Скандалозно:За Бугарија, Македонците биле проект на Тито!

Скандалозно. „Добрососедството“ на Софија спакувано во документ до членките на Унијата испорачува серија обвинувања до македонската влада пред официјалниот почеток на преговорите.. 

Преку документ наречен објаснувачки меморандум кој Бугарија го испратила до земјите членки на Европската Унија бара нивните ставови за македонскиот идентитет и јазик да станат дел од преговарачката рамка за Македонија и од поглавјето 35. Во документот чии цитати објавија дел од медиумите, Софија обвинува за „етнички и јазичен инженеринг" во Македонија.

„Македонскиот јазик или етничка група не постоеле до 02.08.1944. Нивното создавање е дел од целосната изградба на одделен небугарски идентитет чија цел била да се прекинат врските меѓу населението на тогашната Социјалистичка Република Македонија и Бугарија“, објавува Радио Слободна Европа цитирајќи дел од меморандумот.

Софија, како што пренесува МИА, оценува дека главните отворени прашања помеѓу неа и Скопје се јазикот, заедничката историја и малцинските прашања. И смета дека Унијата не смее да дозволи внес на отворени прашања. Во документот Бугарија бара во документите на Унијата да стои „официјален јазик на Република Северна Македонија“.

Од македонското Министерство за надворешни работи велат се работи за интерни документи на ЕУ за кои македонските власти не се известени и не можат да ја потврдат автентичноста на објавениот меморандум.

Бугарија смета дека македонските историчари се винови што мешовитата комисија нема напредок во работата. Комисијата треба да се состане повторно кон крајот на месецов а на дневен ред се прашањето за Гоце Делчев, Илинден и Втората светска војна. Копреседавачот на комисијата, Драги Ѓоргиев за бугарската тв европа вели дека македонското и бугарското гледиште за Делчев треба да егзистираат паралелно.

,,Ако постои добра волја од двете страни, може да се постигне резултат. Еден начин е „мултиперспективност“. Двете гледишта за Гоце Делчев мора да опстојуваат паралелно. И ова нема да биде пречка тој да се слави на обете страни “, рече проф. Ѓоргиев.

Токму тековните преговори меѓу Софија и Скопје за Делчев беше повод за синоќешниот протест на опозициската ВМРО ДПМНЕ. Дека една земја членка го проблематизира усвојувањето на преговарачката рамка деновиве во интервју откри и германската амбасадорка Анке Холштајн. Германија, која е актуелен претседавач со Унијата, сака првата меѓувладина конференција со што и официјално би почнале преговорите да се случи во декември. Но, претходно е неопходно членките да постигнат согласност за рамката до шести октомври.

Сеад Кочан останува во затвор, врховен суд ја потврди пресудата за “Труст”

Бизнисменот Сеад Кочан останува во затвор, бидејќи Врховниот суд ја потврди одлуката на апелација за случајот “Труст”.

Од највисокиот суд информираа дека одлуката по барањата за вонредно преиспитување на правосилна пресуда, поднесени од бранителите на осудениот Сеад Кочан од Скопје, е донесе вчера.

-Со донесената пресуда Врховниот суд поднесените барања на осудениот ги одби како неосновани и ја потврди пресудата на Апелациониот суд Скопје, информираат од судот.

Бизнисменот веќе една година е во затвор. Во случајот е осуден на 4 години и 8 месеци.

Физичка пресметка во утринските часови во Кичево

 Во раните утрински часови во близина на бензиска пумпа во Кичево бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка меѓу А.В.(17), А.З.(20), двајцата од Кичево и Б.С.(37) од Битола.

По целосно документирање на настанот, ОВР Кичево ќе поднесе соодветна пријава, информира портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.

Тој додаде дека вчера полициски службеници од ОВР Кичево го лишиле од слобода З.Г.(42) од Кичево. При претрес во неговиот дом, извршен со судска наредба, биле пронајдени и одземени семки од растението канабис сатива и марихуана. По целосно документирање на настанот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

Пендаровски на средба со освојувачите на медали на Јуниорската балканска математичка олимпијада

 Претседателот Стево Пендаровски денеска ги прими учениците натпреварувачи на 24-та Јуниорска балканска олимпијада по математика, кои освоија златна, сребрена и две бронзени медали.

Честитајќи им на учениците за овој успех, шефот на државата истакна дека тој и целата македонска јавност со голема радост ја примиле оваа вест, која кај сите предизвика чувство на гордост и на среќа.

– Уживајте во овие моменти и радувајте се. Да се биде победник на Олимпијада е голема работа и сите не направивте горди. Вие сте позитивен пример за сегашните и идните генерации. Вашите медали што гордо и денеска ги носите на градите упатуваат порака до сите млади во нашата држава дека со посветена и напорна работа, со вложен труд, секогаш резултатите доаѓаат, нагласи Пендаровски.

Тој додаде оти нивниот успех покажал дека нема нерешливи задачи, кога кон нив се пристапува тимски и одговорно. Пендаровски им порача дека очекува да продолжат по истата патека, како и дека секогаш со мотивираност, желба и дисциплина можат да се совладаат и најголемите предизвици.

Учениците на средбата ги раскажале импресиите од одржаната Олимпијада, како и периодот на нивните подготовки, кои се одвивале во специфични услови поради Ковид-19.

– Тоа не го намали нашиот ентузијазам и желба за успех. Напротив, тоа не мотивираше дополнително и со поголем елан да работиме и да покажеме дека и во нашата земја се негува љубовта кон математиката, рекоа учениците на средбата.

Од 9 до 13 септември годинава во Грција виртуелно се одржа 24. Јуниорска балканска математичка олимпијада на која нашата екипа, сместена во просториите на Природно-математичкиот факултет во Скопје, се натпреваруваше преку видео-конференциска врска.

Екипата ја сочинуваа Никола Спировски – освојувач на златен медал, Дамјан Давков – освојувач на сребрен медал, Никола Цветаноски – освојувач на бронзен медал, Марија Атанасова – освојувач на бронзен медал, Матеј Гелев, и Емилија Николовска. Водач на тимот беше Делчо Лешковски, а заменик водач Борче Јошевски.

Годинава, на 24-та Јуниорска балканска математичка олимпијада учествуваа десет земји од Балканот и осум држави – гости, а ги опфаќа сите ученици од основното и од средното образование кои до денот на одржувањето не навршиле петнаесет и пол години.

притисни ентер