Галант: Израел не сака војна со Хезболах, но израелската армија е подготвена за таков конфликт

Израелскиот министер за одбрана Јоав Галант изјави дека неговата земја не сака војна со либанското шиитско движење Хезболах, поддржано од Иран, додавајќи дека израелската армија е подготвена за можен таков конфликт, јави ДПА.

„Работиме на политичко решение. Тоа е секогаш подобрата варијанта“, рече министерот за време на посетата на израелските воени единици во близина на северната граница на Израел со Либан, објавија израелските медиуми.

„Ние не бараме војна, но подготвени сме за тоа. Ако Хезболах избере војна, знаеме што да правиме. Ако тие изберат мир, ние ќе одговориме соодветно“, додаде Галант.

Од почетокот на војната во Појасот Газа, секојдневно има прекугранични престрелки меѓу израелската армија и Хезболах. Вчера проиранското движење истрела 25 гранати и три беспилотни летала врз Израел, соопшти израелската армија. Нема повредени луѓе, но предизвикани се шумски пожари.

Неодамна размената на оган е засилена и неколку земји ги повикаа своите граѓани да го напуштат Либан. како што јавуваат странските агенции, постојат стравувања дека можната отворена војна меѓу Израел и Либан би можела да ескалира во голем регионален конфликт во кој ќе бидат вклучени и Иран и САД. /МИА

Муцунски - Тигањ: Потврдени пријателските односи меѓу двете земји

Потврдени пријателските односи меѓу двете земји, со фокус на економската соработка.

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски и амбасадорката на Хрватска, Нивес Тигањ на денешната средба ги потврдиле традиционално пријателските односи меѓу двете земји, кои во иднина ќе се унапредуваат и продлабочуваат со посебен фокус на економската соработка, соопшти МНР.

Тема на разговорите било интегрирањето на земјите од Западен Балкан во ЕУ, при што соговорниците се согласиле дека проширувањето на Унијата ќе биде поттик не само за земјите од регионот, туку и суштински интерес за земјите членки.

Министерот Муцунски изразил благодарност за континуираната и безрезервна поддршка од Хрватска за наше членство во Европската унија. Воедно, била нагласена потребата заеднички и интензивно да се работи во насока на забрзување на нашиот евроинтегративен процес.

Од полноќ бензинот ЕУРОСУПЕР БС-95 поскап за половина денар

 Малопродажната цена на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-95 од ноќеска на полноќ се зголемува за половина денар за литар, а цената на бензинoт ЕУРОСУПЕР БС-98, на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1), не се менува.

Како што додаваат од Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) се зголемува и маллопродажната цена на Мазутот М-1 НС за 0,080 денари за килограм.

Од 2.7.2024 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:

- Моторен бензин - ЕУРОСУПЕР БС - 95 - 83,00 (денари/литар)

- Моторен бензин - ЕУРОСУПЕР БС – 98 - 85,00 (денари/литар)

- Дизел гориво - ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) - 76,50 (денари/литар)

- Масло за горење - Екстра лесно 1 (ЕЛ-1)- 75,00 (денари/литар)

- Мазут М-1 НС- 48,008 (денари/килограм)

Од РКЕ напоменуваат дека ова се максималните цени на нафтените деривати од 00:01 часот на 2 јули 2024 година. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени.

Бомпард: Maкрон не е во позиција да повикува на собирање околу себе

Тој е еден од 32-та пратеници на „Новиот народен фронт“ кои беа реизбрани во првиот круг од вчерашните избори, пренесува „Фигаро“.

Лидерот на партијата „Франција непокорна“, Мануел Бомпард, која е дел од левичарската коалиција „Нов народен фронт“, денеска изјави дека се надева оти коалицијата ќе добие апсолутно мнозинство места во вториот круг, како и дека претседателот Емануел Макрон веќе не е во позиција да повикува на собирање околу себе.

Тој е еден од 32-та пратеници на „Новиот народен фронт“ кои беа реизбрани во првиот круг од вчерашните избори, пренесува „Фигаро“.

Бомпард потврди дека сака да добие апсолутно мнозинство заедно со силите на левицата за „веднаш да ги промени животите на луѓето“ и „да ја спречи партијата Национален собир да ја преземе власта“.

Тој посочи дека претседателот Емануел Макрон не е во позиција да повика на каков било собир, нагласувајќи дека шефот на државата претрпел пораз на овие избори.

„Постои хипотеза за која беше одлучено вчера, а тоа е дека Габриел Атал повеќе нема да биде премиер и дека претседателскиот табор не може да има апсолутно мнозинство. Затоа не мислам дека Макрон е во позиција да повика на собирање околу себе“, рече Бомпард.

Тој додаде дека доколку има апсолутно мнозинство од Новиот народен фронт, ќе биде неопходно да се одлучи за „премиерот кој најдобро може да ја спроведе нивната програма“.

притисни ентер