Ана Дурловски: Во време кога границите раздвојуваат, музиката покажува дека постои друг пат - Канал 5

Ана Дурловски: Во време кога границите раздвојуваат, музиката покажува дека постои друг пат

Да се најдеме на иста сцена со колеги од различни земји, а да зборуваме на ист јазик, јазикот на музиката, е потсетување дека припадноста на Балканот не мора да значи поделба, туку богатство на различности, изјави сопранистката Ана Дурловски.

Ана Дурловски: Во време кога границите раздвојуваат, музиката покажува дека постои друг пат

Да се најдеме на иста сцена со колеги од различни земји, а да зборуваме на ист јазик, јазикот на музиката, е потсетување дека припадноста на Балканот не мора да значи поделба, туку богатство на различности, изјави сопранистката Ана Дурловски за МИА по заедничкиот концерт на нашата и филхармониите на Софија и Солун.

Околу 250 музичари од трите земји, во понеделникот (30 јуни), вторпат заедно настапија во регионалниот проект и ја изведоа музичко-сценската кантата „Кармина Бурана“ од Карл Орф во преполната сала на домаќинот - Државниот симфониски оркестар од Солун, со што заврши и неговата годинашна концертна сезона.

Покрај нашата оперска дива, солисти на сцената и овојпат, како и на премиерната изведба во Софија, на 17 февруари во Националниот дворец на културата (НДК), беа нејзините колеги од двете соседни земји - баритонот Иво Јорданов од Бугарија и контратенорот Николас Спанос од Грција.

Настанот имаше иста програма и ист оркестар заедно со хор, овојпат водени од грчкиот диригент Михалис Иконому, (во Софија диригент беше маестро Најден Тодоров), а во оваа пригода настапи друг детски хор.

Атмосфера полна со возбуда, но и со почит.

- Публиката беше исклучителна. Со топла и искрена реакција како и силна позитивна енергија. Се чувствуваше таа размена меѓу сцената и салата. Атмосферата беше полна со возбуда, но и со почит. Во такви моменти, музиката не е само изведба, таа станува заедничко доживување. Секоја изведба има свој живот, а оваа, во Солун, беше со свои уникатни обележја. Темпата, акцентуација и внатрешната динамика беа поинакви, гледано од интерпретацијата на диригентот. Но, она што беше заедничко, и во Солун и во Софија, беше страста и целосната посветеност на сите учесници. Двете изведби беа моќни на свој начин и оставија силен впечаток и кај публиката и кај нас изведувачите, вели нашата солистка споделувајќи ги впечатоците по настапот.

Идејата беше проектот да биде претставен во трите држави, но засега, вели таа, не е закажана изведба во Македонија.

-Но, идејата постои и навистина вреди да се реализира. Нашата публика заслужува да ја доживее оваа исклучителна изведба со целата нејзина моќ и убавина. Се надевам дека наскоро ќе имаме можност повторно да ѝ се вратиме и да ја споделиме со што е можно повеќе луѓе, додава Дурловски.

Задоволна е од соработката со нејзините колеги, солистите од Бугарија и Грција - Иво Јорданов и Николас Спанос, нагласувајќи дека музиката добива душа кога се работи со врвни професионалци и со вистински личности.

- Соработката со моите колеги беше вистинско уживање. Нè поврзува длабоко пријателство и искрена почит кон уметноста како и кон индивидуалните кариери на секој од нас. Тоа се чувствуваше и на пробите и на сцена. Имаше меѓусебна доверба, внимателно слушање и силна уметничка солидарност. Кога си опкружен со луѓе кои не само што се врвни професионалци, туку и вистински личности, тогаш музиката навистина добива душа, вели нашата сопранистка.

Како што наведе Македонската филхармонија по повод гостувањето, „Кармина Бурана“ е едно од најголемите музичко-сценски дела кое има статус на музички „бестселер“ на 20 век и вклучува хор, солисти, богата оркестрација и сценско дејство – „иконично дело инспирирано од средновековната поетска антологија Codex Buranus, кое по премиерата во 1937 година во Германија предизвикало сензација“.

Не бил случаен, вели Дурловски, изборот на оваа кантата од германскиот композитор Карл Орф како заеднички проект на трите филхармонии.

- Ова дело зборува за универзални теми како судбината, љубовта, страста, радоста и болката, сè она што нè поврзува како луѓе, без разлика на јазик или националност. Неговата музика е интензивна, директна и моќна, совршена платформа за да се обединиме како уметници од различни земји и култури. Во време кога светот сè повеќе се дели, ние преку ова дело испративме порака на заедништво и доверба. Трите филхармонии, секоја со својот идентитет и звук создадоа едно тело што дише како едно. И таа сила на заедничко творење, особено кога се гради преку музика, има моќ да допре многу подлабоко од зборовите, истакнува Дурловски во разговор за МИА.

Симбол на можноста за вистинско регионално поврзување

Таа истакнува дека лично за неа овој заеднички проект е „многу повеќе од една уметничка соработка“.

- Тој е симбол на можноста за вистинско регионално поврзување преку уметноста. Во време кога границите раздвојуваат, музиката покажува дека постои друг пат. Идеја на заедничко творење, заемна почит и културна синергија. Да се најдеме на иста сцена со колеги од различни земји, а да зборуваме на ист јазик, јазикот на музиката е потсетување дека припадноста на Балканот не мора да значи поделба, туку богатство на различности, вели таа.

А, дали ова е, на некој начин, возобновување на Балканската филхармонија која, составена од балкански музичари, имаше неколку концерти на почетокот на веков, Дурловски смета - „може да се каже дека овој проект е чекор кон возобновување на духот на Балканската филхармонија“.

- Можеби не формално, но суштински. Да се поврземе преку уметноста, да создаваме заедно и да изградиме културна платформа која не познава граници. Уметноста отсекогаш била чекор пред политиката, порачува нашата оперска дива.

Поентата на оваа соработка и пораката за пријателство меѓу народите што ја носи проектот ја потенцираше и директорот на Државниот оркестар од Солун, Симос Папанас, кој во обраќање пред публиката истакна: „Најголем неуспех на човештвото е војната, а тоа значи дека сме доживеале очаен неуспех во меѓусебната комуникација“.

- Тука, на Балканот, го научивме ова на тешкиот начин. Сите сме тука денес за да се потсетиме дека нашите разлики се сосема незначителни во споредба со сите работи што нè обединуваат и сите работи што ги споделуваме заедно, истакна Папанас.

Одличната соработка на музичарите од трите соседни земји, која беше поздравена со овации од присутните на концертот во Солун, доби поддршка и позитивни реакции во нашата јавност.

Меѓу нив и од нашиот баритон Игор Дурловски, животниот и професионален сопатник на Ана Дурловски, кој на Фејсбук им честиташе на музичарите за „моќната заедничка изведба“ со коментар: „Видовме ‘Отворен’ Балкан по наш терк во кој културите не се натпреваруваат туку се надополнуваат“.

Секој проект носи ново уметничко искуство

Сопранистката со богата интернационална кариера Ана Дурловски во моментов интензивно се подготвува за рецитал по повод роденденот на фестивалот „Охридско лето“ и нагласува дека тоа ѝ е особено близок и личен настан. Ни ги откри и нејзините следни професионални ангажмани.

- Ме очекува изведба на Германски реквием од Брамс во Богота, Колумбија, дело што веќе е на мојот репертоар. Потоа следува концерт во Осака, Јапонија, во рамки на светската изложба ЕКСПО – настан од глобален карактер, каде музиката станува дел од интеркултурниот дијалог. А, како круна на оваа сезона, би ја издвоила големата премиера на еден извонредно амбициозен проект - операта „Големата тишина", специјална музичко-сценска композиција базирана на Моцартов материјал, во продукција на Операта во Хамбург, наведува Дурловски за МИА.

Како што вели, секој од овие проекти ѝ носи ново уметничко искуство, и кон секој пристапува со особена уметничка љубопитност.

- Навистина сум благодарна што мојата кариера ми овозможува да бидам дел од значајни проекти на различни сцени, заклучува Ана Дурловски./МИА

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Тркало отпадна од автомобил и со цела сила удри во момче, страшниот момент е снимен од надзорна камера (ВИДЕО)

Едноставна прошетка се претвори во драматичен инцидент за 19-годишник од Сантијаго, главниот град на Чиле.

Тркало отпадна од автомобил и со цела сила удри во момче, страшниот момент е снимен од надзорна камера (ВИДЕО)

Младиот човек безгрижно одел по тротоарот кога, од никаде, пред него се појавило тркало од автомобил и со голема брзина излетало од правец на улицата.

Тој поминал со полесни повреди

Снимка од надзорна камера го забележала драматичниот момент во кој момчето било соборено на земја од силата на ударот, по што загрижените сограѓани му се приближиле.

И покрај сè, 19-годишникот преживеал и бил пренесен во клиниката Санта Марија, каде што добил прва помош за повреди на челото, лицето и градите.

Надлежните органи го идентификувале возилото од кое се откинало тркалото, како и возачот, а започната е истрага за да се утврдат околностите на бизарниот инцидент.

Тркалото удрило и во два автомобила

Според изјавата на возачот, автомобилот бил паркиран во гаражата непосредно пред несреќата. Додека возел, едно од тркалата одеднаш се откинало, објавува Иефимерида.

Прво удри во два автомобила, потоа се одби и со голема брзина летна на широкиот тротоар на авенијата Лос Леонес. Во следниот момент, силно го удри 19-годишникот одзади, соборувајќи го на земја.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Апокалиптични снимки од Нов Зеланд: Десетици китови умираат на плажа (ВИДЕО)

Десетици китови-пилоти се пронајдени насукани на плажа на Северниот остров на Нов Зеланд, а спасувачите се обидуваат да ги вратат малкуте преживеани во морето, соопшти Одделот за заштита на природата.

Апокалиптични снимки од Нов Зеланд: Десетици китови умираат на плажа (ВИДЕО)

Најмалку 20 китови-пилоти се насукани по должината на брегот на Нгави, во близина на ’ртот Палисер, најјужната точка на Северниот остров, според „The Straits Times“.

Одделот соопшти дека соработува со локалното племе Маори и Проектот Џона, организација специјализирана за спасување на насукани китови. Досега, две животни се успешно вратени во морето.

Според локалните жители, дури 50 китови се насукале на брегот преку ноќ, објави Радио Нов Зеланд.

Повеќето од животните им подлегнале на повредите, додека волонтерите се обидуваат да ги одржат преживеаните китови во живот и да спречат нивно дехидрирање користејќи кофи со вода и крпи.

„Ужасно е. Оние што се уште се живи едвај дишат“, изјави жителот на Нгави, Роб Барг, за Радио Нов Зеланд.

Проектот Џона објави на Фејсбук на 5 ноември дека четири од китовите се уште се живи и дека спасувачите ќе се обидат да ги вратат во морето при плима. Насукувањето на китови е релативно честа појава во Нов Зеланд и соседна Австралија, поради големиот број китови-пилоти кои ги населуваат длабоките води околу двете островски земји. Причината за феноменот е сè уште непозната.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Лидер на секта е осуден на 200 години затвор поради убиство на 190 деца- одговорен е за смртта на 500 луѓе

Кенискиот суд денеска го осуди водачот на сектата Пол Мекензи на 200 години затвор за убиство на 190 деца кои биле изгладнети до смрт и закопани во шумата по негова наредба. 

Лидер на секта е осуден на 200 години затвор поради убиство на 190 деца- одговорен е за смртта на 500 луѓе

Тие се меѓу околу 500 лица осомничени дека се поврзани со едно од најлошите масовни ритуални злосторства во модерната историја.

Казната се состои од 100 години затвор за убиствата од глад и уште 100 години за директните убиства, изјави судијката Дијана Кавеџа читајќи ја пресудата, објави Ројтерс.

Обвинителството изјави дека Мекензи, кој водел апокалиптична христијанска црква во шума во близина на брегот на Индискиот Океан во источна Кенија, им рекол на своите следбеници да се изгладнат себеси и своите деца до смрт за да стигнат до рајот пред крајот на светот.

Неговите соучесници им се заканувале и ги тепале жртвите за да ги принудат да ги следат неговите наредби. Изгладнетите тела биле пронајдени расфрлани во плитки гробови и фрлени во тоалети. Некои жртви биле закопани живи.

Макензи, облечен во сива поло маица и црни панталони, се насмевна додека влегуваше во шатор поставен пред судот каде што се одржуваше рочиштето.

Тој ги негираше обвиненијата за убиство, велејќи дека не ги принудил жртвите да гладуваат. Судот ја отфрли неговата одбрана.

Татко загубил шест деца

Случајот ја шокираше Кенија во април 2023 година, кога полицијата почна да открива тела во шумата Шакахола, во близина на крајбрежниот град Малинди.

Иако судењето ги опфаќа само случаите на 190 деца и една возрасна жртва, Националната комисија за човекови права на Кенија вели дека вкупно 448 тела се пронајдени во шумата.

Макензи е обвинет и за наредба за убиства на 52 лица пронајдени на друга локација, во село оддалечено 30 километри, со што бројот на потенцијални жртви се зголеми на 500. Во тој случај, тој се изјасни за невин.

Размерот на убиствата е споредлив со апокалиптичниот култен злостор во кој загинаа повеќе од 700 луѓе во Уганда во 2000 година, како и масакрот во Џонстаун во Гвајана во 1978 година, кога американски водач на секта им наредил на повеќе од 900 луѓе да пијат отров.

Стивен Мвити, 48, татко на шесте деца на Мекензи кои биле жртви и сопруг на еден од неговите осудени соучесници, рече дека неговата сопруга ги однела децата во Шакахоле, каде што умреле од глад.

Дури и ако возрасните се согласат да постат, „што е со децата?“, праша Мвити за Ројтерс пред пресудата.

„Ги изгубив моите деца и нема да можам да ги вратам, без разлика што ќе се случи со Мекензи и неговите соучесници“, рече Мвити.

„Очекувам да биде осуден на смрт или доживотен затвор, за да не излезе никогаш и да предизвика повеќе смртни случаи.“

Ден Мекензи, еден од синовите на Пол, рече дека неговиот татко не го поштедил своето семејство.

„Не завршив во Шакахола затоа што повеќе не верував дека ќе одиме во рајот. Затоа ја напуштив црквата и почнав да си го правам своето“, изјави тој за Ројтерс.

„Исто така, изгубив пријатели, како и помлад брат. Ова е правда за луѓето што ги изгубивме таму во Шакахола.“

Важен чекор, но потребна е поголема одговорност

Макензи е на радарот на властите од 2017 година, кога полицијата изврши рација во неговите простории. Властите ја затворија неговата црква во Малинди во 2019 година, по што тој се пресели во блиската шума Шакахола.

Откритијата доведоа до повици за построги контроли врз религиозните групи

Кенискиот претседател Вилијам Руто назначи работна група во мај 2023 година за да ја разгледа законската и регулаторната рамка. Одделни предлози поддржани од владата и Сенатот беа објавени во 2024 година, но сè уште не се усвоени.

Оџиро Одиамбо, раководител на единицата за брза реакција во Комисијата за човекови права на Кенија, рече дека пресудата е важен чекор, но дека одговорноста мора да се прошири, бидејќи локалните администратори, полицијата, разузнавачките службеници и верските водачи се сметаат за одговорни за тоа што не постапиле по повторените предупредувања.

„Сите овие луѓе ги изневериле граѓаните“, рече тој.

Руто во 2023 година изјави дека како претседател ја преземал одговорноста за неуспехот на владата да спречи умирање на луѓе.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер