Во Франција се одржува првиот круг вонредни парламентарни избори

Повеќе од 49 милиони граѓани имаат право на глас.

Во Франција денеска ќе се одржи првиот круг од вонредните парламентарни избори, кои би можеле за првпат по Втората светска војна да ја доведат крајната десница на власт, по убедливата победа на партијата Национален собир (НС) над центристичкиот сојуз на претседателот Емануел Макрон на изборите за Европскиот парламент.

Повеќе од 49 милиони граѓани имаат право на глас и ќе избираат 577 пратеници за долниот дом на францускиот парламент. Вториот круг е закажан за 7 јули. Медиумите ги означија овие избори како едни од најважните во последните две децении во земјата.

Претседателот Емануел Макрон распиша вонредни избори на 9 јуни, објавувајќи го распуштањето на Собранието, истата вечер кога крајната десница забележа убедлива победа на европските избори, одржани истиот ден во Франција.

Французите го избираат Францускиот парламент на многу специфичен начин. Парламентот се состои од два дома – Сенат и Национално собрание. Сенатот се избира посредно (пратениците се избираат од страна на највисоките претставнички тела) и ги претставува територијалните единици и граѓаните на Франција кои живеат во прекуморските територии. Франција има 18 региони, од кои 13 се наоѓаат во европска Франција, а 5 се прекуморски поседи.

Пратениците во Националното собрание се избираат директно на избори. Макрон го распушти само Националното собрание, па Французите во првиот круг (30 јуни) и вториот круг (7 јули) ќе избираат 577 пратеници по принципот еден пратеник од една изборна единица.

Тие ќе бидат избрани по уникатен изборен систем што го применува само Франција - апсолутно мнозински изборен систем. Иако теоретски изборите можат да се одржат во само еден круг, за избор на нов пратеник секогаш се потребни два круга. Правилата на првиот круг се релативно едноставни. Победник е кандидатот кој ќе освои повеќе од 50 отсто од гласовите под услов да гласале најмалку 25 проценти од регистрираните гласачи во таа изборна единица.

Бидејќи е тешко да се постигне апсолутно мнозинство, мора да се оди во втор круг. За разлика од другите демократски држави каде во втор круг одат двајцата кандидати со најмногу освоени гласови, во апсолутно мнозинскиот систем во втор круг одат сите кои освоиле повеќе од 12,5 отсто од гласовите во првиот круг.

Со оглед на бројноста на партиите и расцепканоста на изборниот корпус, во изборниот закон постои дури и одредба - ако ниту еден од кандидатите не успее да го премине прагот од 12,5%, во втор круг одат двајцата кандидати со најмногу освоени гласови во првиот круг. Теоретски, во вториот круг може да влезат дури осум кандидати, но во пракса најчесто влегуваат три или четири.

Како не би се одело во трет круг, во вториот победува кандидатот кој ќе добие најмногу гласови - релативно мнозинство. Со тоа, вториот круг е сличен на британските парламентарни избори, но Британците сè решаваат во еден круг.

Фактот дека победува кандидатот со релативно мнозинство отвора многу можности за принципиелни и непринципиелни коалиции. Сродните политички партии се принудени да склопат коалиција пред вториот круг и да истакнат заеднички кандидат за да не победи спротивната политичка опција. Така, апсолутно мнозинскиот изборен систем пред вториот круг го намалува бројот на кандидати за завршното гласање.

Изборниот закон им овозможува на кандидатите да се повлечат од изборите до вториот круг, што потоа значително го менува односот на силите. Најчесто се повлекува кандидатот со помал процент на гласови, но нема правила.

Стручњаците и политичарите очекуваат значително зголемување на одѕивот во однос на изборите во 2022 година, кога учествуваа само 47,51 отсто од гласачите. Овој пат се очекува дека одѕивот ќе биде околу две третини од запишаните гласачи, односно над 60 проценти.

Тоа зголемување делумно се припишува на потенцијално историските последици од изборите, кои за првпат од 1997 година би можеле да не се усогласат со претседателските избори.

Две анкети објавени во петокот - Институтот Ifop за Фигаро и Sid Radio, и институтот Одокса (Odoxa) за регионалните медиуми и Нуел Обс, предвидуваат дека крајно десничарската група ќе освои меѓу 35 и 36,5 отсто од гласовите.

Според овие анкети, Сојузот Нов народен фронт, кој ги обединува сите левичарски партии, вклучувајќи ја и Непокорена Франција (LFI, радикална левица), ќе освои меѓу 27,5 и 29 отсто од гласовите, додека групата околу претседателот Макрон ќе добие околу 20,5 до 21 процент од гласовите.

Некои анкети сугерираат дека може да се замисли Национален собир и неговите сојузници да освојат апсолутно мнозинство од најмалку 289 пратеници.

Проекциите се соочуваат со сериозни непознаници, почнувајќи од тоа каде ќе останат по тројца кандидати за вториот круг, како и колкав број од повлекувања ќе има во последен момент, во обид да се обединат гласовите против НС.

Кампањата, која траеше три недели, беше обележана со инциденти на терен, при што неколку кандидати и активисти беа нападнати поради зголемените тензии меѓу трите блока, кои се меѓусебно обвинуваат за насилство.

Ако на изборите НС или левичарската коалиција Нов народен фронт (NFP) освојат апсолутно мнозинство (најмалку 289 пратенички места), Макрон ќе мора да избере премиер од редовите на победничката коалиција, кој ќе ги избере своите министри, односно ќе се појави кохабитација на претседател и премиер од спротивни политички табори.

Во случај исходот од изборите да биде релативно мнозинство во парламентот (230 пратенички места), победникот ќе мора да склучува сојузи за да се овозможи усвојување на законите и функционирање на парламентот. /МИА

Аргентинската влада ја затвори државната агенција Телам

Аргентинската влада вчера и официјално го соопшти затворањето на државната новинска агенција Телам, што првично го најави во март,  трансформирајќи ја во државна агенција за рекламирање и пропаганда, пренесуваат француските медиуми.

Агенцијата, основана во 1945 година, „ќе престане да функционира како што функционираше од своето основање во активностите за давање новинарски услуги и како информативна агенција“, се наведува во официјалното соопштение, објавено вчера.

Агенцијата отсега ќе ги „фокусира своите активности на новата стратешка насока на компанијата, а тоа е да работи како рекламна и пропагандна агенција“.

Новата „Agenzia de Publicidad del Estado“ (APE) ќе биде одговорна за „дизајнот, производството, маркетингот и дистрибуцијата на национални и/или меѓународни рекламни материјали“, се наведува во соопштението.

„Продолжуваме да се бориме за да ги заштитиме работните места и социјалната улога на јавните медиуми, кои оваа влада има намера да ги уништи“, одговорија од синдикатот на медиумите во Буенос Аирес (SiPreBA) и група вработени во Телам.

На почетокот на март, ултра-либералната влада на претседателот Хавијер Милеј ја суспендираше агенцијата за јавно информирање и го блокираше пристапот до нејзините згради во Буенос Аирес. Претседателот рече дека агенцијата била „користена во последните децении како агенција за пропаганда на кирхнеризмот“, потсетуваат француските медиуми.

Тери го критикуваше Би-би-си за навредливиот прекар кон Роналдо

Поранешниот дефанзивец на Челзи и Англија, Џон Тери, го критикуваше Би-Би-Си за користењето навредлив прекар за напаѓачот на Португалија, Кристијано Роналдо.

По промашувањето на пеналот во 105. минута од страна на Роналдо синоќа на мечот со Словенија (0:0, 3:0 по пенали), на екраните се појави графика „Misstiano Penaldo“.

- „Би-Би-Си е срамота“, напиша Тери на социјалните мрежи.

Португалија ја совлада Словенија во пенал рулетот со 3:0, еден од ударите го реализира Роналдо.

Во четвртфиналето, Португалците ќе се соочат со Франција на 5 јули.

За да заврши војната во Украина, потребни се три чуда

За да заврши војната во Украина, има потреба од три чуда, се наведува во анализата на белгискиот национален воен експерт полковник Роџер Хусен, цитирана во локалните медиуми. 

БТА

За да заврши војната во Украина, има потреба од три чуда, се наведува во анализата на белгискиот национален воен експерт полковник Роџер Хусен, цитирана во локалните медиуми. Според него, нема изгледи да се случат вакви чуда во скоро време, иако, како и при секоја војна, и при оваа на крајот ќе се стигне до мировен договор. Според него, никој нема да биде задоволен од тој договор.

Нереални очекувања

Хусен е на мислење дека преговорите може да се започнат кога барем една од страните смета дека постигнале добра позиција и, доколку борбата продолжи, тоа може да се промени. Ако двете страни, како што е сега, очекуваат да ги подобрат своите позиции додека продолжуваат непријателствата, борбите ќе продолжат, вели тој. За да има преговори, една од двете страни мора да постигне значителен пробив или двете страни мора да бидат убедени дека нема да постигнат ништо повеќе со борба. Во војна, не мора да се постигне повеќе со инвестирање дополнителни средства, сили и опрема, како што покажаа Виетнам и Авганистан, забележува полковникот.

Нема победа на бојното поле за ниту една страна во следните две години, освен ако не се случи чудо, додава Хусен. Според него, само воено чудо може да доведе до неизбежно постигнување на целта на Русија за целосна контрола над четирите заземени украински региони Доњецк, Луганск, Запорожје и Херсон.

Тесна основа за преговори

За да се договори прекин на огнот или мир, неопходно е да се утврди основата за преговори со отстапки прифатливи за двете страни. Киев бара прекин на борбите, обновување на целата нејзина меѓународно призната територија, исплата на репарации од Москва и доведување на рускиот претседател Владимир Путин пред Меѓународниот кривичен суд.

Русија сака конечно пристапување на четирите украински региони и одбивање на Украина да влезе во НАТО, неутралност и заштита на рускиот јазик, како и прифаќање на конечното отцепување на Крим, забележува Роџер. Според него, можно е да се преговара за безбедносните гаранции и за јазикот, но решението за териториите повторно ќе бара чудо, бидејќи тоа неминовно би довело до неуспех на едната страна.

Неподнослива цена за постигнување мир

Дури и да се надминат споменатите пречки и да се постигне договор, тој треба да биде прифатен од целото општество во двете земји. Колку повеќе цената на војната расте и влијае на општеството, толку повеќе ќе очекува крајот на војната да ги оправда направените жртви. Цената на мирот не смее да ја надмине цената на војната. Секој договор што не води до целосна победа носи економски и политички загуби. Ако украинскиот претседател Володимир Зеленски прифати, на пример, да се откаже од украинскиот брег на Азовското Море, тоа ќе доведе до значителна економска штета, бидејќи таму се развива производството. За разлика од неговиот ривал во Москва, Зеленски се соочува со политички последици во едно демократско општество.

За Путин, продолжувањето на војната е поврзано со неговата сопствена положба и колку повеќе руското општество го чувствува нејзиното влијание врз нивните животи, толку неговите опции за склучување договор стануваат поограничени. Ова уште повеќе се однесува во отсуство на нови територијални преземања во Украина. На Путин ќе му биде тешко да го протурка договорот низ редовите на структурите на моќ, според Хузен.

Неговиот заклучок е дека само чудо може да доведе до завршување на војната. Тој забележува дека војните обично завршуваат подоцна од денот кога ќе станат стратешки бескорисни. Ниту една страна нема да добие се што сака, а западната стратегија дека „Украина мора да победи“ ќе се покаже како илузорна. Крвопролевањето ќе продолжи се додека страните се придржуваат до таа визија, е мислењето на експертот.

притисни ентер