Вработените во културните институции од утре на протест поради неисплаќање на мартовската плата

Вработените во културните институции од утре почнуваат со протести кои нема да запрат се до исплаќањето на платата за месец март усогласена со колективните договори.

Како што најави на денешната прес-конференција претседателката на Синдикатот на културните работници Вера Атанасовска, тужбите за задоцнета исплата на плата во моментот се процесуираат.

Протестите ќе се одржуваат пред Министерството за култура секој ден од 13 часот.

-Платата за месец март во културата не е исплатена. Сите законски рокови се пробиени и три илјади вработени во културата се уште немаат земено плата. Добив повик од кабинетот на министерката за култура каде ми соопштија дека денеска во 13 часот треба да имаме состанок во Министерството за финансии. За што ќе биде точно состанокот не сум информирана, меѓутоа веднаш после тоа од институциите за култура добив повици во коишто кажуваат дека вработени од Министерството за култура им се јавувале во институциите и кажувале платата да се исплати без усогласувањето согласно колективните договори, посочи Атанасовска на прес-конференцијата пред Министерството за култура.

Според Атанасовска, за неколку дена три илјади вработени во културата заедно со нивните семејства ќе останат и без здравствено осигурување.

-И денес на 18 април плата за месец март се уште нема. Сите добро знаеме дека секогаш кога се спроведуваат колективни договори и кога се даваат финансиски ветувања истите треба да бидат усогласени со Министерството за финансии. Како министерката за култура на 1 април од истото ова место ветуваше покачување на платите за март ако претходно тоа исто покачување не го договорила со министерот за финансии за сега кој да биде виновникот за неисплаќањето на платите во културата, додаде Атанасовска.

Според Атанасовска, ова не само што ја загрозува егзистенцијата на оние кои се посветени на уметноста и културата, туку го поткопува и интегритетот на нашите културни институции.

-Без разлика на причината, ефектот останува ист – деморализирана културна работна сила и намалена национална култура во колапс и пред протест и штрајк, појасни Атановска.

Претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов на прес-конференцијата денеска посочи дека платите треба денеска да се исплатат согласно колективниот договор. Во спротивно, како што рече, од утре почнуваат протестите.

Тој напомена дека од денеска ќе зависи дали тие протести ќе бидат само пред Министерството за култура или и пред Министерството за финансии.

-Пред две недели бевме тука и слушнавме дека министерката за култура дава целосна поддршка и го зборува тоа што го зборува и синдикатот – платите во културата растат за 12 проценти. За жал, две недели подоцна тоа се уште се нема случено и ние сме загрижени дека мерењето на политичката сила на грбот на овие работници е неприфатливо и не смее да се случи во едно демократско општество. Се разбира дека ССМ во изминатиот период покажа дека нема да молчиме и покрај сите притисоци што ги добиваме и ние во ССМ, меѓутоа и синдикатите, рече Трендафилов.

Тој ја повика министерката за култура денеска да направи максимални напори платите до крајот на работното време да легнат на сметките на вработените во култура.

-Доколку не, се гледаме утре на протест, се гледаме и други ден и така се’ до исполнување на нашите барања. Не бараме преку леб погача, бараме плата, а платата веќе сме си ја изработиле а ја работиме и новата плата за месецот кој треба да го добиеме во месец мај. Недозволиво е ова да ни се случува особено 15 дена пред избори. Недозволиво е 15 дена пред избори да барате наш глас, а притоа да не не’ плаќате како што треба – зборуваме за плати, не зборуваме за мито и корупција. Немаат изговор, платата најдоцна до крајот на денот доколку не легне во текот на утрешниот ден започнуваат протестите, додаде Трендафилов.

Се урна дел од автопат во јужна Кина, при што загинаа најмалку 19 лица, а 30 се повредени

 Најмалку 19 лица загинаа денеска при уривање на дел од автопат на југот на Кина, во провинцијата Гуангдонг, јави кинеската државна телевизија CTV.

Дел од патот долг 17,9 метри се урна околу два часот наутро, објавија властите во главниот град на Гуангдонг, Меижоу.

„Околу 11:45 часот по локално време, под урнатините (на патот) се пронајдени 18 автомобили. Властите потврдија 19 смртни случаи, а уште 30 лица се во болница, но нивните животи не се во опасност“, јави телевизијата.

Изминативе денови во областа врнеа обилни дождови./MИА

Одбележување на Меѓународниот ден на трудот ширум светот

Меѓународниот ден на трудот, 1 мај, денеска се одбележува во светот во знак на сеќавање на тој датум во 1886 година, кога работниците во Чикаго со штрајкови и протести ја започнаа својата борба за осумчасовен работен ден.

На првиот конгрес на Втората интернационала во 1889 година, беше одлучено следната година да се одржи голема манифестација со која ќе биде прославен 1 мај, како знак на сеќавање на протестите во Чикаго и како форма на борба за работничките права.

На вториот конгрес на Работничката интернационала е одлучено од 1890 година на 1 мај ширум светот да се одржуваат манифестации, демонстрации и штрајкови. /МИА

Шмит: Сериозни закани по територијалниот интегритет на БИХ доаѓаат од лидерите на РС

 Високиот претставник во Босна и Херцеговина (БиХ) Кристијан Шмит синоќа истакна дека постојат закани по територијалниот интегритет на БиХ и дека тие доаѓаат од лидерите на Република Српска (РС).

„Постојат закани за Босна и Херцеговина, бидејќи претставниците на РС постојано зборуваат за отцепување, одвојување на ентитетот од државата. Додик неодамна изјави дека Бошњаците можат да имаат 25 отсто од територијата. Некои го сфатија ова како простор за етнички инциденти“, рече Шмит во своето обраќање пред Советот за безбедност на Обединетите нации.

Тој посочи дека неговиот мандат е да го надгледува спроведувањето на Дејтонскиот договор и оти за тоа има поддршка од Советот за безбедност.

„Советот за безбедност повеќе пати искажа поддршка за моето работење. Веќе со нетрпение го очекувам мојот извештај следниот месец“, додаде Шмит.

Тој се осврна на излагањето на српската членка на Претседателството на БиХ, Жељка Цвијановиќ, која упати сериозни обвинувања против Шмит, наведувајќи дека во него „не се почитуваат фактите и правната рамка на БиХ“.

„Се надевам дека разбирате дека ова не е место за разговор за навреди, ова е место за разговор едни со други. Повикувам на поголема точност, единственото нешто што го гледам е злонамерност“, рече Шмит.

Тој посочи дека како висок претставник мора да биде гарант за постоењето на ентитети, кои се делови од БиХ, која има меѓународен субјективитет, додавајќи дека РС е составен дел на БиХ. /МИА

притисни ентер