По воведувањето на економските санкции, руската автомобилска индустрија претрпе голем удар. Западните производители се повлекоа, а домашните останаа на цедило, без потребните делови, технолошка поддршка и логистика.
Руската економија сепак опстана, а автомобилската индустрија беше таа што се покажа како многу издржлива и покрај почетниот драстичен пад. Секако, помогнаа и Кинезите, но и брзата способност за приспособување на новите услови, што изгледа е карактеристично за сите Словени.
Како и да е, „Искра“ е тука како прв нов модел на „АвтоВАЗ“ по долго време. Автомобилот беше претставен деновиве како дел од Меѓународниот економски форум во Санкт Петербург. Малиот седан ќе биде позициониран помеѓу „Гранта“ и „Веста“ во гамата на „Лада“. Користи „модерна глобална платформа“ и според сите сметки, тоа е модел чиј развој започна додека „Рено“ сè уште беше присутен.
Основата, значи, е „CMF-B“ платформата на „Рено“, која е темелно преработена за да може да се произведува самостојно. Во официјалниот извештај тие истакнуваат 400 нови делови, а развојот наводно чинел 23 милијарди рубљи или речиси 250 милиони евра.
„Iskra“ според официјалните фотографии изгледа препознатливо, па дури и допадливо. Ќе се нудат две опции за мотори, 1.6 со 90 и 1.6 со 106 КС, а помоќната опција ќе биде достапна со шестстепен мануелен менувач, како и автоматски.
Сериското производство ќе започне на почетокот на следната година, а цената не е позната. Се очекува стартот да биде помеѓу 7.300 и 12.800 евра. По „Искра“, се очекуваат уште најмалку две каросериски верзии, вклучувајќи и кросовер. Судејќи според моменталната геополитичка ситуација, „Искра“, како и другите Лади, нема да замине во Европа.