Незаборавен концерт на Културното лето на Кисела Вода

Ѓорѓе Давид, Ивана Петерс и Бресквица одржаа незаборавен концерт на Културното лето на Кисела Вода.

Пред паркот во Расадник синоќа немаше празно место. Третата фестивалска вечер на Културното Лето 2024, обедини жанровски различни музички вкусови и покажа дека одличната забава по мерка на публиката и концертите за кои долго се раскажува и понатаму остануваат да бидат заштитен знак на на Општина Кисела Вода. Различните музички стилови по кои се познати главните ѕвезди на вечерата, Џорџе Давид, Ивана Петерс и Бресквица, беа врзани во интересен концепт, а настанот започна со македонските изведувачи- Андријана Петрушевска, Омер Џаферовски, Славица Ангелова и Александар Јосифовски. Џорџе Давид и Ивана Петерс донесоа одличен рок звук и хитови кои публиката ги дочека со огромни аплаузи. На сцената имаше и одлични дуети со македонските изведувачи. По нив следеше популарната Бресквица, која во моментот е една од најбараните пејачки, посебно кај помладата генерација. Од моментот кога се појави до бината, па се до самиот крај на концертот, публиката беше одушевена. Се играше и пееше во одлично расположение и атмосфера која ќе се памети. На настанот публиката ја поздрави градоначалникот Ѓорѓиевски кој им се заблагодари и на присутните и на изведувачите за одличната забава во очи денешниот роденден на Општина Кисела Вода и потенцираше дека со ваква сплотеност и убава енергија се испишува новата историја на Кисела Вода

-Среќа е кога сите сме на едно место и заеднички ја споделуваме. А вечерва, заедно со сите, како еден од вас покажавме колку сме горди на најубавата наша Кисела Вода. Ви благодарам на секој еден од вас - за сите стиснати раце, заедничките слики и прегратки за поддршка! Огромно благодарам на најзаслужните за оваа радост вечерва - Ѓорѓе Давид, Бресквица, нашата Андријана Петрушовска, неповторливата Ивана Петерс и сите ѕвезди кои вечерва ни го приредија ова. Знаете, испишуваме историја - Храброто срце на Скопје, Кисела Вода повторно живее! Продолжуваме утре, Суперхикс подготвуваат вистинско изненадување за сите вас! Се гледаме на најдобрата журка во Скопје-истакна градоначалникот Ѓорѓиевски по што следеше голем огномет.

Вечерва прославата на двата родендена, 69-тиот на Општина Кисела Вода и 30-тиот на култниот бенд Суперхикс, започнува од 19 часот на истата локација, во паркот во Расадник. Предвидена е огромна журка со бројни гости на бендот како Дани Димитровска, Фолтин, Гоце Саф, Ја, Дека и Зека од Војводина, Битолски камерен оркестар, 21 век и многу други.

Водата во Скопје безбедна за пиење

 Водата за пиење во Скопје е безбедна покажуваат резултатите од направените физичко-хемиски и микробиолошки испитувања од 44 мерни места во градот.

-Секторот за санитарна контрола во периодот од 24.06.2024 до 28.06.2024 зема 197 примероци за физичко-хемиска и 197 примероци за микробиолошка анализа на вода за пиење од 44 мерни места во Градот Скопје. Согласно добиените резултати од испитувањата, сите примероци одговараат на Правилникот за барања за безбедност и квалитет на водата за пиење, е, информираат од ЈП Водовод и канализација.

Овие информации од јавното претпријатие ги објавува рамки на неделниот извештај за квалитетот и безбедноста на водата за пиење, добиен од анализите спроведени во Секторот за санитарна контрола.

Данска ќе воведе данок за сточарите поради стакленички гасови што ги испуштаат нивните крави...

Данска ќе ги одданочува сточарите поради стакленички гасови што ги испуштаат нивните крави, овци и свињи од 2030 година, и е првата земја што ќе го стори тоа. 

Ова е дел од амбициите на Копенхаген да постигне јаглеродна неутралност што е можно поскоро.

Од Владата на оваа скандинавска земја сметаат дека добитокот е главен извор на емисиите на метан кој се смета за еден од најмоќните гасови кои придонесуваат за глобалното затоплување.

„Во оваа фаза, целта е да се намалат емисиите на стакленички гасови во Данска за 70 отсто споредено со нивоата од 1990 година до 2030 година“, објасни министерот за даноци Јепе Брус.

Од 2030 година, данските сточари ќе се оданочуваат со 300 круни (40 евра) по тон еквивалент на јаглерод диоксид во 2030 година. Данокот ќе се зголеми на 750 круни (100 евра) до 2035 година. вистинската цена по тон ќе започне од 120 круни (15 евра) и ќе се зголеми на 300 круни до 2035 година.

Иако јаглерод диоксидот обично добива поголемо внимание за неговата улога во климатските промени, метанот заробува околу 87 пати повеќе топлина во период од 20 години, според американската Национална океанска и атмосферска администрација.

Нивоата на метан што се испушта од извори, вклучително и депониите, системите за нафта и природен гас и добитокот се зголемија особено брзо од 2020 година. Производството на добиток е одговорно за околу 32 отсто од емисиите на метан предизвикани од човекот, се наведува во Програмата за животна средина на Обединетите нации.

„Ќе направиме голем чекор поблиску да станеме климатски неутрални во 2045 година“, рече Брус, додавајќи дека Данска „ќе биде првата земја во светот што ќе воведе вистински данок на јаглерод за земјоделството“ и се надева дека другите земји ќе го следат примерот.

Нов Зеланд донесе сличен закон што треба да стапи на сила во 2025 година.

Замениците министри ќе бидат познати до крајот на неделава

Замениците министри ќе бидат познати до крајот на неделава, на владина седница утре укинување на економските директори.

Владата на седница утре на дневен ред ќе го има законот за укинување на економските директори во здравствените установи, што беше најавено и од министерот за здравство Арбен Таравари пред една недела.

Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека со законот што утре ќе биде на владина седница се укинуваат организациските места или т.н. економски директори во здравствените установи, односно, рече тој, „ставаме точка на дуализмот.“

-Мора да имаме едно лице коешто ќе биде одговорно и едно лице коешто ќе има обврски, права, но и одговорности пред граѓаните. Вака бевме сведоци на префрлање на обврските и на одговорностите и практично не можевме да локализираме јасно каде е одговорноста. Сега, со овој потег, јасно ќе знаеме каде е локализирана одговорноста, рече Мицкоски нагласувајќи дека во државава помалку ќе има над стотина функционери „коишто се на товар на граѓаните“.

Соопшти дека „многу скоро од денеска ќе биде ребалансот на буџетот во Парламентот“, до крајот на оваа недела ќе бидат познати замениците министри, а на прашањето да открие нови именувања на директори, одговори дека „неколку часа од денеска ќе имаме нови именувања“. Исто така, на дневен ред на Владата, рече, ќе дојде и Законот за локална самоуправа.

Премиерот информираше и дека се подготвува и законско решение за игрите на среќа, кое рече, ќе подразбира најпрво ревидирање на сите согласности дадени од претходната Влада.

-Бидејќи ние сме длабоко убедени дека тука законите се прекршени и некој треба да има одговорност за тоа што ги прекршил законите затоа што мора неказнивоста да ја оставиме во минатото. Секој оној којшто ги прекршил законите и Уставот мора да одговара и тука не треба да имаме никакви дилеми... Второ, треба да го ревидираме пристапот, односно начинот на оданочување, начинот на услови, местоположба итн. Така што, тоа ќе биде едно поопфатно законско решение, кое ќе биде секако поправично, додаде Мицкоски.

притисни ентер