Димитриеска Кочоска: Измените и дополнувањата на Буџетот за 2025 произлегуваат од реалните потреби на граѓаните - Канал 5

Димитриеска Кочоска: Измените и дополнувањата на Буџетот за 2025 произлегуваат од реалните потреби на граѓаните

Измените и дополнувањата на Буџетот за 2025 произлегуваат од реалните потреби на граѓаните, институциите и стопанството.

Димитриеска Кочоска: Измените и дополнувањата на Буџетот за 2025 произлегуваат од реалните потреби на граѓаните

Предложените измени и дополнувања на Буџетот за 2025 година произлегуваат од реалните потреби на граѓаните, институциите и стопанството, и се во согласност со макроекономските движења и реализацијата во првата половина на годината. Овие измени не го менуваат суштински нашиот пристап, туку го подобруваат, оптимизираат и прилагодуваат Буџетот кон приоритетите – сервисирање на клучните обврски, подобра распределба на расходите и поефикасно користење на расположливите извори на финансирање, истакна денеска министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска образложувајќи го дополнетиот предлог на измените и дополнувањата на Буџетот за 2025 година.

- Вкупните приходи се проектирани на 362,4 милијарди денари, што е зголемување од 1% во однос на иницијалниот план. Овој незначителен пораст е резултат на непроменета проекција на даночни приходи, зголемени неданочни приходи, како и проширувања на буџетите на сметките за самофинансирачки активности. Даночните приходи остануваат стабилни и според планот, благодарение на добрата реализација во првата половина од годината, подобрената методологија за проектирање и засилената координација меѓу Министерството за финансии, Управата за јавни приходи и Царинската управа. Дополнително, заложбите за намалување на сивата економија, дигитализација на процедурите и засилените контроли ќе придонесат за уште подобра наплата до крајот на годината, рече Димитриеска Кочоска.

Министерката кажа дека социјалните придонеси како изворни приходи на фондовите за пензиско и здравствено осигурување и на Агенцијата за вработување се планирани во износ од 117,1 милијарди денари, односно истите се непроменети во однос на придонесите планирани со Буџетот за 2025 година. Вкупните расходи се планирани на ниво од 403,7 милијарди денари, што е зголемување за околу 1%, или приближно 3,5 милијарди денари повеќе во однос на иницијалните проекции. Буџетскиот дефицит останува непроменет – 41,3 милијарди денари или 4% од БДП.

- Ова отстапување од фискалното правило е резултат на потребата од финансирање на обврски предвидени со закон и договори, како и на инфраструктурни инвестиции со висок приоритет, рече Димитриеска Кочоска.

Зголемувањето на расходите, како што кажа таа, се базира на реалокација на средства помеѓу буџетски корисници на неопходните расходни позиции, користење на сопствените приходи со цел непречено тековно работење, односно преку проширување на сметките на сопствените приходи се обезбедиле дополнителни средства за проекти од областа на животната средина, поддршка во енергетиката, културата и образованието, здравството за набавка на инсулин и медицинска опрема.

- Дообезбедување на средства за непречена исплата на плати, пред се наменети за финансирање на зголемените плати за 10% за вработените во Министерството за внатрешни работи за околу 1 милијарда денари. Зголемен трансфер до Фондот за ПИОМ од Централен Буџет од 2,5 милијарди денари со цел непречено финансирање и исполнување на обврските на Фондот за исплата на зголемените пензии и транзициски трошоци, како и дообезбедување на средства за капитални расходи кај институции за проекти со поинтензивна реализација, пред се во Министерството за одбрана за околу 1 милијарда денари, рече Димитриеска Кочоска.

Министерката за финансии образложи дека капиталните расходи се проектирани на 47,4 милијарди денари, што претставува 11,7% од вкупните буџетски расходи и 4,6% од БДП – што значи дека развојната компонента на Буџетот останува еден од неговите столбови.

- Средствата се наменети за патна, железничка и локална инфраструктура, реконструкција и модернизација на здравствени установи, капитални вложувања во образованието и социјалната заштита, исполнување на договори во одбраната и безбедноста, како и рурален развој. Дополнително, ја продолжуваме финансиската поддршка кон општините, преку инвестиции во капитални проекти и инфраструктура и поддршка на финансиска стабилност. Со последната Одлука за пренамена, дополнително се буџетирани 584 милиони денари, а за локални инфраструктурни проекти во 2025 година се планирани вкупно 6,5 милијарди денари, рече Димитриеска Кочоска.

Овие инвестиции, посочи пред пратениците, се водени од принципите на рамномерен регионален развој, стимулирање на добро буџетирање и наплата на локални приходи, и подобрување на методологијата за пресметка на трошоци за тековно одржување. Проектираниот дефицит за 2025 година е во износ од 41,3 милијарди денари и одлив во износ од 84,2 милијарди денари, од кои за отплата на надворешен долг 49,2 милијарди денари, за домашен долг 17,0 милијарди денари, одлив по гаранции во износ од 2,7 милјарда денари и одлив по даден заем кон Развојна банка на Северна Македонија во износ од 15,4 милијарди денари, а ќе се финансираат преку домашно и странско задолжување.

Според Димитриеска Кочоска, државниот долг на крајот на 2025 година ќе изнесува 53,3% од БДП, а јавниот долг се очекува да биде на нивото од 62,1%.

Министерката за финансии пред Собранието зборуваше и за најновите движења во економијата за клучните индикатори за состојбата на нашето макроекономско окружување.

Според прелиминарните податоци на Државниот завод за статистика, БДП во првиот квартал од 2025 година забележа реален раст од 3%, односно 3,2% ако се земе предвид сезонската и календарската прилагоденост.

-Со тоа, го продолжуваме позитивниот тренд којшто започна во втората половина на минатата година. Овој резултат е особено значаен ако се има предвид сложеното надворешно окружување – геополитички тензии, трговски ограничувања, како и намалена побарувачка од нашите главни партнери. Најголем придонес за економскиот раст имаат услугите, индустријата и градежништвото. Услугите пораснаа за 2,2%, индустријата за 2,1%, а градежништвото имаше највисока стапка на раст – 7,1%. Дополнително, индустриското производство во мај бележи раст од 9,4%, што зборува за забрзување на активноста. И земјоделството, кое често се соочува со предизвици, го продолжи позитивниот тренд со раст од 0,7%, рече Димитриеска Кочоска.

Јасно е, смета таа, дека растот на БДП е поттикнат од зголемената домашна побарувачка. - Бруто инвестициите пораснаа за значителни 18%, а финалната потрошувачка за 1,9%, предводена од личната потрошувачка – која бележи раст од 2,1%. Ова укажува на зголемен расположлив доход кај граѓаните, благодарение на повисоките плати, повисоките пензии и зголеменото кредитирање. Јавната потрошувачка бележи умерено зголемување од 1,1%, а извозот, по седум квартали во негативна зона, конечно влезе во позитивна со раст од 1,2%. Увозот, пак, расте со стапка од 5,8%, пред сè поради зголемениот увоз на интермедијарни производи и услуги. Сепак, позитивен сигнал доаѓа од мај – извозот на стоки тогаш бележи висок раст од 23,4%, што резултираше со кумулативен раст од 3,2% во периодот јануари – мај. Истовремено, увозот бележи раст од 1%, што доведе до намалување на трговскиот дефицит за 4% во однос на истиот период минатата година, рече министерката.

Трендот со стабилни и охрабрувачки резултати продолжува и на пазарот на труд. Стапката на невработеност во првиот квартал е на најниско ниво досега од 11,7%, а истовремено, вработеноста се зголеми на 46,3%, а бројот на вработени се зголеми за над 15 илјади лица во однос на истиот период лани. Просечната нето-плата во април бележи значаен раст од 10,6% номинално, но, како што нагласи, она што е поважно за 7,8% реално. Растот, според Димитриеска Кочоска, е евидентен во речиси сите дејности, а највисоки зголемувања има во здравството, образованието и административните услуги – токму сектори од клучно значење за општеството.

Ја истакна и стабилната динамика на кредитирањето. -Заклучно со мај, кредитната активност порасна за 12,1% на годишно ниво – при што кредитите за домаќинства растат за 10,1%, а за претпријатија дури за 14,3%. Ова го поддржува и растот на депозитите – 12,2% во просек – што е знак на доверба во финансискиот систем и во економските политики што ги водиме. Имајќи ги предвид ваквите остварувања за стабилизирање на економијата во 2024 година, во 2025 се очекува натамошно забрзување на економската активност, со проектиран раст од 3,7%. Оваа проекција останува непроменета, имајќи предвид дека резултатите од првиот квартал се во рамки на очекувањата, со позитивни сигнали за понатамошна динамика, рече министерката.

Клучен двигател на економскиот раст, потенцираше таа, се очекува да бидат бруто-инвестициите. Само во првиот квартал се бележи силен раст, што се предвидува да продолжи и во текот на годината, со проекција од 8,6%. - Ова, пред сè, се должи на зголемената реализација на големи државни инфраструктурни проекти, како и на засилените капитални инвестиции од страна на општините – поддржани со дополнителни финансиски средства под поволни услови. Дополнително, значителен импулс очекуваме од приватниот сектор. Со финансиските средства што веќе се достапни под извонредно поволни услови, само во првите пет месеци повлечен е речиси половина од предвидениот износ за поддршка на инвестиции во производни и извозни капацитети, рече таа.

Во однос на потрошувачката, приватната потрошувачка се очекува да порасне за 2,6% во реални износи. Извозот, кој во изминативе две години беше под притисок од надворешни фактори, вели министерката, во 2025 година се очекува да закрепне, со раст од 2,2%. Со раст на домашната побарувачка и умерено зголемување на извозот, се предвидува увозот да порасне за 3,3%.

Пазарот на труд продолжува со позитивни тенденции. Проектираме раст на вработеноста од 1,6% и намалување на стапката на невработеност на 11,1%, а стапката на вработеност да достигне 47%. Активните мерки за вработување, преку Оперативниот план за 2025 година, се насочени кон младите, жените и ранливите категории.

-Ќе поддржиме мерки за стекнување нови вештини, преквалификација и развој на претприемништвото. Што се однесува до инфлацијата, во 2025 година очекуваме таа да се стабилизира на 2,8%. Иако имаше краткотраен пораст на цените во почетокот на годината, особено кај храната, владините мерки за ограничување на маржите веќе даваат резултати – цените бележат забавување. Базичната инфлација покажува стабилизирачки тренд кој очекуваме да продолжи, рече Димитриеска Кочоска.

Дефицитот на тековната сметка на платниот биланс се проектира на 2,2% од БДП – понизок од лани, главно поради подобрените очекувања кај нето-извозот.

Министерката рече дека се очекува благо забавување кај странските директни инвестиции во споредба со 2024, но тие ќе останат на солидно ниво, што ќе придонесе задржување на девизните резерви на адекватно ниво.

Сепак, таа рече дека и понатаму постои неизвесност поврзана со геополитичките тензии, особено конфликтите во Украина и Блискиот Исток.

-Потенцијалното влошување на трговските односи во светот може да има негативни последици за синџирите на снабдување и за довербата на инвеститорите. Внатрешно, евентуалното забавување на реформите и капиталните проекти би можело да ја одложи очекуваната економска динамика. Исто така, ризиците за инфлацијата остануваат – поврзани со нестабилните цени на примарните производи и геополитичките шокови, рече Димитриеска Кочоска.

Заменик народниот правобранител Илбер Руфати се обрати на седницата посочувајќи дека и покрај изнесените барања за зголемување на буџетот за народниот правобранител тоа не е направено.

Собранието денеска ја започна 62. пленарна седница на која на дневен ред е дополнетиот предлог на измените и дополнувањата на Буџетот за 2025 година, Предлог на завршна сметка на Буџетот на Република Македонија за 2024 година и Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за извршување на Буџетот на Република Македонија за 2025 година, по скратена постапка.

Пратениците треба да донесат одлука за испраќање на припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество вo меѓународната операција на Организацијата на обединетите нации „УНИФИЛ“, во Република Либан, а треба да го разгледаат и Предлог на законот за установи за средно образование на верските заедници, во прво читање.

Дневниот ред на 62. седница е дополнет со Предлог на Закон за иновациска дејност, научно-технолошки развој и претприемништво, по скратена постапка на предлог на пратеници од владејачкото мнозинство, како и со одлука за распишување јавен оглас за директор на Агенцијата за заштита на личните податоци.

Седницата почна со задоцнување од еден час, повторно на барање на пратениците на Левица.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Британија активира 95.000 поранешни војници- ги подготвуваат за до вчера незамисливо сценарио

Велика Британија подготвува голема вежба за мобилизирање на поранешни војници, со 95.000 поранешни припадници на вооружените сили во срцето на планот. 

Британија активира 95.000 поранешни војници- ги подготвуваат за до вчера незамисливо сценарио

Владата сака да тестира колку брзо може да ги пронајде, повика, опреми и распореди во случај на сериозна криза.

Планот го објави министерката за одбрана Луиз Сандерс-Џонс, која рече дека ветераните ќе бидат вклучени во вежбата следната година во обем што Велика Британија „не го видела долго време“.

Сè уште не е познато колку од проценетите 95.000 луѓе всушност ќе бидат повикани за вежбата, бидејќи деталите за планот сè уште се разработуваат.

Сепак, целта не е само да се тестира воената подготвеност.

Британија сака да открие дали всушност може да ја активира огромната мрежа на поранешни војници на кои смета во време на криза.

Кои се луѓето во стратешката резерва на Велика Британија?

Стратешката резерва вклучува поранешни припадници на британските вооружени сили кои, дури и по напуштањето на службата, може да бидат обврзани да одговорат на повик од државата.

Проблемот е што во последниве години, британските власти докажаа дека немаат веродостојни евиденции за тоа каде се наоѓаат голем број од овие луѓе.

Началникот на Генералштабот за одбрана, воздушниот маршал Сер Ричард Најтон, предупреди дека Велика Британија нема „ефикасен систем за следење и ангажирање“ на луѓе кои неодамна ја напуштиле војската.

Со други зборови, Лондон има потенцијално голем број обучени луѓе, но не е сигурен колку брзо може да ги собере.

Тоа ќе биде една од главните цели на претстојната вежба.

Ситуацијата дополнително се менува со новиот Закон за вооружените сили.

Старосната граница за мобилизација на ветерани се предвидува да се зголеми од 55 на 65 години, додека во исто време се менуваат и условите под кои тие можат да бидат повикани.

Досега, мобилизацијата бараше „национална опасност, голема вонредна состојба или напад врз Обединетото Кралство“.

Новите правила го намалуваат прагот.

Во иднина, „воените подготовки“ би можеле да бидат доволни за повикување.

Промената треба да стапи на сила напролет следната година.

Ова значи дека стратешката резерва повеќе не се смета само за последно средство во случај на директен напад врз Велика Британија, туку како дел од поширока подготовка за можен конфликт.

Британската војска има уште еден голем проблем

Во исто време, британските вооружени сили се соочуваат со недостиг на персонал.

Армијата моментално има околу 71.000 целосно обучени војници подготвени за фронтовската линија, што, според британски извори, е најмал број во повеќе од два века.

Намалувањата веќе ја погодија воената обука, при што обуката на некои членови на Третата дивизија е откажана. Исто така, се известува дека вежбите со боево гаѓање се суспендирани до април.

Затоа, ветераните би можеле да претставуваат значаен дополнителен човечки ресурс доколку Велика Британија треба да ги прошири своите воени капацитети.

Сепак, постои и причина за претпазлив оптимизам.

Министерството за одбрана објави дека во текот на изминатата година, за прв пат од 2021 година, повеќе луѓе влегле во вооружените сили со полно работно време отколку што ги напуштиле.

Зголемувањето, сепак, е релативно мало.

Во контекст на растечките тензии со Русија

Планот за активирање на стратешката резерва доаѓа во време кога Велика Британија сè повеќе отворено зборува за можноста за поширок европски конфликт.

Москва претходно им се закануваше на британските фабрики кои произведуваат беспилотни летала за Украина, додека западните разузнавачки служби предупредија за руска саботажна кампања во Европа.

Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, ги обвини Велика Британија и Франција дека „си играат со оган“ со поддршка на Украина.

Во исто време, постојат планови Украина да добие пристап до технологија за производство на крстосувачки ракети „Сторм Шедоу“, што би му овозможило на Киев самостојно да произведува оружје со долг дострел.

Таквиот потег дополнително ги зголемува загриженостите во Лондон за можен руски одговор.

Кремљ, од друга страна, ги отфрла тврдењата дека се планира напад врз НАТО и оценува дека ваквите обвинувања се заплашување.

Зошто вежбата со ветераните е важна сега?

Велика Британија формално не мобилизира 95.000 луѓе за војна.

Она што го прави е тестирање на системот што треба да функционира ако мобилизацијата еден ден навистина се случи.

Лондон сака да знае каде се неговите поранешни војници, кој е способен да одговори, колку брзо можат да бидат повикани и колку време ќе биде потребно за повторно да се опремат и да бидат подготвени за должност.

Затоа претстојната вежба ќе биде многу повеќе од едноставна воена проверка.

Ќе покаже колку е навистина подготвен британскиот систем за сценарио во кое голем број поранешни војници би морале повторно да облечат униформа.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Јапонија воведува итна помош за хуманоидни роботи

Хуманоидните роботи полека излегуваат од лабораторијата и почнуваат да работат меѓу луѓето, а Јапонија веќе се соочи со многу практично прашање: што ако робот се расипе среде својата работа?

Јапонија воведува итна помош за хуманоидни роботи

Затоа GMO AI & Robotics Corp подготвува специјално сервисно возило кое ќе се движи по улиците на Токио и ќе излегува на терен кога хуманоиден робот ќе престане да работи правилно.

Компанијата го нарече „GMO Humanoid Ambulance“. Возилото ќе носи резервни делови и алатки потребни за поправки, додека инженер задолжен за решавање проблеми ќе излегува на терен со нив.

Идејата всушност многу кажува за тоа колку брзо се менува улогата на хуманоидните роботи. Додека до неодамна тие беа главно атракции на саеми и демонстрации, Јапонија сега почнува да ги третира како машини кои треба да се одржуваат, сервисираат и повторно да се стават во функција.

Јапонија веќе тестира роботи на аеродромите и станиците

Ова не е изолиран експеримент. Во мај, Јапонија започна со тестирање на хуманоидни роботи на аеродромот Ханеда во Токио, каде што се користат за задачи поврзани со патнички багаж.

Од минатиот месец, роботите се тестираат и на железничките станици, каде што извршуваат разни сервисни задачи.

Во исто време, јапонските власти силно го поддржуваат развојот на домашната вештачка интелигенција и роботика, меѓу другите причини за национална безбедност и контрола на податоците.

Доколку ваквите системи почнат да се користат во поголем број, сервисните возила како што се „хуманоидните амбулантни возила“ би можеле да станат сосема нормален дел од градската инфраструктура. Роботот што се расипува повеќе нема да чека некој да го однесе во сервис, туку сервисот би дошол да го подигне.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Мајка се вратила од родителски состанок и со 96 убоди со нож си ја убила ќерката, осудена е

Медицинска сестра од Чешка е осудена на 18 години затвор за убиството на нејзината осумгодишна ќерка, која минатата година ја избодела 96 пати. 

Мајка се вратила од родителски состанок и со 96 убоди со нож си ја убила ќерката, осудена е

Вишиот суд во Прага сега ја потврди првостепената пресуда, со што случајот е донесен до конечна завршница, објавија локалните медиуми.

Мајката го извршила злосторството во Колин, каде што живеела со својата ќерка.

Според нејзиното сведочење, кратко пред убиството, таа се вратила од родителски состанок каде дознала дека нејзината ќерка има сериозни проблеми со училишната програма и дека можеби ќе ѝ треба посебна грижа.

Она што следело се претворило во еден од најсериозните случаи што ја потресоа Чешка во последните месеци.

Жената зела кујнски нож со сечило долго околу 20 сантиметри и ја нападнала својата ќерка.

Таа ѝ нанела вкупно 96 убодни и исечени рани на девојчето, практично по целото тело.

Според судските документи, детето се обидело да се одбрани. Нејзините дланки имале повреди од обидот да го зграби ножот и да го извади од раката на нејзината мајка.

Мајката подоцна на суд го опишала моментот што довел до нападот.

„Ме погледна и забележа дека држам нож во раката. Почна да станува, да ми се доближува и сакаше да ме прегрне“, рече таа.

Како што изјави, девојчето почувствува дека нешто не е во ред.

„Ѝ реков дека ќе одиме заедно, дека нема да ја оставам тука на судбината“, додаде жената.

Пред убиството земала лекови

Мајката претходно земала голема количина лекови против болки, наведувајќи дека проголтала околу шест раце апчиња.

Првично, рече таа, планирала да се самоубие и да ја остави ќерка си со нејзините родители.

Меѓутоа, откако дознала дека девојчето можеби ќе има потреба од посебна грижа, решила да ја убие и неа.

„Планот беше да се самоубијам и да ја оставам ќерка ми со нејзините родители. Но, потоа ми текна дека ќе ѝ треба посебна грижа, а тоа ќе значи многу грижи. Затоа си реков дека не можам да ги префрлам грижите врз моите родители. Ова е моето дете и мојот проблем“, рече таа.

По нападот, се обидела да си го одземе животот, но преживеала.

Според неа, таа се сеќава само на првите три или четири убоди, по што нејзината меморија е празна. Лековите што ги земала почнале да дејствуваат и таа ја изгубила свеста.

Полицијата и пожарникарите ја пронашле следниот ден, откако нејзината мајка ги повикала властите.

За време на судењето, жената зборувала и за својата тешка финансиска и семејна состојба.

Таткото на детето, со кого таа повеќе не живеела, според неа, само придонел за образованието на нејзината ќерка во првите пет години од нејзиниот живот.

Во меѓувреме, таа го отплаќала хипотеката и повремено позајмувала пари од нејзината мајка.

Дополнително на загриженоста бил фактот дека на девојчето ѝ била дијагностицирана ретка генетска болест.

Мајката тврдела дека некаде прочитала дека децата со такво генетско нарушување нема да преживеат до зрелоста.

Сепак, ова тврдење не се темелело на вистина.

„Ја сакав, но ми беше неверојатно жал за неа. Си помислив: што сме направиле со некого, што ова мора да ни се случи“, изјави таа пред судот.

Таа се изјасни за виновна во јуни.

Вишиот суд во Прага сега ја потврди 18-годишната казна и ја отфрли жалбата на осудената жена, како и барањето на обвинителството за построга казна.

Пресудата е конечна.

Обвинителството првично бараше 20 години затвор, но беше подготвено да прифати поблага казна поради нејзиното признание на вина.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер