Шмит: Сериозни закани по територијалниот интегритет на БИХ доаѓаат од лидерите на РС

 Високиот претставник во Босна и Херцеговина (БиХ) Кристијан Шмит синоќа истакна дека постојат закани по територијалниот интегритет на БиХ и дека тие доаѓаат од лидерите на Република Српска (РС).

„Постојат закани за Босна и Херцеговина, бидејќи претставниците на РС постојано зборуваат за отцепување, одвојување на ентитетот од државата. Додик неодамна изјави дека Бошњаците можат да имаат 25 отсто од територијата. Некои го сфатија ова како простор за етнички инциденти“, рече Шмит во своето обраќање пред Советот за безбедност на Обединетите нации.

Тој посочи дека неговиот мандат е да го надгледува спроведувањето на Дејтонскиот договор и оти за тоа има поддршка од Советот за безбедност.

„Советот за безбедност повеќе пати искажа поддршка за моето работење. Веќе со нетрпение го очекувам мојот извештај следниот месец“, додаде Шмит.

Тој се осврна на излагањето на српската членка на Претседателството на БиХ, Жељка Цвијановиќ, која упати сериозни обвинувања против Шмит, наведувајќи дека во него „не се почитуваат фактите и правната рамка на БиХ“.

„Се надевам дека разбирате дека ова не е место за разговор за навреди, ова е место за разговор едни со други. Повикувам на поголема точност, единственото нешто што го гледам е злонамерност“, рече Шмит.

Тој посочи дека како висок претставник мора да биде гарант за постоењето на ентитети, кои се делови од БиХ, која има меѓународен субјективитет, додавајќи дека РС е составен дел на БиХ. /МИА

Фицо е свесен и комуникативен

Премиерот на Словачка Роберт Фицо е свесен и комуникативен, а последователно му беше извршена томографија, соопштија денеска неговите лекари.

- Истовремено се преземаат натамошни чекори за подобрување на неговото здравје, соопштија од болницата во словачкиот град Банска Бистрица, каде што премиерот се заздравува по атентатот.

Вицепремиерот Роберт Калинак пред два дена изјави дека Фицо е надвор од животна опасност, иако се уште е во премногу сериозна состојба за да биде префрлен во болница во Братислава. /МИА

Бербок го обвини Путин за терор насочен врз украинските цивили

Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок го обвини рускиот претседател Владимир Путин за терор насочен врз инфраструктурата и цивилното население во Украина.

„Фактот дека овој терор врз инфраструктурата продолжи и по зимата покажува дека рускиот претседател сака да ја уништи земјата, сака да ги уништи животите на луѓето овде“, рече Бербок денеска за време на посетата на една од најголемите електрани во Украина.

Таа беше информирана од украинскиот министер за енергетика Герман Галушченко за ситуацијата во електраната, која беше уништена минатиот месец.

Галушченко рече дека Русија истрелала вкупно 11 проектили на локацијата. Од нив, само шест беа соборени од украинскиот систем за противвоздушна одбрана бидејќи немаше повеќе на располагање противвоздушни ракети.

Германската министерка апелираше „до меѓународните партнери ширум светот дека треба да се зајакне воздушна одбрана за да ги заштитат не само големите градови, туку и инфраструктурата“.

„Дури и во топлите пролетни денови, снабдувањето со електрична енергија во Украина мораше да се намали бидејќи централните електрани на јаглен беа погодени од целни напади“, рече Бербок. /МИА

Младиот велешанец кој излета на автопатот Велес-Скопје, вон животна опасност

Изутрината во  06.15 часот во СВР Велес било пријавено дека на автопатот А-1, делница Велес – Скопје, патничко возило „фолксваген голф“ со велешки регистарски ознаки, управувано од 31 годишниот велешанец П.К., излетало од коловозот.

Во несреќата, возачот се здобил со тешки телесни повреди констатирани во велешката болница, информираат од СВР Велес.

Како што изјави за МИА, Марина Андова портпарол на ЈЗУ Општа болница на повредениот кој во велешката болница бил донесен во 7:00 часот, веднаш ми била укажана лекарска помош и бил испратен на одделот за Радиодијагностика и томографија и била констатирана скршеница на лева натколеница и бил оставен до 11 часот на посматрање во одделението за Хирургија,ортопедија и трауматологија при велешката Општа болница. Поради сериозноста на повредата потоа со возило на Итна помош бил препратен на понатамошно лекување во скопските клиники.

Како што информираат од СВР Велес, за настанот бил известен јавен обвинител и по негово овластување, полициски службеници извршиле увид на местото на настанот.

притисни ентер