Иран: Политиката на максимален притисок на Трамп ќе се покаже како неуспешна

Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи денеска изјави дека политиката на „максимален притисок“ врз Техеран, објавена од американскиот претседател Доналд Трамп, ќе се покаже како „уште еден неуспех“.

-Верувам дека максималниот притисок е неуспешен експеримент и дека обидот повторно ќе доведе до нов неуспех... Загриженоста на САД за наводниот развој на нуклеарно оружје од Иран не е сложено прашање и може да се реши со оглед на противењето на Техеран на оружјето за масовно уништување, рече Арагчи.

Трамп ја започна иницијативата за „максимален притисок“ за време на неговиот прв мандат, откако ги повлече САД од нуклеарниот договор меѓу Техеран и светските сили, кој ги укина меѓународните санкции во замена за ограничување на иранската нуклеарна програма.

Оттогаш, Техеран значително го зголеми збогатувањето ураниум до 60 отсто чистота, приближувајќи се до чистотата од околу 90 проценти потребни за производство на нуклеарно оружје, изјави Меѓународната агенција за атомска енергија во декември.

Влезниците за дуелот со Велс во мундијалските квалификации од 300 до 900 денари

Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) на денешната седница ја одреди цената на влезниците за мартовскиот дуел во Скопје против Велс во рамки на 2 коло во групата Ј во квалификациите за пласман на Светското првенство 2030.

Билетите за Источната и Западната трибина на Националната арена „Тодор Проески“ за првиот домашен натпревар на македонската репрезентација од мундијалските квалификации изнесува 300 денари, а 400 денари ќе чинат влезниците за Јужната и Северната трибина. Цената на ВИП влезниците изнесува 900 денари.

Македонија ќе ги стартува мундијалските квалификации на гостински терен против Лихтенштајн на 22 март, пред дуелот против Велс три денови подоцна во Скопје.

Средба на министерката Божиновска со претставници на ММФ

Средба на министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска со претставници на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ)

Тековните економски состојби и идните проекции во енергетскиот сектор на земјава беа тема на дискусија на денешната средба на министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска со претставници на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), предводени од шефицата на мисијата, Анет Кјобе.

На средбата, како што информираат од Кабинетот на Божиновска, министерката ја истакна важноста на соработката со меѓународните финансиски институции во процесот на енергетска транзиција и ги истакна напорите на Министерството во спроведувањето на реформите насочени кон одржлив развој на енергетиката, зголемување на енергетската ефикасност и промоција на обновливите извори на енергија, како што е Ветерниот парк Богданци, кој обезбедува значителен дел од зелената енергија во земјата, се пример за успешна имплементација на обновливи извори. Таа нагласи дека овие активности се клучни за економскиот раст и стабилност на земјата.

Шефот на мисијата на ММФ, Анет Кјобе, ја пофали посветеноста на Министерството во спроведувањето на енергетските реформи и изрази поддршка за понатамошните активности. Таа истакна дека ММФ ќе продолжи да ја поддржува земјава во нејзините напори за постигнување одржлив економски развој.

Двете страни се согласија дека зајакнувањето на билатералната соработка и координацијата меѓу институциите е клучно за успешно справување со енергетските предизвици и постигнување на стратешките цели во оваа област.

Рубио им се заблагодари на ОАЕ за „силните и трајни односи“

Рубио денеска во разговор со претседателот на Обединетите Арапски Емирати шеикот Мохамед бин Зајед ал-Нахјан се заблагодари на таа држава за „силните и трајни односи“.

Американскиот државен секретар Марко Рубио денеска во разговор со претседателот на Обединетите Арапски Емирати шеикот Мохамед бин Зајед ал-Нахјан се заблагодари на таа држава за „силните и трајни односи“ обележани со силни економски врски, соработка во областа на одбраната и заедничките интереси на полето на регионалната стабилност, соопшти денеска портпаролката на Стејт департментот, Тами Брус.

Темите на состанокот ги вклучувале вештачката интелигенција, Појасот Газа, Сирија, Либан и Црвеното Море, кое беше место на напади на јеменските бунтовници Хути додека не беше постигнато примирје во Газа, додаде Брус.

Засега нема официјални изјави од ОАЕ, за што разговарале на средбата Рубио, шеикот Мохамед и шеикот Абдула бин Зајед ал Нахјан, министер за надворешни работи на ОАЕ. /MИА

притисни ентер