Најмалку 18 лица загинати, а 30 повредени при терористички напади во североисточна Нигерија

Најмалку 18 лица се убиени, а 30 се повредени при терористички напади во североисточната нигериска држава Борно, соопшти локалната служба за итни случаи.

Од пред 15 години, Борно е подложен на напади од исламистички групи кои убија илјадници локални жители и принудија милиони да ги напуштат своите домови. Иако нигериската армија успеа да го ограничи капацитетот на исламистичките борци, тие сè уште извршуваат смртоносни напади врз цивили и напаѓаат припадници на безбедносните сили.

Баркиндо Саду, раководител на Агенцијата за управување со итни случаи во државата Борно, изјави дека вчера имало три одделни напади во градот Гвоза. Напаѓачи-самоубијци нападнале учесници на свадбена церемонија, луѓе собрани на погреб, како и болница во градот Гвоза. Саду посочи дека засега е потврдена смртта на 18 лица, меѓу кои две деца и бремена жена, а повредени се најмалку 30 лица.

Засега никој не ја презел одговорноста за нападите, но најактивни терористички групи во Борно се „Боко Харам" и "Исламска држава - провинција Западна Африка". /МИА

Јерликаја: Во Кајзери уапсени 67 лица по насилните немири

Турскиот министер за внатрешни работи Али Јерликаја изјави дека 67 лица се уапсени по немирите кои избија во градот Кајсери, откако Сириец малтретирал петгодишно девојче, кое му било роднина.

Немирите кои започнаа во неделата, кога поголема група луѓе се собраа во населбата Меликгази во Кајсери, откако странски државјанин, Сириец, малтретирал петгодишно девојче и запалил возила на странски државјани, јавуваат турските медиуми.

Во инцидентите повредени се 10 полицајци.

Јерликаја на платформата Х изјави дека граѓани фатиле сириски државјанин и го предале на безбедносните сили, откако малтретирал дете. Насобраните потоа нападнаа продавници во сопственост на Сиријци, како и домови на поединци.

„Подоцна, нашите граѓани се собраа и делуваа незаконски, на начин што не е во согласност со човечките вредности, оштетувајќи ги домовите, работните места и возилата на сириските граѓани“, рече турскиот министер.

Објавена Монографија за Питу Гули од Кочо Топузоски

Во издание на Здружението за уметност и култура „Дијалог“ од Скопје, излезе од печат монографија за Питу Гули, историографски труд од познатиот македонски писател и публицист Кочо Топузоски.

Книгата е објавена во знак на одбележување на 120 години од загинувањето на легендарниот војвода од Мечкин Камен, Питу Гули (1865-1903), чиј животен и револуционерен век се поклопува со најзначајниот период од борбата на македонскиот народ за самостојност и за создавање национална држава, познат во историските традиции како илинденска епопеја.

Како што наведува издавачот, Монографијата се појави во едицијата „Сведоштва“ и таа донесува обемен историографски материјал од архивски карактер, потоа од спомени, од изворни семејни кажувања, а користени се и материјали од весници, списанија и зборници. Книгата располага со низа факсимили од оригинални и до сега непознати документи и фотографии.

Кочо Топузоски (1951) е автор на повеќе книги од областа на поезијата и историографијата. Меѓу нив се и: Ноќни делби, поезија (1975); Питу Гули – живот и потоа, историско – биографски осврт (1995); Болна прелест, поезија (2003); Питу Гули – живот и потоа, дополнето издание (2003); Никола Карев – живот и потоа, монографија (2005); Никола Карев – патешествија низ документи, монографија (2008); Препознавања, поезија (2012); Војводата Питу Гули, монографија (2015); Посланија и риданија, поезија (2016); Нафора мугреница, поезија – избор на македонски, албански и влашки јазик (2017); Ветераните на Илинден, историографија (2017) и И жега и река, поезија – избор (2020); Илинденската споменица, историографија (2023).

Аргентинската влада ја затвори државната агенција Телам

Аргентинската влада вчера и официјално го соопшти затворањето на државната новинска агенција Телам, што првично го најави во март,  трансформирајќи ја во државна агенција за рекламирање и пропаганда, пренесуваат француските медиуми.

Агенцијата, основана во 1945 година, „ќе престане да функционира како што функционираше од своето основање во активностите за давање новинарски услуги и како информативна агенција“, се наведува во официјалното соопштение, објавено вчера.

Агенцијата отсега ќе ги „фокусира своите активности на новата стратешка насока на компанијата, а тоа е да работи како рекламна и пропагандна агенција“.

Новата „Agenzia de Publicidad del Estado“ (APE) ќе биде одговорна за „дизајнот, производството, маркетингот и дистрибуцијата на национални и/или меѓународни рекламни материјали“, се наведува во соопштението.

„Продолжуваме да се бориме за да ги заштитиме работните места и социјалната улога на јавните медиуми, кои оваа влада има намера да ги уништи“, одговорија од синдикатот на медиумите во Буенос Аирес (SiPreBA) и група вработени во Телам.

На почетокот на март, ултра-либералната влада на претседателот Хавијер Милеј ја суспендираше агенцијата за јавно информирање и го блокираше пристапот до нејзините згради во Буенос Аирес. Претседателот рече дека агенцијата била „користена во последните децении како агенција за пропаганда на кирхнеризмот“, потсетуваат француските медиуми.

притисни ентер