Надлежните бараат решение, по зголемениот број на пријави за змии во државата

Во Македонија нема лиценцирани заловувачи на змии, и решавањето на проблемот со овие влекачи, останува на добрата волја на неколкумина вработени од Зоолошката градина од Скопје и пожарникарите.

Поради тоа, ЦУК заедно со повеќе институции, во наредниот период ќе работи на системско решение за да нема зачестено појавување на змии, особено во градските средини.

Првиот човек на Центарот, Стојанче Ангелов упати смирувачки пораки до граѓаните во врска со змиите, кои во неколку наврати беа забележани низ градските подрачја.

Ангелов ги повика и дел од општините да придонесат надминување на проблемот со нивните капацитети.

Дел од општините пак спроведуваат акции за заштита од влекачите. Од Општина Карпош информираа дека продолжиле со поставувањето на „репелент“, средство против змиите, во близина на детските игралишта и околните училишта.

Пред две недели холандски турист беше каснат од змија во Охрид, и со противотров спасен во дебарската болница. Првите случаи во Скопје пак беа регистрирани минатата недела - едниот во центар за обука во Идризово, додека пак другиот во близина на кафеана покрај Вардар.

Божиновска потврди дека имала бугарско државјанство но дека постапката за отпуст е финализиранa

Дали министерката во новоформираното Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска во официјалната биографија доставена до Собранието сокрила дека покрај македонско, има и бугарско државјанство ? 

Ова прашање се отвори откако „360 степени“ објави дека Божиновска додека била директорка на филијалата на компанијата „Руднап“ во Загреб употребувала бугарски пасош, но и дека лани побарала отпуст од бугарското државјанство чија процедура се уште не е завршена.

Информацијата за бугарското државјнаство за Канал 5 ја потврди министерката Божиновска, која во писмен одговор вели дека не го навела во официјалната биографија од причини што постапката за стекнување отпуст од истото е финализирана, а пасошот со кој располагала веќе бил истечен, без да прецизира дали веќе добила решение за отпуст од бугарската Влада. Таа во одговорот напоменува дека по истекот на пасошот, не поднела барање за негова обнова, а бугарското државјанство вели го поседувала неколку години исклучиво поради нејзините деловни активности во ЕУ.

- „ Не сметам дека фактот што некогаш сум поседувала бугарска патна исправа/државјанство може да е спорен од етички аспект, бидејќи јас и тогаш, а и сега се чувствувам само како Македонка. Идентитетското оспорување на Македонија од страна на Бугарија сметам дека е погрешна и контрапродуктивна политика, која за жал штети на натамошното унапредување на односите меѓу двете држави и се надевам дека во претстојаниот период ќе бидат создадени услови овие прашања еднаш засекогаш да се надминат, а Македонија и Бугарија да се фокусираат на реалната соработка каде несомнено спаѓа и енергетиката. “ – вели министерката за Канал 5.

Според 360 степени Божиновска поседува и чешко државјанство, но и тоа не е наведено во официјалната биографија, во која пишува дека е родена во Скопје, а во графата националност декларирала „македонска“, а во јазиците кои ги зборува наведени се македонскиот како мајчин, а останатите се англиски, чешки, српски и шпански.

Од новиот владин кабинет во доставените биографии само министерот кој треба да биде одговорен за политики за добро владеење, Арбен Фетаи, декларирал дека покрај македонско, поседува и белгиско државјанство.

Единствениот реформски кандидат води на претседателските избори во Иран

Единствениот реформски кандидат на претседателските избори во Иран е во водство при преброени повеќе од 14 милиони гласачки ливчиња по вчерашното гласање, објави иранската државна телевизија.

Реформаторот Масуд Пезешкијан во оваа фаза доби 5,9 милиони гласови, додека неговиот противник Саид Џалили доби 5,5 милиони гласови.

Засега нема податоци за излезноста на гласачите.

Другите двајца кандидати, парламентарниот спикер Мохамед Багер Галибаф и шиитскиот свештеник Мостафа Пурмохамади, во оваа фаза добија 1,89 милиони и 111.900 гласови.

Гласачите имаа избор меѓу тројца тврдокорни (хардлајнери) и еден реформист, кој е кардиохирург. На жените не им беше дозволено да се кандидираат за функцијата.

До гласањето дојде откако претседателот Ебрахим Раиси загина во хеликоптерска несреќа заедно со неколку други официјални лица во мај. /МИА

На денешен ден

29 јуни 

1798.- Во Реинати е роден Џакомо Леопарди, еден од најголемите италијански поети. Неговата поезија е израз на неговиот песимистички став кон човековото битисување. Во стих и во проза, тој создал силен и помодерен јазичен израз. Главни негови дела се „Песни“ и „Дијалози и есеи“. Умрел во Неапол, на 14 јуни 1837 година.

1877.- Во селото Стричиќи, кај Бања Лука, е роден Петар Кочиќ, еден од најистакнатите писатели на српскиот реализам. Пишувал песни, проза и сатира. Во сатирата остро ги критикува состојбите во босанското село под австриска окупација. Меѓу неговите дела најпознати се „Јазовец пред суд“, „Суданија“ и други. Умрел во Белград, на 27 август 1916 година.

1880.- Франција го анектирала пацифичкиот остров Отахеит, сега познат како Тахити, француски протекторат од 1842 година. Сега е во составот на Француска Полинезија - француска прекуморска територија.

1886.- Роден е францускиот државник и финансиски стручњак Робер Шуман, творец на „Шумановиот план“ во 1950 година, врз основа на кој во 1952 година Белгија, Холандија, Луксембург, Западна Германија, Италија и Франција ја основале Европската заедница за јаглен и челик, претходничка на сегашната Европска унија. Бил министер за финансии во 1946, а претседател на владата од 1947 до 1948 година, потоа шеф на дипломатијата од 1948 до 1953 година и министер за правда од 1955 до 1956 година.

1900.- Роден е францускиот писател Антоан Мари Роже де Сент Егзипери, автор на „Малиот принц“, еден од најубавите детски романи во светската литература. Дела: „Пошта за Југ“, „Земја на луѓе“, „Воен пилот“.

1914.- Роден е чешкиот диригент и композитор Рафаел Јероним Кубелик, кој веќе на 20-годишна возраст диригирал со Чешката филхармонија. Дела: две симфонии, концерт за виолина и оркестар, концерт за виолончело и оркестар, концертино за флаута и камерен оркестар, фантазија за виолина и оркестар, гудачки квартет, соната за виолина и клавир, операта „Вероника“, кантатата "Pro memoria patris", соло песни.

1917.- Кралството Грција ги раскинало односите со Централните сили и застанало на страната на Антантата. На таа одлука и претходело истоварувањето на сојузничките трупи, што го забрзало падот на прогерманската влада во Атина.

1939.- Извршен бил првиот комерцијален лет преку Атлантикот. Авионот „Диск Клипер“ долетал од САД на аеродромот во Лисабон, Португалија.

1941.- Умрел полскиот државник, пијанист и композитор Игнац Јан Падеревски, професор на Конзерваториумот во Варшава, кој од 1919 до 1921 година бил претседател на владата и шеф на дипломатијата, а во 1940 година и претседател на Полска. Дела: операта „Манра“, „Полска фантазија“ за клавир и оркестар, една симфонија, клавирски дела, соло песни.

1945.- Кај Радовиш, во сообраќајна несреќа загинал Чеде Филиповски-Даме, народен херој на Македонија. Роден бил во селото Никифорово, Гостиварско, на 16 ноември 1923 година.

1967.- По победата во шестдневната војна со арапските држави, Израел го обединил поделениот Ерусалим, кој набрзо бил прогласен за престолнина на Израел.

1980.- Вигдис Финбогадотир била избрана за претседател на Исланд, станувајќи прва жена во Европа демократски избрана за шеф на држава.

1990.- Од Санкт Петербург (тогашен Ленинград) во Скопје донесени биле моштите на Димитрија Чуповски (македонски политичар, патриот, просветител, историчар, картограф, новинар...) и биле положени во црквата „Свети Спас“.

1995.- Умрела Лана Тарнер, прославена американска актерка, секс-симбол на Холивуд во четириесеттите години на 20. век. Родена била во 1919 година.

2000.- Република Македонија воспоставила дипломатски односи со Република Гвинеја-Бисао и со Федералната Исламска Република Коморски Острови.

2000.- Умрел италијанскиот актер Виторио Гасман, еден од најдобрите италијански филмски и театарски актери по Втората светска војна. Филмови: „Срам“, „Горчлив ориз“, „Ана“, „Ако дозволувате да зборуваме за жените“, „Бранкалеоновата војска“ „Мирисот на жените“, „Животот е роман“.

2003.- Умрела американската филмска и театарска актерка Кетрин Херберн, добитник на четири Оскари. Филмови: „Погоди кој доаѓа на вечера“, „Зима на еден лав“, „Летниковец на Златното езеро“, „Африканска кралица“, „Лето“, „Марија Стјуарт“, „Долго патување во ноќта“.

2015.- На 88-годишна возраст умрел Шарл Паскуа, поранешен француски министер за внатрешни работи... За македонската јавност и за политичката афирмација на Република Македонија во Франција, Шарл Паскуа ќе остане запаметен со финансирањето на изложбата „Македонија во 1913 година“, кога тој бил претседател на департманскиот совет на Горна Сена. Роден бил на 18 април 1927 на Корзика./МИА

притисни ентер