Точно ќе се знае за кој проект, колку пари ќе бидат наменети, вели Мицкоски

Точно ќе се знае за кој проект, колку пари ќе бидат наменети, вели Мицкоски за средствата што ќе им бидат дадени на општините.

Премиерот Христијан Мицкоски денеска во изјава за медиумите рече дека средствата од Буџетот што ќе бидат наменети за општините ќе им бидат префрлени на локалните самоуправи откако тие ќе достават проекти и точно ќе се знае за кој проект, колку средства ќе бидат наменети.

- Средствата ќе бидат префрлени до општините откако претходно општините ќе достават проекти на наменска сметка, нема да бидат префрлени на редовна сметка на општините за тие да ги користат за тековно работење – за плати или плаќање на стари долгови, изјави Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања по ставањето камен-темелник на нова градинка во општина Бутел.

Најави дека многу скоро ребалансот на Буџетот ќе се најде во собраниска процедура и точно ќе се знае како и од која ставка ќе бидат обезбедени средствата.

- Имаме граѓани кои, за жал, во 21 век немаат вода за пиење во центарот на урбаните средини, да не зборувам за канализациски организирани средини, игралишта за најмладите, спортски или со детски играчки, улици, булевари, се уште по кал се гази. Тоа се проектите што ќе бидат финансирани од оваа Влада, рече Мицкоски.

Во однос на инвестицијата со ветерниот парк што ја презентираше на вториот ден од изборот на Владата, Мицкоски рече дека се е согласно закон и дека земјиштето нема да се оттуѓи, туку ќе му биде дадено на располагање на инвеститорот.

- Се е по закон, никакви привилегии, никакви права и никакви обврски немаат граѓаните, ниту државата. Ние не бевме против Чебрен, туку бевме против процедурата со која што потенцијалниот инвеститор, би рекол, практично беше измамен од страна на тендерската комисија којашто го имаше подготвено тој повик бидејќи едни биле условите на почеток, а други на крајот на таа процедура, рече Мицкоски.

За изградбата на „Чебрен“, рече дека негов личен став е дека треба државата да има ваква акумулација и дека треба да се обезбедат средства и сами да го градиме овој објект.

- И во предизборието кажавме и сега ќе кажам - треба да одлучиме дали „Чебрен“ сакаме како држава да го градиме за тоа да земеме финансии и како држава да го градиме или ќе бараме приватен инвеститор којшто ќе го изгради проектот од почеток до крај без какви било концесии коишто ќе дојдат од државна страна. Тоа е она кое што како држава треба да расчистиме и како Влада да го направиме. Длабоко сум убеден дека на Македонија и како држава и е потребен уште еден резервоар за вода, односно да се изгради уште една акумулација што ќе биде потенцијален резервоар за вода, бидејќи имајќи ги предвид климатските промени и годините што следат, тоа ќе ни биде потребно за идните генерации, истакна Мицкоски.

Реализацијата на овој проект, според Мицкоски, ќе обезбеди и дополнителен капацитет за наводнување на Тиквешкото Поле и туристички потенцијал односно изградба на викенд населби, хотели итн., коишто ќе можат да привлечат голем број туристи.

Физичка пресметка меѓу татко и син од кумановско

Едниот со посериозни повреди пренесен во скопските клиники.

Две лица, татко и син се повредени при меѓусебна пресметка претпладнево во кумановската населба „Иго Тричковиќ“, соопшти СВР Куманово.

- Денеска 10:40 часот во СВР Куманово било пријавено дека во населбата „Иго Тричковиќ“ бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу татко и син, во која бил употребен и остар предмет. Двајцата со повреди биле пренесени во општа болница Куманово, информираше СВР Куманово.

Полициските службеници се на терен и се преземаат мерки за расчистување на случајот. Од кумановската болница информираат дека едниот од повредените поради сериозноста на повредите е транспортиран на една од скопските клиники.

„Ашарк ал-Аваст“: Само две или три лица знаат каде се крие лидерот на Хамас, Јахја Синвар

Само две или три лица знаат каде е лидерот на Хамас во Газа, Јахја Синвар, изјавија извори од палестинската екстремистичка организација за весникот Ашарк ал-Авсат.

„Многу тесен круг, од не повеќе од две или три лица, знае каде престојува и ги обезбедува неговите различни потреби, како и комуникација со лидерите на организацијата внатре и надвор“, изјави неименуван извор за весникот, кој се печати во Лондон.

„Израел не успеа да стигне до многу лидери од прв и втор ред (на Хамас) на политичко и воено ниво, но се обиде да убие некои од нив. Некои беа ранети, а некои преживеаја и излегоа неповредени од бомбашките операции во различни области и цели. Но, Синвар не е меѓу нив“, додаде изворот.

Во извештајот не е прецизирано дали Синвар се крие „над земја“ или во тунелите, јавуваат израелските медиуми.

Во февруари, израелската војска објави видео на кое наводно се гледа Синвар на 10 октомври 2023 година, три дена по почетокот на војната меѓу Израел и Хамас, како шета низ тунел во Газа со неколку членови на семејството.

Извори блиски до лидерот на Хамас изјавија за Ашарк ал-Авсат дека веруваат дека Синвар нема да размислува за договор што ќе го доведе во егзил.

„Синвар размислува за две опции, без трета, додека е жив, или да ги исполни условите на отпорот за запирање на војната, повлекување на окупаторските сили и прекинување на договорот за размена, или да ја добие честа да (стане) маченик“, објасни изворот, додавајќи дека нема други опции и дека предлогот за егзил е неприфатлив за Синвар.

Претходно беше најавено дека Израел може да предложи договор врз основа на кој организаторот на нападот врз Израел на 7 октомври ќе замине во егзил од Газа.

Израел претходно најави дека сите лидери на Хамас, што таа земја, САД и ЕУ ја сметаат за терористичка организација, ќе бидат убиени или заробени. /МИА

Најмалку 24 повредени пред ноќен клуб во Сплит откако се скрши стаклен ѕид

Дваесет и четири млади луѓе беа повредени пред популарен ноќен клуб во хрватското јадранско одморалиште Сплит доцна синоќа откако се скрши стаклена фасада на влезот во клубот.

Повредените, од кои повеќето биле туристи од Германија и Шведска, чекале пред клубот за да влезат. Тие се здобиле со исеченици од парчиња стакло што се разлетале, јави денеска локалниот весник „Слободна Далмација“, цитирајќи извори од болницата во Сплит.

Како што пренесе ДПА, маж на возраст од 20 и девојка на возраст од 16 години останале во болница и нивната состојба е опишана како стабилна. Останатите повредени по укажаната прва помош се вратиле дома.

Според првичните истраги, најверојатно стаклената фасада пукнала поради притисок од големиот број луѓе.

Сплит е најголемиот град во хрватскиот крајбрежен регион Далмација. Милиони луѓе одат на одмор таму во лето. /МИА

притисни ентер