Безос купува толку голема суперјахта, што и е потребна помошна јахта

Џеф Безос, најбогатиот човек на светот, наводно купува брод иако зборот „брод“ изгледа несоодветен за суперјахтата долга 127 метри. Суперјахтата е толку масивна што има своја помошна јахта со хелиодром, според Блумберг.

Проценетата цена, без јахтата за поддршка на бродот, е 500 милиони долари, пишува Си-Ен-Ен.

Холандскиот производител на луксузни јахти „Океанко“ не објавува многу детали за бродот наречен „Проект 721“.

Половина милијарда долари е незамислива сума пари за повеќето луѓе, но тоа е мал дел од 75 милијарди долари што Безос ги заработил само во 2020 година. Според Блумберг, неговата вкупна нето вредност е нешто помалку од 200 милијарди долари.

Акциите на Амазон (АМЗН), примарен извор на богатство на Безос, пораснале за неверојатни 75% минатата година, откако пандемијата го смени однесувањето на потрошувачите во корист на компанијата и Волстрит инвестира многу во технолошки компании.

Безос не е сам: американските милијардери заедно заработиле 1,1 трилиони долари во 2020 година, што ги прави скоро за 40% побогати отколку пред пандемијата.

Безос веројатно го нарачал бродот многу пред пандемијата, но веста за неговата нова екстравагантна играчка сега привлече внимание кон уште една индустрија која што има корист од бумот на берзата и пандемијата во САД.

Продажбата на бродови во САД минатата година достигнала 13-годишен рекорд. „Последниот квартал за суперјахти беше рекорден“, изјавил еден аналитичар за Блумберг. Производителите на екстравагантни јахти тешко можат да го следат тоа.

„Невозможно е да се добие место во производната хала“, вели аналитичарот. „Тие се целосно резервирани.“

Ибраимоски и Глигорова: „СТОП за извршителите, брзите кредити и должничкото ропство“

Носителот на пратеничката листа на коалицијата „Храбро за Македонија“ во изборната единица пет, Самка Ибраимоски, денеска заедно со активистката и кандидатка за пратеничка Ана Глигорова ја посетија Битола. 

Носителот на пратеничката листа на коалицијата „Храбро за Македонија“ во изборната единица пет, Самка Ибраимоски, денеска заедно со активистката и кандидатка за пратеничка Ана Глигорова ја посетија Битола каде се потпишуваше петицијата „СТОП за извршителите и брзите кредити“.

Воедно, Ибраимоски и Глигорова нагласија дека оваа борба за правда, за враќање на извршителите кадешто им е местото и ослободување на народот од должничко ропство е еден од главните приоритети на предизборната програма на коалицијата „Храбро за Македонија“.

- Денеска бевме во Битола, на средба со граѓани. Имавме петиција за „СТОП на извршителите“ и стоп за кеш кредити, успешна петиција.

Суштината на нашата кампања во изборна единица пет, ќе биде токму оваа агенда: „СТОП за извршители и СТОП за брзи кредити“. - нагласи Глигорова.

- Ме радува што сите граѓани ја прифатија нашата иницијатива и се потпишаа многу луѓе и тоа е добро, што народот почна поинаку да размислува за разлика од претходно. И очекувам дека и во другите градови, како што се Ресен, Охрид, Струга, Демир Хисар и другите околни места, ќе ни ја дадат поддршката за парламентарните избори, истакна претседателот на ПЦЕР и носител на пратеничката листа, Самка Ибраимоски.

Центар за комуникации на ГРОМ, коалиција „Храбро за Македонија“

Арсовска изврши увид на градежни работи на реконструкција на водоводна мрежа во Гази Баба

Град Скопје денес реализира уште еден проект од големо значење за граѓаните. 

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска заедно со претставници од Секторот за планирање и уредување при Град Скопје и скопското јавно претпријатие „Водовод и канализација“ извршија увид во завршните градежни работи на реконструкција на водоводната мрежа на ул. Антон Попов во општината Гази Баба.

Со изведбата на водоводните приклучоци на овој потег кои се поврзуваат со постојната водоводна мрежа со профил од 150 милиметри, се решава повеќедеценискиот проблем на жителите со честите прекини во водоснабдувањето поради застареноста на системот, а се решаваат загубите на вода и трошоци за поправките на дефектите на водоводната мрежа.

Изведбата на овој проект претставува дел од програмата на градоначалничката Данела Арсовска за обновување на градската мрежа, во децениски заборавените населени места, што претставуваше и долгогодишно барање на жителите од тој дел на градот.

Град Скопје

Тошковски: СВР Струмица поднесе кривична пријава против градоначалникот на општина Богданци

СВР Струмица поднесе кривична пријава против градоначалник на општина Богданци и вработена во Одделение за урбанизам при Општина Богданци.

Имено, првопријавениот во својство на градоначалник на Општина Богданци, во периодот од 17.05.2021 до 15.06.2021 година по претходно спроведена јавна набавка и договор склучен со најповолен економски оператор, со средства од буџетот на Општина Богданци извршил изградба и реконструкција - поставување на бехатон на КП 9458 КО Богданци која е во приватна сопственост, без да се спроведе постапка за експропријација, на начин што свесно оваа парцела ја прикажал како дел од улица "Крсте Мисирков" во Богданци бидејќи за истата нема и не може да има соодветна дозвола за градба и на тој начин спротивно на ДУП на Општина Богданци, спротивно на Закон за експропријација и без соодветна дозвола за градење , со буџетски средства бесправно е изградена приватна КП 9458 КО Богданци, во корист на нејзините сопственици, а на штета на буџетот на општината.

Второпријавената вработена на работно место помлад соработник - урбанистички планер во Одделение за урбанизам и градежништво во Општина Богданци со овластување дадено од првопријавениот, задолжена како одговорно лице за следење на текот на постапката за изградба и реконструкција на улици на територија на Општина Богданци, иако била должна да знае дека наведената КП е во приватна сопственост, дека согласно ДУП за Општина Богданци на истата не може да се вршат градежни активности, бидејќи нема соодветна дозвола за тоа и не е спроведена постапка за експропријација, сепак го пропуштила надзорот кој била должна да го спроведе со несовесно постапување во вршење на своите законски овластувања и во ниту еден момент не реагирала на незаконските постапки со што овозможила бесправно со буџетски средства да се изгради приватна парцела КП 9458 за КО Богданци во корист на нејзините сопственици, а на штета на буџетот на Општина Богданци.

Со горенаведеното првопријавениот сторил кривично дело "Злоупотреба на службена положба и овластување" и "Бесправно градење", а второпријавената сторила кривично дело "Несовесно постапување во службата", објави на ФБ министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.

притисни ентер