Ѓорѓиевски: Реконструираме улици во Пинтија кои биле заборавени три децении

Во рамки на роденденската седмица што се одвива во Општина Кисела Вода и во која синоќа беше затворено четиридневното Културно лето, секојдневно се реализираат и поголеми инфраструктурни проекти. 

Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски денеска ја посети населбата Пинтија каде започнува реконструкција на патна инфраструктура на површина од преку 5000 квадратни метри.

Како што соопштија од Општината, станува збор за улиците "Саса 12" и „Јабланица“ со сите нивни краци, улици кои што не биле обновени триесет години.

-Започнуваме со еден поголем проект за реконструкција на улици во Пинтија кои биле заборавени повеќе од три децении. Во периодот што е пред нас ќе работиме на улиците "Саса 12" со сите нејзини краци и на сите краци на улицата "Јабланица". Ќе се врши асфалтирање и поплочување со павер елементи на површина од над 5000 квадратни метри. Како што ветив, патната инфраструктура низ целата општина, до крајот на мојот мандат, а и порано од тоа, ќе биде обновена со што ќе овозможиме одлични услови за одвивање на сообраќајот и ќе го унапредиме квалитетот на живот во сите населби и населени места низ општина Кисела Вода, изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.

Деспотовски и Петровска најавуваат гласност и силен политички ангажман во СДСМ

Дали Централната изборна комисија на СДСМ ќе постапи по некои од поднесените приговори за изборниот процес или Венко Филипче и официјално е потврден за нов претседател на партијата, од СДСМ до овој момент одговор нема. 

Откако вчера претседателката на ЦИК Викторија Аврамовска Мадиќ оцени дека волјата на членовите на СДСМ била јасно и недвосмислено изразена на изборите пред два дена, а забелешките за нерегуларности во процесот не влијале на финалниот резултат, денеска нема информации дали изборниот процес во СДСМ е конечно завршен.

Јован Деспотовски, кој беше еден од кандидатите за нов партиски лидер, и денеска упати критики за изборниот процес. Според него небулозно е како, самата изборна Комисија не ги почитувала партиските акти - во моментот кога соопштила дека избран е претседател, без да ги разгледа приговорите. Сепак, најави дека планира да продолжи со политичкиот ангажман во СДСМ.

„Зошто секој втор што во изминативе 25 дена потрошил дел од своето време и на 40 степени отишол до најблиската општинска организација и поднел барање за да гласа, не гласал или бил таму и го вратиле. Ако сакаме да зборуваме за регуларен процес треба прво да одговориме на ова прашање. Тоа не е прашање зошто треба да му удоволиме на Јован Деспотовски, тоа е прашање за кое немаме луксуз како политичка партија да си дозволи да врати 11 илјади луѓе од процесот на гласање. Луѓето се вознемирени, се јавуваат, тие се таму по 20-30 години. Не може да зборуваме дека работите се во ред кога не се, останувам со мојот политички ангажман таму. - изјави Деспотовски.

Дека ќе остане партиски член и нема да прифати никаква функција во СДСМ, соопшти и пратеничката Славјанка Петровска која се повлече од изборната трка ден пред гласањето поради, како што тврдење изборни нерегуларности и злоупотреби.

Со став за изборите во СДСМ излегоа и некои од поранешните сопартијци. Од партијата на Максим Димитриевски „ЗНАМ“ му го честитаа изборот на Филипче, но оценија дека изборите не биле легитимитни.

И покрај промената на лидерската позиција, за дел од политичките аналитичари состојбите во СДСМ не навестуваат нејзино брзо реформирање, а не ја исклучуваат и можноста за дополнително одлевање на партиски членови.

Филипче најави дека во СДСМ ќе се формира работно тело кое ќе биде в.д раководство на партијата се до октомври кога треба да се конституира новиот Конгрес којшто, како што рече, ќе ги избере новите раководни структури на партијата и ќе се спроведат статутарни измени.

Падна дрво во близина на „Веро Џамбо“

Во близина на „Веро Џамбо“, попладнево падна дрво како резултат на силниот ветер. УХМР сабајлево апелираше за внимание од појава на пороен дожд, грмежи и силен ветер над 70 километри на час.

Од УХМР ппредупредија дека во текот на вечерните и ноќните часови ќе има потреба од внимателност во повеќе региони, како и внимателно движење покрај помалите реки и суводолиците и места каде има опасност од одрони и свлечишта.

– Попладнево и во текот на ноќта на повеќе места ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи. Локално ќе има невреме со интензивен пороен дожд, силен ветер (над 70 km/h) и појава на град. Максималната температура ќе биде во интервал од 27 до 35 степени, информираа од УХМР.

Средба Божиновска – Лорковски, разговарано за носењето на нов закон за енергетика

 Плановите во делот на енергетиката поврзани со производството на електричната енергија беа дел од разговорите меѓу министерката за енергетика Сања Божиновска и директорот на Европскиот секретаријат за енергетика, Артур Лорковски.

Средбата, како што информираат од владината прес служба, се одржала во рамки на неформалниот состанок на земјите членки на Енергетската заедница - Македонија, Србија, Црна Гора, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Грузија, Молдавија и Украина.

На состанокот, се вели во соопштението, биле усогласени правилата за имплементација на интеграцискиот пакет за електрична енергија и оптимизацијата на алокација на прекуграничните капацитети за пренос меѓу земјите. Тоа значи координирана пресметка на цените и движењата со цел пазарот да биде попредвидлив и полесно да се порамнува цената. Исто така било разговарано и за донесување на нов Закон за енергетика, за што на земјата и е даден нов рок до 15 септември.

Божиновска, на состанокот накусо ги објаснила планираните проекти на новоформираното Министерство кое има за цел да го зајакне овој сектор и да ги намали на минимум можностите за корупција или злоупотреби. Токму корупцијата, како што посочила Божиновска, е причина што нема значајни инвестиции во делот на енергетиката. Фокусот на новото Министерство, објаснила таа, ќе биде ставен на капитални инвестиции кои на долг рок ќе значат стабилност во однос на производството на електрична енергија во земјава.

За насоките од Енергетската заедница за земјава и моменталните состојби во однос на секторот енергетика, Лорковски на 8 јули доаѓа да го презентира извештајот пред македонските парламентарци.

притисни ентер