По Скопје и Битола, Торонто е град со најмногу Македонци во светот - Канал 5

По Скопје и Битола, Торонто е град со најмногу Македонци во светот

Торонто е најмултикултурен и најкосмополитски град во светот, каде живеат и се интегрирани луѓе од сите краеви на светот.

По Скопје и Битола, Торонто е град со најмногу Македонци во светот

Во главниот град на канадската провинција Онтарио бројни се имигрантските заедници, кои непречено ја негуваат традицијата и културата на земјата од каде потекуваат, а најчесто тоа е преку верските објекти. Речиси да нема кварт во која нема верски објекти, како на најголемите религии, така и на некои помали религиски групи.

Според официјалната статистика од 2021 година во Торонто живеат околу 2,7 милиони луѓе, додека во пошироката област на градот живеат над 11,1 милиони луѓе од сите раси и вери. Додека колку Македонци живеат во Торонто и Канада има различни толкувања. Според пописот од 2021 година во Канада живеат 39.440 лица кои изјавиле дека имаат целосно или делумно македонско потекло, додека за Торонто нема официјални податоци. Но, според здруженијата на македонската дијаспора бројот на Македонци е многу поголем, а Торонто е трет по големина град по Скопје и Битола, каде живеат од 70.000 до 150.000 Македонци.

Реалната бројка најверојатно е многу поголема од официјалната, судејќи по бројот на македонски православни цркви во Канада. Македонската православна епархија за Америка и Канада управува со девет парохии и една монашка заедница во Канада. За доселените Македонци, но и за тие што се родени во странство, првата, но и најцврста поврзаност со татковината е црквата. Македонците кои живеат во источниот дел на Торонто најчесто ја посетуваат црквата Свети Димитрија Солунски во градот Маркам, некогашно предградие на Торонто.

Прво што се забележав во црквата Свети Димитриј Солунски беа иконите. На секоја икона го пишува името на дарителот и неговото семејство, но наведени се селото или градот од каде се доселени. Неделната литургија почна во 10 часот, на која присуствуваа околу 40 луѓе, речиси сите повозрасни. Свештеникот проповедта ја држеше комбинирано на македонски и на англиски јазик. Дури и литургиската книга е печатена на англиски и македонски јазик.

Службата заврши откако попот прочита кој колку долари дал за здравје и за помен на починатите.

Отец Горан Ристески во Канада живее 22 години, прво бил свештеник без парохија, а од 2015 служи во Свети Димитрија Солунски. Запрашан за спорниот број на Македонци, тој истакна дека „во Канада живеат околу 150.000 до 200.000 Македонци, додека во Торонто и околината живеат околу 70.000 до 80.000 Македонци“.

- Само литургијата ја служиме на македонски и англиски јазик, додека венчавките, крштевките, погребите се само на англиски јазик. Не само поради тоа што присуствуваат и луѓе од други националности, туку и поради тоа што втората или третата генерација Македонци родени во Канада не го зборуваат македонскиот јазик, посочи отец Ристески.

Тој истакна дека црквата ја посетуваат голем број верници, но дека поради летниот период на литургијата имаше помалку луѓе.

- Црквата се обидува, како и низ вековите, да ја зачува верата, традицијата, јазикот, а младите Македонци се заинтересирани за сето тоа, но сè зависи од нивното време и обврски. Се обидуваме се што е во наша моќ да ја зачуваме верата, традицијата и јазикот на македонскиот народ. Црквата организира изучување на македонскиот јазик, го негуваме македонскиот фолклор, организираме и играорни групи, истакна Ристески, при тоа упатувајќи апел до родителите да ги насочуваат децата кон верата и традицијата.

Тој наведе дека покрај црковните обреди, црквата за сите поголеми верски празници организира еднодневни или повеќедневни фестивали на кои се послужуваат македонски јадења, се пеат македонски народни, патриотски, но и новокомпонирани песни, настапуваат играорни групи, главно составени од деца, додека тинејџерите се ангажирани како волонтери.

Отец Ристески посочи и дека од овој месец еднаш неделно во црквата Свети Димитрија Солунски ќе се држат часови за изучување на македонскиот јазик. Курсот првенствено е за децата на нашите иселеници, но добредојдени се и повозрасните лица, кои не го говорат македонскиот јазик.

Тој изрази задоволство од заинтересираноста и ангажираноста на македонските бизнисмени во Канада, кои го поддржуваат опстанокот на македонската црква во странство.

Македонците во Канада се доселуваат во повеќе бранови уште од почетокот на 20 век, односно по Илинденското востание. Според Канадската енциклопедија (The Canadian Encyclopedia) „една од најголемите групи небритански доселеници што пристигнале во Канада биле селани од балканските планини, тогаш дел од Турската империја. Овие рани жители (и нивните потомци) себеси се нарекуваат Македонци. Тие зборуваат македонски, словенски јазик, и имаат свои социјални и економски институции, вклучувајќи цркви, братски организации и организации за самопомош, како и претпријатија базирани на заедницата, главно во метрополата Торонто и јужниот регион на Онтарио“.

Според официјалните податоци во 1910 година во Торонто околу 1.090 луѓе се изјасниле како Македонци од регионот на Костур и на Лерин, егејска Македонија. До 1940 година имало над 1.200 македонски семејства. Најголем број Македонци имигрираат во Канада по Втората светска војна и Граѓанската војна во Грција (1947-49). Следниот иселенички бран се случува во 60-тите години од минатиот век и продолжува и денес. На пописот од 2006 година, како Македонци се изјасниле 37.055 луѓе, за по 15 години нивниот број да се зголеми за 2.385.

Без оглед на бројките, Македонците во Канада го негуваат својот идентитет преку верата, културата и активното учество во канадското општество.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Жена со ебола пренесена во Швајцарија, има сомнеж за уште еден случај

Маж, за кој постои сомневање дека е заразен со ебола, пристигна во Швајцарија од Нигерија и е примен во Универзитетската болница во Цирих, потврди денеска портпарол на болницата, пренесува Ројтерс.

Жена со ебола пренесена во Швајцарија, има сомнеж за уште еден случај

Владата на Нигерија претходно соопшти дека жена заразена со ебола – сопруга на швајцарски дипломат – утрово заминала за Швајцарија со специјален лет за медицинска евакуација. Во авионот бил и нејзиниот сопруг. Според веб-страниците за следење летови, авионот пристигнал во Швајцарија попладнево.

Жена пренесена во Женева на лекување

Портпаролот на болницата во Цирих не го откри идентитетот на мажот, но потврди дека една жена е пренесена во Женева на лекување. Властите во Женева одбија да го коментираат случајот, наведувајќи дека швајцарската влада наскоро ќе издаде соопштение со дополнителни детали.

Извор: Индекс.хр

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Дури ни соработката со „Xpeng“ не помага: „Volkswagen“ во криза

Уделот на кинескиот пазар во вкупната добивка на групацијата е намален од речиси 50 отсто на околу 10 отсто, а партнерството со локалниот производител „Xpeng“ сè уште не ги дава очекуваните резултати.

Дури ни соработката со „Xpeng“ не помага: „Volkswagen“ во криза

Со години, Кина беше еден од најважните пазари за „Volkswagen“, но ситуацијата значително се промени.

Уделот на Кина во вкупната добивка на групацијата падна од речиси 50 отсто на околу 10 отсто, а партнерството со кинескиот производител „Xpeng“ сè уште не ги носи очекуваните резултати.

„Volkswagen“ инвестираше 700 милиони долари во „Xpeng“, стекнувајќи удел од 4,99 отсто.

Двете компании развија заедничка електрична и електронска архитектура за нови електрични возила, вклучувајќи ги моделите „ID. Unyx 08“ и „ID. Unyx 09“.

Концептот беше автомобилите да се развиваат и произведуваат во Кина, приспособени за локалните купувачи.

Сепак, продажбата на првиот модел е далеку под предвидувањата. Според податоците објавени од Ројтерс, во периодот од април до август, месечно се продавале во просек само 267 примероци од моделот „ID. Unyx 08“.

Тоа е помалку од десет отсто од првичната цел од 3.622 возила месечно.

Поради овие слаби резултати, „Volkswagen“ ја намали целта за продажба за 2026 година од 32.600 на 12.300 автомобили.

Целта за 2027 година исто така е ревидирана, намалувајќи се од 70.400 на 64.000 возила. Технологијата и продажната мрежа како предизвик

Моделот „ID. Unyx 08“ се одликува со модерен дизајн и богата дигитална опрема. Сепак, според извештаите, тој заостанува зад одредени кинески конкуренти во поглед на технологијата и брзината на полнење.

Продажната мрежа претставува дополнителен предизвик: моделот првенствено се продава преку околу 166 продажни места на „Volkswagen Anhui“, наместо преку значително пошироката мрежа на партнерства со „FAW“ и „SAIC“. Сепак, „Volkswagen“ останува посветен на Кина. Компанијата очекува месечна продажба од најмногу 4.900 примероци од седанот „ID. Unyx 09“, со долгорочна цел до 2034 година да достигне 90.000 возила годишно.

Овој модел ќе им конкурира на возила како што се „Tesla Model 3“ и „Xiaomi SU7“.

Германскиот производител, исто така, ја разгледува можноста за извоз во Европа на возила произведени во Кина.

Сепак, дополнителните царини за автомобилите произведени во Кина би можеле да го отежнат овој план. Поради тоа, како алтернатива се разгледува производство во германските погони, кои моментално работат со капацитет под максимумот.

Извор: Б92

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Брисел го откри планот за Украина

Европската унија подготвува планови за четири земји-кандидати, кои вклучуваат индикативни целни датуми за завршување на преговорите за пристапување.

Брисел го откри планот за Украина

Што се однесува до Украина, како можен временски рамка се споменува крајот на 2029 година, според објава на социјалната мрежа „X“ од Рикард Јозвиак, уредник за Европа во Радио Слободна Европа.

Како што пренесува „Европска правда“, Јозвиак нагласи дека овој датум се однесува на завршувањето на преговорите за пристапување, а не на самиот момент на зачленување во Европската унија.

Според овие индикативни планови, Црна Гора би можела да ги заврши преговорите во текот на 2026 година, додека за Молдавија се споменува временски период од крајот на 2027 до почетокот на 2028 година.

За Украина, крајот на 2029 година првично беше спомнат како индикативен рок за завршување на преговорите за пристапување.

Сепак, Јозвиак подоцна појасни дека, во случајот со Украина и Молдавија, плановите нема да се фокусираат на конечното завршување на преговорите, туку на дефинирање на очекувањата за 2027 година. Попрецизни временски рамки за завршување на преговорите со овие земји ќе бидат утврдени во подоцнежна фаза.

Овие датуми претставуваат индикативни цели, а не гаранција дека преговорите ќе бидат завршени до предвиденото време, ниту пак дека земјите дотогаш ќе станат членки на ЕУ.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер