Естонскиот министер за клима избран да ја замени Калас на премиерската функција

Партијата на реформите на естонската премиерка Каја Калас соопшти дека го номинирала министерот за клима Кристен Михал за нејзин наследник на премиерската функција, доколку таа биде назначена за шефица на дипломатијата на Европската Унија, пренесе ДПА

Партијата на реформите на естонската премиерка Каја Калас соопшти дека го номинирала министерот за клима Кристен Михал за нејзин наследник на премиерската функција, доколку таа биде назначена за шефица на дипломатијата на Европската Унија, пренесе ДПА.

Извршниот комитет на партијата едногласно го поддржа предлогот. Михал им заблагодари за укажаната доверба и вети дека ќе ги исполнува своите обврски достоинствено. Тој нагласи дека негов приоритет ќе биде националната безбедност на Естонија.

Владата на Калас е верен поддржувач на Украина во борбата против руската инвазија и поддржува тврд став кон Москва. Претходно оваа година, нејзиното име беше додадено од руското Министерство за внатрешни работи на списокот со лица кои се бараат поради криминални обвиненија.

Во четвртокот, Калас беше избрана за следен шеф на европската дипломатија од Европскиот совет во Брисел. Потврдувањето на нејзиното назначување зависи од гласањето во новиот Европски парламент.

Калас, која е првата жена премиер на Естонија, планира да ја претставува својата земја на сСмитот на НАТО во Вашингтон, кој ќе се одржи од 9 до 11 јули, забележува ДПА. /МИА

Честитка од архиепископот Стефан до новоизбраниот бугарски патријарх Даниил

Архиепископот на Македонската православна црква - Охридска архиепископија г.г. Стефан упати честитка до новоизбраниот бугарски патријарх Даниил. 

-Ваша Светост, Дозволете Ни од Свое и од името на архијереите, чесното свештенство, преподобното монаштво и верниот народ на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, да ја изразиме радоста и срдечно да Ви го честитаме изборот за Претстојател на Бугарската Православна Црква. Вашата богољубива и стамена личност беше препознаена од Светиот Дух, како и од членовите на Патријаршискиот изборен црковен Собор, кои во Вас видоа достоен наследник на Вашите претходници на светоимената Софиска катедра, се наведува во честитката.

Архиепископот Стефан му посака на патријархот Даниил мирно и плодородно првојерархиско служење.

-Бугарската Црква и бугарскиот народ со Вашиот избор добија богољубив, правдољубив и ревносен Архипастир исполнет со ревност кон Божјото слово, грижлив Патријарх кој внимава на чистотата на православната вера, но и смирен молитвеник за богомдоверената му паства, вдахновуван од евангелските зборови: Јас сум добриот Пастир. Добриот Пастир си ја полага душата своја за овците. Семилостивиот Бог нека Ви дарува и нека го умножи и преумножи Вашето духовно стадо. Ваш собрат и сослужител пред престолот Божји, архиепископ Охридски и Македонски г. г. Стефан, стои во честитката до митрополитот Софиски и Патријарх Бугарски г.г. Даниил.

Патријаршискиот изборен црковен собор за избор на нов Бугарски патријарх се одржа изминатиот викенд на 30 јуни, во Академската сала на Бугарската академија на науките во Софија. Кандидати за Патријаршискиот престол беа митрополитот Ловчански г. Гаврил, митрополитот Видински Даниил и митрополитот Врачански Григориј. Изборот се случи во вториот круг помеѓу митрополитите Григориј и Даниил, при што за митрополит Софиски и Патријарх Бугарски беше избран Видинскиот митрополитот Даниил со 69 гласови, додека Врачанскиот митрополит Григориј имаше 66 гласа.

Северна Кореја тестираше нова тактичка балистичка ракета

 Северна Кореја тестираше нова тактичка балистичка ракета способна да носи супер голема боева глава, јавија севернокорејските државни медиуми.

Северна Кореја успешно ја лансираше ракетата „Хвасонг-11Да-4,5“ способна да носи супер голема боева глава од 4,5 тони, јави севернокорејската агенција КЦНА, цитирана од јужнокорејската Јонхап.

Агенцијата наведува дека пробното гаѓање било извршено со проектил со симулирана тешка боева глава за да се потврди стабилноста на летот и точноста на ударот на максимален домет од 500 километри и минимален дострел од 90 километри.

Се додава дека Северна Кореја ќе изврши уште едно ракетно тестирање во јули за „да ги потврди карактеристиките на летот, точноста на ударот и експлозивната моќ на супер големата боева глава на среден дострел од 250 километри“.

Видео- фото: Словенија, Хрватска и Србија зафатени со силно невреме

 Словенија, Хрватска и Србија синоќа беа зафатени со силно невреме, со дожд, грмежи и град, кое предизвика материјални штети.

Словенија ја зафати силно невреме со обилни врнежи, налети на ветер и град, а најмногу штети има во Долењска, каде густиот град уништи посеви, а силните налети на ветер оштетија и носеа покриви на куќи.

Поради невремето, Агенцијата за животна средина (Арсо) издаде портокалово предупредување за целата земја, јави Словенечката телевизија.

Обилните дождови предизвикаа лизгање на земјиштето, а силните ветрови урнаа дрвја, столбови за струја и покриви на станбени, деловни и други згради.

Силно невреме синоќа ја зафати и Хрватска, претежно Славонија и Загреб, а силниот ветер, дожд пропратен со грмежи и град создаде огромни проблеми во Сисак, Винковци, Славонски Брод и Жупања.

Во Загреб, поради оштетување на електричната мрежа и паднати дрвја, трамваите не сообраќаат, а делови од градот останаа без струја. Кон крајот на вечерта врнеше силен дожд, поради што делови од градот беа поплавени.

Невреме со силен дожд пропратен со грмежи синоќа ја зафати и Србија. Во главниот град врнеше силен дожд пропратен со грмежи. РХМЗ претходно предупреди дека силна конвективна облачност од подрачјето на Срем се движи кон Белград на запад и дека се очекуваат интензивни врнежи со грмежи во околината на Белград.

притисни ентер