ЕУ го стави на чекање грузискиот пат кон членство

 Лидерите на ЕУ одлучија да ја запрат Грузија на патот кон Европската унија поради новиот закон за невладини организации (НВО) кои добиваат странски средства.

Според законот, независните медиуми и другите граѓански организации мора да се регистрираат како „странски агенти“ и да доставуваат податоци до државата доколку добиваат повеќе од 20 проценти од финансирањето од странство.

-Законот за невладини организации претставува назадување во однос на условите поставени за членство на Грузија во блокот, се вели во изјавата на лидерот на ЕУ, пренесува ДПА.

Во соопштението се повикуваат грузиските власти да ги поништат „тековните дејствија кои го загрозуваат патот на Грузија кон ЕУ, де факто доведувајќи го пристапниот процес до застој“.

Грузија е официјален кандидат за членство во ЕУ од декември 2023 година.

Масовните протести во Грузија и интервенцијата на ЕУ и Соединетите Американски Држави, кои се противат на законот, не ја поколебаа владата. Противниците веруваат дека законот, кој стапи на сила на почетокот на јуни, ќе служи за замолчување на организациите кои ја критикуваат владата на начин сличен на рускиот.

Владејачката партија Грузиски сон го оправда законот со зголемување на транспарентноста и зајакнување на суверенитетот на Грузија.

ЕУ досега разговараше за низа одговори на случувањата во Грузија, вклучително и замрзнување состаноци на високо ниво и насочување на финансирањето на ЕУ директно на невладините организации во земјата.

Исто така, имаше загриженост за поддршката на грузиската јавност, која останува цврсто проевропска.

-Главниот фокус е да се испрати силна порака до грузиската влада и да се поддржи грузискиот народ, изјави дипломат на ЕУ за ДПА.

Бисерко: Вучиќ нема да го спроведе Бриселскиот договор, го чека Трамп

Бисерко вели дека Вучиќ чека промена на политичките околности во меѓународен контекст, особено доаѓање на власт во Соединетите Американски Држави на поранешниот претседател Доналд Трамп.

Претседателката на Хелсиншкиот комитет за човекови права во Србија, Соња Бисерко, изјави дека српскиот претседател Александар Вучиќ не е подготвен да ги спроведе бриселскиот основен договор и охридскиот анекс постигнати во косовско-српските преговори на почетокот на минатата година.

Во интервју за новинската агенција КосоваПрес, Бисерко вели дека Вучиќ чека промена на политичките околности во меѓународен контекст, особено доаѓање на власт во Соединетите Американски Држави на поранешниот претседател Доналд Трамп.

- Многу зависи од меѓународниот контекст. Како прво, изборите во Белата куќа, ова е нешто што го чека Белград, со надеж дека Трамп ќе се врати. Второ, Европската унија и она што го постигна десницата е исто така нешто што Белград го смета за позитивен потег во однос на нивните интереси. Од друга страна, овие групи, овие партии можат да влијаат и на политиката на проширување, повеќето од нив се против него. И трето, зависи и од тоа како Русија ќе продолжи со окупацијата на Украина, вели Бисерко.

Проблемот, според неа, е што оваа руска агресија „се чини не е само против Украина, туку и против целиот Запад и неговите вредности“.

- Нивната цел (на Русија) е навистина да го уништат овој европски концепт, кој е единствен концепт во историјата, мировните договори итн., што е исклучително важно за нашиот регион, имајќи ги предвид минатите децении не само на војни, туку и на недоразбирања и неподготвеноста на Србија да се вклучи во процесот на нормализација и подоцна помирување, смета Бисерко.

Таа е песимист дека ќе има напредок во дијалогот меѓу Приштина и Белград и покрај можните средби на високо ниво, но и на главните преговарачи во Брисел.

Српската активистка за човекови права нагласува дека меѓународната заедница треба да го види потенцијалот за дестабилизација што доаѓа од Белград, бидејќи, како што вели, западњаците не ја притискаат Србија да ги исполни барањата во смисла на изведување пред лицето на правдата на одговорните за минатогодишниот терористички напад во Бањска во северно Косово.

- Случајот Бањска навистина беше предупредување за западната заедница, дека постои потенцијал за дестабилизација што доаѓа од Белград. Тие брзо реагираа и спречија оваа ситуација да ескалира. Но, за жал, Србија не одговори соодветно според она што се бараше од неа, и од ЕУ и од САД. Таа го третира ова како реакција на српската заедница на дискриминацијата во Косово, што секако не е реално. Затоа, Србија не одговара на барањата, а од друга страна, Западот навистина не ја притиска Србија да го исполни тоа што се бара од неа, вели Бисерко во интервјуто за КосоваПрес. /MИА

Награда за животно дело за Виктор Шеќеровски македонскиот писател и поет од Белград

Писателот и поет Виктор Шеќеровски, кој има македонско потекло, а живее и работи во Белград, Р.Србија, доби награда за животно дело од Меѓународната поетска манифестација „Охридски поетски бисер-Охрид, јави дописникот на МИА од Белград.

Следејќи ги древните македонски световни традиции, деветтата поетска манифестација која се одржа во духовно светилиште, црквата Пресвета Богородица Перивлепта во Охрид, од пристигнатите 154 поетски творби, од кои 111 од македонски автори вклучувајќи ги младите поети и поетите од македонската дијаспора, како и 43 странски автори од Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Хрватска, Република Српска (БИХ) и Косово, наградите за животно дело оваа година ги додели на македонскиот книжевник од Србија-Виктор Шеќероски и на Паско Кузман познат македонски, балкански, европски и светски археолог, поет и публицист.

Прва награда за македонски поети од Дијаспора ја доби Ангелина Бачева Орбовиќ од Белград, додека Втора награда на странски поети ја доби Весна Стојкоска од Белград. Вероника Саздовска доби награда за млади поети, додека Љиљана Тричковиќ доби признание од поетска манифестација „Охридски поетски бисер-Охрид“.

- За нас, македонскиот јазик, почитувајќи ги сите светски јазици, е и ќе остане наш корен, наш стожер, наша духовност, наша опстојба и водилка кон иднината на идните македонски генерации, порача на доделување на наградите Мирко Томовски, претседател на Здружението за литература и култура Охридски поетски бисер Охрид.

Виктор Шеќеровски е најпознатиот македонски поет и писател во Србија, кој со децении живее и твори во Белград, есеист, преведувач, еден од најголемите афирматори на македонскиот јазик, култура и лингвистика во Србија, автор на повеќе книжевни дела и поетски збирки, кои ги твори на двата јазици-и на македонски и на српски јазик.

Член е на Друштвото на писателите на Србија и Македонија. Беше оснивач и уредник во НИУМИЦ од Панчево-институција задолжена при Национаниот совет на македонците во Србија за издавање на списанија и книги на македонски јазик, беше уредник на списанието Македонска виделина, како и уредник на списанието за литература, култура и уметност ВИДЕЛО. Добитник е на повеќе српски и македонски книжевни награди./МИА

Британската влада предупредува на ризик од руско мешање на изборите во Велика Британија

Британскиот вицепремиер Оливер Дауден денеска предупреди за ризик од руско мешање во кампањата за парламентарните избори во Велика Британија на 4 јули, откако австралиски медиум откри координирана активност од ваков вид на „Фејсбук“.

„При сите избори постои закана, и навистина ја гледаме при овие избори, од непријателски учесници кои се обидуваат да влијаат на резултатот“ од гласањето, изјави Оливер Дауден за телевизијата „Скај њуз“.

-„Русија е пример за ова и тоа е класичен пример на руската игра“, додаде тој, мислејќи на операција на „ниско ниво“.

Австралиската јавна телевизија Еј Би Си идентификуваше пет координирани „Фејсбук“ страници со вкупно 190.000 претплатници, кои критикуваат неколку британски политички партии, вклучувајќи ги лабуристите и конзервативците, но понекогаш ја поддржуваат антиимиграционата партија на Најџел Фараж „Реформа Обединето Кралство“. Експерти интервјуирани од Еј Би Си во тоа гледаат знак за руско влијание.

„Никако не претпоставувам дека има некаков вид директен заговор“ меѓу Русија и лидерот на антиимиграционата партија „Реформа УК“ Најџел Фараж, изјави Оливер Дауден, истакнувајќи дека целта му е „да предупреди“ за „заканата од руска државна интервенција во нашите избори“.

Од друга страна, тој ги осуди неодамнешните коментари на Фараж дека Западот ја „испровоцирал“ војната во Украина.

Запрашан во етерот на телевизијата „Скај њуз“ за стравувањата од странско мешање, Фараж ги нарече тврдењата на Дауден „руска лажна вест“.

Тој, исто така, повтори дека случајот со расистичките забелешки за британскиот премиер Риши Сунак дадени од еден од неговите активисти е „стапица“. - Тоа беше само еден трик од почеток до крај“ и „намерен обид да се уништи нашата кампања, рече Фараж. /МИА

притисни ентер