Нејмар се врати на тренинзите по повредата на натпреварот со Србија

Во првиот натпревар од групната фаза на Мундијалот, Бразил со доминантни 2:0 ја победи Србија, но се повреди најголемата ѕвезда на тимот Нејмар, кој игра на позицијата десет на овој турнир.

Нејмар плачеше при излегувањето од игра, а светот го обиколи фотографија од неговиот отечен скочен зглоб.

Бразилскиот селектор Тите набрзо ги смири навивачите велејќи дека Нејмар ќе ја пропушти само групната фаза, и дека ќе биде подготвен за натпреварите од осминафиналето натаму. Неговото отсуство можеше да се забележи на мечот со Швајцарија, во кој Бразил со мака ја разби одбраната на противникот, како и против Камерун кога беа поразени.

За среќа на поддржувачите на Селесао, најавите на Тите се чини дека се точни и Нејмар навистина ќе се натпреварува за осминафиналето против Јужна Кореја утре, 5 декември, во 20 часот. Тој на својот Инстаграм сподели фотографија од тренингот и со неа го напиша рефренот од песната на Џејмс Браун: „Се чувствувам добро, знаев дека ќе го направам тоа сега“.

Да потсетиме, доколку Бразил ја исфрли Јужна Кореја ќе игра во четврт-финалето против подобрите од Јапонија и Хрватска, кое исто така се игра утре, но од 16 часот. Според обложувалниците, Бразилците пристигнаа во Катар како главни фаворити за златото.

Јаневска: Доцни исплатата на стипендиите

Доцни исплатата на стипендиите,  а на студентите не им се исплатени ниту парите за субвенциониран студентски оброк, се повеќе млади ја напуштаат државата.

Учениците и студентите останаа без поддршка од државата.

Доцни исплатата на ученичките и студентските стипендии. Наместо државата да ги мотивира, но и да им помогне на младите во овие кризни времиња, кога голем дел од семејствата одвај врзуваат крај со крај, тие се оставени да преживуваат како знаат и умеат.

Учениците кои се стекнале со право на стипендија во оваа учебна година, не добиле ниту денар. Од друга страна, резултатите од конкурсот за студентски стипендии за студиската 2022-2023 година уште не се објавени, а кој знае кога ќе им се исплатат парите на оние кои што ќе се најдат на списоците.

Да се спомене уште една од лагите на министерството и Владата – ветија порамнување на износите на стипендиите на старите и новите корисници, но од тоа нема ништо.

Нема пари ниту за субвенциониран студентски оброк, иако беше ветено дека ќе се исплаќа месец за месец. Министерството за образование и наука не може да го исплати износот од 120 денари, а не пак, како што најави да го зголеми тој износ.

И се ова е малку па натаму додаваме. Учениците запишани во Математичката гимназија цела недела губат часови по математички и информатички предмети. Немало средства да им се исплатат платите на професорите.

Тренерите во Спортските академии исто така не држат настава. Не им се продолжени договорите, а и не им се исплатени плати за неколку месеци.

Дали вака државата се грижи за младите? И дали вака државата треба да се грижи за младите? Дали ова е план можеби за принудно иселување од државата на младите? Кој го крои тој план? Ако ги погледнеме податоците колку ученици ја напуштиле земјава во последните неколку месеци, станува јасно дека во иднина никој тука нема да остане и никој во оваа држава не гледа иднина.

Жално. Време е оваа расипничка власт да си оди. Време е за предвремени избори.

Весна Јаневска, претседател на Комисија за образование и наука на ВМРО-ДПМНЕ

Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ

Џаин: Политичките реалности донесоа чувство на итност

Политичките реалности донесоа чувство на итност, но критериумите за членство во ЕУ мора да бидат исполнети.

Цврсто сме посветени на пречекување на Западниот Балкан во европското семејство. Политичките реалности донесоа чувство на итност, но критериумите мора да бидат исполнети. Процесот и понатаму ќе остане ригорозен и затоа ќе мора посветеност, одлучност и национална согласност околу сеопфатната стратешка насока на земјата за членство во ЕУ, изјави амбасадорка на Шведска во земјава, Ами Ларсон Џаин.

Пораката за проширувањето од декемврискиот Самит ЕУ-Западен Балкан во Тирана, посочи Џаин, е кристално јасна – иднината на земјите од Западен Балкан и граѓаните е во ЕУ.

Зборувајќи за приоритетите на шведското претседателство со ЕУ и проширувањето со Западен Балкан на конференцијата „Година на нови можности“, Џаин рече дека тоа доаѓа во време на криза и сериозна закана по европската безбедност, поради руската инвазија на Украина.

Шведската Влада има четири приоритети за претседателството во следните шест месеци – Безбедност и обединетост, конкурентност, зелена и енергетска транзиција и секако владеење на правото и демократските вредности, изјави Џаин.

Земјите членки на ЕУ, посочи Џаин, ја искажаа својата поддршка за Украина и ќе останеме обединети во нашите реакции и покрај Украина, се додека е тоа потребно.

– Усогласеноста со ЕУ во надворешната и безбедносна политика и санкциите против Русија остануваат клучни и Македонија покажа лидерство по ова прашања и тоа навистина го цениме, истакна Џаин.

Безбедносните ситуации на Западен Балкан се особено важни за шведското претседателство, бидејќи, како што Џаин, тие се важни и за ЕУ и за самиот регион.

Поради непредвидени трошоци „Филипс“ отпушта 6.000 вработени

Холандската компанија Филипс ќе отпушти околу 6.000 лица, што е осум отсто од вкупниот број вработени, поради непредвидени трошоци кои произлегуваат од повлекувањето од пазарот на медицинско помагало за лекување на проблеми со спиењето.

Според Блумберг, половина од планираните отпуштања ќе бидат спроведени оваа година.

Извршниот директор на компанијата Рој Џејкобс рече дека тоа е значајна мерка што мора да се преземе поради зголемените трошоци на компанијата.

Повлекувањето на медицинскиот апарат за терапија со спиење почна во јуни 2021 година, откако истражувањата покажаа дека постои врска помеѓу апаратот и појавата на рак и на респираторни проблеми.

Тестовите кои ги спроведе Филипс покажаа дека нивните производи, сега повлечени од пазарот, веројатно не би му наштетиле на здравјето на пациентите, а Џејкобс, кој го замени долгогодишниот извршен директор Франс ван Хаутен во октомври, рече дека се надева дека ќе добие повеќе детали за влијанието во однос на каква било потенцијална штета во втората половина од годината .

-Кога ќе ги имаме тие информации, веднаш ќе ги објавиме. Ќе се обидеме да вложиме максимални напори за да го најдеме најдоброто решение, рече тој.

Со најновите отпуштања, Филипс им се придружи на се поголемиот број производители кои ги намалуваат трошоците за да се справат со превирањата во синџирот на снабдување и инфлацијата.

притисни ентер