Во Штип прва средба на УО на Солидарен Фонд

Целта на новоформираниот Управен одбор на Солидарниот Фонд на Штип е навремена финансиска помош на граѓаните на Штип, кои имаат итна потреба од лекување во странство.
Примерот со малата Валерија, на која и беше потребна итна операција во Истанбул, Турција , за што, штипјани покажувајќи ја  хуманоста, во рекорден временски рок ги собраа потребните финансиски средства, е повод, Локалната власт да формира Солидарен Фонд, во кој сите правни и физички субјекти финансиски ќе донираат. Навремената помош на секој кој има потреба од итни лекарски интервенции во странство, од било каков вид, е основниот сегмент во работата на Фондот. Управниот Одбор го сочинуваат претставници од штипската Општина, стопанството, невладиниот сектор, граѓаните и медиумите кои работат во Штип.

-  Целта е да помагаме на нашите сограѓани. Ова го основавме, бидејќи примерот со случајот со малата Валерија беше доволна иницијална каписла, во иднина, навремено да се реагира се во името на здравјето на штипјани. Верувам дека, сите чинители од Штип ќе земат активно учество донирајќи одредена сума на финансиски средства, што исклучително ќе бидат наменети за лекување на сограѓаните кои имаат потреба од неодложни прегледи и операции во странство. Фондот ниту во една друга насока нема да служи, освен во интерес на здравјето на штипјани, истакна градоначалникот Бочварски.


Ахмети се сретна со Мет Палмер од Стејт департментот

Претседателот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети се сретна со заменик-помошникот државен секретар во Стејт департментот, Мет Палмер. 

Од ДУИ информираа дека на состанокот се разговарало за преговорите меѓу Скопје и Атина и можностите за затворање на спорот за името со цел да се отворат вратите на НАТО и ЕУ за Македонија.

Ахмети истакнал дека ДУИ го поддржува затворањето на прашањето и придонесува за постигнување на прифатлив компромис за двете страни.

- Компромисот ќе ни овозможи да добиеме покана за влез во НАТО и да добиеме датум за почеток на преговорите за членство во ЕУ. Евроатлантската интеграција на Македонија е наш приоритет бидејќи овозможува мир, стабилност и безбедност, но исто така отвора нови и конкретни економски перспективи, посочил Ахмети.

Во соопштението од ДУИ се наведува дека САД силно ја поддржуваат евроатлантската перспектива на Македонија и поттикнуваат надминување на сите пречки на овој пат. 

Најмногу дожд во Крива Паланка

Во изминатите 24 часа најмногу дожд наврнало во Крива Паланка, покажуваат мерењата на УХМР.

Спорд мерењата во Крива Паланка се наврнати 47 литри на метар квадратен воден талог, следи Струмица со 31, Скопје - Зајчев Рид со 25, Штип со 20, Скопје - Петровец 19, Куманово 18, Демир Капија 17, Ѓуриште 15, Берово девет, Тетово, Виница и Маврово седум, Охрид и Пожаране шест, Крушево, Дојран, Гевгелија и Тополчани пет, Прилеп четири, Битола два и во Претор еден литар.

Минималната температура се движела од седум во Претор, девет во Берово, 10 Маврово и Крушево, 11 Ѓуриште и Крива Паланка, 12 Пожаране и Тополчани, 13 Охрид, 14 Виница, Тетово, Битола, Куманово и Прилеп, 15 Штип, Струмица и Скопје до  16 во Демир Капија, Гевгелија и Дојран.

Времето денеска ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд, на места врнежите ќе бидат поројни и проследени со грмежи. Локално се очекуваат пообилни врнежи, особено во источните делови.

Соодветно на оваа најава за денеска, во зависност од остварувањето на прогнозата за врнежите, кај помалите водотеци и суводолици од УХМР очекува брз пораст и затоа доколку се јават поројни води, предупредуваатна внимателно движење покрај водотеците и суводолиците. Максимална температура денеска ќе се движи од 17 до 24 степени.

Од утре ќе биде претежно стабилно и потопло, во попладневните часови со ретка појава на краткотраен дожд и грмежи. 

Честитка од Мицкоски по повод 24 Мај

Ова е ден кога се потсетуваме на големината на Браќата свети Кирил и Методиј.

Ние треба да бидеме среќни и горди како народ, бидејќи Кирил и Методиј со своето делување и работење овозможија поголема рамноправност на народите во своето време.

Во исто време не треба да заборавиме како горди наследници на секој начин да ја продолжиме нивната мисија образованието да ни биде приоритет, а ширењето на писменоста стремеж кон кој мора да целиме.

Како народ треба да се стремиме и создадеме општество кое почива врз вредностите кои ни ги оставија светите Браќа Кирил и Методиј.

Делото на светите браќа Кирил и Методиј е воедно и потврда за македонскиот јазик, за македонската литература и култура, црква и традиција, револуција и историја, за македонското име и идентитет.

Кирил и Методиј, веруваа во правото на секој народ да го користи својот јазик, а врз основа на тоа да го гради својот идентитет, литература и култура.

Нека ни е честит Денот и Големото дело на светите Кирил и Методиј кое нè обврзува да продолжиме да ги промовираме нивната мисија на учење и традицијата која се темели на мирот, духовното богатство на луѓето, меѓусебното почитување, толеранцијата и солидарноста. 

Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ

притисни ентер