Полицијата ќе ги засили контролите во локалите за престој и давањето алкохол на малолетници

Тетовската полиција упати апел до сопствениците на локали да не им даваат алкохолни пијалаци на малолетниците, а воедно најави дека ќе се зголеми контролата на оваа појава. 

Целта е да се превенираат или санкционираат евентуални прекршоци од областа на јавниот ред и мир и посебно престојување на малолетници по законски дозволеното време, како и нивно послужување со алкохолни пијалаци.

-Секторот за внатрешни работи Тетово и со апел до сопствениците на угостителски објекти да не им овозможуваат да престојуваат по 24 часот и посебно да не ги послужуваат малолетници со алкохолни пијалаци, зашто тоа претставува кривично дело за кое според член 204 од Кривичниот законик е предвидена парична или затворска казна од три месеци до три години. Доколку, пак, малолетникот е под 14 години, затворската казна се движи од една до пет години, информира Марјан Јосифоски, портпарол на СВР Тетово.

СВР Тетово потсетува дека консумирањето алкохол во поголеми количини, односно оддавањето на пијанство на јавно место е прекршок за кој согласно член 6 од Законот за прекршоци против јавниот ред и мир е предвидена парична глоба од 50 до 150 евра во денарска противвредност.

Голема потрага во Австралија- на момче му се губи трагата откако пливал во поток со крокодили

12-годишно момче е исчезнато на северната територија на Австралија и се сомнева дека било нападнато од крокодил додека пливало во поток, соопшти полицијата.

Полицијата соопшти дека е во тек потрага по момчето во Палумпа, оддалечен град во северната територија, во која што се вклучени и локалните жители, објави Скај њуз.

На северната територија живеат повеќе од 100.000 крокодили, од кои некои се долги и до шест метри.

Сепак, фаталните напади врз луѓето се релативно ретки.

Средба на министерот Муцунски со нерезидентната амбасадорка на Израел, Симона Франкел

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски денеска се сретнал со нерезидентната амбасадорка на Државата Израел, Симона Франкел, соопштија од МНР.

Муцунски на средбата информирал за приоритетите во работата на новата влада со акцент на реформите за забрзување на евроинтегративните процеси на земјата.

Како што стои во соопштението, соговорниците се осврнале на билатералната соработка, начините за нејзино унапредување и натамошно зајакнување на пријателските врски меѓу двете земји.

Министерот Муцунски потенцирал дека остануваме посветени на зачувување на сеќавањето на Холокаустот на Евреите од земјава и нивното историско и културно наследство.

БиХ: Обвинение против 15 лица и шест приватни универзитети поради фалсификување дипломи

Обвинителството на Босна и Херцеговина подигна обвинение против 15 лица и шест приватни универзитети од Мостар, Бања Лука и Брчко, кои се обвинуваат за фалсификување дипломи. 

Според обвинителното соопштение, обвинетите се товарат за здружување за извршување на кривични дела, корупција и незаконска трговија со десетици високообразовни дипломи.

Дипломите се од областа на економија, право, техничко-инженерски науки, здравство и менаџмент.

Обвинителството на БиХ истакнува дека обвиненијата се резултат на опсежна истрага спроведена во соработка со Државната агенција за истраги и заштита (СИПА) во изминатите две години, при што се собрани илјадници материјални докази и се сослушани 130 сведоци, вклучувајќи и членови на академската заедница.

Истрагата утврди дека се издадени најмалку 49 високообразовни дипломи кои ќе се бараат да се поништат согласно законските постапки, бидејќи е утврдено дека тие дипломи се купени, а лицата на кои се издадени не учествувале во наставата.

Дипломите се купувале за сума од неколку илјади евра, што, според обвинителството, предизвикало голема штета на системот на високо образование во земјата.

Меѓу обвинетите се Зоран Калиниќ, ректор на Независниот универзитет од Бања Лука, Драган Илиќ, сопственик на Високата школа за применети и правни науки од Бања Лука, Владимир Стојановиќ, ректор на Универзитетот за модерни науки ЦКМ од Мостар, Драган Ѓурановиќ, ректор на Универзитетот за бизнис менаџмент од Бања Лука, Денис Прачиќ, вработен во Високата школа „Унион“ Мостар како менаџер и на Универзитетот за модерни науки Мостар, Љубиша Тодоровиќ, вработен во Високата школа „Прометеј“ Бања Лука и ЦКМ Универзитетот Мостар.

Обвинети се и Драган Голијан, професор на универзитетот „Victoria International University“ од Мостар, како и Војислав Шкрбиќ, професор емеритус на „ПИМ“ Бања Лука.

Како правни лица обвинети се Независниот универзитет за политички и социјални науки „НУБЛ“ Бања Лука, Високата школа за применети и правни науки „Прометеј“ од Бања Лука, Универзитетот за бизнис инженеринг и менаџмент „ПИМ“ Бања Лука и нивната подружница во Брчко, универзитетот „Victoria International University“ од Мостар, Високата школа „Унион“ од Мостар и Интернационалниот универзитет Брчко.

За време на судењето, кое се очекува наскоро, обвинителите ќе ја докажуваат вината на обвинетите со сведочење на околу 70 сведоци, осум стручни вештаци и повеќе од три илјади материјални докази.

притисни ентер