исселувањето не е поттикнато само поради финансиите, туку и од големите недостатоци на системот.

-Затоа и решението ќе биде многу сложено, ние преку ноќ не можеме да направиме владеење на правото или да ги департизираме институциите а ние фактички мораме да им понудиме на младите сигурност дека ако останат овде и инфаструктурата ќе ја подобриме како и условите за стопанисување, бидејќи тие треба да размислуваат за отворање на сопствени бизниси ит ака да ја развиваат домашната економија, за жал тие во моментов ги развиваат странските економии, а ние само сме вложувале во нивото образование,- Ангел Димитров - Претседателот на Собранието на Организацијата на работодавачи.

Проценката, според ДЗР, повикувајќи се на податоци од Обединетите нации, е дека до 2020 година дури 693.900 македонски државјани се отселиле во странство, иако податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека од 2013 до 2022 година се иселиле 7.861 лица, чиј број за три пати се зголемил во последните три години.

Европската Комисија привремено воведе драстично зголемени царини за електричните возила од Кина

Европската комисија (ЕК) денеска соопшти дека, во согласност со соопштението од јуни, воведе привремени повисоки царини за увоз на електрични возила (ЕВ) од Кина.

Европската комисија (ЕК) денеска соопшти дека, во согласност со соопштението од јуни, воведе привремени повисоки царини за увоз на електрични возила (ЕВ) од Кина, истовремено нагласувајќи дека разговорите со Пекинг за решение на целата ситуација се уште е во тек.

Како што е наведено во соопштението, во иднина за автомобилите BYD ќе се плаќа царина од 17,4 отсто, Geely ќе плаќа 19,9 отсто, а SAIC 37,6 отсто.

Останатите кинески производители на автомобили ќе плаќаат давачки од 20,8 отсто, додека компаниите кои не соработувале во истрагата на ЕУ за субвенции очекуваат царина од 37,6 отсто.

Споредено со однапред објавените стапки на 12 јуни 2024 година, привремените давачки се благо прилагодени надолу врз основа на коментарите за точноста на пресметките поднесени од заинтересираните страни.

Според извештаите, тарифите се воведуваат девет месеци по започнувањето на истрагата за наводните субвенции во Кина, бидејќи ЕК заклучи дека кинеските производители на ЕВ профитираат од неоправданите субвенции, а со тоа им штетат на производителите на електрични возила во Европа.

Консултациите со кинеската влада се интензивирани во последните недели, а контактите со Пекинг продолжуваат на техничко ниво за да се постигне решение кое е компатибилно со правилата на Светската трговска организација, се додава на веб-страницата на ЕК.

Овие привремени царински давачки ќе важат од 5 јули 2024 година за најмногу четири месеци. Во тој рок мора да се донесе конечна одлука за царините со гласање на земјите-членки на Европската унија.

Доколку се изгласаат царините за увоз на кинески електрични автомобили, тие ќе важат во следните пет години.

Семејството на Бајден бара смена на неговите советници поради неуспешната дебата

Членови на семејството на американскиот претседател Џо Бајден, особено неговата сопруга Џил и синот Хантер, ги обвинуваат советниците на американскиот лидер за неговиот катастрофален настап на неодамнешната телевизиска дебата .

Членови на семејството на американскиот претседател Џо Бајден, особено неговата сопруга Џил и синот Хантер, ги обвинуваат советниците на американскиот лидер за неговиот катастрофален настап на неодамнешната телевизиска дебата и бараат нивна смена, јави денеска Ен-би-си (НБЦ), повикувајќи се на неименувани извори.

Членовите на семејството на Бајден се повеќе ја оспоруваат неговата предизборна стратегија и бараат начини за „ревитализација“. Според нив треба да бидат сменети советничката во Белата куќа, Анита Дан и најверојатно нејзиниот сопруг, Боб Бауер, личниот адвокат на претседателот.

Членовите на семејството Бајден почнаа да анализираат што се случило на дебатата веднаш по нејзиното завршување, во обид да откријат кој го преоптовари претседателот со статистика наместо да му дозволи да „зборува од срце“ наведува Ен-би-си.

Следната дебата Бајден - Трамп ќе се одржи на 10 септември.

НАТО испраќа специјален претставник за Украина

НАТО го проширува своето цивилно присуство во Украина.

Како што потврди портпаролот на Алијансата, 32 членки одлучија да испратат специјален пратеник во главниот град на Украина, Киев. Високиот функционер ќе биде таму за да ја координира политичката и практичната помош на НАТО за земјата нападната од Русија. Засега не се знае кој ќе стане специјален пратеник, пишува Дојче веле.

На самитот следната недела во Вашингтон, НАТО сака да сигнализира почеток на подобра координација на испораката на оружје за Киев и обука на украинските војници.

НАТО има официјално претставништво во Киев речиси десет години. Управува и со Канцеларијата за врски и Центарот за информации и документација, кои постојат од крајот на 1990-тите.

Претставништвото на НАТО се грижи, меѓу другото, и за контакти со украинските министерства. Тоа треба да помогне и во политичкиот дијалог и практичната соработка на Украина со Алијансата. Дополнително, претставништвото на НАТО ги советува украинските власти за реформите во безбедносниот и одбранбениот сектор. И за тоа треба да се стави на располагање повеќе персонал.

Координацијата на испораката на оружје и активностите за обука на украинските војници, кои треба да ги преземе НАТО, досега се вршеше под водство на САД. На крајот на 2022 година, тие формираа тим од околу 300 војници наречени Група за безбедносна помош-Украина (SAG-U) во главната команда на американската армија во Европа во Визбаден, Германија. НАТО сега треба да преземе водечка улога таму.

Овој проект на НАТО е секако превентивна одлука во случај Доналд Трамп да се врати во Белата куќа во јануари 2025 година. Изјавите на Трамп во минатото предизвикуваат сомнеж дека САД под негово водство ќе ѝ помогнат на Украина во иста мера во нејзината одбрана од Русија.

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, не ги охрабри сите членки на НАТО да ветат повеќегодишна воена помош за Украина. Во пресрет на самитот во Вашингтон, 32-те членки на Алијансата успеаја само да се договорат во наредната година да обезбедат помош во износ од најмалку 40 милијарди евра. Конкретен договор за тоа кој колку ќе даде не можеше да се постигне, велат извори од НАТО.

Столтенберг првично ги повика сојузниците да ѝ гарантираат на Украина помош од најмалку 40 милијарди евра секоја година. „Станува збор и за тоа да му покажеме на рускиот претседател Владимир Путин дека нема да победи во неговата агресија против Украина“, изјави генералниот секретар на НАТО на крајот на мај на состанокот на министрите за надворешни работи на Алијансата во Прага.

Вашингтон веќе најави испраќање дополнителни средства. Американскиот министер за одбрана Лојд Остин изјави дека неговата земја наскоро ќе ѝ стави на располагање на Украина дополнителна воена помош во вредност од околу 2,3 милијарди долари (околу 2,14 милијарди евра). Пакетот вклучува „дополнителни противвоздушни ракети, противтенковско оружје и важна муниција од залихите на американската војска“.

„Новиот распоред на одредена странска воена помош“ ќе им овозможи на Соединетите држави побрзо да ја стават на располагање муницијата за „Патриот“ и другите системи за воздушна одбрана, објасни Остин во Вашингтон по повод посетата на неговиот украински колега Рустем Умеров на Соединетите Американски Држави.

Од почетокот на руската агресија врз Украина во февруари 2022 година, Соединетите држави ѝ ставија на располагање воена помош во вредност од над 50 милијарди долари за нападнатата земја, објави американското Министерство за одбрана. Откако САД продолжија да доставуваат оружје, украинската армија успеа да ја стабилизира ситуацијата на фронтот долг 1.000 километри, и покрај постојаниот руски притисок.

А руското отворање на нов дел од линијата на фронтот во областа Харков само накратко ја стави украинската армија во тешка позиција. Според медиумите, во меѓувреме Русија истрела само три пати повеќе артилериски гранати од Украина, а не пет пати повеќе од претходно.

притисни ентер