За отворање на аеродормите и граничните премини се подготвува пртокол за влез и излез од државата

Одлуката за повторното отворање на аеродормите ќе биде дел од отворањето на граничните премини што ќе се носи откако Комисијата за заразни болести ќе направи соодветни протоколи за влез и излез во државата.

– Дадов задолжение до Комисијата за заразни болести да направат соодветни протоколи за влез и излез и на територијата и од територијата на Македонија и тогаш ќе ја носиме заедничката одлука кога ќе се отворат граничните премини и кога ќе се отворат и аеродромите односно граничните премини коишто се наоѓаат на нашиот меѓународен аеродром или на аеродромот во Охрид, информира премиерот Оливер Спасовски, одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференција по владината седница.

Во однос на превозот на патници, како што рече, веќе е донесена Уредба како и на кој начин да се врши јавниот превоз.

-Важно е во возилата да имаме толку патници колку ќе се овозможи доволна дистанца помеѓу патниците, да имаат заштитна опрема и на таков начин да се спроведува јавниот превоз, потенцира Спасовски.

Како што информира, породилното боледување со Уредба е продолжено додека трае вонредната состојба, а ќе се анализира барањето тоа да се продолжи до септември.

– Додека имаме вонредна состојба тие кои се на породилно боледување остануваат на породилно боледување. Секако дека добив и барање, односно допис којшто го доставија до Владата се однесува на барањето да се продолжи тоа и до месец септември. Ќе направиме анализи, не го исклучуваме и тој момент дека можеби треба да се прифати, дека е тоа оправдано итн., и на основа на тие аргументи коишто ќе ги утврдиме секако дека ќе донесеме решение кое што е најповолно за оние лица коишто се на породилно боледување. Така што, ако кажувавме дека ни е приоритет животот, здравјето итн., верувајте дека приоритет ни е и иднината, а децата се иднината на оваа држава, тогаш верувајте дека оваа мерка без некакви големи дискусии може да се донесе доколку имаме потреба од такво нешто, информира Спасовски.

Со мерките за олабавување што ги усвои денеска попладне Владата е предвидено од задутре да почнат со работа повторно угостителските објекти, но, како што појасни министерот за здравство Венко Филипче, повторното целосно функционирање вклучително и организирањето свадби ќе оди постепено и врз основца на следење на епидемиолошката состојба.

За се, потенцираше, има идеја и план и протокол, меѓутоа главната работа е што во сето ова одиме постепено и затоа вака постепено се отвораат угостителските објекти, па понатаму хотелите и организацијата на угостителските објекти во рамки на хотелите и во рамките на сите други објекти таму каде што функционираат. – Во следниот период интензивно ќе ја следиме епидемиолошката ситуација, бројките итн., и сето тоа ќе резултира на крај со дефинитивно отворање и пуштање во функција на се што сега во овој момент не функционира. Оваа стратегија на постепено враќање во функција сметаме дека е добра, тоа е нешто што го прават и сите други земји во светот за евентуално да не се случи нешто што е непредвидено и да биде максимално епидемиолошката ситуација под целосна контрола, укажа Филипче, во одговор на новинарско прашање./МИА

Во музејот на Битлси во Ливерпул е изложен познатиот јапонски сервис за чај на Џорџ Харисон

Јапонскиот сервис за чај, купен од англискиот гитарист, пејач и поранешен член на Битлси Џорџ Харисон во 1966 година за време на турнејата на Битлси низ Јапонија, е изложена во музејот на Битлси во Ливерпул.

Сервисот, еден од трите купени од Харисон во Јапонија, му го подарил менаџерот на турнејата Нил Аспинал на неговиот син Роаг Бест, кој сега го води музејот на Битлси.

Како што изјави, на тридневната турнеја, Битлси свиреле за повеќе од 10.000 луѓе по концерт.

„Битлеманијата навистина ја погоди Јапонија. Тие не можеа да ја напуштат хотелската соба“, рече Бест, кој е син на Аспинал и Мона Бест и полубрат на Пит Бест, оригиналниот тапанар на Битлси.

Тој изјавил дека неговиот татко, маскиран, го придружувал Џон Ленон, додека еднаш излегувале од хотел во Токио, еднаш излегол и Пол Макартни со маска, но Ринго Стар и Харисон останале заклучени во собите.

„Тие сакаа да купуваат работи на турнеја, но бидејќи не можеа да излезат, луѓето ги носеа своите производи во нивните соби. Џорџ купи три многу украсени јапонски чајни комплети кои потоа ги испрати назад во Англија. Чуваше еден, татко ми дозволи тој да избира од преостанатите два, а третиот и го дал на мајка си“, рекол Бест, пренесува Би-Би-Си.

Сервисот е префрлен во Ливерпул, во куќата на Мона Бест, сопственик на клубот „Касба“.

Бест изјавил дека на сетот недостасуваат три чаши кои ги скршил кога имал 15 години.

Тој додаде дека се надева дека сервисот за чај ќе биде од особен интерес за фановите на Битлси од Јапонија кои го посетуваат музејот во Ливерпул.

„Фан клубот на Битлси е еден од најголемите по членство и има околу 40.000 фанови. Мислам дека ова ќе им се допадне“, рече Бест.

САД најавија нови 6 милијарди долари воена помош за Украина

Соединетите Држави обезбедуваат нова воена помош од 6 милијарди долари за да ѝ помогнат на Украина да се одбрани од руската инвазија, изјави денеска американскиот секретар за одбрана Лојд Остин.

Последната испорака на оружје ќе вклучува артилериска муниција, како и ракети за системи за воздушна одбрана Патриот произведени во САД, рече Остин по онлајн состанокот со Контакт групата за одбрана за Украина предводена од Вашингтон.

Соопштението доаѓа откако американскиот Сенат доцна во вторникот одобри нова помош за Киев во вкупна вредност од околу 61 милијарда долари, отворајќи го патот за нови испораки на оружје по повеќемесечната блокада.

Веднаш потоа, во средата, американскиот претседател Џо Бајден најави итен воен пакет од 1 милијарда долари. Станува збор пред сѐ за опрема за противвоздушна одбрана, артилерија, ракетни системи и оклопни возила од залихите на американската армија.

Граѓаните на Дубаи пријавуваат непозната болест, ја поврзуваат со неодамнешните поплави

Луѓето во Дубаи и остатокот од Обединетите Арапски Емирати пријавиле дека се разболеле од водата за пиење по големите и тешки поплави што го погодија регионот.

Земјата беше погодена од врнежи што не биле видени долго време, а за само 12 часа наврна дожд колку за една година.

Поплавите буквално го запреа животот во пустинската земја и предизвикаа хаос на аеродромот во Дубаи, најпрометниот меѓународен воздушен центар во светот. Временските услови предизвикаа Emirates да ги откажат летовите за 200.000 патници и да одложат многу повеќе.

До минатиот вторник, Обединетите Арапски Емирати имале нешто повеќе од 142 милиметри дожд на метар квадратен, додека просечните врнежи се околу 86 мм дожд. На повеќе локации забележани се речиси 250 милиметри дожд на метар квадратен.

Државната новинска агенција ВАМ го нарече дождот „историски временски настан“ што го надмина „се што е документирано од почетокот на собирањето податоци во 1949 година“.

Сега луѓето во Обединетите Арапски Емирати почнаа да покажуваат симптоми поврзани со наводно загадената вода, соопшти Министерството за здравство.

Во соопштението, кое го пренесе државната новинска агенција, не се прецизира точно колку луѓе се болни или од што точно се лекуваат.

Имало „многу ограничен број случаи кои покажаа одредени симптоми на влијание на загадена вода“ и тие се на болничко лекување, велат од Министерството, но не прецизираат што ја предизвикало загаденоста на водата.

Силниот дожд е поврзан со поголем систем на бура минатата недела што го премина Арапскиот полуостров и го премина Оманскиот залив. Истиот циклон донесе и смртоносни поплави во блискиот Оман, каде што загинаа најмалку 18 луѓе.

Дожд врнеше и во Бахреин, Катар и Саудиска Арабија. Сепак, дождовите беа најсилни низ ОАЕ. Се шпекулира дека „сеење на облаци“ ги предизвикало поплавите.

притисни ентер