Пол Џорџ кариерата ќе ја продолжи во Филаделфија

Досегашниот кошаркарот на Лос Анџелес клиперс, Пол Џорџ кариерата ќе ја продолжи во Филаделфија.

НБА-ѕвездата ќе потпише договор со својот нов клуб на 4 години и 212 милиони долари.

Опцијата за „играч“ ќе важи за последната сезона.

Џорџ ги помина последните години во Клиперс, но не успеа да постигне договор со клубот за продолжување. Искористувајќи ја опцијата во неговиот договор, Пол се откажа од својата последна сезона и стана слободен агент.

Минатата сезона Џорџ имаше просек од 22,6 поени, 5,2 скока, 3,5 асистенции и 1,5 украдена топка по натпревар.

НАТО испраќа свој специјален пратеник во Украина

 Членките на НАТО одлучија да испратат специјален пратеник во Киев, со што ќе го прошират цивилното присуство на западната воена алијанса во Украина, изјави портпаролот на Алијансата за германската новинска агенција ДПА.

Високиот функционер ќе има задача да ја координира политичката и практичната поддршка на Алијансата на терен додека Украина продолжува да се брани од руска инвазија.

Одлуката за испраќање постојан специјален пратеник доаѓа во пресрет на самитот на НАТО од 9 до 11 јули во Вашингтон, каде што се очекува лидерите за првпат официјално да усвојат план за координирање на воената помош за Украина во рамките на официјалната мисија наречена НАТО безбедносна помош и обука за Украина.

Засега не се знае кој ќе биде назначен на новата функција во Киев. Портпаролот рече дека се ќе биде подетално познато по официјалната процедура за избор.

Новата официјална мисија на НАТО ќе ја надгледува и обуката на украинските војници во земјите - членки на НАТО.

НАТО има официјално претставништво во Киев речиси десет години, вклучително и канцеларија за врски и центар за информации и документација кој постои од 1990-тите. Ова претставништво, меѓу другото, е задолжено за контакти со украинските министерства и власти за промовирање на политичкиот дијалог и практична соработка. /МИА

Јермак: Украина не е подготвена на територијален компромис со Русија за завршување на војната

Украина не е подготвена да постигне компромис со Русија и да отстапи од кој било дел од својата територија за да заврши војната, изјави шефот на кабинет на украинскиот претседател Володимир Зеленски, Андриј Јермак.

Јермак ова го изјави синоќа во Вашингтон, коментирајќи ја изјавата на републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп дека може брзо да го прекине конфликтот во Украина доколку биде избран за претседател на САД во ноември.

Британските медиуми пренесуваат дека Јермак кажа дека Украина ќе ги послуша сите совети за да постигне, како што наведе, „праведен мир“, но дека не може да прави компромиси кога станува збор за независноста, слободата, демократијата, територијалниот интегритет и суверенитет.

Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека Москва ќе ја заврши војната доколку Киев се согласи да ги предаде четири украински региони на истокот и југот на земјата што Русија ги анектираше.

Јермак е во посета на Вашингтон пред самитот на НАТО следната недела во овој град каде се очекува Украина да биде главна тема. /МИА

ЦГК: Ниту едно министерство или општина во земјава нема високо ниво на заштита од корупција

Ниту едно министерство или општина во земјава нема високо ниво на заштита од корупција во јавните набавки, соопшти Центарот за граѓански комуникации (ЦГК).

ЦГК го објави рангирањето на Владата, министерствата и општините според 32 индикатора за антикорупциските перформанси во јавните набавки. Институциите се сместени во три зони: црвена, жолта и зелена, зависно од освоените поени за начинот на кој ги спроведуваат јавните набавки. Притоа, 100 отсто значи максимална, а 0 проценти никаква заштита од корупција.

-Ниту една институција не се наоѓа во зелената зона, на висока заштита од корупција, со остварување на антикорупциските перформанси од над 80 отсто. Четири министерства и 43 општини се наоѓаат во црвената зона, односно нивните јавни набавки се спроведуваат со ниско ниво на заштита од корупцијата бидејќи имаат освено помалку од 50 отсто, наведува ЦГК.

Според рангирањето, најголема изложеност на корупција имаат Министерството за образование и наука, Министерството за внатрешни работи, Министерството за животна средина и просторно планирање и Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, а со најдобри антикорупциски перформанси, чие остварување е 72 отсто, се Министерството за одбрана и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Кај општините, најниско ниво на остварување на антикорупциските перформанси во јавните набавки е утврденo кај Кратово и Гостивар. Во црвената зона е и Градот Скопје, како и 40 други општини. Најдобри антикорупциски перформанси во јавните набавки има Општина Кавадарци, 70 отсто, како и Велес и Пробиштип, 66 проценти.

Според Центарот, ниското ниво не мора по секоја цена да значи корупција во јавните набавки на таа институција, туку дека не се преземаат сите можни мерки кои треба да ја спречат, и оттука можноста таа да се случи во овие институции е повисока.

Рангирањето е изработено во рамките на програмата „Граѓаните против корупцијата“, поддржана од УСАИД.

притисни ентер