Бајден: Никој не е над законот, дури ни претседателот на САД

Американскиот претседател Џо Бајден, по одлуката на американскиот Врховен суд со кој на Доналд Трамп и на другите претседатели им даде широк имунитет од кривично гонење, рече дека пресудата го поткопува владеењето на правото.

Судската одлука прави речиси сигурно дека Трамп нема да се соочи со судење во Вашингтон пред ноемвриските избори, на кои тој е републикански претседателски кандидат, за неговите постапки за време на насилните немири на 6 јануари 2021 година, наведува Гласот на Америка.

„Никој не е над законот, дури ни претседателот на САД“, рече Бајден во Белата куќа.

За време на кусото обраќање, Бајден не ја спомна минатонеделната дебата или неговиот настап и не одговараше на прашања. „Знам дека ќе ги почитувам ограничувањата на претседателската моќ како што поставував и за време на изминатите три и пол години, но секој претседател, вклучително и Доналд Трамп, сега ќе може слободно да го игнорира законот“, рече Бајден.

Американскиот Врховен суд вчера донесе историска пресуда за случајот на Доналд Трамп, кој побара тој суд да одлучи дали како поранешен претседател има имунитет од кривично гонење. Со 6 конзервативни гласа „за“ и 3 либерални гласа „против“, највисокиот суд во Америка одлучи дека поранешните претседатели имаат апсолутен имунитет од кривично гонење за дела сторени додека биле на функција, додека немаат имунитет за дела извршени надвор од функцијата. Врховниот суд на САД не одлучи сам како конкретно да го примени тоа во случајот на Трамп, а главниот судија Џон Робертс рече дека за тоа треба да одлучат пониските судови.

Во Тибет тепачка за „подобро место“ за слика со поглед на Монт Еверест

Во Тибет се снимени две двојки како се караат и се тепаат за „подобро место“ за слика со поглед на Монт Еверест. Видеоснимката е хит на интернет-просторот.

Тепачката се случила минатата седмица, откако туристичкиот водич побарал од групата да позира заедно до споменикот на Еверест. Во тој миг избувнале судири меѓу двајца мажи и две жени од Кина за тоа - кој каде ќе застане, па вербалната расправија прераснала во тепачка, пренесува „Њујорк пост“.

На видеото се гледа како мажите се тепаат на земјата, една од жените се обидува да си го извлече мажот, а другата се вклучува во тепачката и го удира другиот маж. На местото на настанот пристигнала граничната полиција која ја прекинала тепачката. Не се знае дали некој од учесниците е повреден. Сите засегнати се приведени во полиција.

Фестивал на европски филм од 11 до 17 јули во Скопје

Меѓународниот фестивал на европски филм - CINEDAYS, годинава ќе се одржи по 23. пат од 11 до 17 јули. 

Со над 40 филмски наслови, Скопје повторно ќе живее во филм во фестивалскиот период, се наведува во денешното соопштение на Младинскиот културен центар (МКЦ).

- Под годинешниот слоган „Како е? Викај ура“, летните скопски филмски вечери ќе ги пресретнуваме во паркот зад Младинскиот културен центар, киното „Фросина“ и летното кино на отворено во „Кинотека“. Отворањето ќе го одележи македонскo-данската соработка на данскиот бенд „Ефтеркланг“ и „Македониум бенд“. Оваа соработка ја обележа својата концертна премиера во април 2023 година пред споменикот „Македониум“ во Крушево и својата филмска премиера во Копенхаген на фестивалот „CPH-DOX“, на 23 март 2024 година, пишува во соопштението.

Филмот, како што се наведува, ја заокржува истражувачката потрага на овој дански состав на прекрасен, непосреден и шармантен начин, преку патувачка турнеја низ нашата држава. Во тој процес на регрутација на членови за новиот мета состав наречен „Ефтеркланг: Македониум бенд“, нивен водич и локална инспирација е уредникот на музичка програма во МКЦ, Владица Младеновски - Грга, нивен пријател и посредник во целата авантура. Младинскиот културен центар се јавува во улогата на продуцент, преку својата логистичка и организациска поддршка на целиот проект.

Се најавува и богата музичка програма. Билетите за фестивалот, како што е најавено, ќе чинат 250 денари.

Фестивалот е финансиски поддржан од Град Скопје, делегацијата на ЕУ преку програмата „EU film festivals“, Агенцијата за филм во партнерство со Публицис и Кинотеката на Република Северна Македонија.

Мендеш: Ќе направиме сѐ за Роналдо да освои трофеј на неговото последно Евро

Дефанзивецот на Португалија, Нуно Мендеш ја истакна решителноста на сите негови соиграчи да дадат максимум во обидот Кристијано Роналдо да го подигне трофејот на неговото последно Европско првенство.

-Ова е неговото последно евро и ќе направиме сѐ за да му го подариме трофејот, изјави Мендеш за „A Bola“.

Роналдо по победата над Словенија (0:0, пенкало - 3:0) во осминафиналето на Евро 2024, изјави дека овој континентален турнир ќе му биде последен.

Во четвртфиналето на ЕП Португалија ќе се сретне со Франција. Натпреварот ќе се одигра на 5 јули со почеток во 21 часот.

притисни ентер