Божиновска потврди дека имала бугарско државјанство но дека постапката за отпуст е финализиранa

Дали министерката во новоформираното Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска во официјалната биографија доставена до Собранието сокрила дека покрај македонско, има и бугарско државјанство ? 

Ова прашање се отвори откако „360 степени“ објави дека Божиновска додека била директорка на филијалата на компанијата „Руднап“ во Загреб употребувала бугарски пасош, но и дека лани побарала отпуст од бугарското државјанство чија процедура се уште не е завршена.

Информацијата за бугарското државјнаство за Канал 5 ја потврди министерката Божиновска, која во писмен одговор вели дека не го навела во официјалната биографија од причини што постапката за стекнување отпуст од истото е финализирана, а пасошот со кој располагала веќе бил истечен, без да прецизира дали веќе добила решение за отпуст од бугарската Влада. Таа во одговорот напоменува дека по истекот на пасошот, не поднела барање за негова обнова, а бугарското државјанство вели го поседувала неколку години исклучиво поради нејзините деловни активности во ЕУ.

- „ Не сметам дека фактот што некогаш сум поседувала бугарска патна исправа/државјанство може да е спорен од етички аспект, бидејќи јас и тогаш, а и сега се чувствувам само како Македонка. Идентитетското оспорување на Македонија од страна на Бугарија сметам дека е погрешна и контрапродуктивна политика, која за жал штети на натамошното унапредување на односите меѓу двете држави и се надевам дека во претстојаниот период ќе бидат создадени услови овие прашања еднаш засекогаш да се надминат, а Македонија и Бугарија да се фокусираат на реалната соработка каде несомнено спаѓа и енергетиката. “ – вели министерката за Канал 5.

Според 360 степени Божиновска поседува и чешко државјанство, но и тоа не е наведено во официјалната биографија, во која пишува дека е родена во Скопје, а во графата националност декларирала „македонска“, а во јазиците кои ги зборува наведени се македонскиот како мајчин, а останатите се англиски, чешки, српски и шпански.

Од новиот владин кабинет во доставените биографии само министерот кој треба да биде одговорен за политики за добро владеење, Арбен Фетаи, декларирал дека покрај македонско, поседува и белгиско државјанство.

Точно ќе се знае за кој проект, колку пари ќе бидат наменети, вели Мицкоски

Точно ќе се знае за кој проект, колку пари ќе бидат наменети, вели Мицкоски за средствата што ќе им бидат дадени на општините.

Премиерот Христијан Мицкоски денеска во изјава за медиумите рече дека средствата од Буџетот што ќе бидат наменети за општините ќе им бидат префрлени на локалните самоуправи откако тие ќе достават проекти и точно ќе се знае за кој проект, колку средства ќе бидат наменети.

- Средствата ќе бидат префрлени до општините откако претходно општините ќе достават проекти на наменска сметка, нема да бидат префрлени на редовна сметка на општините за тие да ги користат за тековно работење – за плати или плаќање на стари долгови, изјави Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања по ставањето камен-темелник на нова градинка во општина Бутел.

Најави дека многу скоро ребалансот на Буџетот ќе се најде во собраниска процедура и точно ќе се знае како и од која ставка ќе бидат обезбедени средствата.

- Имаме граѓани кои, за жал, во 21 век немаат вода за пиење во центарот на урбаните средини, да не зборувам за канализациски организирани средини, игралишта за најмладите, спортски или со детски играчки, улици, булевари, се уште по кал се гази. Тоа се проектите што ќе бидат финансирани од оваа Влада, рече Мицкоски.

Во однос на инвестицијата со ветерниот парк што ја презентираше на вториот ден од изборот на Владата, Мицкоски рече дека се е согласно закон и дека земјиштето нема да се оттуѓи, туку ќе му биде дадено на располагање на инвеститорот.

- Се е по закон, никакви привилегии, никакви права и никакви обврски немаат граѓаните, ниту државата. Ние не бевме против Чебрен, туку бевме против процедурата со која што потенцијалниот инвеститор, би рекол, практично беше измамен од страна на тендерската комисија којашто го имаше подготвено тој повик бидејќи едни биле условите на почеток, а други на крајот на таа процедура, рече Мицкоски.

За изградбата на „Чебрен“, рече дека негов личен став е дека треба државата да има ваква акумулација и дека треба да се обезбедат средства и сами да го градиме овој објект.

- И во предизборието кажавме и сега ќе кажам - треба да одлучиме дали „Чебрен“ сакаме како држава да го градиме за тоа да земеме финансии и како држава да го градиме или ќе бараме приватен инвеститор којшто ќе го изгради проектот од почеток до крај без какви било концесии коишто ќе дојдат од државна страна. Тоа е она кое што како држава треба да расчистиме и како Влада да го направиме. Длабоко сум убеден дека на Македонија и како држава и е потребен уште еден резервоар за вода, односно да се изгради уште една акумулација што ќе биде потенцијален резервоар за вода, бидејќи имајќи ги предвид климатските промени и годините што следат, тоа ќе ни биде потребно за идните генерации, истакна Мицкоски.

Реализацијата на овој проект, според Мицкоски, ќе обезбеди и дополнителен капацитет за наводнување на Тиквешкото Поле и туристички потенцијал односно изградба на викенд населби, хотели итн., коишто ќе можат да привлечат голем број туристи.

„ЕИУ“: Виена е најпогоден град за живеење за 2024 година

Главниот град на Австрија, Виена трета година по ред е прогласен за најпогоден град за живот, од страна на „Економист интелиџенс јунит“ (Economist Intelligence Unit).

Годишниот извештај, со топ-листата најдобри градови за живеење, годинава испитува 173 места ширум светот врз основа на 30 показатели поделени во пет области: стабилност, здравствена заштита, култура и животна средина, образование и инфраструктура. Така, благодарение најмногу на своите совршените резултати за стабилност, здравствена заштита, образование и инфраструктура, Виена е на врвот на овогодишната листа.

Севкупниот резултат на Виена беше понизок само во категоријата култура и животна средина, „поради недостаток на големи спортски настани“, според Глобалниот индекс на живот за 2024 година.

Инаку, 10-те најдобри градови за живеење во светот се: Виена, Австрија; Копенхаген, Данска; Цирих, Швајцарија; Мелбурн, Австралија; Калгари, Канада; Женева, Швајцарија; Сиднеј, Австралија; Ванкувер, Канада; Осака, Јапонија и Оукленд, Нов Зеланд.

Пол Џорџ кариерата ќе ја продолжи во Филаделфија

Досегашниот кошаркарот на Лос Анџелес клиперс, Пол Џорџ кариерата ќе ја продолжи во Филаделфија.

НБА-ѕвездата ќе потпише договор со својот нов клуб на 4 години и 212 милиони долари.

Опцијата за „играч“ ќе важи за последната сезона.

Џорџ ги помина последните години во Клиперс, но не успеа да постигне договор со клубот за продолжување. Искористувајќи ја опцијата во неговиот договор, Пол се откажа од својата последна сезона и стана слободен агент.

Минатата сезона Џорџ имаше просек од 22,6 поени, 5,2 скока, 3,5 асистенции и 1,5 украдена топка по натпревар.

притисни ентер