Хутите и палестинските милитанти планираат да го „обиколат“ Израел

Претставниците на јеменските Хути разговараа за „проширувањето на конфронтациите и обиколувањето“ на Израел на состанокот во Либан со Хамас и другите палестински групи, изјави официјален претставник на таа милитантна група поддржана од Иран.

Претставници на Хамас, Исламски џихад и Народниот фронт за ослободување на Палестина се состанаа со Хутите во Бејрут минатата недела, изјави претставникот кој сакаше да остане анонимен.

Палестински извори претходно изјавија дека средбата се одржала, при што еден од нив рече дека претставниците разговарале за „механизмите за координирање на акциите на нивниот отпор“ за „следната фаза“ од војната во Газа, која сега е во нејзиниот шести месец, пренесува Тајмс оф Израел.

Друг неименуван палестински извор рече дека учесниците на состанокот разговарале за „комплементарната улога на движењето Ансар Алах (Хути) заедно со палестинските фракции, особено во случајот со израелската офанзива на Рафах“.

Кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вчера соопшти дека тој одобрил воен план за копнена операција во Рафах, без да прецизира временска рамка.

Нападите на Хутите врз бродовите во Црвеното Море од почетокот на војната меѓу Израел и Хамас ја нарушија глобалната трговија, акции за кои бунтовниците велат дека претставуваат знак на солидарност со Палестинците. /МИА

Полесно до работа во Германија: Од 1 јуни двојно повеќе годишни работни визи за Западен Балкан

Од следниот месец, 50.000 работници од Македонија, Албанја, Косово, Србија, БиХ и Црна Гора ќе можат да добијат визи за работа во Германија, пренесува Шенген виза инфо.

Регистрацијата за термин за работна виза за Германија почна од вчера и ќе трае до 14 мај.

Со новиот закон, Германија одлучи да ги промени правилата за земјите од Западен Балкан, со што ќе се зголеми увозот на работна сила, со оглед дека досегашната бројка на работни визи од Германија за регионот беше двојно помалку.

Според познавачите на состојбите, ваквиот потег на Германија не треба да не изненадува, бидејќи и оваа земја се соочува со недостаток на работна сила. Па така, и Македонија ќе мора да се прилагоди на тој тренд и да ангажира работници од странство.

Во однос на Отворен Балкан, пак, Интересот за размена на работна сила помеѓу Македонија, Албанија и Србија во рамките на оваа иницијатива не е голем, смета Димитров. Причина за тоа, според него, е дека сите три земји се со сличен економски стандард, па многумина ако одлучат, ги одбираат западноевропските земји.

Инаку, во периодот на регистрацијата за германска виза, нема потреба од регистрација преку посредници или други агенции за работа.

Како што стои во анализата на Шенген виза инфо, на апликантите им е дозволено да се регистрираат само еднаш. Покрај тоа, тие не можат да направат последователни промени на податоците, а исто така не смеат да го префрлат својот термин на друго лице.

Врз основа на Регулативата за Западен Балкан, податоците покажуваат дека околу 76.000 државјани на земјите од Западен Балкан имале дозволи во Германија на крајот на 2023 година.

Изборите во Македонија во фокусот на регионалните и светските медиуми

Ден по изборите во земјава, додека на  адреса на ВМРО – ДПМНЕ и Гордана Силјановска Давкова се редат честитки по двојната победа  изборите, соседна Бугарија ги повтори позициите. 

Без да честита било кому, бугарскиот претседател Румен Радев, коментирајќи го исходот од изборите, порачува наскоро ќе видиме по кој пат ќе тргне земјата.

Очекувал да се да случат уставните измени, а Македонија да ги почитува принципите на добрососедство, Копенхашките критериуми и да стави крај на како што потенцира, говорот на омраза.

„Како што беше со претседателите Ѓорѓе Иванов и Стево Пендаровски, така ќе биде и со Гордана Силјановска Давкова. Како што беше со СДСМ, така ќе биде и со ВМРО- ДПМНЕ. Но јас мислам дека е крајно време, и тоа ќе се види многу брзо дали новиот претседател и партијата која извојува победа на изборите ќе работат за европската перспектива или ќе тргнат по некоја друга насока.“ - изјави Румен Радев – Претседател на Бугарија.

Официјална Атина засега воздржана за коментар. Владиниот портпарол Павлос Маринакис на брифинг со новинарите рече дека ќе ги почекаат позициите на новата македонска влада, а потоа ќе коментираат, нагласувајќи дека очекува Преспанскиот договор да биде почитуван.

Први доцна синоќа двојната победа на ВМРО-ДПМНЕ и Силјановска Давкова им ја честитаа, српскиот претседател Александар Вучиќ и унгарскиот премиер Виктор Орбан на социјалните мрежи.

„Убеден сум дека ќе продолжиме да работиме заедно за зајакнување на врските меѓу Србија и Македонија за таа цел на напредокот и благосостојбата на нашиот народ, како и на просперитетот на целиот регион“ – напиша - Александар Вучиќ – претседател на Србија во својата честитка.

Заслужена и историска победа за ВМРО ДПМНЕ и Силјановска, се вели во честитката на Орбан, а со свои очекувања излезе и еврокомесарот за проширување, Вархеји.

„Со нетрпение очекувам да работиме заедно за да дадеме нов поттик на процесот на пристапување на Македонија до ЕУ!“, се додава во честитката на - Виктор Орбан – Премиер на Унгарија.

„Со нетрпение очекувам да работиме со претседателката Гордана Сиљановска Давкова на забрзување на потребните реформи за да се придвижи напред процесот на пристапни преговори“ – порача утрово еврокомесарот за проширување и соседска политика Оливер Вархеји во својата честитка и до новоизбраната претседателка и до ВМРО – ДПМНЕ.

Честитки упатија и хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, екс словенечкиот премиер Јанез Јанша, евроамбасадорот во земјава Дејвид Гир, на кои Силјановска Давкова им возврати со јавна благодарност.

„ВРЕДИ“ славеше победа на тетовскиот плоштад - за ДУИ Европскиот фронт е втора сила во државата

За разлика од првиот круг кога интегративците славеа пред седиштето коалицијата Вреди на плоштадот Скендербег во Скопје, синоќа останаа само празните барикади, полициското обезбедување и медиумските екипи.

Здружената албанската опозиција Вреди одржаа една прес конференција во скопското седиште. Ги обвинија од ДУИ за бојкот на изборите и им порачаа дека следи политичка ротација.

-Од утре Македонија ќе се подготвува за политичка ротација. Новата влада ќе ја одразува волјата на мнозинството албански гласачи,- изјави – Изет Меџити – Коалиција Вреди.

Потоа со зурли, тапани, факели и огномети се славеше на плоштадот во Тетово откако претходно ги преплавија улиците во центарот на градот. Велат дека иако очекувале да имаат помалку гласови, разликата со ДУИ според нив е минимална и тоа го сметаат за победа и можност да бидат дел од идната Влада.

-Од утре почнуваат преговори за нова влада помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Вреди, кажа претседателот на БЕСА, дел од коалицијата Вреди. Анализата што ја имаме, најверојатно ќе бидеме подеднакво со коалицијата на ДУИ. Разликата во гласови нема да надмине 10.000 гласови,- изјави – Билал Касами – Коалиција Вреди.

Арбен Таравари на прославата дојде со лек „ефридол“ како своевидна реплика на неодамнешните провокации на Артан Груби кој пред стартот на изборната кампања истиот лек ѝ го препорача на албанската опозиција.

-Реков дека сум доктор и дека на крај ги давам лековите! 2 пати на ден после леб. Промените доаѓаат!

....напиша Таравари со фотографијата која ја објави на социјалните мрежи.

ДУИ, пак, славеше во партиското седиште во Мала Речица. Откако веќе стана извесен изборниот резултат, прес конференција одржа партискиот лидер Али Ахмети. Прашан дали со победата на ВМРО-ДПМНЕ значи дека ДУИ оди во опозиција и каква опозиција ќе биде, Ахмети не одговори прецизно и рече дека на државата и треба стабилност.

-Легитимитетот ни го дадоа граѓаните, мнозинството Албанци и малите заедници како Турците, Бошњаците и Ромите, на кои им се заблагодарувам. Ова е првиот чекор кон долгите етапи на Фронтот за Европа до полноправно членство во ЕУ. Мислам дека не ме разбравте кога реков дека на државата и треба стабилност и иднина,- изјави – Али Ахмети – Претседател на ДУИ.

Ахмети во обраќањето не го спомена ставот на Бујар Османи, кој пред една недела рече дека освен мнозинство од 61 пратеник, за формирање влада неопходно било и бадентерово мнозинство.

притисни ентер