Анкета: Младите во Македонија поделени околу европската перспектива на земјата - Канал 5

Анкета: Младите во Македонија поделени околу европската перспектива на земјата

Мнозинството млади луѓе во земјава гледаат позитивно на ЕУ, но речиси половина не веруваат дека државата некогаш ќе стане членка на Унијата.

Анкета: Младите во Македонија поделени околу европската перспектива на земјата

Мнозинството млади луѓе во земјава гледаат позитивно на ЕУ, но речиси половина не веруваат дека државата некогаш ќе стане членка на Унијата, што го потврдува растечкиот евроскептицизам кај младите во земјите кандидати за членство во блокот, се наведува во публикацијата „Справување со младинскиот евроскептицизам на Западниот Балкан: Случајот на Македонија“.

- Овој јаз помеѓу надежта и реалноста, интересот и недовербата, европската идеја и домашните предизвици, ја формира основата на младинскиот евроскептицизам. Затоа е потребна итна партнерски координирана и долгорочна акција во земјите кандидати за членство во ЕУ, што ќе ги препознае младите како креатори, а не само како публика, ќе ги адресира економските и институционалните бариери, ќе ги поврзе младите луѓе со конкретни европски програми, содржини и платформи и ќе ја направи комуникацијата на ЕУ релевантна, двонасочна и транспарентна, се наведува во публикацијата.

Во неа се посочува дека мора да се има предвид дека младите луѓе во земјава не се пасивни набљудувачи, туку активни актери кои бараат простор, перспектива и партнерство.

- Европа нема да биде комплетна без нив, а процесот на проширување нема да успее без нивно значајно вклучување, се нагласува во документот.

Во него се оценува дека постои значителен простор за брзо и одржливо подобрување на довербата меѓу младите од земјите кандидатки за членство во процесот на пристапување кон ЕУ, а голем дел од решенијата лежи во континуирана соработка и меѓусебно партнерство во спроведувањето на младинските активности меѓу националните институции и телата на ЕУ, со јасни можности за сите млади луѓе да бидат вклучени во дизајнирањето и спроведувањето на ваквите програми и активности.

За потребите на публикацијата кон крајот на јуни 2025 година во соработка со студентската платформа „Студентарија“ е спроведена анкета со која биле опфатени 1.000 млади луѓе од земјава, од кои 81,5 отсто студенти на додипломски или постдипломски студии, како дел од пошироката анализа на ставовите на младите кон Европската Унија, изработена со учество на Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУEП) од Скопје, Европскиот центар за извонредност (ЕЦЕ) од Брисел и либералната Фондација „Фридрих Науман“.

Како што се наведува во публикацијата, оваа онлајн анкета го потврдува присуството на евроскептицизам кај младите, различните очекувања во врска со членството во ЕУ, како и широк спектар на можности и активности што можат да ги преземат националните и институциите на ЕУ во соработка со младите луѓе.

Според анкетата, 41 отсто од младите во земјава „позитивно“ ја перципираат Европската Унија, 24 проценти имаат „негативно“ мислење за неа, додека речиси 35 проценти изразуваат „неутрален“ став кон блокот.

Ваквите резултати, како што се наведува во документот, јасно укажуваат дека има простор за проактивно ангажирање и постои недостиг на подлабока поврзаност со вредностите на ЕУ.

Кога станува збор за иднината на земјата во ЕУ, истражувањето покажува дека 46,5 проценти од испитаниците не веруваат дека државата некогаш ќе стане членка на ЕУ, додека 35,8 отсто веруваат дека членството е можно, но во подалечна иднина. Само 6,7 проценти веруваат дека земјата ќе може да стане членка на ЕУ во текот на следните пет години, додека 11 отсто не знаат или немаат мислење за ова прашање.

Кога станува збор за причините кои ги сметаат за најголема пречка за интеграција на земјата во ЕУ, дури 84,6 отсто од испитаниците ја посочиле „корупцијата“. По неа, со 61 отсто следуваат „билатералните спорови“ и со 60 проценти „ниската доверба во институциите“.

- Ова јасно покажува дека младите го препознаваат домашниот политички амбиент како клучна пречка за напредок на земјата кон ЕУ, а воедно изразуваат очекување за конкретни чекори од националните институции за борба против корупцијата како основа за подобрување на условите за живот и задржување на младите луѓе во земјата, се вели во публикацијата.

Според анкетата, младите луѓе во земјава сметаат дека се „адекватно информирани“ за вредностите и политиките на ЕУ. Вакво мислење имаат 53 проценти од анкетираните, додека 22 отсто изјавиле дека се „многу информирани“, 21,5 проценти дека се „донекаде информирани“. Само 3,5 отсто од анкетираните изјавиле дека „воопшто не се информирани“ за вредностите и политиките на ЕУ.

Во однос на тоа што буди најголем интерес кај младите во државава во врска со ЕУ, дури 76,2 отсто ги навеле можностите за работа и живот во Унијата. По ова следуваат програмите за образование и млади, како што е Еразмус+, со 55,1 проценти, а на трето место со 50 отсто се заштитата на човековите права.

Дополнителните области во интерес на младите поврзани со ЕУ ги вклучуваат заштита на животната средина со 48,1 отсто, дигитализацијата и иновациите со 44,5 проценти и културната размена со 32,2 отсто.

Интересен податок е и дека приближно 60 отсто од испитаниците оцениле дека членството на земјата во ЕУ нема да ја намали емиграцијата на младите луѓе.

На прашањето „Доколку ви се пружи можност, дали би сакале да учествувате во дијалог со претставници на ЕУ“, позитивно одговориле 41,6 проценти од испитаниците, што, како што се наведува во публикацијата, укажува на отвореност на младите за директна комуникација и ангажман.

Од друга страна, 30,5 отсто од испитаниците изјавиле дека се против учество во таков дијалог, а 27,9 проценти рекле дека во моментов не се сигурни околу одговорот на ова прашање.

Според анкетата, над 70 проценти од анкетираните за себе рекле се дека се „општествено неактивни“, а само околу осум отсто изјавиле дека учествуваат во политички или граѓански иницијативи, што, според публикацијата, покажува широко распространето чувство на немоќ во услови на тековните реформски предизвици.

- Овие резултати уште еднаш истакнуваат дека постои значаен простор за проактивни мерки предводени од ЕУ за стимулирање на дијалогот со младите од земјите кандидати за ЕУ, се заклучува во публикацијата.

Во однос на тоа „Кои од шесте земји од Западниот Балкан имаат најголема шанса да станат членки на ЕУ во следните пет години“, дури 53,2 отсто од младите испитаници во земјава ја посочиле Албанија. По ова следуваат Црна Гора со 34,5 проценти и Србија со 14,7 отсто.

Само 8,2 проценти од младите луѓе во земјава веруваат дека таа ќе се приклучи на ЕУ во следните пет години, што, според публикацијата, испраќа јасен сигнал, особено до домашните институции и носителите на јавни функции да преземат конкретни мерки за брзо враќање на довербата во европската перспектива и целосно решавање на корените на евроскептицизмот кај младите.

Во публикацијата се заклучува дека анкетата покажува комплексно јавно расположение, мешајќи го претпазливиот оптимизам за интеграцијата во ЕУ со постојаната загриженост за миграцијата и политичкото учество, особено кај младите граѓани.

- Анкетата го потврдува присуството на евроскептицизам кај младите, а во исто време нагласува широк спектар на можности и активности што можат и треба итно да ги преземат националните и институциите на ЕУ во соработка со младите луѓе и нивните организации, се наведува во публикацијата.

Според директорот за политика и комуникација во Европскиот центар за извонредност, Бојан Кордалов ваквите резултатите се сериозен аларм и повик за акција.

- Доколку на младите луѓе во земјите кандидати за ЕУ не им се понудат вистински можности, стабилност и разбирање, тие би можеле се повеќе да престанат да ја гледаат иднината на својата земја во ЕУ, вели Кордалов.

Според него, поради ова е потребна нова, искрена и поблиска комуникација со младите, преку силни партнерства меѓу ЕУ и земјите кандидати за членство со младите, заедно со конкретна економска и демократска поддршка достапна за секој млад човек.

Во публикацијата се оценува дека за успешно продолжување на земјата на својот европски пат, од суштинско значење е да се поттикнат инклузивни механизми за вклучување на младите во демократскиот живот.

- Ова вклучува зајакнување на младинските центри, формализирање на партиципативните канали и интегрирање на младите луѓе во процесите на креирање политики. Институциите на ЕУ ставаат силен акцент на активното вклучување на младите како камен-темелник на демократската отпорност, социјалната кохезија и одржливиот развој. Напорите за зајакнување на довербата во институциите и борба против корупцијата остануваат подеднакво важни во справувањето со основните причини за јавниот скептицизам и унапредувањето на перспективата на земјата за членство во ЕУ, се посочува во документот.

Публикацијата беше промовирана минатата недела во Брисел, а кон крајот на месецов е предвидена нејзина промоција во Скопје. Предвидено е публикацијата да биде презентирана пред дел од пратениците во Парламентот и пред граѓанскиот и младинскиот сектор во земјата, каки и да биде доставена до владините институции и претставници.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Тркало отпадна од автомобил и со цела сила удри во момче, страшниот момент е снимен од надзорна камера (ВИДЕО)

Едноставна прошетка се претвори во драматичен инцидент за 19-годишник од Сантијаго, главниот град на Чиле.

Тркало отпадна од автомобил и со цела сила удри во момче, страшниот момент е снимен од надзорна камера (ВИДЕО)

Младиот човек безгрижно одел по тротоарот кога, од никаде, пред него се појавило тркало од автомобил и со голема брзина излетало од правец на улицата.

Тој поминал со полесни повреди

Снимка од надзорна камера го забележала драматичниот момент во кој момчето било соборено на земја од силата на ударот, по што загрижените сограѓани му се приближиле.

И покрај сè, 19-годишникот преживеал и бил пренесен во клиниката Санта Марија, каде што добил прва помош за повреди на челото, лицето и градите.

Надлежните органи го идентификувале возилото од кое се откинало тркалото, како и возачот, а започната е истрага за да се утврдат околностите на бизарниот инцидент.

Тркалото удрило и во два автомобила

Според изјавата на возачот, автомобилот бил паркиран во гаражата непосредно пред несреќата. Додека возел, едно од тркалата одеднаш се откинало, објавува Иефимерида.

Прво удри во два автомобила, потоа се одби и со голема брзина летна на широкиот тротоар на авенијата Лос Леонес. Во следниот момент, силно го удри 19-годишникот одзади, соборувајќи го на земја.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Апокалиптични снимки од Нов Зеланд: Десетици китови умираат на плажа (ВИДЕО)

Десетици китови-пилоти се пронајдени насукани на плажа на Северниот остров на Нов Зеланд, а спасувачите се обидуваат да ги вратат малкуте преживеани во морето, соопшти Одделот за заштита на природата.

Апокалиптични снимки од Нов Зеланд: Десетици китови умираат на плажа (ВИДЕО)

Најмалку 20 китови-пилоти се насукани по должината на брегот на Нгави, во близина на ’ртот Палисер, најјужната точка на Северниот остров, според „The Straits Times“.

Одделот соопшти дека соработува со локалното племе Маори и Проектот Џона, организација специјализирана за спасување на насукани китови. Досега, две животни се успешно вратени во морето.

Според локалните жители, дури 50 китови се насукале на брегот преку ноќ, објави Радио Нов Зеланд.

Повеќето од животните им подлегнале на повредите, додека волонтерите се обидуваат да ги одржат преживеаните китови во живот и да спречат нивно дехидрирање користејќи кофи со вода и крпи.

„Ужасно е. Оние што се уште се живи едвај дишат“, изјави жителот на Нгави, Роб Барг, за Радио Нов Зеланд.

Проектот Џона објави на Фејсбук на 5 ноември дека четири од китовите се уште се живи и дека спасувачите ќе се обидат да ги вратат во морето при плима. Насукувањето на китови е релативно честа појава во Нов Зеланд и соседна Австралија, поради големиот број китови-пилоти кои ги населуваат длабоките води околу двете островски земји. Причината за феноменот е сè уште непозната.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Лидер на секта е осуден на 200 години затвор поради убиство на 190 деца- одговорен е за смртта на 500 луѓе

Кенискиот суд денеска го осуди водачот на сектата Пол Мекензи на 200 години затвор за убиство на 190 деца кои биле изгладнети до смрт и закопани во шумата по негова наредба. 

Лидер на секта е осуден на 200 години затвор поради убиство на 190 деца- одговорен е за смртта на 500 луѓе

Тие се меѓу околу 500 лица осомничени дека се поврзани со едно од најлошите масовни ритуални злосторства во модерната историја.

Казната се состои од 100 години затвор за убиствата од глад и уште 100 години за директните убиства, изјави судијката Дијана Кавеџа читајќи ја пресудата, објави Ројтерс.

Обвинителството изјави дека Мекензи, кој водел апокалиптична христијанска црква во шума во близина на брегот на Индискиот Океан во источна Кенија, им рекол на своите следбеници да се изгладнат себеси и своите деца до смрт за да стигнат до рајот пред крајот на светот.

Неговите соучесници им се заканувале и ги тепале жртвите за да ги принудат да ги следат неговите наредби. Изгладнетите тела биле пронајдени расфрлани во плитки гробови и фрлени во тоалети. Некои жртви биле закопани живи.

Макензи, облечен во сива поло маица и црни панталони, се насмевна додека влегуваше во шатор поставен пред судот каде што се одржуваше рочиштето.

Тој ги негираше обвиненијата за убиство, велејќи дека не ги принудил жртвите да гладуваат. Судот ја отфрли неговата одбрана.

Татко загубил шест деца

Случајот ја шокираше Кенија во април 2023 година, кога полицијата почна да открива тела во шумата Шакахола, во близина на крајбрежниот град Малинди.

Иако судењето ги опфаќа само случаите на 190 деца и една возрасна жртва, Националната комисија за човекови права на Кенија вели дека вкупно 448 тела се пронајдени во шумата.

Макензи е обвинет и за наредба за убиства на 52 лица пронајдени на друга локација, во село оддалечено 30 километри, со што бројот на потенцијални жртви се зголеми на 500. Во тој случај, тој се изјасни за невин.

Размерот на убиствата е споредлив со апокалиптичниот култен злостор во кој загинаа повеќе од 700 луѓе во Уганда во 2000 година, како и масакрот во Џонстаун во Гвајана во 1978 година, кога американски водач на секта им наредил на повеќе од 900 луѓе да пијат отров.

Стивен Мвити, 48, татко на шесте деца на Мекензи кои биле жртви и сопруг на еден од неговите осудени соучесници, рече дека неговата сопруга ги однела децата во Шакахоле, каде што умреле од глад.

Дури и ако возрасните се согласат да постат, „што е со децата?“, праша Мвити за Ројтерс пред пресудата.

„Ги изгубив моите деца и нема да можам да ги вратам, без разлика што ќе се случи со Мекензи и неговите соучесници“, рече Мвити.

„Очекувам да биде осуден на смрт или доживотен затвор, за да не излезе никогаш и да предизвика повеќе смртни случаи.“

Ден Мекензи, еден од синовите на Пол, рече дека неговиот татко не го поштедил своето семејство.

„Не завршив во Шакахола затоа што повеќе не верував дека ќе одиме во рајот. Затоа ја напуштив црквата и почнав да си го правам своето“, изјави тој за Ројтерс.

„Исто така, изгубив пријатели, како и помлад брат. Ова е правда за луѓето што ги изгубивме таму во Шакахола.“

Важен чекор, но потребна е поголема одговорност

Макензи е на радарот на властите од 2017 година, кога полицијата изврши рација во неговите простории. Властите ја затворија неговата црква во Малинди во 2019 година, по што тој се пресели во блиската шума Шакахола.

Откритијата доведоа до повици за построги контроли врз религиозните групи

Кенискиот претседател Вилијам Руто назначи работна група во мај 2023 година за да ја разгледа законската и регулаторната рамка. Одделни предлози поддржани од владата и Сенатот беа објавени во 2024 година, но сè уште не се усвоени.

Оџиро Одиамбо, раководител на единицата за брза реакција во Комисијата за човекови права на Кенија, рече дека пресудата е важен чекор, но дека одговорноста мора да се прошири, бидејќи локалните администратори, полицијата, разузнавачките службеници и верските водачи се сметаат за одговорни за тоа што не постапиле по повторените предупредувања.

„Сите овие луѓе ги изневериле граѓаните“, рече тој.

Руто во 2023 година изјави дека како претседател ја преземал одговорноста за неуспехот на владата да спречи умирање на луѓе.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер