Пред Божик, зад Божик, кај да си, дома да си - Канал 5

Пред Божик, зад Божик, кај да си, дома да си

Рождество Христово (Божик)  - празник на радоста и надежта

Пред Божик, зад Божик, кај да си, дома да си

Рождество Христово (Божик) - празник на радоста и надежта

(Именден празнуваат: Богоја, Христо, Божин, Ристо, Христина, Ристана, Ристовка...)

Божик спаѓа меѓу најголемите христијански празници, зашто на тој ден се празнува раѓањето на Спасителот Исус Христос. Колку овој ден е важен за човештвото се гледа и по тоа што тој е земен за клучен датум, односно камен темелник, за пресметување на времето, па така имаме стара и нова ера што значи време пред и по раѓањето на Исус Христос.

Овој празник е наречен и матица на повеќе празници бидејќи да не бил овој празник, што значи да не се родел Исус Христос немало да има ниту негово крштевање, (значи немало да го има празникот Водици), немало да има ниту Распетие и Воскресение (Велигден) ниту Вознесение (Спасовден), немало да постојат ниту празниците Духовден, Преображение, Крстовден итн.

Евангелските текстови сведочат дека римскиот император Август издал заповед да се изврши попис на населението во империјата. Секој требало да биде запишан во градот на своите дедовци. Палестина тогаш била во рамките на Римската империја поради што и праведните Јосиф и Света Дева Марија тргнале од Назарет за да се запишат во Витлеем, бидејќи биле од родот Давидов.

Кога пристигнале во Витлеем за нив немало место во гостилниците и куќите поради тоа што во градот имало многу народ дојден заради пописот. Некои добри луѓе сакајќи да им помогнат ги упатиле во една пештера во близината на градот каде што пастирите во невреме ги засолнувале овците и козите.

Ноќта силна светлина ја исполнила пештерата, но и околните ридови, потоа Света Дева Марија го родила својот Син првенец, го повила и го ставила во јаслите. Силната светлина ги исплашила и пастирите што со своите стада ноќевале на отворено на околните ридови, но веднаш потоа ангелот Господов ги утешил и предупредил јавувајќи им ја радосната вест: „Не бојте се! Еве, ви соопштувам голема радост, која ќе биде за сите луѓе; зашто денеска ви се роди во градот Давидов Спасител, Кој е Христос Господ; и еве ви знак: ќе најдете повиен Младенец како лежи во јасли“.

Веднаш потоа хорот на ангелите ја запеал песната: „Слава на Бога во висините, а на земјата мир и меѓу луѓето добра волја“! (Лука 2/14) Пастирите веднаш отрчале во пештерата каде што ги нашле Марија и Јосифа со Богомладенецот, му се поклониле, а потоа низ градот разгласиле за раѓањето на Спасителот. Веднаш потоа кај првородениот син на Света Дева Марија пристигнале и тројцата мудреци од исток на кои што за раѓањето на Спасителот им соопштила необичната ѕвезда на небото која што и ги довела до пештерата, движејќи се пред нив кога тие оделе и која што стоела кога тие одморале.

„И штом влегоа во куќата, го видоа Младенецот со мајка Му Марија и паднаа, па му се поклонија; а кога ги отворија своите ковчежиња, Му принесоа дарови: злато, ливан и измирна“. (Матеј 2/11) Овие дарови требало да претскажат дека новороденото дете е во истовреме човек (измирната), Бог (ливанот-темјанот) и Цар (златото). Значи пред Богомладенецот најпрвин се поклониле простите пастири и учените мудреци како овоземни жители, но и ангелите од небото што значи дека тој бил предодреден подеднакво да му припаѓа и на небото и на земјата.

Во првите три века не се празнувало раѓањето Христово. Причина за тоа бил христијанскиот поглед на човековиот живот кој не му придавал многу значење на телесното раѓање на човекот туку на неговото духовно раѓање (крштевањето). Поради тоа раѓањето и крштевањето на Исус Христос се празнувало заедно на 6 јануари (19 според новиот календар) Богојавление / Водици, а тоа било ден кога се празнувале повеќе спомени. Подоцна кога човековиот живот почнал повеќе да се цени, се јавила потреба за празнување и на денот на телесното раѓање, а не само на духовното (крштевањето) и на телесната смрт, раѓање за вечен духовен живот. Но и од практични причини се јавила потребата денот на раѓањето на Исус да се празнува одделно од денот на неговото крштевање бидејќи верниците не можеле во исто време да бидат и кај Витлеемската Пештера каде што се празнувало раѓањето, и на реката Јордан каде што се празнувало крштевањето.

По одделувањето од Епифанијата споменот на Христовото раѓање е пренесен на 25 декември (7 јануари според новиот календар). Најстар споменик што зборува за Божик е беседата на Јован Златоуст одржана во Антиохија во втората половина на IV век. Тој појаснува дека за одредување на овој датум се земени два настана: јавувањето на ангелот на Захарија и Благовештението на Богородица.

Денес македонскиот народ со многу внимание го празнува Божик, денот на Христовото раѓање. Обичаите што денес се изведуват се остатоци од минатото, но поголемиот број од нив се исчезнати, а ние денес за нив дознаваме од записите на собирачите на македонски фолклорни и етнографски материјали како што се браќата Миладиновци, К. Шапкарев, Е. Спространов, В. Икономов, М. Цепенков и многу други. Особено од минатото се останати богати обичаи и верувања поврзани со Бадник или Коледе денот што му претходи на Божик.

Истражувачите на овие обичаи истакнуваат дека во почетокот Коледе бил празник поврзан со враќањето на сонцето од јужните напоредници, со раѓањето на новото сонце што значело и раѓање или обнова на животот. Подоцна Христијанската црква овој ден го поврзала со Христовото раѓање. На прекорот дека Христијаните започнале да го празнуваат денот на сонцето исто како и паганите Свети Августин одговарал: „Ние го празнуваме не како неверниците поради сонцето, туку поради оној што го создал сонцето“.

Иако обичаите што се изведуваат на Бадник и Божик во некои детали меѓусебно се разликуваат од регион до регион, па дури и од село до село, сепак во основа се изделуваат неколку заеднички елементи, како што се богатата софра, што се подготвува на Бадник навечер, потоа коледарскиот оган заедно со дрвото Бадник, како и коледицата проследена со многу коледарски песни.

Богатата трпеза со исклучително посна храна: питулици, сарма, грав, компир, риба, зелник, овошје и сл. според верувањето има цел врз принципот на имитативната магија да обезбеди богат род на земјоделските култури. Обичај е по вечерата софрата да не се крева, туку така заедно со храната да остане целата ноќ, а во некои места така останува во текот на трите дена додека се празнува Божик. Ова е поврзано со верувањето дека ноќта ќе дојде Дедо Боже и ќе се нахрани.

Во Кукушко се подготвувала вечера и за Дедо Боже, трпезата се поставувала во дворот, а домаќинот го поканувал: „Повели дедо Боже да вечераме“. На Бадник софрата се става врз слама за спомен на јаслите од Витлеемската пештера во која е роден Исус. Подоцна со оваа слама се врзуваат овошките со верување дека таа ќе ги штити од болести и штетници и дека ќе дадат богат род.

На Бадник во секоја куќа се меси кравајче, пита или погача во која се става сребрена пара. Вечерта кога сите ќе седнат на вечера домаќинот откако ќе се прекрсти и ќе ја благослови трпезата го крши кравајчето на толку делови колку што има членови семејството, оставајќи уште дел за Бога и за куќата. Сите присутни во својот дел од кравајчето ја бараат парата, и оној што ќе ја најде се смета за најсреќниот во годината што претстои. Оној што ќе ја најдел парата ја ставал во грне или чаша со вино од која сите пиеле за здравје и среќа. Парата ја земал тој што ја нашол или му ја давал на домаќинот и за тоа добивал подароци.

Богати обичаи и верувања на Бадник се поврзани со обредниот оган како и со горењето на дрвото наречено Бадник или Бадникојца. Во некои краишта дрвото што се гори е пенушка од даб, во други смрека, а некаде се гори круша горничка (дива круша) зашто се сметало дека таа е најродна, раѓа секоја година. Тоа се правело за да биде и годината родна.

Во врска со палењето на дрвото Бадник и воопшто со коледарскиот оган во науката постојат главно две теории: соларната која се заснова врз принципот на имитативната магија, која тврди дека огнот има цел да го имитира големиот извор на енергија од небото и да обезбеди доволно светлина и топлина за луѓето, но и за стоката и за билките. Примитивниот човек верувал дека на изнемоштеното сонце кое во овој период од годината најмалку е видливо на небото и неговото дејство е со најмал интензитет може да му се помогне со силни огнови од земјата. Според другата исцелителна или очистувачка теорија, пак огновите не се во врска со сонцето, туку со верувањето дека со нив можат да се изгорат сите штетни влијанија, било тие да се од природен или од демонски карактер (болви, вошки, змии, но и болести, вештици, караконџули и сл.).

Во врска со обредните коледарски огнови е и обичајот коледица. И денес како и во минатото и во селата и во градовите во сите краишта на Македонија групи деца палат оган, пеат пригодни песни и одат по куќите каде што добиваат подароци како што се: пари, ореви, костени, јаболка, портокали и др. Една од најпопуларните песни што и сега се пее во овие случаи „Коледе леде“ ја среќаваме и во запис на Г. Бојаџиев, објавена во „Книжици за прочит“ во 1893 година.

Коледе, леде!

паднало греде, утепало деде.

Дедо се мачи, баба го квачи,

со четири јајца гусќини, гусќини!

О, О, коледе!

Во овие песни кои што немаат развиена мелодија, како што е случај со другите лирски песни, туку се скандираат со карактеристични извици на почетокот и на крајот се најавува доаѓањето на Божик, големиот христијански празник, кога се празнува раѓањето Христово. Таков е случајот и со следнава песничка запишана од Марко К. Цепенков:

Збирајте се дечиња, стред село на грејачка,

огон да си палиме, за да се изгреиме,

оти после ќе одиме Коледа да викаме,

костење да збираме, за Бадник да јадиме.

Божик да го чекаме и прасе да јадиме.

Обичаите и песните што се изведуват и пеат на Божик всушност претставуваат продолжение на претходните обичаи и песни поврзани со Бадник. И овие песни ги имаат сите одлики на коледарските песни, радост поради повторното раѓање на сонцето, желба за плодна година. Сепак во однос на претходните коледарски песни особено оние што се пеат покрај коледарскиот оган и во кои доминираат еротски содржини во песните што се пеат на Божик има повеќе елементи од Христијанската религија.

Раѓањето на Исус Христос нашло место и во повеќе други верувања и преданија, а некои истражувачи веруваат дека оттогаш останало коледето, децата да одат по куќите и да го соопштуваат раѓањето на Богомладенецот Исус Христос.

Со Божик е поврзан и обредот Вертеп, еден би рекле, религиозен театар што е познат кај повеќе народи, а кај нас најдолго се задржал во Охрид. Овој подвижен театар поврзан со Рождеството Христово го играле групи од по десетина деца. Две од нив биле статисти што го носеле Вертепот. Вертепот пак било едно сандаче што ја претставувало пештерата во која е роден Исус. Тоа сандаче било покриено со хартија во боја, од едната страна било отворено, внатре било украсено, имало и слама и лелејка, имало направено ликови како Пресвета Богородица, свети Јован Крстител, овци, овчари, поклоници, итн. Меѓу артистите имало и тројца цареви (Ирод, Валтезар и Гашпар) кои говореле одредени текстови претходно научени. Ако во постарите времиња Вертепот бил статички црковен театар што се изведувал во црквите пред верниците, подоцна тој се изведувал по домовите, кафеаните и други места каде што во тоа време, односно, околу Божик, се собирал народот. Вертепот се ставал на маса или друго поиздигнато место за да го гледаат сите. Најпрвин се испевал тропарот „Родество твоје“, а потоа се изведувала драмата. Потоа присутните го дарувале со пари или плодови. И во домовите се изведувала истата драма со постојани монолози и дијалози особено на тројцата цареви, потоа овчарот и другите учесници во обредот. Честопати меѓу вертепчиите настанувале жестоки тепачки, поради што се внимавало тие да не се сретнат. Во Охрид и Струга е забележан малку поинаков обред наречен „Со ѕвезда“, кога ѕвезда направена од картон и украсена се ставала на долг стап или се носела во сито каде што имало и икона со Христосовото раѓање итн. Очигледно обредот Вертеп содржи повеќе елементи на фолклорен театар со текст, лица, глума, облека, реквизити, публика итн.

Во народното верување со Божик започнува периодот од 12-те денови т.н. Некрстени или Погани, а некои ги викаат и Ристосови денови што траат до Водици, период исполнет со многу активности на негативните демони, со религиозен страв и разни магиски заштити. Според народното верување од Божик до Водици кога Исус не бил крстен и леунка била Богородица, разни зли демони како вампири, караконџули, вештици и др. ги изведуваат своите оргии и се обидуваат да му напакостат на човекот. Дури на Водици кога се крштева водата се парализираат и нивните дејствија.

Со Божик е поврзана и пословицата: „Пред Божик, зад Божик кај да си, дома да си“ што има двојно значење: за време на големиот празник треба да се биде во кругот на семејството и тука да се слушне и да се прослави радосната вест за раѓањето на Спасителот, но не е на одмет да се потсети дека во најстудениот период од годината исполнет со снежни вејавици, но и со други опасности сепак најпријатно и најбезбедно е во сопствениот дом....

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Шарлиз Терон пред снимање „жешка“ сцена поставила еден необичен услов (ВИДЕО)

На самиот почеток од својата кариера, Шарлиз Терон ја донесе клучната одлука да сними гола сцена во филмот „Адвокатот на ѓаволот“ дури откако се консултираше со нејзината мајка. 

Шарлиз Терон пред снимање „жешка“ сцена поставила еден необичен услов (ВИДЕО)

Таа беше релативно ново лице во Холивуд во тоа време и сакаше да избегне веднаш да биде етикетирана од индустријата само врз основа на изгледот, ризик со кој веќе се соочи. Списанието Far Out пишува за нејзината рефлексија и одлучувачкото влијание на советите на нејзината мајка.

Почетокот на кариерата и борбата против стереотипите

По нејзината прва голема улога во филмот „2 дена во долината“ од 1996 година, Терон се соочи со она од што најмногу се плашеше. Иако нејзината изведба беше забележителна, маркетиншката кампања и постерот на филмот целосно ја сексуализираа.

Плашејќи се дека ќе биде етикетирана како убавица на почетокот од својата кариера, таа го отпушти својот агент, воедно и човекот што ја откри. Таа беше решена да се докаже како сериозна драмска актерка, па затоа ги одби улогите што ѝ беа понудени во филмови како „Шоугерлс“ или „Вид“.

YouTube video

Можност во „Адвокатот на ѓаволот“

Со оглед на тоа што имаше само 21 година и имаше само неколку улоги зад себе, можноста да глуми покрај Кијану Ривс и Ал Пачино беше премногу добра за да се одбие. Стануваше збор за филмот „Адвокатот на ѓаволот“ во режија на Тејлор Хакфорд, кој го комбинираше жанрот на натприроден хорор и правен трилер. Сепак, една сцена од сценариото ја натера долго и напорно да размисли.

Клучна сцена и мајчински совет

Во филмот, нејзиниот лик, Мери Ан Ломакс, полека го губи разумот под влијание на Џон Милтон (Пачино), кој манипулира со нејзиниот и животот на нејзиниот сопруг Кевин од сенка. Во момент на ментален слом, таа влегува во црквата завиткана само во ќебе. Токму оваа сцена на голотија ја загрижуваше младата актерка.

„Пред да прифатам улога, обично го испраќам сценариото до мајка ми за да го добијам нејзиното мислење и мислењето на мојот очув“, објасни Терон во тоа време. „Мислам дека секоја актерка од која се бара целосно да се голи треба двапати да размисли за тоа. Имав сомнежи за црковната сцена, но мајка ми ми посочи дека црквата е местото каде што мојот лик мораше да побегне во потрага по разбирање.“

Нејзиното двоумење беше природно. Барањето за голотија во само нејзината четврта филмска улога можеше да ги потврди стереотипите што сакаше да ги избегне. Од друга страна, сцената не беше бесмислена, туку претставуваше клучен момент од психолошкиот слом на ликот и не беше вметната само за да ја привлече публиката. По искрена дискусија со нејзината мајка, таа се согласи да ја сними сцената точно како што е напишано.

„Ваквите сугестивни сцени се секогаш најпровокативни и најмоќни за мене“, рече Терон, додавајќи дека тие се значително различни од филмовите во кои сцените со голотија или секс не служат за никаква цел.

Иако Ал Пачино можеби го засени идниот добитник на Оскар со својата театарска изведба на ѓаволот во човечка форма, нејзината изведба беше оценета како втора најдобра во филмот. Тоа не е големо изненадување, со оглед на тоа што главната ѕвезда на постерот беше Кијану Ривс.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Двајца припадници на почесната гарда се струполија пред Макрон додека го пречекуваше претседателот на Словачка (ВИДЕО)

Додека Емануел Макрон го пречекуваше словачкиот претседател Петер Пелегрини, двајца членови на почесната гарда на Елисејската палата се струполија на само неколку чекори од францускиот претседател.

Двајца припадници на почесната гарда се струполија пред Макрон додека го пречекуваше претседателот на Словачка (ВИДЕО)

Двајца членови на почесната гарда на Елисејската палата се струполија до францускиот претседател во среда, додека Емануел Макрон го пречекуваше словачкиот претседател Петер Пелегрини.

Снимките снимени од словачката телевизија покажуваат како еден стражар се затетеравува, го испушта својот меч, а потоа се струполи на земја. Емануел Макрон и неколку други веднаш му се приближија на човекот, кој изгледаше дека ја изгубил свеста.

Потоа францускиот претседател го поздрави Питер Пелегрини, кој се приближуваше кон влезот на палатата, кога друг стражар, овој пат надвор од кадарот, исто така се струполи.

Може да се слушне звукот на мечот на друг стражар како паѓа на земја, а може да се види и реакцијата на Емануел Макрон. Еден човек, за кој се верува дека е зад камерата, прашува: „Што е ова, по ѓаволите?“

Потоа стражарот беше изнесен од персоналот на Елисејската палата.

„Двајцата претрпеа вазовагална синкопа и веднаш беа третирани“, соопшти денеска придружбата на францускиот претседател. „Тие се неповредени и се добро.“

Што е вазовагална синкопа и што ја предизвикува?

Вазовагалната синкопа е краткотрајно губење на свеста предизвикано од ненадеен пад на крвниот притисок и забавување на срцевиот ритам, привремено лишувајќи го мозокот од крв и кислород.

Тоа е најчестата форма на несвестица и обично не е знак на сериозен медицински проблем.

Вазовагалната синкопа може да биде предизвикана од:

• продолжено стоење, особено на едно место;

• високи температури и затнати простори;

• дехидрација;

• силен стрес, страв или емоционален шок;

• болка или исцрпеност.

Лицето обично прво доживува вртоглавица, гадење, слабост, потење и заматен вид, а потоа може накратко да ја изгуби свеста и да се онесвести.

Опоравувањето е обично брзо, особено ако лицето легне и ги крене нозете.

Почесните гарди мора да стојат подолг временски период, често во униформа и под полна опрема, за време на церемонијата. Оваа положба, во комбинација со топлина, замор или несоодветен внес на течности, може да предизвика вазовагална синкопа.

Затоа е можно двајцата мажи да се онесвестиле за време на церемонијата, иако не е сигурно која била непосредната причина во нивниот случај.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Хуманоидните роботи се подготвени за масовен влез во фабриките- до 2035. би се произведувале 1,5 милион годишно

Хуманоидните роботи наскоро би можеле да станат вообичаена глетка во фабриките и магацините, а нивното производство во Соединетите Американски Држави би можело да достигне дури 1,5 милиони единици годишно до 2035 година. 

Хуманоидните роботи се подготвени за масовен влез во фабриките- до 2035. би се произведувале 1,5 милион годишно

Ова го предвидува инвестициската банка JPMorgan, која очекува индустријата за хуманоидна роботика брзо да се развива во текот на следната деценија.

Според анализа објавена од Ројтерс, американското производство на хуманоидни роботи би можело да достигне помеѓу 300.000 и 400.000 единици годишно до 2030 година. Пет години подоцна, тој број би можел да биде речиси четири пати поголем.

Најголема побарувачка се очекува во производството, логистиката и магацините, каде што роботите би можеле да преземат повторувачки рачни задачи. Недостатокот на работна сила и сè поповолните оперативни трошоци дополнително го стимулираат интересот на компаниите за оваа технологија.

JPMorgan проценува дека трошоците за ангажирање хуманоидни роботи веќе се приближуваат до трошоците за човечки труд. Според нивните пресметки, користењето роботи во повеќе смени би можело да им заштеди на некои компании околу 100.000 долари годишно.

Сепак, масовното производство е сè уште далеку од едноставно. Аналитичарите предупредуваат дека роботските раце, актуаторите, системите за вештачка интелигенција и производствениот капацитет претставуваат најголеми пречки за понатамошен развој. Роботите мора сигурно да манипулираат со предмети, да се движат низ сложени средини и да извршуваат задачи без постојана човечка помош.

Повеќето американски производители, со исклучок на Тесла, моментално планираат да произведуваат помеѓу 10.000 и 30.000 хуманоидни роботи годишно. Меѓу компаниите што JPMorgan ги издвојува се Тесла со својот робот Оптимус, Бостон Дајнамикс со својот Атлас, Фигура АИ, Агилити Роботикс и Аптроник.

Се очекува силен раст и на пазарот на компоненти. JPMorgan проценува дека пазарот за клучни делови за хуманоидни роботи, вклучувајќи мотори, актуатори и системи за машински вид, би можел да достигне речиси 30 милијарди долари до 2035 година.

Доколку предвидувањата се остварат, хуманоидните роботи би можеле да станат важен дел од индустриското производство во следната деценија. Сепак, колку брзо ќе преминат од демонстративни видеа до секојдневна работа ќе зависи од нивната сигурност, цена и способноста на производителите да ги произведуваат во големи количини.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер