Вртоглави животни трошоци: Во Западен Балкан потрошувачите ги бојкотираат супермаркетите - Канал 5

Вртоглави животни трошоци: Во Западен Балкан потрошувачите ги бојкотираат супермаркетите

Сѐ почна во Хрватска кон крајот на јануари.

Вртоглави животни трошоци: Во Западен Балкан потрошувачите ги бојкотираат супермаркетите

ЕНР - Брисел

15 февруари 2025

Сѐ почна во Хрватска кон крајот на јануари. Веќе неколку недели, во земјата се одржуваат многубројни бојкоти на супермаркети, со коишто граѓаните го изразуваат своето незадоволство од сѐ повисоките цени. Исто толку незадоволни се купувачите и во други земји-членки на ЕУ, како и во неколку држави што сакаат да се зачленат во блокот.

Бојкотот на продавниците го почна една група на Фејсбук наречена „Ало, инспекторе“. Движењето наиде на поддршка кај групите за заштита на потрошувачите, синдикатите, политичките партии, а доби поддршка дури и од министерот за економија.

- Денеска повторно ќе бојкотираме сè, од супермаркети до аптеки, пекари, кафе-барови и ресторани. Не влегуваме во продавници ниту користиме услуги, изјави Јосип Келемен од „Ало, инспекторе“

Келемен зборуваше пред третиот круг бојкоти во Хрватска на 7 февруари. Иницијативата почна со пораки што кружеа по социјалните мрежи, во кои се повикуваат граѓаните да се воздржат од какво било купување. Организаторите најпрво повикаа на бојкот на интернационалните малопродажни синџири како Лидл од Германија или дисконтот Еуроспин од Италија, а потоа и на еднонеделен бојкот на хрватскиот Конзум, кој завршува на 14 февруари.

Оттогаш, движењето се прошири низ целиот балкански регион – во Босна и Херцеговина, Црна Гора, Македонија, Бугарија и Србија.

Помалку леб во корпата

Проблемот е двоен – од една страна, високите цени им отежнуваат на многумина потрошувачи да сврзат крај со крај. Од друга страна, пак, локалните производители велат оти не можат да им конкурираат на големите синџири поради тоа што увозните производи се поевтини, а цените што им ги плаќаат ним не им ги покриваат производствените трошоци.

Економистите новиов наплив на растечки цени во Хрватска го објаснуваат со значително зголемената лична потрошувачка и вкупна домашна побарувачка наспроти ограничениот раст на понудата. Голем дел од побарувачката во државата е поради големиот прилив на европски фондови, кохезивни фондови и фондови за закрепнување од пандемијата.

Животните трошоци се покачуваат низ цела ЕУ, со оглед што платите не се покачуваат заедно со цените на храната. Според Евростат во Хармонизираниот индекс на потрошувачки цени, просекот на цените на храната во ЕУ изнесувал 145,2 поени во декември 2024, споредено со референтната вредност од 100 во 2015.

Годишната инфлација во еврозоната, според проценките на Евростат, во јануари изнесувала 2,5 отсто. Стапката на инфлација кај прехранбените производи, алкохолот и тутунот била 2,3 отсто. Во двете западнобалкански земји што го користат еврото – Словенија и Хрватска – стапката на инфлација била 2,3 отсто во првата и 5 отсто во втората, што ја прави инфлацијата во Хрватска највисока во еврозоната.

Бојкотите се заразни

Бојкотите ги заразија и потрошувачите во земјите-кандидати за членство во ЕУ, Босна и Херцеговина, Србија, Македонија и Црна Гора.

Граѓаните во Босна и Херцеговина се наоѓаат под сѐ поголем притисок од поскапувањата – животниот стандард опаѓа бидејќи платите не успеваат да држат чекор со растечките животни трошоци. За да го пренасочи трендов, неформалната група „Бојкот во БиХ“ преку социјалните мрежи повика на бојкот на големите малопродажни синџири на 7 и 8 февруари. Прометот во тие два дена опадна.

На 31 јануари и 7 февруари, супермаркетите во Македонија беа полупразни. Граѓаните купуваа на пазарите или во локалните продавнички – или вопшто не пазареа. Граѓаните го поддржаа бојкотот иако не беа убедени дека еднодневен бојкот може да доведе до решавање на проблемите. Велат дека цените постојано растат, а платите остануваат исти. Во пресрет на бојкотот, некои маркети најавија попусти на производите и поволности за потрошувачите, а за високите цени ги обвинија снабдувачите.

Српската организација на потрошувачи „Ефектива“ повика на еднодневен бојкот на малопродажните синџири на 31 јануари, потсетувајќи дека во октомври минатата година, Комисијата за заштита на конкуренцијата покрена постапка против четири малопродажни синџири поради сомнежи за местење цени. Најави и нов бојкот под мотото „Сакаш да те ограбат или не?“. Од 10 февруари, пет дена се бојкотираат пет големи трговски синџири: Делез, Меркатор, Унивекспорт, Дис и Лидл.

Бојкоти имаше во соседна Црна Гора на 31 јануари, како и на 7 и 8 февруари. „Секојдневно сме сведоци на невидени поскапувања на основните продукти, а сопствениците на големите синџири профитираат на сметка на народот. Време е да кажеме доста!“, напишаа од црногорската организација „Алтернатива“ на социјалните мрежи.

Акцијата ја поддржаа премиерот Милојко Спајиќ, некои невладини организации и синдикати, но против неа застанаа Стопанската комора и Црногорското здружение на потрошувачи.

Идејата се прошири и во Бугарија, каде што четири организации повикаа на бојкот на трговците на мало и супермаркетите на 13 февруари, според Велизар Енчев, координатор на иницијативата и поранешен бугарски амбасадор во Хрватска.

Движењето досега не ги зафати Албанија и Словенија, а Романците се колебаат.

Некои политичари ги повикаа Романците да ги бојкотираат супермаркетите на еден ден, тврдејќи дека не продавале романски производи. Но, министерот за земјоделство Флорин-Јонут Барбу изјави дека верува оти бојкотот „ќе ги банкротира романските преработувачи“ бидејќи 70 отсто од производите во малопродажбата во Романија се произведени од романски компании за преработка на храна.

Во Албанија немаше бојкот на супермаркетите и покрај спорадичните повици на социјалните мрежи. Владата лани им ги покачи платите на јавните службеници, ги покачи и пензиите, а годинава ја намали цената на струјата. Покачувањето на платите и пензиите не беше проследено со значително покачување на цените во супермаркетите.

Ни во Словенија немаше организиран бојкот на продавниците, иако високите цени на храната се горлива тема во јавноста. Според Државниот завод за статистика, цените на храната и безалкохолните пијалоци се стабилизирале во 2024 година по период на вртоглав раст. Сепак, трговските центри во словенечките градови покрај хрватската граница забележаа скок во бројот на купувачи за време на хрватскиот бојкот. Купувачите од Хрватска велат дека храната и средствата за чистење се многу поевтини во Словенија. Словенечките купувачи, пак, повторно почнуваат сѐ почесто да одат во соседна Италија по поевтини намирници.

Ограничување на цените

Останува да се види дали бојкотите ќе имаат други долгорочни ефекти освен само да ја подигнат свеста, но предизвикаа реакција кај политичарите, кои побараа ограничувања на цените.

Владата на БиХ вети дека ќе ги замрзне цените на 50 производи, а владата на ентитетот Република Српска најави засилени инспекциски контроли и построги казни за трговците што неоправдано ги покачуваат цените.

Во Бугарија, централно-левичарската БСП–Обединета левица поднесе предлог-закон за ограничување за маржите на основните прехранбени продукти, според пратеничката Нина Димитрова. Сличен предлог-закон поднесе и МРФ–Нов почеток. Двете политички сили се загрижени што стотици илјади граѓани не можат да си ги дозволат најосновните прехранбени продукти поради високата инфлација. Од друга страна, пак, Здружението за модерна трговија посочи дека ваквите ценовни ограничувања биле виновни за растечката инфлација.

Хрватската влада им одговори на бојкотите така што го прошири списокот продукти што им подлежат на ценовни ограничувања, додавајќи уште 40 производи меѓу кои брашно, млеко, месо, леб, печива, сокови и производи за хигиена и други.

Многу врева за ништо?

Во Македонија, Управата за јавни приходи соопшти дека прометот во осумте најголеми синџири на супермаркети на 31 јануари се намалил за 46,59 отсто во споредба со истиот ден претходната недела. Но, податоците покажуваат и дека прометот бил поголем за 11,2 отсто на денот по бојкотот.

Премиерот Христијан Мицкоски изрази разбирање за бојкотите и ги повика на дијалог производителите, дистрибутерите, малопродажните синџири и потрошувачите, за да се избегне влошување на ситуацијата. Според него, некои производители, снабдувачи и трговци се служат со трикови за да ги поскапат производите, правдајќи се дека цените на берзите биле повисоки. „Но не е така“, рече Мицкоски.

Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши порача дека потрошувачите имаат право сами да одлучуваат како и каде ќе си ги трошат парите.

- Го разбирам организирањето на вакви активности зашто одредени субјекти на шпекулативен начин се обидуваат да генерираат огромни приходи на грбот на граѓаните, изјави министерот за економија на Северна Македонија, Бесар Дурмиши.

Според податоците на црногорската даночна управа, бојкотот на 31 јануари бил успешен, со тоа што петте најголеми малопродажни синџири забележале пад на приходите од 56,14 отсто во споредба со истиот период претходната недела. Но, податоците покажуваат и дека овие пет синџири забележале зголемување на приходите од вкупно 1,1 милион евра на денот пред и на денот по бојкотот, во споредба со истите денови претходната недела.

И даночната управа во Србија соопшти дека на 31 јануари, вкупниот промет на петте бојкотирани супермаркети бил намален за околу третина во споредба со претходниот ден.

Во Хрватска, каде што сè почна, првиот национален бојкот на 24 јануари довел до пад на трансакциите за 44 отсто и намалување на продажбата за 53 отсто. Вториот бојкот на 31 јануари предизвикал помал пад на продажбата, а имало уште помал пад за време на третиот бојкот, таканаречен „Не купуваме ништо во петок“, на 7 февруари.

Останува прашањето колку бојкотирањето може да помогне да се попречи инфлацијата. Во секој случај, луѓето неверојатно се лутат кога гледаат дека некои производи во Хрватска, која го внесе еврото во 2023, се поскапи одошто во некои поразвиени земји-членки на ЕУ.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Четири мечки до смрт растргнале мајка и ќерка – со ДНК анализа е утврден ужасот на нападот

Трагично пешачење во канадската покраина Британска Колумбија заврши со смртта на мајка и нејзината ќерка, кои беа нападнати од четири гризли мечки. 

Четири мечки до смрт растргнале мајка и ќерка – со ДНК анализа е утврден ужасот на нападот

Истражителите користеа ДНК анализа за да потврдат кои животни стојат зад ужасниот напад, а експертите се сомневаат дека жените биле плен, што го прави овој случај особено редок, објави Би-Би-Си.

Џенифер Балкарас (48) и нејзината 20-годишна ќерка, Села Рид, отидоа на кратко попладневно пешачење на почетокот на ноември во областа Вајт Касл во западна Канада. Кога не се вратија дома, нивното семејство пријави дека се исчезнати.

Потрагата заврши трагично. Телата, или поточно останките, на двете жени беа пронајдени во близина на планинарска патека, на околу 150 метри оддалеченост.

По нападот, истражителите зедоа примероци од ДНК од животните за кои се сомневаше дека учествувале во трагедијата. Резултатите потврдија дека четири гризли мечки - возрасна женка и нејзините три младенчиња, стари околу една година, се одговорни за смртта на мајката и ќерката.

Сите четири мечки подоцна беа еутанизирани за да се заштити јавноста, соопшти Службата за заштита на Британска Колумбија (BCCOS).

Истрагата, исто така, откри особено вознемирувачка можност - дека нападот не бил резултат на изненадувачка средба или одбранбена реакција од страна на животните, туку дека мечките ги сметале жените за плен.

„Нашата истрага, исто така, покажа дека ова веројатно бил предаторски напад, за кој можам да ви кажам дека е многу редок“, изјави инспекторот на BCCOS, Џеф Тајр, за АП.

Експертите велат дека ваквите напади се исклучително невообичаени, бидејќи мечките генерално не напаѓаат луѓе за да ги јадат.

Според проценките на Министерството за животна средина, земјиште и паркови на Британска Колумбија, во канадската покраина живеат помеѓу 10.000 и 13.000 гризли мечки. Видот е наведен како загрозен во покраината.

Средбите меѓу луѓето и гризли мечките што завршуваат со напади се релативно ретки, но ризикот се зголемува кога луѓето го изненадуваат животното или кога тоа ги брани своите младенчиња или извор на храна.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Паника среде лет: Се заканувал со бомба, па се обидел да влезе во пилотската кабина, авионот итно приземјен (ВИДЕО)

Дражавјанинот на Хондурас, Рони Александар Гомез-Алберто, кој двапати бил депортиран од Соединетите Американски Држави, бил уапсен откако наводно се обидел да влезе во пилотската кабина на авион на „Јунајтед ерлајнс“ и тврдел дека има бомба. 

Паника среде лет: Се заканувал со бомба, па се обидел да влезе во пилотската кабина, авионот итно приземјен (ВИДЕО)

Инцидентот се случил во понеделник вечерта за време на летот од Њуарк до Њу Орлеанс, а неговото однесување ги натерало пилотите да издадат предупредување за киднапирање, објави „Фокс њуз“.

Летот 2174 безбедно слета на меѓународниот аеродром „Луис Армстронг“ во Њу Орлеанс, каде што го пречекала полицијата. Гомез-Алберто подоцна бил уапсен, а Министерството за внатрешна безбедност на САД потврдило дека е обвинет за обид за влегување во пилотската кабина.

Според одделот, Службата за имиграција и царинска контрола (ICE) поднела барање за негово притворање по неговото апсење.

„На 10 ноември 2026 година, ICE поднела барање за притворање на Рони Александар Гомез-Алберто, државјанин на Хондурас кој нелегално е присутен во Соединетите Американски Држави, откако се обидел да влезе во пилотската кабина за време на летот“, изјавил портпарол на Министерството за внатрешна безбедност за „Фокс њуз“.

Според американските власти, Гомез-Алберто првпат бил уапсен во септември 2011 година откако нелегално ја преминал границата во близина на Ел Индио, Тексас. Тој бил повторно уапсен во октомври 2014 година, во близина на Колумбус, Ново Мексико. По двете апсења, тој бил депортиран од Соединетите Американски Држави.

Тој повторно бил уапсен од страна на Граничната патрола во 2019 година откако се обидел нелегално да влезе во земјата во близина на Сан Исидро, Калифорнија. Сепак, тој бил ослободен од притвор во јануари 2020 година откако судија за имиграција наредил негово ослободување во исчекување на постапката за депортација.

Локалните медиуми, повикувајќи се на Канцеларијата на шерифот на округот Џеферсон, објавија дека осомничениот е обвинет и за пренесување лажни информации за планирано палење и терористичка закана, како и за нарушување на јавниот ред.

Министерството за внатрешна безбедност конкретно изјави дека тој упатил закана со бомба за време на летот, што предизвикало тревога кај екипажот и патниците.

Јунајтед ерлајнс потврди дека авионот слета безбедно и дека полициските сили го пречекале авионот по пристигнувањето.

„Летот 2174 на „Јунајтед“ од Њуарк до Њу Орлеанс слета безбедно по инцидент во кој беше вклучен еден патник. Полицијата го пречека авионот по пристигнувањето“, соопшти компанијата.

Авионот „Боинг 737 MAX 9“ превезуваше 46 патници и шест члена на екипажот.

Портпаролот на Министерството за внатрешна безбедност изјави дека властите ќе продолжат да преземаат мерки против лицата кои се нелегално во Соединетите Држави и кои вршат кривични дела.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Жена е прегазена за време на кражба на автомобил- разбојникот ја остави во критична состојба (ВИДЕО)

Неидентификувана жена е сериозно повредена кога разбојник ја прегазил за време на кражба на автомобил во вторник наутро (10 ноември) во населбата Бара Фунда, во западниот дел на Сао Паоло. 

Жена е прегазена за време на кражба на автомобил- разбојникот ја остави во критична состојба (ВИДЕО)

Таа претрпела тешка трауматска повреда на мозокот, морала да биде интубирана и била однесена во болницата Санта Каса.

Безбедносна камера го снимила моментот кога осомничениот разбојник се приближил до жртвата, ја презел контролата врз автомобилот и ја прегазил додека бегал, објави „Глобо“.

Злосторството се случило на улицата Хозе Крис, во близина на плоштадот Паскоал Мартинс и авенијата Маркес де Сао Висенте. Воената полиција била повикана околу 6:35 часот наутро.

Видеото го прикажува разбојникот како се приближува до жената, која штотуку излегла од аптека и влегувала во својот автомобил.

Осомничениот ја преминува улицата и се крие зад дрвја, чекајќи жената да влезе во возилото. Потоа ѝ се приближува и седнува на задното седиште.

Кога го забележува нападот, жената излегува од возилото. Разбојникот потоа седнува на возачкото седиште, но жртвата се обидува да го спречи грабежот. Следува физичка пресметка, при што мажот ја турка. Таа паѓа и ја удира со главата на земја. Потоа крадецот го става автомобилот во рикверц и ја удира со својот автомобил.

Луѓето на блискиот паркинг се обидуваат да го спречат да избега, викајќи му да застане, но осомничениот успева да избега со автомобилот.

Вработен на паркингот, кој бил сведок на инцидентот, рекол дека жената се обидела да ја зграби вратата од автомобилот за да го спречи крадецот да избега.

„Таа се обидела да ја повлече вратата, но тој успеал да се врати во рикверц токму кога таа ја зграбила. Потоа била фрлена назад со сета сила, ја удрила главата и ја изгубила свеста“, рекол сведокот.

Според него, луѓето на местото на настанот истрчале за да го спречат возачот да ја прегази жената.

„Трчавме за да не ја прегази. Малку забавил, потоа малку забрзал и скршнал, но и покрај тоа, гумата сепак ја зафатила главата. Потоа продолжил да вози“, рекол сведокот.

Жената била однесена во болница со тешка трауматска повреда на мозокот и крварење од увото. Таа мораше да биде интубирана пред да биде префрлена во болницата Санта Каса во Сао Паоло.

До последното ажурирање, немаше информации за тоа каде се наоѓа крадецот и украдениот автомобил.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер