Иран ги отфрли шпекулациите дека соработува со Северна Кореја во врска со нуклеарни прашања

Иранското Министерство за надворешни работи денеска по пристигнувањето на севернокорејската деловна делегација во Техеран, ги отфрли шпекулациите за соработка со Пјонгјанг во врска со нуклеарни прашања.

„Делегацијата, предводена од министерот за надворешни економски односи Јун Јонг Хо, отпатува во иранската престолнина минатата недела на економска конференција. Секоја поврзаност со соработка за нуклеарни прашања е „неоснована“, рече портпаролот на Министерството за надворешни работи, Насер Канаани.

Во Јужна Кореја имаше шпекулации дека за време на посетата може да се разговара за воена соработка меѓу Северна Кореја и Иран.

Двете земји - и двете се соочија со строги меѓународни санкции и изолација на дипломатската сцена поради нивните нуклеарни активности - постојано беа обвинувани за активна соработка, особено во областа на ракетната технологија.

Контроверзната иранска нуклеарна програма е предмет на обновен интерес во последните месеци по избувнувањето на војната во Газа. /МИА

Сиднеј: Тинејџери планирале да купат оружје и да ги напаѓаат Евреите

 Група тинејџери планирале да набават оружје и да нападнат Евреи само неколку дена по нападот врз епископот на Асирската православна црква во Сиднеј, покажа полициската истрага, објавија денеска австралиските локални медиуми.

Петмина тинејџери, на возраст од 14 до 17 години, во четвртокот беа обвинети пред судот во Сиднеј за низа прекршоци, вклучително и заговор за учество или планирање терористички чин.

Полицијата соопшти дека сите тие „се придржувале до религиозно мотивирана, насилна екстремистичка идеологија“ и биле дел од мрежата во која беше и 16-годишно момче обвинето за прободување на епископот на Асирската православна црква Мар Мари Емануел на 15 април.

Според полициските информации доставени до Детскиот суд во Сиднеј, двајцата обвинети разговарале за купување оружје на 19 април, истиот ден кога е обвинет наводниот напаѓач на бискупот, објави весникот News Corp Australia.

Одделот за односи со јавноста на полицијата на Нов Јужен Велс денеска за Асошиетед прес изјави дека не може да ја потврди точноста на извештајот.

Родителите на момчето во интервју за австралиските медиуми изјавиле дека нивниот син бил насилен и дека се сомневаат дека има нарушување од спектарот на аутизам, но додале дека тој не е терорист.

Еј-Би-Си објави дека на нивниот син му се допаѓаат онлајн видеата на основачот на Ал Каеда, Осама бин Ладен, а сликата на профилот на момчето Вотсап е слика на самиот Бин Ладен. /МИА

Стано: Целта на ЕУ е да им помогне на Белград и Приштина да почнат да се однесуваат европски

- Нашата улога како олеснувач во дијалогот меѓу Белград и Приштина е да олесниме, да им помогнеме да станат Европејци и да почнат да се однесуваат на европски начин.

Од досегашното искуство од работата на специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот Белград-Приштина, Мирослав Лајчак, Унијата научи дека ако страните во еден спор не сакаат напредок, никој не може со сила да ги натера на тоа, изјави денеска портпаролот на Европската комисија за надворешни односи и одбранбена политика Петер Стано.

- Нашата улога како олеснувач во дијалогот меѓу Белград и Приштина е да олесниме, да им помогнеме да станат Европејци и да почнат да се однесуваат на европски начин за да најдат компромисни решенија за прашањата кои се важни за нивните граѓани, истакна Стано во одговор на новинарско прашање за оценка на работата на Лајчак, кој од септември заминува на должноста евроамбасадор во Швајцарија.

Според Стано, тоа што Србија и Косово досега не успеаја да постигнат напредок во дијалогот и во имплементацијата на договорените обврски не претставува неуспех на ЕУ или на посредникот Лајчак, туку нивни неуспех да испорачаат.

Стано додаде дека тоа што ЕУ именува специјален претставник за дијалогот е показател за важноста на ова прашање за Унијата и нејзината желба да им помогне на двете страни да остварат напредок на дневна основа.

- Затоа не може да се каже дека досегашните резултати се неуспех на Лајчак. Тој го стори најдоброто што го можеше во името на високиот претставник, во името на ЕУ, со целосна поддршка на сите 27 земји членки. Не е коректно за нешто да се каже дека е неуспех, затоа што двете страни не го потпишаа Охридскиот договор, рече Стано.

Тој додаде дека Охридскиот договор и имплементацијата на останатите договорени одредби е дел од обврските на Србија и Косово поврзани со процесот на нивната евроинтеграција.

-Ако не постигнат напредок во имплементација тие се нанесуваат штета сами на себе, на својата европска иднина и на придобивките што би ги добиле нивните граѓани, додаде Стано.

Во однос на именувањето на наследник на Лајчак, Стано истакна дека за тоа постојат процедури во рамките на ЕУ, но дека засега не може да даде конкретна временска рамка дали и кога би бил именуван нов претставник за дијалогот.

- Можам само да кажам дека до истекот на мандатот на актуелниот претставник Лајчак ќе информираме за нашите идни планови, рече портпаролот на ЕК.

Сепак, според Стано, дури и да не биде именуван нов специјален претставник, тоа не значи дека ЕУ ќе се откаже од својата заложба за да помогне во олеснување на дијалогот меѓу Белград и Приштина.

- Секој олеснувач или посредник ќе ви каже дека нивото на успех зависи од расположението и волјата на страните за компромис. Тоа е нешто што ние го правиме и, повторувам, нема да се откажеме, но можеме да понудиме онолку, колку што тие се подготвени да прифатат, заклучи Стано.

притисни ентер