Откако вчера претседателката на ЦИК Викторија Аврамовска Мадиќ оцени дека волјата на членовите на СДСМ била јасно и недвосмислено изразена на изборите пред два дена, а забелешките за нерегуларности во процесот не влијале на финалниот резултат, денеска нема информации дали изборниот процес во СДСМ е конечно завршен.
Јован Деспотовски, кој беше еден од кандидатите за нов партиски лидер, и денеска упати критики за изборниот процес. Според него небулозно е како, самата изборна Комисија не ги почитувала партиските акти - во моментот кога соопштила дека избран е претседател, без да ги разгледа приговорите. Сепак, најави дека планира да продолжи со политичкиот ангажман во СДСМ.
„Зошто секој втор што во изминативе 25 дена потрошил дел од своето време и на 40 степени отишол до најблиската општинска организација и поднел барање за да гласа, не гласал или бил таму и го вратиле. Ако сакаме да зборуваме за регуларен процес треба прво да одговориме на ова прашање. Тоа не е прашање зошто треба да му удоволиме на Јован Деспотовски, тоа е прашање за кое немаме луксуз како политичка партија да си дозволи да врати 11 илјади луѓе од процесот на гласање. Луѓето се вознемирени, се јавуваат, тие се таму по 20-30 години. Не може да зборуваме дека работите се во ред кога не се, останувам со мојот политички ангажман таму. - изјави Деспотовски.
Дека ќе остане партиски член и нема да прифати никаква функција во СДСМ, соопшти и пратеничката Славјанка Петровска која се повлече од изборната трка ден пред гласањето поради, како што тврдење изборни нерегуларности и злоупотреби.
Со став за изборите во СДСМ излегоа и некои од поранешните сопартијци. Од партијата на Максим Димитриевски „ЗНАМ“ му го честитаа изборот на Филипче, но оценија дека изборите не биле легитимитни.
И покрај промената на лидерската позиција, за дел од политичките аналитичари состојбите во СДСМ не навестуваат нејзино брзо реформирање, а не ја исклучуваат и можноста за дополнително одлевање на партиски членови.
Филипче најави дека во СДСМ ќе се формира работно тело кое ќе биде в.д раководство на партијата се до октомври кога треба да се конституира новиот Конгрес којшто, како што рече, ќе ги избере новите раководни структури на партијата и ќе се спроведат статутарни измени.