Рај за душата во Чифлик - Канал 5

Рај за душата во Чифлик

Еколошка средина, река во близина, мир и спокој. 

Рај за душата во Чифлик

Ова се причините поради кои некои решиле никогаш да не го напуштат, а други, да изградат викендички во демиркапиското село Чифлик. И едните и другите, за МИА рекоа дека токму овде, е нивниот рај за душата.

Печењето ракија не познава машка и женска работа

Печењето ракија не познава машка и женска работа. Кој е слободен, тој ја вари ракијата. Вака ни рекоа во неколку селски дворови, во кои сопствениците кои поседуваат лозови насади, беа ангажирани околу традиционалното печење ракија. Главно за сопствени потреби, за роднини и пријатели, за дегустирање со мерак, во друштво. Како лек.

Во Чифлик, село на вредни луѓе, покрај мажи, има и жени што прават најубави ракии, а не пијат ракија. Мајстори за ракија, а не пијат ракија. Дури не ни пуштаат ракија, оти за да повлечат од бурето, треба да повлечат од цревото и тогаш сакаш не сакаш, се шмркнува, се пробува од ракијата. Никако не ни беше јасно, како некои жени прават подобра ракија од мажи, ама не ја пијат. Никако не можевме да разбереме како е да печеш ракија, а да не лизнеш барем, да ја пробаш. Та нели треба да се вкуси, де?

Но, има и такви домаќини кои варат и си пијат, крај казанот ги затекнавме со шишенце. Печат пресна и си шмркнуваат од старата ракиичка. Оти таа е поубава, одлежана, што би се рекло. Но, ја пробуваат и новата. Фалбите за тоа чија е најубава, се на масата, по испиени две три чашки. Тогаш се оценува. Кога се дружат роднините, пријателите, комшиите.

– Многу е убав животот тука, сите сакаат да дојдат овде, многумина и викендички направија. Јас од тука не мислам наки да одам. Чист ваздух, тишина. Живееме од земјоделство, одгледуваме главно лозје. Произведуваме домашна ракија. Нашата ракија барем, јас повеќе ја варам. Момчето и синот обично се зафатени со други обврски, па јас главно сум по печењето ракија. Денеска се погоди неработен ден и тие се околу казанот. Сите што ја пробале, велат дека е тоа прекрасна ракија испечена од жена. Да ти кажам каде грешат многу од мажите. Ќе го наакат оѓинот дрва и ќе претече жешка ракијата. Ја на пример постепено сакам, на тихо да си а сварам. Ладна да биде. И зависи колку степени сакаш да си ја извадиш ракијата. Јас на педесет степени обично си ја вадам. Имаме и бела и жта ракија, ни рече 59 годишната Блага Лазова, родена во Демир Капија, омажена во Чифлик, 42 години е жител на селото.

Шеесет и тригодишниот Јордан Лазов е нејзин девер, брат на сопругот. Кажа дека во неговата фамилија мажот ја прави ракијата и милува да дегустира. Печеше ракија и дегустираше со чашка ракиичка. Патлиџанче, солца и ракиичка.

– Си крчка ракиичката. Сопругата е повеќе по стручните работи. А под стручност, се подразбира, мерење на јачината на течноста добиена од грозје. Жената вака или така, секако има улога во производството на ракија, коментираше тој додека ставаше дрва во казанот во дворот.

Ни кажа дека цел живот живее во Чифлик. Порано работел во земјоделско стопанство, сега на 15 јануари ќе оди во пензија.

– Има постојани жители тука, ама намален е бројот, уште ние постарите останавме. Има дваесетина куќи. А има и дваесетина викендички. Убаво е тука, мами природата, реката Дошница. Не само вам, на многумина им се допаѓа куќава изградена во 1964 година од татко ми, од камен сет на рака ископан. Имаме куќа во Демир Капија и таму синот живее, сподели со нас Лазов, додека на раката му ја забележавме тетоважата, испишано ЈНА, спомен од војничките денови.

Пукањето на дрвцата што горат во двата казана во дворот на двајцата браќа, ширејќи магична топлина наоколу, ветуваше дека ќе биде произведена извонредно квалитетна ракија. Уживавме додека фотографиравме наоколу, со желба камерата да го забележи секој интересен момент од нашата посета на Чифлик.

Адет за Бадник

Сестра брата не рани, ама тешко кој ја нема. Откако поразговаравме со браќата Лазови, се запознавме и со нивната сестра која живее во соседството. Поздравувајќи ги домаќините што седеа во дворот, првото нешто што го привлече нашето внимание, беа прекрасните гроздови од сортата „белозимско”. Ги спремаа да ги закачат, за да има со што да се сладат за празниците што следуваат, но и во доцна зима, заедно со најблиските.

– Го бесиме дома во летната кујна, на средна температура, така си стое до кај Божиќ. Ќе дојдат гости, ќе си апнат. За Нова година, Бадник, за Божиќ да има. Зимско грозје. Традиција ни е тоа отсекогаш во семејството и секоја година, обавезно сто кила и кусур си турам. Роден сум 1960 година, баш на Нова година. Тука живеам 40 години. Тука сум населен од село Бесвица, заврза муабет со нас, Дело Тодорчев. А кога неговата сопруга Роска кажа дека е родена во Чифлик, низ целиот подоцнежен разговор го зезавме дека е домазет во селото. Иако не живееле во куќата на неговата избраничка, туку си изградиле своја. Туку, нели велат, од кај ти е жената, од таму си и ти.

Роска, во јануари ќе наполни 62 години. Само една година живеела во Бесвица, целиот живот го минува тука. Иако е се уште млада, за неа во селото се зборува дека е супер бабичка, бидејќи четирите километри до Демир Капија, порано секојдневно ги поминувала со велосипед, а во последно време со мотор. Покрај семејните домашни и земјоделски работи, вработена е во земјоделско стопанство. Ни откри дека преку два дена си меси, во нивната куќа редовно мириса на домашно тазе испечен леб.

– Тие што варат ракија ми се браќа. Сварена ни е и нас ракијата, колку за по дома да имаме, за наши потреби. Двајцата вариме ракија, ама сопругот оти не може, повеќе јас сум по таа работа, рече таа.

Но, Дело не се дава, смеејќи се двајцата со сопругата, додаде дека се знае, оти тој, газдата на куќата, што се вели, прави поубава ракија.

– Јас по мој вкус како сакам така си ја правам, оти она пие само понекогаш, така по некоја капка што би се рекло, коментираше тој.

Седнати во близина на стогодишната липа, можеби и постара, во дворот дегустиравме грозје, лешници, ореви. Бевме воодушевени од големиот број овошни дрвца што ги имаат. Цреша, кајсија, праска, мушмула, мандарина, јапонско јаболко и што ли уште не. Или, што би рекле Тодорчеви, највкусно е тоа што самиот ќе си го произведеш. А споделија со нас и еден адет, што се прави во овој крај, за неродното дрвце, да почне да раѓа плодови.

– Во село Бесвица кога бевме мали, татко ми за време Бадник ќе ја земеше секирата и ќе им се заканеше на дрвцата, ораите. Раѓаш или не раѓаш. Ако не раѓаш, ќе те пресечам. Три пати се изговара заканата . Другата година, ораи колку сакаш. Значи ораите се исплашиле. Ќе раѓаш или да те сечам, ова ќе го слушнете и за други дрвца во овој крај. Некои, по вакви закани родиле и по неколку години неплодност. Ете такво верување се пренесува овде со генерации, раскажуваше Тодорчев.

Како на стари пријатели, тој и неговата сопруга ни открија дека во моментов имаат само една желба, што поскоро да се опорави внукот од ќерка кој имал незгода и апелираа за помош до сите хумани луѓе.

Прошетавме наоколу, извонредна природа, како од уметник насликана. Забележавме дека во селото има, што се вели, од колиби, мали куќички, до хациенди со базени. Има и такви кои дошле и останале постојано да живеат тука. Многу нови викендички. Ги имаат изградено луѓе коишто корените ги влечат, но и од разни други краеви. Од Скопје, Неготино, Кавадарци. Пензионери од Германија. Од странство, наши што си го изработиле своето и сега се враќаат на огништата од своите претци. Гостопримливите мештани беа полни со позитивна енергија. Од нив дознавме дека по течението на реката може човек да си набере тревки од најразлични чаеви. Рипки може да си налови, како мезе со домашна жта, покрај бадемите, лешниците и оревите.

– Многу рипна цената на плацовите, откако почнаа да се прават викендички. Порано, до пред 3-4 години, квадратен метар ниту 5-6 евра не достигнуваше. Можеше и за две евра квадрат место да се најде. Сега, можете да го купите за околу десет евра. Има голем интерес за Чифлик, ни кажаа нашите нови пријатели.

И додека звукот на петли наместо будилник ѕвони во ушите, огинот од казанот шири топлина околу срцето, а капките ракија се слеваат во лонецот како тенок конец, посакуваш да заспиваш и да се будиш во оваа убавина.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Закана со бомба: Авион на „Виз ер“ итно пренасочен кон Венеција

Лет на „Виз ер“ од Прага кон Рим бил пренасочен кон Венеција по добиена закана со бомба, јавуваат италијанските медиуми. Авионот слетал, а полицијата врши проверки.

Закана со бомба: Авион на „Виз ер“ итно пренасочен кон Венеција

Според медиумските извештаи, информацијата за присуство на експлозивна направа во авионот била добиена преку анонимен телефонски повик до контролната кула на аеродромот „Рим-Фјумичино“ – главниот аеродром што го опслужува италијанскиот главен град.

Авионот требало да слета во главниот град во 11:00 часот.

По добиеното предупредување, надлежните одлучиле да го пренасочат леталото кон Венеција, каде што тоа во меѓувреме слета. Полициските служби во моментов вршат увид во авионот и багажот.

Закани со бомби кон авиони над Франција и во Прага

Француската влада денеска соопшти дека се регистрирани четири нови закани со бомби насочени кон авиони што летаат над Франција, додека чешката полиција предупреди на „нова закана“ поврзана со експлозивни направи во неколку авиони што пристигнуваат на аеродромот во Прага или заминуваат од него.

Надлежните ги засилија безбедносните мерки, при што влијанието врз редовното одвивање на сообраќајот е минимално. Не е пронајден експлозив, а истрагата е во тек.

Кабинетот на францускиот министер Себастиен Лекорну соопшти дека сите четири авиони слетале безбедно и дека тимови за деактивирање експлозивни направи вршат безбедносни проверки. Во тек е истрага за да се утврди потеклото на заканите, за кои француската влада наведува дека се пријавени ширум Европа.

Полицијата во Прага преку платформата „X“ објави дека добила пријава за можно присуство на експлозивни направи во неколку авиони што летаат кон и од аеродромот во чешкиот главен град.

Од аеродромот изјавија дека заканите не влијаеле врз работењето и дека биле опфатени најмалку осум летови.

Меѓу нив се летови што пристигнуваат од Данска, Шпанија и Обединетото Кралство, додека заканите кон летовите што заминуваат се однесуваат на дестинации во Холандија, Кипар, Романија, Италија и Обединетото Кралство.

Полицијата во Копенхаген соопшти дека е присутна на аеродромот поради упатените закани.

Според нивните првични проценки, немало опасност за патниците или за другите лица на аеродромот, а истрагата за инцидентот е во тек. Закани упатени кон најмалку 27 авиони низ Европа

Вчера, најмалку 12 европски летови беа цел на закани за поставени бомби, некои авиони беа придружувани од борбени авиони, а два лета беа пренасочени.

Меѓу нив беше и летот од Даблин за Рим, кој беше пренасочен кон Франција.

Во вторникот, најмалку четири лета на „Рајанер“ – на линиите Манчестер–Мурсија, Лисабон–Рим, Даблин–Рим и Даблин–Софија – беа цел на слични закани.

Од почетокот на неделата, најмалку 27 патнички авиони низ Европа беа опфатени со серија закани за поставени бомби.

Извор: Б92

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

ИТ-армијата на Северна Кореја работи и до 19 часа дневно; неисполнувањето на нормите резултира со казнување

Откако ФБИ ги обвини севернокорејските хакери за кражба на 6,3 милијарди долари (приближно 10,8 милијарди КМ) од „Binance“, „Reuters“ разговараше со поединци во Сеул .

ИТ-армијата на Северна Кореја работи и до 19 часа дневно; неисполнувањето на нормите резултира со казнување

Откако ФБИ ги обвини севернокорејските хакери за кражба на 6,3 милијарди долари (приближно 10,8 милијарди КМ) од „Binance“, „Reuters“ разговараше со поединци во Сеул кои следат како Пјонгјанг регрутира и обучува ИТ-кадар – принудувајќи ги да обезбедуваат средства за режимот.

Нападот врз најголемата светска берза за криптовалути, што се случи кон крајот на октомври, претставува најголема кражба во историјата на криптовалутите.

ФБИ го поврза инцидентот со група позната како „TraderTraitor“ – истите актери за кои Бирото смета дека се одговорни за минатогодишната кражба на 1,5 милијарди долари (приближно 2,6 милијарди КМ) од берзата „Bybit“.

Северна Кореја негира каква било поврзаност со нападот. Алек Зебрик, виш менаџер за азиско-пацифичкиот регион во компанијата за блокчејн-аналитика „Chainalysis“, изјави за „Reuters“ дека во светот на сајбер-криминалот, честопати е доволна само една грешка за органите на прогонот да го фатат сторителот. Сепак, тој напоменува дека кај севернокорејските хакери ситуацијата е поинаква.

„Тие се поддржани од државата; го прават ова за режимот. Токму затоа ќе продолжат – без оглед на тоа дали ќе успеат или ќе доживеат неуспех – бидејќи за меѓународната заедница е многу тешко да преземе каква било реална акција против нив“, изјави Зебрик.

На прашањето дали во нападот врз „Бинанс“ (Binance) била користена вештачка интелигенција, тој одговори дека е невозможно да се тврди со сигурност, но напомена дека севернокорејските сајбер-криминалци веќе многу успешно ја користат вештачката интелигенција во своите кампањи.

Режимот во Пјонгјанг со години се фали со своите програмери.

Севернокорејската државна телевизија, KRT, емитуваше документарен филм во кој се прикажува како студенти од Универзитетот за наука, во 2013 година, го освоиле првото место на меѓународен онлајн натпревар по програмирање, организиран од индиската платформа „КодЧеф“ (CodeChef).

Нам Бада, извршен директор на организацијата PSCORE со седиште во Сеул – која се фокусира на човековите права во Северна Кореја – вели дека за многу млади Севернокорејци, ИТ-секторот претставува ретка можност за заработка.

„Постојат многу малку области во кои луѓето можат да заработат толку многу, па затоа голем дел од најбистрите севернокорејски студенти сакаат да студираат ИТ и да работат во таа област“, ​​изјави Нам за Ројтерс. Работа без одмор Според него, севернокорејските ИТ-работници моментално се активни во Кина, Русија, Југоисточна Азија, па дури и во Африка и Монголија, бидејќи овие локации им овозможуваат пристап до интернет.

Тие живеат во посебно одредени простории, се дружат исклучиво меѓусебно и работат од 12 до 16 – а понекогаш дури и 19 – часа дневно, речиси без никакви слободни денови.

На секој од нив му е одредена квота. Парите мора да стигнат на сметката на претпоставениот до крајот или почетокот на месецот; дури тогаш се смета дека целта е исполнета.

Оние што нема да успеат во тоа, вели Нам, се соочуваат со разни казни или јавно понижување – сè со цел нивниот живот да стане неподнослив.

По нападот, Binance објави дека располага со доволни резерви за да покрие 90 отсто од украдените средства и почна да им ги враќа парите на корисниците, ветувајќи дека сите ќе бидат целосно обештетени.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Марта Кос одржа средба со четворица претставници на Студентската листа – нивните имиња не се откриваат

Еврокомесарката за проширување, Марта Кос, во понеделникот во Брисел се сретнала со четворица претставници на Студентската листа од Србија. 

Марта Кос одржа средба со четворица претставници на Студентската листа – нивните имиња не се откриваат

Ова е прв контакт на движењето со високи претставници на Европската Унија по изборната победа во Србија, а разговорите биле насочени кон демократијата и внатрешните политички прашања во земјата, пренесуваат српските медиуми.

Претставниците на Студентската листа оваа недела го одржале својот прв состанок на високо ниво во Брисел, но во фокусот не било подобрувањето на односите со ЕУ, туку внатрешната состојба во Србија.

Можеби ќе ве интересира: ЛДП: Владата со „нема напредок“ доби шлаканица од Брисел, последиците се врз Македонија

– Србија има шанса за нов почеток. Новата Влада на Србија има можност да сврти нова страница, да ги зајакне демократските институции и основните права и да ги преземе неопходните чекори за напредок на патот кон пристапувањето на Србија во ЕУ – изјавила Марта Кос во средата пред пратениците во Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент.

Состанокот се одржал во периодот кога Европската комисија го финализирала извештајот

Кос потврдила дека претходно оваа недела се сретнала со претставниците на Студентската листа, во периодот кога Европската комисија ја завршувала годишната проценка на земјите кандидати за членство во ЕУ.

Извештајот укажува на негативни трендови во областа на основните права и присуство на антиевропска реторика. Сепак, периодот опфатен со извештајот завршил пред изборите, поради што нивните резултати не се земени предвид.

– Се сретнав со претставници на Студентската листа. Разговаравме за многу работи, меѓу другото и за тоа како тие ја гледаат примарната улога на Србија во повторното воспоставување на демократијата во земјата – рекла Кос.

Можеби ќе ве интересира: Челниците на ЕУ ја честитаа победата на Студентска листа, Кос со порака- Србија може да почне ново поглавје

Состанокот бил одржан во понеделникот попладне во Брисел, на покана на Марта Кос. На него присуствувале четворица претставници на Студентската листа, кои ѝ соопштиле на еврокомесарката дека нивниот приоритет е обновување на владеењето на правото и демократијата во Србија – заради европската иднина, но пред сè заради сопствените граѓани.

– Тие во Србија го сакаат истото што Европската Унија го бара од Србија, а тоа значи борба против корупцијата, слободни и независни медиуми, слободно и независно судство, добрососедски односи и, секако, стратешко усогласување со Европската Унија. Подготвени сме да ѝ помогнеме на новата влада да ги спроведе сите неопходни реформи – додала Кос.

Разговорот бил фокусиран на внатрешните прашања, наместо на процесот на проширување на ЕУ, бидејќи нерегуларностите на повеќе избирачки места го одложуваат финализирањето на изборните резултати, а со тоа и формирањето на новата влада.

Студентската листа сè уште треба да ги разјасни своето раководство и плановите за идната влада, поради што делегацијата настапила како група. Европската комисија, според информациите што ги пренесуваат српските медиуми, одбила да потврди кои лица учествувале на состанокот.

Ова е прв разговор на претставници на Студентската листа на високо ниво со функционер на Европската Унија. Според објавениот распоред на состаноци на Европската комисија, тие истиот ден немале средба со ниту еден друг еврокомесар.

Извор: Блиц

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер