Ахмети: Без ЕУ ќе станеме држава со два народа кои имаат бугарско и албанско државјанство

Според Ахмети, државата сега нема издржани политики со соседите, како со Грците, така со Бугарите.

Демократската унија за интеграција во Тетово одржува седница на генералниот совет, на која партискиот претседател Али Ахмети ги повтори обвинувањата кон ВМРО - ДПМНЕ и претседателот Христијан Мицкоски дека не го почитувале легитимитетот на гласачите Албанци.

Освен тоа, според Ахмети, државата сега нема издржани политики со соседите, како со Грците, така со Бугарите.

- Промена на уставот е неопходна, бидејќи сите граѓани добиваме од тоа во насока на забрзување на нашиот пат кон ЕУ. Секој застој во оваа насока ќе има превисока цена, како што сме ја платиле таа цена со грчката страна, може да платиме висока цена и со бугарска страна. Но, тука цената може да биде уште повисока. Бројот на граѓани со бугарско државјанство расте секој ден. можно е пакетот за членство во ЕУ, ако ние не ги направиме неопходните чекори, тој пакет и да биде изменет, Албанија да ги отвори преговори за членство во ЕУ, а ние да останеме назад и Албанија да стане членка, а ние држава со два народа кои имаат две различни државјанства. Со бугарско и со албанско државјанство, затоа овие пресметки треба долго да се размислат пред да се зборува и да се делува, рече Ахмети.

Во кавадаречко Бохула се поставува фекална канализација, колекторски систем во Бегниште

 Во кавадаречко Бохула се поставува фекална канализација, колекторски систем во Бегниште, соопштија попладнево од кабинетот на градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев.  

- Станува збор за поставување на фекална канализација со комплетно нови шахти во село Бохула, во должина од 520 квадратни метри, а паралелно се работи на колекторскиот систем во село Бегниште и тоа во должина од 800 квадратни метри. Јавното претпријатие ,,Комуналец" Кавадарци заедно со Локалната самоуправа, интензивно работат на подобрување на условите за живеење за граѓаните во руралните средини, информираа од кабинетот на Јанчев.

Оттаму додадоа дека ,,Комуналец" со донација на компанијата ,,ЈА-МИ", работеле на тампонирање на сите критични места на патот Бохула – Радња, со околу 400 кубни метри локален тампон.

Претседателката Сиљановска Давкова ја прими израелската амбасадорка, Симона Франкел

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска ја прими амбасадорката на Државата Израел, Симона Франкел.

На средбата беа разменети мислења за севкупните билатерални односи меѓу двете држави, при што беше оценето дека се карактеризираат со пријателство и меѓусебно разбирање.

Претседателката Сиљановска Давкова го истакна македонскиот интерес за искористување на значајниот потенцијал за понатамошно унапредување на севкупната соработка и важноста од продлабочување на билатералните односи преку конкретна секторска соработка, имајќи ги предвид економските, технолошки и научни капацитети на Израел.

На средбата претседателката Сиљановска Давкова беше информирана за актуелната состојба во Израел по нападите на Хамас од октомври минатата година. Претседателката Сиљановска Давкова истакна дека за сите безбедносни прашања, вклучувајќи го и Блискиот Исток, нашата држава го усогласува својот став со позициите на ЕУ и ги координира своите политики во рамките на заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ и во координација со земјите-членки на НАТО, а се води исклучиво од македонскиот интерес и интересот на македонските граѓани.

Реакција на МАН по заканите врз новинарот Видиновски

Продолжуваат заканите од Бугарија, и тоа од политички активисти кои имаат забранет влез во Македонија.

Последната е против новинарот на Канал 5 Александар Видиновски по објава на неговата репортажа со соговорници, Македонци од Мала Преспа во Албанија, во врска со пописот во Албанија во кој за прв пат се појавуваат како Бугари, и тоа од редовите на граѓани кои на претходните пописи се изјасниле како Македонци.

Според изјавите на Македонците од репортажата на Видновски тоа е резултат на силна бугарска пропаганда во Албанија како и негрижа на државата Македонија за одржување културен идентитет на Македонците во Албанија.

Во својот коментар на репортажата бугарскиот политички активист Виктор Стојанов му се заканува на новинарот Александар Видиновски со кривичен прогон и со притвор. Да потстетиме, спомнатиот активист Виктор Стојанов, политички и финансиски е поддржан од бугарските власти и подолг период е поддржувач на бугарската пропаганда и во Македонија, каде што веќе една година му е забранет влезот во државава.

Заканата со кривичен прогон и притвор за македонскиот новинар Александар Видиновски од Канал 5 воопшто не е само вербална писмена закана затоа што во минатото таквите закани навистина предизвикале и правни последици.

Македонската Асоцијација на новинари, МАН, повикува на поддршка од страна на јавноста но, и на новинарската струка во Македонија, за новинарот Александар Видиновски и телевизијата Канал 5 во одбрана на неговите професионални права и поддршка за крајно професионално однесување во изработка и објава на спомнатата репортажа од Мала Преспа во Албанија.

Воедно, Македонската асоцијација на новинари МАН, во оваа прилика, дава поддршка за ваквите новинарски трудови, најценетите во новинарството, како што се репортажите и аналитичките осврти.

МАН

притисни ентер