Фото: Нивес сними спот за новиот хит

Пејачката и актерка Нивес Целзијус (42) претходно го откри малку чудниот текст на нејзината нова песна „Моја пила“, која за многу кратко време влезе во главата на многу обожаватели,

Сега таа ги извести своите фанови дека снимила спот за тој хит.

„Брм, брм! Снимивме видео за Пила!“, напиша таа во описот на објавата на Инстаграм, каде објави три фотографии на кои позира во кроп топ кошулата на која пишува: „Брм, Брм“.

Обожавателите едвај чекаат да излезе спотот на нејзината песна.

После тоа, таа на својата инстаграм приказна објави дел од видеото во кое стои пред автомобилот и држи црево во раката и го прска во воздух.

Да потсетиме, Нивес по објавувањето на стиховите на песните не престана да ги пее на своите објави, а набргу потоа објави дека направила и маички со дел од стиховите. „Маичките се готови“, напиша тогаш Нивес на на Инстаграм.

Извор: Аваз

Во Франција се одржува првиот круг вонредни парламентарни избори

Повеќе од 49 милиони граѓани имаат право на глас.

Во Франција денеска ќе се одржи првиот круг од вонредните парламентарни избори, кои би можеле за првпат по Втората светска војна да ја доведат крајната десница на власт, по убедливата победа на партијата Национален собир (НС) над центристичкиот сојуз на претседателот Емануел Макрон на изборите за Европскиот парламент.

Повеќе од 49 милиони граѓани имаат право на глас и ќе избираат 577 пратеници за долниот дом на францускиот парламент. Вториот круг е закажан за 7 јули. Медиумите ги означија овие избори како едни од најважните во последните две децении во земјата.

Претседателот Емануел Макрон распиша вонредни избори на 9 јуни, објавувајќи го распуштањето на Собранието, истата вечер кога крајната десница забележа убедлива победа на европските избори, одржани истиот ден во Франција.

Французите го избираат Францускиот парламент на многу специфичен начин. Парламентот се состои од два дома – Сенат и Национално собрание. Сенатот се избира посредно (пратениците се избираат од страна на највисоките претставнички тела) и ги претставува територијалните единици и граѓаните на Франција кои живеат во прекуморските територии. Франција има 18 региони, од кои 13 се наоѓаат во европска Франција, а 5 се прекуморски поседи.

Пратениците во Националното собрание се избираат директно на избори. Макрон го распушти само Националното собрание, па Французите во првиот круг (30 јуни) и вториот круг (7 јули) ќе избираат 577 пратеници по принципот еден пратеник од една изборна единица.

Тие ќе бидат избрани по уникатен изборен систем што го применува само Франција - апсолутно мнозински изборен систем. Иако теоретски изборите можат да се одржат во само еден круг, за избор на нов пратеник секогаш се потребни два круга. Правилата на првиот круг се релативно едноставни. Победник е кандидатот кој ќе освои повеќе од 50 отсто од гласовите под услов да гласале најмалку 25 проценти од регистрираните гласачи во таа изборна единица.

Бидејќи е тешко да се постигне апсолутно мнозинство, мора да се оди во втор круг. За разлика од другите демократски држави каде во втор круг одат двајцата кандидати со најмногу освоени гласови, во апсолутно мнозинскиот систем во втор круг одат сите кои освоиле повеќе од 12,5 отсто од гласовите во првиот круг.

Со оглед на бројноста на партиите и расцепканоста на изборниот корпус, во изборниот закон постои дури и одредба - ако ниту еден од кандидатите не успее да го премине прагот од 12,5%, во втор круг одат двајцата кандидати со најмногу освоени гласови во првиот круг. Теоретски, во вториот круг може да влезат дури осум кандидати, но во пракса најчесто влегуваат три или четири.

Како не би се одело во трет круг, во вториот победува кандидатот кој ќе добие најмногу гласови - релативно мнозинство. Со тоа, вториот круг е сличен на британските парламентарни избори, но Британците сè решаваат во еден круг.

Фактот дека победува кандидатот со релативно мнозинство отвора многу можности за принципиелни и непринципиелни коалиции. Сродните политички партии се принудени да склопат коалиција пред вториот круг и да истакнат заеднички кандидат за да не победи спротивната политичка опција. Така, апсолутно мнозинскиот изборен систем пред вториот круг го намалува бројот на кандидати за завршното гласање.

Изборниот закон им овозможува на кандидатите да се повлечат од изборите до вториот круг, што потоа значително го менува односот на силите. Најчесто се повлекува кандидатот со помал процент на гласови, но нема правила.

Стручњаците и политичарите очекуваат значително зголемување на одѕивот во однос на изборите во 2022 година, кога учествуваа само 47,51 отсто од гласачите. Овој пат се очекува дека одѕивот ќе биде околу две третини од запишаните гласачи, односно над 60 проценти.

Тоа зголемување делумно се припишува на потенцијално историските последици од изборите, кои за првпат од 1997 година би можеле да не се усогласат со претседателските избори.

Две анкети објавени во петокот - Институтот Ifop за Фигаро и Sid Radio, и институтот Одокса (Odoxa) за регионалните медиуми и Нуел Обс, предвидуваат дека крајно десничарската група ќе освои меѓу 35 и 36,5 отсто од гласовите.

Според овие анкети, Сојузот Нов народен фронт, кој ги обединува сите левичарски партии, вклучувајќи ја и Непокорена Франција (LFI, радикална левица), ќе освои меѓу 27,5 и 29 отсто од гласовите, додека групата околу претседателот Макрон ќе добие околу 20,5 до 21 процент од гласовите.

Некои анкети сугерираат дека може да се замисли Национален собир и неговите сојузници да освојат апсолутно мнозинство од најмалку 289 пратеници.

Проекциите се соочуваат со сериозни непознаници, почнувајќи од тоа каде ќе останат по тројца кандидати за вториот круг, како и колкав број од повлекувања ќе има во последен момент, во обид да се обединат гласовите против НС.

Кампањата, која траеше три недели, беше обележана со инциденти на терен, при што неколку кандидати и активисти беа нападнати поради зголемените тензии меѓу трите блока, кои се меѓусебно обвинуваат за насилство.

Ако на изборите НС или левичарската коалиција Нов народен фронт (NFP) освојат апсолутно мнозинство (најмалку 289 пратенички места), Макрон ќе мора да избере премиер од редовите на победничката коалиција, кој ќе ги избере своите министри, односно ќе се појави кохабитација на претседател и премиер од спротивни политички табори.

Во случај исходот од изборите да биде релативно мнозинство во парламентот (230 пратенички места), победникот ќе мора да склучува сојузи за да се овозможи усвојување на законите и функционирање на парламентот. /МИА

Изложба на македонскиот сликар Стефан Хаџи-Николов во Крива Паланка

Хаџи Николов досега има реализирано повеќе од 75 самостојни изложби и над 100 групни изложби во земјава и странство. 

Во Локалната установа Градски музеј Крива Паланка синоќа беше отворена самостојната изложба на Стефан Хаџи-Николов, прва во серијалот од иницијативата на музејот за претставување на по еден учесник од Меѓународната ликовна колонија „Свети Јоаким Осоговски“, што се одржува во истоимениот манастриски комплекс.

Стефан Хаџи-Николов е долгогодишен учесник на колонијата и член на организацискиот одбор, член на Друштвото на ликовни уметници на Македонија од 1984 година.

Директорот на Градскиот музеј Крива Паланка, Драган Величковски, на отворањето истакна дека ова е еден нов начин во соработка со меѓународната колонија и Општина Крива Паланка, колонијата и учесниците да се доближат до публиката и граѓаните, со оглед на тоа што творат во манастирскиот комплекс.

- Ова е една нова праска што ја воведуваме и секоја година ќе правиме изложби и претставување на еден од учесниците,со цел за време на одржување на колонијата истовремено да има интеракција и да можат граѓаните да се запознаат одблиску со авторите, рече Величковски.

Авторот, Хаџи Николов рече дека задоволство му е што на покана на музејот и "Градот на културата" со задоволство изложува, за првпат, во Крива Паланка иако десетина години е редовен гостин - учесник на Меѓународната ликовна колонија "Св.Јоаким Осоговски".

-Драго ми е што можам да се претставам пред моите колеги со моето творештво, а при размислување за тоа што да изложам овде, сепак одлучив за творештвото од последните 15 години, со акцент на она што е создадено во последните пет години. Сѐ уште имам креација и желба за творење, ќе продолжам да ја претставувам мојата уметност насекаде низ светот и уште еднаш, благодарам до општината за поканата, со порака до сите љубители на уметноста да ја посетат изложбата, рече Стефан Хаџи Николов.

Хаџи Николов досега има реализирано повеќе од 75 самостојни изложби и над 100 групни изложби во земјава и странство. Добитник е на бројни награди и признанија меѓу кои, највисоките државни награди: „23-ти Октомври“ за долгогодишни остварувања во културата и уметноста и „13-ти Ноември“ за долгогодишни високи остварувања во сликарството. Ги има добиено и наградите „Климент Охридски“, „Вангел Коџоман“, „Константин Мазев“, „Лазар Личеноски“, а особено се издвојува наградата „Златни феномени“, доделена од бугарската асоцијација „Феномени“ (АСФЕН), првиот Македонец кому му е доделена оваа награда, врачена на неговата изложба во софискиот центар „ЦУМ“ во 2002 година.

Изложбата на Стефан Хаџи-Николов е дел од програмата програма на манифестацијата „Крива Паланка – Град на културата 2024“. /МИА

Најмалку 18 лица загинати, а 30 повредени при терористички напади во североисточна Нигерија

Најмалку 18 лица се убиени, а 30 се повредени при терористички напади во североисточната нигериска држава Борно, соопшти локалната служба за итни случаи.

Од пред 15 години, Борно е подложен на напади од исламистички групи кои убија илјадници локални жители и принудија милиони да ги напуштат своите домови. Иако нигериската армија успеа да го ограничи капацитетот на исламистичките борци, тие сè уште извршуваат смртоносни напади врз цивили и напаѓаат припадници на безбедносните сили.

Баркиндо Саду, раководител на Агенцијата за управување со итни случаи во државата Борно, изјави дека вчера имало три одделни напади во градот Гвоза. Напаѓачи-самоубијци нападнале учесници на свадбена церемонија, луѓе собрани на погреб, како и болница во градот Гвоза. Саду посочи дека засега е потврдена смртта на 18 лица, меѓу кои две деца и бремена жена, а повредени се најмалку 30 лица.

Засега никој не ја презел одговорноста за нападите, но најактивни терористички групи во Борно се „Боко Харам" и "Исламска држава - провинција Западна Африка". /МИА

притисни ентер