Утре променливо облачно и потопло време со сончеви периоди - Канал 5

Утре променливо облачно и потопло време со сончеви периоди

Попладнево се измерени 9 степени на Попова Шапка, 12 Маврови Анови, 13 Крушево, 14 Лазарополе, 18 Крива Паланка, Тетово, Претор, Берово.

Утре променливо облачно и потопло време со сончеви периоди

Попладнево се измерени 9 степени на Попова Шапка, 12 Маврови Анови, 13 Крушево, 14 Лазарополе, 18 Крива Паланка, Тетово, Претор, Берово, 19 Охрид, 20 Битола, Прилеп, 21 Скопје-Зајчев Рид, Виница, 22 Скопје-Петровец, Штип, Кавадарци, 23 Демир Капија, 24 Велес, Струмица, Гевгелија.

КОЛИЧИНА НА ВРНЕЖИ за изминатите 9 часа до 17 часот во (l/m2)

8 Крушево, 3 Маврови Анови, 2 Попова Шапка, 1 Берово.

ВРЕМЕТО ДЕНЕС

Претпладне времето беше облачно со повремен локален дожд. Попладнево облачноста постепено се намалува. Дува слаб до умерен ветер претежно од западен и северозападен правец.

ВРЕМЕТО ДО КРАЈОТ НА ДЕНОТ

До крајот на денот ќе преовладува променливо облачно време со услови за слаб локален дожд. Во текот на ноќта ќе биде ведро, а умерено облачно ќе се задржи во западните делови. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен и северозападен правец, поизразан долж Повардарието и во источните делови.

ВРЕМЕТО УТРЕ

Променливо облачно и потопло со сончеви периоди. Попладне ќе има повремен локален слаб дожд и услови за појава на ретки грмежи. Ќе дува слаб до умерен ветер од западен и северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 5 до 12, а максималната ќе достигне од 21 до 27 степени.

Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе се спушти до 9, а максималната ќе достигне до 25 степени.

ВРЕМЕТО ВО НАРЕДНИТЕ ДЕНОВИ

Во текот на новата седмица времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Во попладневните часови ќе има локална појава на нестабилност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Во понеделник и во вторник ќе дува засилен до силен ветер од западен правец, наместа со брзина над 60 km/h. До вторник дневната температура ќе биде во пораст, а од среда во постепено опаѓање, соопштуваат од УХМР.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Џонсон и Џонсон плаќа милијарди поради обвиненија дека нивната талк-пудра е поврзана со рак

Фармацевтската компанија Џонсон и Џонсон понуди огромна исплата за да ги реши десетици илјади тужби во САД, во кои се тврди дека нејзината бебешка пудра и други производи што содржат талк се поврзани со појава на рак на јајниците.

Џонсон и Џонсон плаќа милијарди поради обвиненија дека нивната талк-пудра е поврзана со рак

Компанијата со седиште во Њу Џерси соопшти дека ќе исплати до 4,14 милијарди фунти (5,5 милијарди долари) за да реши околу 76.000 тужби и конечно да стави крај на десетгодишната правна битка која ја оптоварува компанијата.

Сепак, Џонсон и Џонсон ги негира обвиненијата дека производите базирани на талк предизвикувале рак. Компанијата ја промени формулата на својата бебешка пудра, која се користи ширум светот.

Во тужбите се тврдеше дека компанијата уште од 1960-тите години знаела дека нејзините производи содржат влакнести форми на талк, како и тремолит и актинолит, минерали кои се класифицирани како азбест. Компанијата силно ги отфрла овие тврдења.

Тужбите тврдеа дека компанијата со децении го „прикривала“ ризикот за јавноста, бидејќи опасностите не биле наведени на пакувањето. Во Велика Британија, компанијата дури во 2023 година го заменила талкот со пченкарен скроб во својата бебешка пудра.

Во изјава, Ерик Хас наведе дека некои од тужбите „немале научна основа“. Тој рече дека по долгогодишни судски процеси и детални проверки на научните докази, тужителите практично признале дека не можат да докажат директна поврзаност меѓу производите и заболувањата.

„Иако сме уверени дека ќе победевме во понатамошните судски процеси, оваа финансиска спогодба ќе ни овозможи да го оставиме случајот зад нас и да останеме фокусирани на развој на лекови и медицински уреди кои спасуваат животи“, изјавил Хас.

Дали талк-пудрата предизвикува рак?

Талкот е природен минерал составен од магнезиум, силициум и кислород. Сепак, некои природни наоѓалишта на талк можат да содржат азбест. Бидејќи азбестот е познат како канцероген, талк кој содржи азбест може да го зголеми ризикот од рак.

Според британската Национална здравствена служба (NHS), мезотелиомот, кој најчесто се појавува во ткивото околу белите дробови, речиси секогаш е предизвикан од изложеност на азбест.

Експертите предупредуваат дека кога шишето со бебешка пудра се стиска или протресува, во воздухот може да останат „облаци“ од пудра долго време по употребата, што може да доведе до вдишување на честичките.

Портпарол на компанијата Kenvue, подружница на Џонсон и Џонсон, претходно изјави:

„Длабоко сочувствуваме со луѓето кои живеат со рак. Разбираме дека тие и нивните семејства сакаат одговори – затоа фактите се исклучително важни.

Безбедноста на JOHNSON’S® Baby Powder е потврдена со години тестирања од независни и водечки лаборатории, универзитети и здравствени институции во Велика Британија и ширум светот.

Талкот со козметички квалитет што се користеше во JOHNSON’S® Baby Powder ги исполнуваше сите регулаторни стандарди, не содржеше азбест и не предизвикува рак.“

Извор: Лад Бајбл

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Герасимовски: Училиштето „Св. Кирил и Методиј“ добива нова фасада и LED осветлување, помали сметки и подобри услови

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, изврши увид во училиштето „Св. Кирил и Методиј“, каде што се изведува реконструкција на фасадата и замена на целокупното внатрешно осветлување.

Герасимовски: Училиштето „Св. Кирил и Методиј“ добива нова фасада и LED осветлување, помали сметки и подобри услови

Овој капитален зафат, финансиран преку заем од Светска банка, ќе придонесе за значително зголемување на енергетската ефикасност на објектот.

„На 190-годишнината од постоењето на ООУ „Св. Кирил и Методиј“ инвестираме во негова целосна енергетска обнова. Новата енергетски ефикасна фасада и LED осветлувањето ќе придонесат за помали сметки за електрична енергија, подобри услови за учениците и наставниот кадар и поздрава средина.

Во овој период наш приоритет се реконструкциите и санациите во сите училишта во Центар, затоа што вложувањето во образованието е вложување во иднината“, порача Герасимовски.

Реконструкцијата предвидува поставување висококвалитетна камена волна на површина од близу 2.000 квадратни метри, како и поставување стиродур на околу прозорците и вратите, со цел подобрување на топлинската изолација.

Финалниот изглед на училиштето ќе биде заокружен со декоративен малтер и ново колоритно решение. Во рамки на зафатот, сите челични решетки ќе бидат демонтирани, прилагодени, бојадисани и повторно поставени, а на кровот ќе бидат изведени нови лимени опшивки и ветерлајсни.

Паралелно се модернизира и внатрешното осветлување со замена на сите светилки, околу 300, со нови, енергетски ефикасни LED светилки, со што значително ќе се намали потрошувачката на електрична енергија.

Според предвидената динамика, главниот дел од фасадата ќе биде завршен до септември, со цел учениците и наставниот кадар да ја започнат учебната година во подобри услови за работа.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Клековски, Андовски, Перински и Касами со делегација на Светска банка во КБ Тетово

Подготвуваме значајна инвестиција во здравството на полошкиот регион.

Клековски, Андовски, Перински и Касами со делегација на Светска банка во КБ Тетово

Министерот за здравство, д-р Сашо Клековски, заменик-министерот за здравство, Јовица Андовски, директорот на Фондот за здравствено осигурување, Златко Перински, градоначалникот на општина Тетово, Билал Касами, и директорот на Клиничка болница Тетово, д-р Ерзен Елези, заедно со делегација на Светска банка и претставници на Министерството за здравство, денеска ја посетија КБ Тетово.

На посетата беше презентиран концептот за темелна реконструкција, проширување и опремување на болницата. Проценетата вредност на планираната инвестиција изнесува 4,56 милијарди денари, односно приближно 74 милиони евра, додека конечниот финансиски модел ќе биде утврден по завршувањето на потребните анализи и постапки.

Проектот предвидува:

реконструкција и модернизација на хируршкиот и интернистичкиот блок;

изградба на нов павилјон за повеќе медицински дејности;

посебен објект за гинекологија, акушерство и неонатологија;

набавка на современа медицинска опрема и ИТ-системи;

отстранување на дотраените објекти и целосно уредување на болничкиот комплекс.

„Ова е инвестиција во достоинството и сигурноста на пациентите и во подобри услови за здравствените работници. Нашата цел е граѓаните од Тетово и полошкиот регион да добиваат современа и навремена здравствена услуга блиску до местото на живеење“, истакна министерот Клековски.

Инвестицијата е од непосредно значење за околу 251.500 жители на полошкиот регион и треба да овозможи повеќе локално достапни услуги, пократко време на чекање и помалку упатувања во Скопје.

Со претставниците на Светска банка беа разгледани следните чекори: подготовка на физибилити студија, техничка документација, анализа на трошоците и придобивките и дефинирање одржлив модел на финансирање.

Министерството за здравство, заедно со Фондот за здравствено осигурување, општина Тетово и раководството на КБ Тетово, ќе обезбеди координирана подготовка, транспарентност и институционална поддршка во сите фази на проектот.

Модерна КБ Тетово значи посилно регионално здравство и поквалитетна здравствена заштита поблиску до граѓаните.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер