Хакиран клучен систем на военото воздухопловство на САД: „Ова е сериозна работа“ - Канал 5

Хакиран клучен систем на военото воздухопловство на САД: „Ова е сериозна работа“

Хакери пробиле важна платформа на военото воздухопловство на САД, изјавија за Ројтерс три лица запознаени со случајот. Инцидентот може потенцијално да загрози огромна количина чувствителни тактички, кадровски и логистички податоци.

Хакиран клучен систем на военото воздухопловство на САД: „Ова е сериозна работа“

Упадот во системот „Cloud One“ бил откриен во текот на изминатиот месец, за време на работи на надградба на системот, наведоа двајца од изворите, додавајќи дека откритието предизвикало пречки во функционирањето на целата платформа. Ројтерс не успеа да го утврди идентитетот на хакерите, целосниот обем на упадот, ниту пак дали навистина биле украдени некакви податоци.

Во изјава за Ројтерс, Военото воздухопловство на САД соопшти дека „не дава коментари за безбедносната состојба, ранливостите или оперативниот статус на конкретни мрежи и системи“. „Континуирано преземаме соодветни мерки за заштита на информациите, системите и оперативните капацитети на Одделот на Военото воздухопловство“, додадоа тие.

Системот обединува податоци за плати, радари и залихи на бомби

Лансиран во 2017 година, „Cloud One“ е дизајниран како централизиран центар за сите ИТ потреби на военото воздухопловство. Тој интегрира ресурси од четири технолошки гиганти – „Microsoft“, „Amazon“, „Oracle“ и „Alphabet“ – за поддршка на десетици апликации, вклучително и оние што се користат за управување со кадровски податоци, плати, логистика и одржување. Меѓу нив се наоѓаат систем за команда и контрола базиран на „cloud“, кој собира податоци од радари за противвоздушна одбрана и други извори низ Северна Америка, како и „Theater Integrated Combat Munitions System“, кој следи бомби и ракети на повеќе од 200 локации на военото воздухопловство на САД ширум светот.

Компанијата „SAIC“ беше главен изведувач за „Cloud One“ до 2025 година, кога договорот го презеде компанијата „Leidos“. Од „SAIC“ не одговорија на барањето за коментар, додека од „Leidos“ упатија прашањата да се адресираат до военото воздухопловство.

„Упад овде е сериозна работа“ – вклучена е и Сајбер-командата

Според два извори, „Cloud One“ е една од најголемите платформи на „cloud“ на американската војска. „Упад овде е сериозна работа“, изјави еден од нив. Истражителите побараа помош од Американската сајбер-команда (U.S. Cyber ​​Command) – воената единица за сајбер-операции – за да помогне во проценката на штетата, наведе еден извор. Од Сајбер-командата не одговорија на барањето за коментар.

Ажурирањата се блокирани, на некои им се одземени администраторските привилегии

Откривањето на хакерскиот упад доведе до низа пречки во работењето. Два извора, како и уште едно лице запознаено со случајот, изјавија дека е запрена миграцијата на административните и заднинските апликации кон „Cloud One“ – проект што долго време е воен приоритет. Исто така, блокирани се и ажурирањата за апликациите што веќе функционираат на платформата „Cloud One“, со што на персоналот на Военото воздухопловство му се оневозможува инсталирање безбедносни закрпи, токму во моментот кога во технолошката индустрија е откриен нов бран сериозни софтверски ранливости. Петти извор наведе дека на одредени корисници им се одземени администраторските права. Сите пет извори дадоа изјави под услов да останат анонимни.

Еден извор изјави дека напаѓачите искористиле софтверска ранливост за да добијат пристап до контролниот систем (control plane). Ова лице го спореди контролниот систем со универзален далечински управувач, бидејќи напаѓачите теоретски би можеле да го искористат тој пристап за да проверат, на пример, оперативната подготвеност на воените авиони или движењето на резервните делови, иако не е јасно дали хакерите навистина го сториле тоа во овој случај. „Ројтерс“ не успеа да утврди која точно ранливост ја искористиле хакерите.

Дел од серија напади врз американски институции

Веста за упадот доаѓа во време на зголемена загриженост поради хакерски напади потпомогнати од вештачка интелигенција – проблем што е особено сериозен за „cloud“ мрежите, бидејќи моделите на вештачка интелигенција можат брзо да откријат слабости во големи делови од системите.

Владата на САД веќе се справува со последиците од најмалку шест други сајбер-инциденти обелоденети неодамна. Меѓу нив се два хакерски напади врз ФБИ, претходен упад во податоците на Пентагон, неодамнешно протекување податоци за персоналот на Министерството за внатрешна безбедност, упад во најмалку две разузнавачки агенции, како и хакерски напад врз Министерството за финансии.

„Cloud One“ долго време е цел на хакери. Во изјава од 2023 година, пренесена од онлајн порталот „FedScoop“, раководството на платформата „Cloud One“ се пофали со, како што наведоа, „100-процентна стапка на успех“ во одбивањето на „огромен“ број обиди за упад. „Кога станува збор за безбедноста, нема простор за грешка“, изјавија тогаш од раководството на платформата.

Извор: Индекс.хр

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Средба на Сиљановска-Давкова со косовската претседателка Јустина Широка-Пула

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, на маргините на Состанокот на лидерите од Процесот Брдо-Бриони во Охрид, се сретна со претседателката на Република Косово, Јустина Широка-Пула.

Средба на Сиљановска-Давкова со косовската претседателка Јустина Широка-Пула

Сиљановска-Давкова истакна дека македонско-косовските односи се пријателски и се одликуваат со отворена комуникација меѓу граѓаните и државните институции, како и со интензивна економска, трговска и културна соработка.

Двете претседателки ја поздравија денешната паритетна машко-женска застапеност, а како професорки ја истакнаа потребата од поширока и поинтензивна соработка во образованието и науката.

Претседателките веруваат дека добрососедството е важен предуслов за просперитет на Западниот Балкан, а во Процесот Брдо-Бриони препознаваат неопходен инструмент за градење меѓусебна доверба и сигурна европска перспектива, соопштуваат од Кабинетот.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Средба на Сиљановска-Давкова со Александар Чупиќ, вршител на должноста претседател на Србија

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, на маргините на Состанокот на лидерите од Процесот Брдо-Бриони во Охрид, се сретна со Александар Чупиќ, вршител на должноста претседател на Република Србија.

Средба на Сиљановска-Давкова со Александар Чупиќ, вршител на должноста претседател на Србија

Најнапред, таа му ја честиташе изборната победа и изборот за претседател на Народното собрание.

За Сиљановска-Давкова, неговото присуство е особено значајно за решавањето на отворените регионални прашања преку политички дијалог заснован врз взаемна почит и разбирање.

Таа изрази увереност дека македонско-српските односи, со оглед на традиционалното пријателство меѓу народите и граѓаните, ќе продолжат со уште позасилено темпо во образованието, науката, културата, туризмот и дигитализацијата.

Чупиќ оцени дека учеството на Процедот „Брдо-Бриони“ во Охрид е порака за значењето на добрососедството и ја поддржа идејата на претседателката за вклучување на млади луѓе на состаноците.

Тој ја поздрави отвореноста на Процесот, којашто, како што истакна, се потврдува и со одржувањето на Самитот во Охрид.

Претседателката ја акцентираше широката и плодна српско-македонска соработка во економијата, посочувајќи дека Србија е меѓу десетте најголеми македонски трговски партнери.

За двајцата професори, образовната, научната и културната соработка се голем предизвик.

Тие, во македонската заедница во Србија и српската заедница кај нас, препознаваат цврст мост на пријателство и зближување на двата народа, соопштуваат од Кабинетот.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер