Косовското МНР го одби барањето на Петковиќ за посета за Видовден

„Не ги почитува договорите и провоцира“

Министерството за надворешни работи на Косово потврди дека го одбило барањето на директорот на Канцеларијата за Косово при Владата на Србија, Петар Петковиќ да го посети Косово на 28 јуни, на српскиот национален и верски празник Видовден, јави дописникот на МИА од Приштина.

Политичкиот советник во косовското МНР, Леутрим Сахити изјави за медиумите дека причината за одбивањето на барањето на Петковиќ е поради кршење на договорот за меѓусебни посети и неговиот провокативен јазик кон државата и граѓаните на Косово.

-Во врска со вашето прашање, ве известуваме дека на наведеното лице му е одбиена посетата на Косово, поради прекршување на договорот за меѓусебни посети, неговите пропагандни изјави и неговиот провокативен јазик кон Косово и неговите граѓани, вели Сахити во писмената изјава за неколку приштински медиуми.

Српската канцеларија за Косово соопшти дека на нејзиниот директор му е забрането да го посети Косово за „да биде блиску до Србите за Видовден“.

Од оваа канцеларија тврдат и дека посетата била најавена „во согласност со сите валидни договори за слободно движење“ и дека целта на посетата била „пред сè од верска природа, меѓутоа (косовскиот премиер, Албин) Курти ја забрани посетата и со тоа ги прекрши сите договори“ постигнати во преговорите со посредство на Брисел. /МИА

Галант: Израел не сака војна со Хезболах, но израелската армија е подготвена за таков конфликт

Израелскиот министер за одбрана Јоав Галант изјави дека неговата земја не сака војна со либанското шиитско движење Хезболах, поддржано од Иран, додавајќи дека израелската армија е подготвена за можен таков конфликт, јави ДПА.

„Работиме на политичко решение. Тоа е секогаш подобрата варијанта“, рече министерот за време на посетата на израелските воени единици во близина на северната граница на Израел со Либан, објавија израелските медиуми.

„Ние не бараме војна, но подготвени сме за тоа. Ако Хезболах избере војна, знаеме што да правиме. Ако тие изберат мир, ние ќе одговориме соодветно“, додаде Галант.

Од почетокот на војната во Појасот Газа, секојдневно има прекугранични престрелки меѓу израелската армија и Хезболах. Вчера проиранското движење истрела 25 гранати и три беспилотни летала врз Израел, соопшти израелската армија. Нема повредени луѓе, но предизвикани се шумски пожари.

Неодамна размената на оган е засилена и неколку земји ги повикаа своите граѓани да го напуштат Либан. како што јавуваат странските агенции, постојат стравувања дека можната отворена војна меѓу Израел и Либан би можела да ескалира во голем регионален конфликт во кој ќе бидат вклучени и Иран и САД. /МИА

Изложување на дела од уметничката колонија „Арт поинт - Гумно“

 Во Слоештица денеска од 18 до 21 часот, ќе бидат изложени делата создадени за време на годинешната уметничка работилница „Арт поинт - Гумно“.

„Слоештица – име за цел еден свет“ е темата која беше инспирација за уметниците кои гостуваа на колонијата.

Од 15 до 30 јуни, десет уметници од земјава, Грција, Чешка и Србија создаваат скулптури, слики, фотографии и видеа што ја отсликуваат надреалната реалност од горно демирхисарските простори, непресушната инспирација и на Петре М. Андреевски. Преку темата на оваа колонија, всушност и „Арт поинт - Гумно“ ја чествува 90 годишнината од раѓањето на Великанот.

Mакедонскиот уметник Никола Пијанманов, кој создаде скулптура инспирирана од култната поетска збирка „Дениција“, изјави дека нејзино остварување размислувам со години, а самата скулптура по себе е контраст - нежност, поезија, лирика и структура од најсуровиот материјал, железо.

- На подлогата е изгравиран стихот: „За таа топола меѓу две пустини, меѓу две планини“. Таа е девојка, муза која како и митолошкиот лик Дафне, се преобразува во дрво, токму во мигот кога требало целосно да му се предаде на поетот, на оној кој ја љуби. Музата доживува целосна метаморфоза. Телото станува стебло на топола, а во рацете-гранки носи еден лист, како акцент на вертикалната композиција на постоењето. Дениција е возвишено/трагична љубов која се трансформира во надземна состојба, како симфонија на сакањето, творењето, себежртвувањето, смислата на љубовта и смртта, изјави Пијанманов.

Освен Пијанманов, годинава, на креативното гумно твореа и македонскиот скулптор и копаничар Драган Докоски, професорот на ликовната академија во Ниш, Србија – Мирослав Живковиќ; Харис Савидес, архитект и фотограф и сликарката Снежана Восу од Грција, како и чешката фотографка Јана Хунтерова. Гости на колонијата беа и поетот, музичар и сликар Владимир Мартиновски и неговиот син Филип, студент на ФЛУ во Скопје. Годинава, на уметничката екипа им се придружија и домаќините, Воскресија и Сергеј Андреевски.

Проектот е делумно поддржан од македонското Министерство за култура. /МИА

Уличен спектакл „Сонот на Ербер“ на француската театарска трупа „Кидам“

Со улично дефиле и претстава, насловени „Сонот на Ербер“ вечер во главниот град ќе биде заокружена прославата на 50-годишнината од постоењето на Францускиот институт во Скопје. 

Претставата е во изведбата на француската театарска трупа „Кидам“ (La Compagnie des Quidams), која има од 100 до 150 настапи годишно низ целиот свет.

Настанот што го организираат Францускиот институт и фестивалот „Скопско лето“ ќе започне во 21:00 часот, од пред Музејот на град Скопје. Дефилето потоа ќе помине низ улица „Македонија“, преку Камениот мост до плоштадот „Карпошово востание“, каде што ќе се одржи финалето на претставата.

Низ волшебна музика, пет обемни фигури, високи четири метри, ќе изведат магичен ритуал преку кој ќе ѝ овозможат на една ѕвезда да се издигне на небото...Претставата е наменета за сите возрасти. На крајот на претставата, на фасадата на „Ибни Пајко“, ќе биде прикажан видео-мапинг на македонскиот визуелен уметник Емил Петро, насловен „Франција во светлина“.

Претставата требаше да се одржи вчера, но поместена е за еден ден бидејќи летот на гостите од Франција, беше одложен поради големото невреме.

Прославата на 50-годишнината е поддржана од повеќе компании пријатели на Францускиот институт во Скопје./МИА

притисни ентер