БиХ: Обвинение против 15 лица и шест приватни универзитети поради фалсификување дипломи - Канал 5

БиХ: Обвинение против 15 лица и шест приватни универзитети поради фалсификување дипломи

Обвинителството на Босна и Херцеговина подигна обвинение против 15 лица и шест приватни универзитети од Мостар, Бања Лука и Брчко, кои се обвинуваат за фалсификување дипломи. 

БиХ: Обвинение против 15 лица и шест приватни универзитети поради фалсификување дипломи

Според обвинителното соопштение, обвинетите се товарат за здружување за извршување на кривични дела, корупција и незаконска трговија со десетици високообразовни дипломи.

Дипломите се од областа на економија, право, техничко-инженерски науки, здравство и менаџмент.

Обвинителството на БиХ истакнува дека обвиненијата се резултат на опсежна истрага спроведена во соработка со Државната агенција за истраги и заштита (СИПА) во изминатите две години, при што се собрани илјадници материјални докази и се сослушани 130 сведоци, вклучувајќи и членови на академската заедница.

Истрагата утврди дека се издадени најмалку 49 високообразовни дипломи кои ќе се бараат да се поништат согласно законските постапки, бидејќи е утврдено дека тие дипломи се купени, а лицата на кои се издадени не учествувале во наставата.

Дипломите се купувале за сума од неколку илјади евра, што, според обвинителството, предизвикало голема штета на системот на високо образование во земјата.

Меѓу обвинетите се Зоран Калиниќ, ректор на Независниот универзитет од Бања Лука, Драган Илиќ, сопственик на Високата школа за применети и правни науки од Бања Лука, Владимир Стојановиќ, ректор на Универзитетот за модерни науки ЦКМ од Мостар, Драган Ѓурановиќ, ректор на Универзитетот за бизнис менаџмент од Бања Лука, Денис Прачиќ, вработен во Високата школа „Унион“ Мостар како менаџер и на Универзитетот за модерни науки Мостар, Љубиша Тодоровиќ, вработен во Високата школа „Прометеј“ Бања Лука и ЦКМ Универзитетот Мостар.

Обвинети се и Драган Голијан, професор на универзитетот „Victoria International University“ од Мостар, како и Војислав Шкрбиќ, професор емеритус на „ПИМ“ Бања Лука.

Како правни лица обвинети се Независниот универзитет за политички и социјални науки „НУБЛ“ Бања Лука, Високата школа за применети и правни науки „Прометеј“ од Бања Лука, Универзитетот за бизнис инженеринг и менаџмент „ПИМ“ Бања Лука и нивната подружница во Брчко, универзитетот „Victoria International University“ од Мостар, Високата школа „Унион“ од Мостар и Интернационалниот универзитет Брчко.

За време на судењето, кое се очекува наскоро, обвинителите ќе ја докажуваат вината на обвинетите со сведочење на околу 70 сведоци, осум стручни вештаци и повеќе од три илјади материјални докази.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Радуков: би бил крајно изненаден ако македонските власти не знаеле за бегството на Михаилова

Не можам да тврдам дека било договорено, но би бил исклучително изненаден доколку македонските власти не знаеле за заминувањето на Ива Михаилова во Бугарија, изјави бугарскиот амбасадор во Скопје, Желјазко Радуков.

Радуков: би бил крајно изненаден ако македонските власти не знаеле за бегството на Михаилова

Не можам да тврдам дека било договорено, но би бил исклучително изненаден доколку македонските власти не знаеле за заминувањето на Ива Михаилова во Бугарија, изјави бугарскиот амбасадор во Скопје, Желјазко Радуков во интервју за бугарската телевизија bTV. Негираше дека знаел за планот за бегство на Михаилова и иако подвлече дека не може да го поддржи начинот на кој таа ја напуштила Македонија, Радуков посочи оти го разбирал нејзиниот очај поради ниската доверба во македонските институции. Тој изрази сомнежи за тоа како Михаилова успеала да ја напушти Македонија набројувајќи ги судските ограничувања, одземените патни исправи и полициските мерки што, според него, постојано биле применувани.

-Нема како да не разбереме дека од неа се бара да има доверба во еден систем, во кој општеството има доверба некаде околу 2 проценти.

... Пред нејзиниот дом редовно имаше униформирана полициска патрола, а и да излезеше ја придружуваа полициски службеници во цивилна облека. И Вие како новинари забележавте дека за време на судските рочишта во Кочани таа споделуваше дека во ноќните часови имало дронови над нејзината куќа. И одеднаш сето тоа, на некаков начин, исчезнува и таа ја преминува границата? Ајде, Ве молам!

Значи нема едно такво излегување од земјата при сите тие превентивни мерки што ги опишавте да остане незабележана од тамошните власти?

Тоа не можам да го тврдам, но би бил исклучително изненаден ако не било усогласено. - Желјазко Радуков - амбасадор на Република Бугарија во Македонија

Ива Михаилова цела недела е во болницата „Пирогов“ во Софија, а според бугарските медиуми таму ќе остане до почетокот на следнава седмица. Од здравствената установа посочуваат дека се прават дополнителни високоспецијализирани испитувања за да се разјасни нејзината здравствена состојба, по што ќе се процени како ќе продолжи нејзиното лекување. Во меѓувреме, претставници од Министерството за здравство утре ќе остварат средба со бугарските здравствени власти и ќе разговараат за случајот, бидејќи нејзиното бегство се случи токму кога беше договорено бугарски лекари да дојдат во Македонија.

Додека Бугарија нема намера да ја екстрадира, македонската Влада нема намера да се откаже од барањето на одговорност за случајот со Ива Михаилова. Иако Бугарија тврди дека нема да ја даде назад, македонските власти велат дека располагаат со механизми и најавија дека околностите околу нејзиното заминување, како и за случајот со бегството на нејзиниот татко ќе бидат презентирани пред партнерите во НАТО и ЕУ.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Пезешкијан: Иран никогаш нема да попушти пред претераните барања на САД

Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан изјави дека Техеран никогаш нема да попушти пред, како што ги нарече, претераните барања на САД и дека ќе продолжи да се спротивставува на американскиот притисок.

Пезешкијан: Иран никогаш нема да попушти пред претераните барања на САД

Пезешкијан ова го порача за време на виртуелен состанок посветен на разгледувањето на кандидатурата на Мехрдад Ахлаги Кетабчи за нов министер за одбрана на Иран, објавија иранските медиуми. Пезешкијан нагласи дека на иран сега, повеќе од кога било, му се потребни стручни кадри и посветени припадници на вооружените сили.Тој повтори дека техеран нема намера да нападне ниту една земја, тврдејќи дека иран не го сторил тоа ниту во изминатите два века.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Зеленски: Русија нè нападна 76 пати откако Трамп најави примирје

Русија десетици пати го нападна енергетскиот сектор на Украина, како и нејзината нафтена и гасна индустрија, изјави денеска украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Зеленски: Русија нè нападна 76 пати откако Трамп најави примирје

Во текот на изминатата недела – откако американскиот претседател Доналд Трамп најави прекин на нападите врз енергетската инфраструктура – ​​Русија десетици пати го нападна енергетскиот сектор на Украина, како и нејзината нафтена и гасна индустрија, изјави денеска украинскиот претседател Володимир Зеленски.

„Откако американскиот претседател пред една недела најави ’енергетско примирје‘, Русија намерно го нападна енергетскиот сектор на Украина и нејзината нафтена и гасна индустрија 76 пати“, напиша Зеленски на социјалната мрежа „X“.

Тој додаде дека во најновите напади биле погодени електрични потстаници во регионите Виница, Житомир, Хмелницки и Одеса.

Ниту Киев, ниту Москва не го потврдија договорот за примирје што го најави Трамп.

Пред една недела, Трамп изјави дека Украина и Русија се договориле за она што тој го нарече „енергетско примирје“.

Во објава на социјалните мрежи, Трамп напиша дека енергетското примирје ќе стапи на сила веднаш, иако не даде дополнителни детали во врска со ова тврдење.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер