Можни ли се црни сценарија и пресврт на изборите на 8 мај?

Лидерот на СДСМ Ковачевски имал разговори со другите политички партии после претседателските избори, но демантира дека неговата коалиција крои план за бојкот на вториот круг како што тврди претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски. 

За евентуална политичка одговорност и оставка од лидерската позиција во СДСМ вели дека одлуки се носат во партиските органи, во меѓувреме вели дека пораката од граѓаните за лошиот исход е примена, а за 8 мај се надева на подобар резултат.

-Тоа не е точно, јас вчера имав многу јасна порака на митинзите во Сарај и Чучер Сандево. Ги повикувам сите гласачи масовно да излезат на 8 мај и да ги поддржат претседателскиот кандидат Стево Пендаровски и коалицијата За европска иднина на парламентарните избори. Имаме разговори со политичките партии на различни нивоа и ги повикувам сите да имаме масовна излезност на 8 мај,- Димитар Ковачевски – претседател на СДСМ.

Мицкоски на синоќешниот митинг во Кичево кажа дека во противничките штабови се подготвувале две можни сценарија за двојните избори на 8 мај, од кои едното е бојкотирање на претседателските избори, за да не се достигне неопходниот цензус од 40 отсто. Според него, ниту еден план на СДСМ и ДУИ немало да успее, бидејќи очекува масовна излезност на гласачите со зголемување на предноста на ВМРО-ДПМНЕ.

-И двете се губитнички сценарија. Првото е бојкот на изборите каде што најисправниот одговор треба да биде излезноста и масовноста на овие избори. Второто сценарио е играњето со белезите на Македонија и великодушните понуди што овој пат ги добива ДУИ за сметка на Македонија од СДСМ за еден партнерски настап и взаемна поддршка на изборите. Сокриени коваат сценарија за бојкот, на врата се пред Мала речица да ги молат за гласови, како што ги молеа за тендери. Но, народот е посилен и од тие стотина луѓе од ДУИ кои управуваат со државата и од тој артаноиден режим…- Христијан Мицкоски – претседател на ВМРО-ДПМНЕ (Кичево, 25,04,2024).

За евентуален бојкот на вториот круг досега нема официјален одговор од партиите од албанскиот блок. Единствено Скендер Реџепи од Европскиот фронт кажа дека за ова прашање ќе се дискутира на нивните идни средби, а дека лично тој не би гласал за ниту еден од двајцата кандидати, бијдеќи досега се покажало дека Македонците не научиле да гласаат за Албанец.

Инаку, за да се постигне цензусот на овие претседателски избори потребно е на гласачките места да излезат повеќе од 725 илјади гласачи. Сиљановска и Пендаровски во првиот круг заедно освоија нешто над 540.000 гласови.

Италијанскиот министер ги повика западните земји да се ангажираат за преговори со Путин

Италијанскиот министер за одбрана Кросето ги повика западните земји да се ангажираат за преговори со Путин.

Италијанскиот министер за одбрана Гвидо Кросето денеска ги повика западните земји повеќе да се ангажираат за преговори со рускиот претседател Владимир Путин за дипломатско решение за ставање крај на војната во Украина.

Кросето за италијанскиот весник „Месаџеро“ изјави дека економските санкции што Западот ги воведе кон Русија не ги дале очекуваните резултати, односно не ги спречиле руските сили да продолжат со нападите врз Украина.

Тој истакна дека единствениот начин да се стави крај на војната во Украина е во преговорите да се вклучи Путин.

Тој, сепак, ја бранеше одлуката на Италија да продолжи да испраќа оружје во Украина, велејќи дека помошта за Киев има за цел „да се добие во време“ и да се создадат услови за постигнување примирје.

Кросето тврди дека, доколку руските војници го заземат Киев, тоа „неизбежно ќе доведе“ до конфликти со други земји кои, како што наведе, нема да прифатат руски тенкови на своите граници.

Италијанскиот министер рече дека лично го предупредил украинскиот претседател Володимир Зеленски дека украинската контраофанзива минатото лето е осудена на неуспех поради воената супериорност на Русија, но дека Зеленски не го послушал неговиот совет.

Тен Хаг: Никој во Манчестер јунајтед освен Мурињо не ги доби играчите што ги сакаше

Тренерот Ерик тен Хаг одговори на споредбата што ја направи Жозе Мурињо за нивната работа во Манчестер јунајтед.

- Освен Мурињо, ниту еден тренер не ги доби играчите што ги сакаше, што ни требаа. Уверен сум дека ќе ги постигнеме нашите цели, но конкуренцијата е голема. Има седум или осум екипи во Премиер лигата кои имаат многу добри состави и во иднина ќе се борат за титулата. Значи, за да ја освоите титулата, треба да создадете навистина квалитетен тим, рече главниот тренер на Манчестер Јунајтед во интервју за „ESPN“.

Претходно Жозе Мурињо правејќи споредба со Тен Хаг за работата во Манчестер јунајтед, рече дека ја немал поддршката што ја ужива Тен Хаг.

-Немав такво ниво на поддршка. Немав такво ниво на доверба. Во тимот имаше од претходно неколку играчи што не ги сакав пред, истакна Мурињо.

Португалскиот стручњак беше тренер на клубот од мај 2016 до декември 2018 година.

Зеленски до Парламентот поднесе предлог-закон за продолжување на мобилизацијата

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска до Парламентот на Украина, Врховната Рада, поднесе предлог-закони за продолжување на вонредната состојба и периодот на општа мобилизација.

Во Врховната Рада се регистрирани предлог-закони „За продолжување на вонредната состојба во Украина“ и „За продолжување на периодот на општа мобилизација“, пренесува Украинформ.

Во образложението на предлог-законот пишува дека се работи за продолжување на општа мобилизација и вонредна состојба за 90 дена, од 14 мај, кога истекува претходното продолжување од 14 февруари.

притисни ентер