Италија ги забрани бурките и никабите во училиштата и воведува ограничувања за странските студенти - Канал 5

Италија ги забрани бурките и никабите во училиштата и воведува ограничувања за странските студенти

Италијанската влада донесе уредба со која се забранува носење бурки и никаби во училиштата и се ограничува бројот на ученици со слабо познавање на италијанскиот јазик во поединечни паралелки.

Италија ги забрани бурките и никабите во училиштата и воведува ограничувања за странските студенти

Премиерката Џорџа Мелони ги опиша новите мерки како „разумни алатки што не создаваат поделби, туку всушност помагаат во интеграцијата“.

Во видео објавено на Инстаграм, Мелони ја образложи одлуката. „Прво, забраната за бурки и никаби во училиштата. Да бидеме јасни, не станува збор за марама за глава, туку за облека што го покрива лицето. Во училиште се оди со откриено лице. Никој во Италија, во име на каква било вистинска или наводна традиција, не смее да има право да принудува девојче да се крие“, изјави премиерката.

Забраната се однесува исклучиво на бурка – превез од едно парче што го покрива целото тело и лицето, често со мрежа преку очите – и на никаб, превез што го покрива лицето, но остава отвор за очите. Носењето хиџаб – марама што ја покрива косата, но го остава лицето видливо – и понатаму е дозволено.

Министерот за образование Џузепе Валдитара нагласи дека забраната за никаб и бурка е прашање на родова еднаквост.

Премиерката Мелони додаде дека станува збор и за безбедносно прашање. „Всушност, такви правила постојат во разни европски земји, а ќе ви кажам и повеќе – дури и некои земји со мнозинско муслиманско население ги имаат“, рече таа, како што пренесе Би-би-си.

Уредбата исто така воведува ограничување од 30 проценти за бројот на деца кои немаат италијанско државјанство или имаат слабо познавање на италијанскиот јазик во паралелките од прва година во основните и средните училишта.

Целта, според Мелони, е „да им се даде на овие деца вистинска можност за интеграција“ и да се избегне создавањето на „гето-паралелки“, објасни министерот Валдитара.

Според податоците на истражувачката фондација ISMU, странските државјани сочинуваат 11,6 проценти од учениците во италијанските училишта. Ограничувањето ќе се применува различно во зависност од нивото на образование. Во основните училишта, тоа ќе се однесува на странски државјани кои не се родени во Италија или не посетувале италијанска градинка најмалку две години. Во средните училишта, правилото важи за ученици без италијанско државјанство кои немаат завршено најмалку три години школување во рамките на италијанскиот систем.

Локалните училишни власти ќе имаат обврска порамномерно да ги распоредуваат учениците со слабо познавање на јазикот меѓу блиските училишта. Таму каде што тоа не е можно, ќе се прават исклучоци, но ќе биде задолжителна дополнителна настава по италијански јазик.

Според нацрт-законот за кој известува новинската агенција ANSA, училиштата ќе бидат должни да ги пријавуваат до социјалните служби случаите во кои јазичните бариери на родителите ја попречуваат интеграцијата на детето. На родителите кои не можат да комуницираат со училиштето поради недоволно познавање на јазикот, ќе им бидат понудени бесплатни курсеви по италијански јазик до ниво А2.

Предвидени се санкции за оние што ќе изостануваат од наставата без оправдана причина откако претходно добиле предупредување.

Мерката беше усвоена како уредба со законска сила, што значи дека стапува на сила веднаш, иако Парламентот мора да ја ратификува во рок од 60 дена. Забраната за покривање на лицето во училиштата ќе се применува почнувајќи од учебната 2026/2027 година, додека ограничувањето на бројот на странски студенти ќе стапи на сила од учебната 2027/2028 година.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Трајков: Европската интеграција останува стратешки приоритет

Заменик-министерката за европски прашања, Викторија Трајков синоќа учествуваше на 25. состанок на Мешовитиот парламентарен комитет Македонија- Европска Унија.

Трајков: Европската интеграција останува стратешки приоритет

Во рамки на дискусијата заменик-министерката ги презентираше актуелните процеси и приоритетите на Владата во европската интеграција на земјата, со посебен фокус на реформите, владеењето на правото и исполнувањето на обврските поврзани со пристапниот процес.

„Нашата европска перспектива не е само политичка цел, туку процес кој бара континуирана, координирана и посветена работа од сите институции. Токму ваквиот институционален дијалог со европските партнери е важен за да ги претставиме постигнатите резултати, но и отворено да разговараме за обврските што ни претстојат“, истакна заменик министерката за европски прашања, Викторија Трајков.

Таа порача дека целта на Владата е преку отворен дијалог со европските институции и со Собранието да придонесеме кон забрзување на реформскиот процес и напредокот на Македонија на европскиот пат.

“За Македонија, токму ова е значењето на процесот на европската интеграција: реформи дома, интеграција со Европа и опипливи подобрувања во секојдневниот живот на нашите граѓани. Во исто време, геополитичката средина нè потсетува дека проширувањето не е само економски проект. Посилен, поинтегративен и поотпорен европски континент е сè поважен за нашата заедничка безбедност и стабилност. Западниот Балкан е дел од Европа – географски, историски и стратешки “– нагласи Трајков.

Во рамки на синоќешната сесија се разговарашеза односите меѓу Европската Унија и Македонија, тековните активности во процесот на европска интеграција, како и за клучните реформски области од значење за напредокот на земјата.

Особено внимание во агендата беше посветено на владеењето на правото и борбата против корупцијата, области кои се меѓу значајните теми во процесот на пристапување кон Европската Унија.


Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Дебито на Клоп на германската клупа. Еве како светските медиуми го опишаа неговото враќање

Дебитантскиот натпревар на трофејниот Јирген Клоп на клупата на германската репрезентација во Амстердам заврши без победник.

Дебито на Клоп на германската клупа. Еве како светските медиуми го опишаа неговото враќање

Германија водеше во поголемиот дел од мечот, но голот на Коди Гакпо во судиското надополнување ѝ донесе реми (1:1) на Холандија во натпреварот од Групата 1 на Лигата А во Лигата на нации.

Овој натпревар беше и деби за Чави Ернандез како нов селектор на Холандија, а предизвика и бројни реакции во светските медиуми. Дел од медиумите го насочија вниманието кон однесувањето на Клоп покрај теренот.

Англискиот весник „Телеграф“ истакнува дека тој ги „полни батериите“ откако во јануари 2024 година најави заминување од Ливерпул поради замор.

Весникот го опишува како енергичен тренер кој страсно слави, мавта со рацете и постојано комуницира со играчите во обид да го врати статусот на Германија како фудбалска велесила. „Гардијан“ додава дека Клоп го добил она што го предвидел – „бурно“ деби и борбена игра, но во рамките на еден „чуден, неповрзан и понекогаш вознемирувачки хаотичен натпревар“, кој исто така донесе нова загриженост поради повреди.

Францускиот весник *L'Équipe* го опиша натпреварот како „забавен дуел што потсетуваше на боксерски меч, во кој противниците немилосрдно разменуваа удари“.

Според нивната анализа, секој тим имаше свои рунди и моменти на слабост, а во одредени периоди и двете екипи беа „на работ на нокаут“. *L'Équipe* заклучува дека, доколку победникот се одредуваше на поени, Холандија ќе триумфираше.

Швајцарскиот весник *Blick* го нарече натпреварот „лудо дерби“, истакнувајќи дека тимот на Клоп имал многу среќа, иако на крајот сепак ја испуштил победата.

Повеќето медиуми се согласуваат дека конечниот резултат бил реален одраз на случувањата на натпреварот. Холандскиот весник „AD“ пишува дека поразот за новиот тренер Чави долго време изгледал неизбежен, но дека голот на Гакпо бил „целосно заслужено израмнување“.

„De Telegraaf“ се согласува со тоа, истакнувајќи дека ерата на Чави започнала со „целосно заслужено реми“. Италијанскиот „Corriere dello Sport“ накратко наведува дека „новата ера за двете репрезентации започнала со поделба на пленот“. И шпанските медиуми истакнуваат дека Холандија заслужила повеќе.

„AS“ пишува дека „Клоп го преживеал Чави“ на натпревар на кој домашниот тим требало да победи, но успеал да го совлада голманот Тер Штеген дури во завршницата. „Sport“ додава дека на дебито на Чави „недостасувала само победа“, бидејќи домаќините доминирале и успеале да ги надминат одбраните на Тер Штеген, ВАР-системот и контроверзниот гол на Нмеча.

„Marca“ заклучува дека голот на Гакпо во 92. минута „го разубавил дебито на Чави против Клоп“. Австрискиот „Kronen-Zeitung“ пишува дека „Холанѓаните ја расипале забавата на Клоп“, додека „Le Figaro“ забележува дека „Холандија ја фрустрирала Германија на Клоп“.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Македонска премиера на „Нема да ви се верува што се случи претходно“ на Срѓан Јаниќијевиќ на свеченото затворање на 47. ИФФК „Браќа Манаки“

Со доделувањето на наградите Камера 300 во сите селекции вечерва свечено ќе биде затворено 47. ИФФК „Браќа Манаки“, а дебитантското остварување на режисерот Срѓан Јаниќијевиќ ќе ја има својата македонска премиера на затворањето на фестивалот 

Македонска премиера на „Нема да ви се верува што се случи претходно“ на Срѓан Јаниќијевиќ на свеченото затворање на 47. ИФФК „Браќа Манаки“

Со доделувањето на наградите Камера 300 во сите селекции вечерва свечено ќе биде затворено 47. ИФФК „Браќа Манаки“, а дебитантското остварување на режисерот Срѓан Јаниќијевиќ ќе ја има својата македонска премиера на затворањето на фестивалот вечерва во Битола.

„Нема да ви се верува што се случи претходно“ е политички трилер со елементи на црна комедија, во чиј фокус се борбата за вистината, слободата на новинарството и обидот да се зачуваат личниот и професионалниот интегритет во општество во кое политиката, криминалот и медиумите се длабоко испреплетени.

Сместен во корумпиран режим каде што се појавува компромитирачко видео за автократ, филмот следи двајца новинари во движење - бркани од сенките и од времето. Приказната се одвива без ред, при што времето се искривува повеќе од притисок отколку од стил -каде што вистината е морално двосмислена, а правдата е главно прашање на тајминг. Во свет, во кој, секој има тајни за криење, поседувањето на туѓата тајна претставува нова валута, со која, може да се тргува и обезбеди нечија пропаст. Меѓутоа, во играта со оган, ретко кој останува неизгорен.

Идејата за филмот е на Срѓан Јаниќијевиќ, а сценариото го потпишуваат Сашо Кокаланов и Дејан Дуковски. Главните улоги ги толкуваат Никола Ристановски и Дарја Ризова, а во актерската екипа се и Сашко Коцев, Сара Сандева и Оливер Митковски.

Директор на фотографија е Дејан Димески, монтажер е Mартин Иванов, композитор и автор на музиката е Игор Василев Новоградска, дизајнер на продукција Иван Бартлинг, костимограф Лидија Георгиева, дизајнер на филмска шминка Снежана Ангеловска Живковска, а дизајнер на звук е Дарко Спасовски.

Филмот е финансиран од Агенцијата за филм на Република Северна Македонија. Извршен продуцент е Сашо Пешев, а реализиран е во продукција на „Ново македонско видео“ и „Њу момент“.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер